ТРИНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ
„Дојде до голема расправа“
Спорното прашање за обрежувањето е изнесено пред водечкото тело
Се темели на Дела 15:1-12
1-3. а) Од која причина постоела опасност да дојде до раздор во христијанското собрание од првиот век? б) Како ќе ни користи разгледувањето на овој извештај од книгата Дела?
ИСПОЛНЕТИ со радост, Павле и Варнава се враќаат од своето прво мисионерско патување и пристигнуваат во сирискиот град Антиохија. Тие се пресреќни што Јехова и на незнабошците им ја отворил „вратата кон верата“ (Дела 14:26, 27). Всушност, и низ цела Антиохија се проповеда за добрата вест, и многу не-Евреи стануваат дел од тамошното собрание (Дела 11:20-26).
2 Убавата вест за овој пораст наскоро стигнува во Јудеја. Но, наместо да биде причина за сеопшта радост, таа вест го разгорува прашањето за обрежувањето кое тлее веќе некое време. Какви треба да бидат односите меѓу верниците од еврејско и нееврејско потекло, и како треба христијаните што не се Евреи да гледаат на Мојсеевиот закон? Овој спор предизвикува толку вжештена расправа што на собранието му се заканува опасност од раздор. Како ќе биде решен?
3 Додека го разгледуваме овој извештај од книгата Дела, ќе извлечеме скапоцени поуки. Тие ќе ни помогнат да постапуваме мудро доколку денес се појават спорни прашања што можат да предизвикаат раздор.
„Ако не се обрежете“ (Дела 15:1)
4. Кои погрешни гледишта ги застапувале некои верници, и кое прашање се наметнува?
4 Ученикот Лука пишува: „Некои луѓе дојдоа [во Антиохија] од Јудеја и почнаа да ги учат браќата: ’Ако не се обрежете според Мојсеевиот обичај, не можете да се спасите‘“ (Дела 15:1). Не е кажано дали овие луѓе биле фарисеи пред да станат христијани. Како и да е, се чини дека биле под влијание на таа еврејска секта, според која морало да се држи Законот до најситен детаљ. Освен тоа, тие можеби тврделе дека зборуваат во името на апостолите и старешините од Ерусалим, иако тоа не било точно (Дела 15:23, 24). Но, зошто овие еврејски верници сѐ уште сметале дека обрежувањето е неопходно кога веќе поминале околу 13 години откако Бог му покажал на апостол Петар дека треба да ги прифатат необрежаните не-Евреи како дел од христијанското собрание?a (Дела 10:24-29, 44-48).
5, 6. а) Зошто некои еврејски христијани можеби сакале да го задржат обрежувањето? б) Дали Сојузот за обрежување бил дел од Сојузот со Авраам? Објасни. (Види ја фуснотата.)
5 Можело да има многу причини. Како прво, обрежувањето на мажите го заповедал самиот Јехова, и тоа било знак на посебниот однос што го имале со него. Први се обрежале Авраам и сите машки во неговиот дом, што значи дека обрежувањето се вршело уште пред да стане дел од сојузот на Законотb (3. Мој. 12:2, 3). А под Мојсеевиот закон, дури и дојденците морале прво да се обрежат, па дури тогаш да учествуваат во празниците, како што била Пасхата (2. Мој. 12:43, 44, 48, 49). Всушност, Евреите ги сметале необрежаните мажи за нечисти и ги презирале (Иса. 52:1).
6 Значи, од верниците со еврејско потекло се барало вера и понизност за да направат промени во склад со новооткриената вистина. Бидејќи сојузот на Законот бил заменет со новиот сојуз, секој што ќе се родел како Евреин не станувал автоматски член на Божјиот народ. А на еврејските христијани кои живееле во еврејски заедници — како што било случај со верниците во Јудеја — им била потребна храброст да го признаат Христос и да ги прифатат за свои соверници необрежаните не-Евреи (Ерем. 31:31-33; Лука 22:20).
7. Кои вистини не успеале да ги разберат луѓето што дошле од Јудеја?
7 Се разбира, Божјите мерила не се промениле. Во склад со оваа вистина, новиот сојуз го задржал духот на Мојсеевиот закон (Мат. 22:36-40). На пример, во врска со обрежувањето, Павле подоцна напишал: „Вистински Евреин е оној што е таков однатре и неговото обрежување е обрежување на срцето по дух, а не по пишан закон“ (Рим. 2:29; 5. Мој. 10:16). Тие луѓе што дошле од Јудеја не ги разбрале овие вистини, и затоа тврделе дека Бог никогаш не го укинал законот за обрежување. Дали сега ќе бидат спремни да го преиспитаат својот став?
„Расправа и препирање“ (Дела 15:2)
8. Зошто прашањето за обрежувањето било испратено на разгледување кај водечкото тело во Ерусалим?
8 Лука продолжува: „Кога дојде до голема расправа и препирање меѓу нив [луѓето кои дошле од Јудеја] и Павле и Варнава, [старешините] се договорија Павле и Варнава и уште некои од нив да отидат кај апостолите и старешините во Ерусалим поради тој спор“c (Дела 15:2). До „расправа и препирање“ дошло поради цврстите ставови и убедувања што ги имале и двете страни, а собранието во Антиохија не можело да го реши тој спор. За да се зачува мирот и единството, старешините од ова собрание мудро решиле да го изнесат тоа прашање пред „апостолите и старешините во Ерусалим“, кои го сочинувале водечкото тело. Што учиме од старешините во Антиохија?
9, 10. Во кој поглед браќата во Антиохија, како и Павле и Варнава, се добар пример за нас денес?
9 Една важна работа што ја учиме е дека треба да имаме доверба во Божјата организација. Размисли за следново: Браќата во Антиохија знаеле дека водечкото тело е составено само од христијани со еврејско потекло. Сепак, имале доверба дека тие браќа во Ерусалим ќе го решат прашањето за обрежувањето во склад со Писмата. Зошто? Собранието имало доверба дека Јехова ќе ги води работите преку својот свет дух и преку Главата на христијанското собрание, Исус Христос (Мат. 28:18, 20; Еф. 1:22, 23). Кога денес ќе дојде до спорни прашања, да се угледаме на добриот пример на верниците од Антиохија и да покажеме доверба во Божјата организација и во нејзиното Водечко тело од помазани христијани.
10 Исто така, гледаме и колку се важни понизноста и стрпливоста. Иако биле именувани директно од светиот дух за да појдат кај другите народи, Павле и Варнава не се повикале на тоа овластување за сами да му стават точка на спорот околу обрежувањето (Дела 13:2, 3). Освен тоа, Павле подоцна напишал: „Отидов [во Ерусалим] затоа што добив објава од небото“ — што значи дека Бог го водел во таа работа (Гал. 2:2). Старешините денес се трудат да бидат исто толку понизни и стрпливи кога ќе се појават прашања кои можат да водат до поделби. Наместо по секоја цена да го бранат својот став, тие се потпираат на Јехова така што истражуваат во Библијата и во упатствата и советите што ги дава верниот роб (Фил. 2:2, 3).
11, 12. Зошто е важно да го чекаме Јехова?
11 Во некои ситуации, ќе мора да чекаме Јехова да расветли некоја работа. Сети се дека браќата во времето на Павле морале да чекаат некаде до 49 год. од н.е. — околу 13 години откако Корнелиј бил помазан во 36 год. од н.е. — пред Јехова конечно да го расчисти прашањето дали не-Евреите треба да се обрежуваат или не. Зошто дозволил да чекаат толку долго? Можеби Бог сакал да им даде доволно време на искрените Евреи за да можат да ја прифатат таа голема промена во разбирањето. И навистина, укинувањето на сојузот за обрежување, кој бил склучен со нивниот сакан прататко Авраам пред повеќе од 1.900 години, воопшто не било мала работа! (Јован 16:12).
12 Колку голема чест е да нѐ поучува и да нѐ обликува нашиот стрплив и добар небесен Татко! Резултатите од тоа секогаш се корисни и секогаш се за наше добро (Иса. 48:17, 18; 64:8). Затоа, никогаш да не дозволиме гордоста да нѐ натера упорно да го наметнуваме своето мислење, или пак да реагираме лошо кога има некои промени во организацијата или кога ќе добиеме поинакво објаснување за некои стихови (Проп. 7:8). Ако забележуваш кај себе макар и најмал знак на таква склоност, зарем не е добро да се молиш и длабоко да размислуваш за начелата што се изнесени во 15. поглавје од Дела?d
13. На кој начин можеме во нашата служба да покажеме стрпливост како што покажува Јехова?
13 Можеби ќе треба да сме стрпливи и кога ја проучуваме Библијата со луѓе на кои им е тешко да се откажат од лажните верувања или од небиблиските обичаи. Во таков случај, можеби ќе треба да дозволиме да помине разумно време за Божјиот дух да влијае врз нивното срце (1. Кор. 3:6, 7). Добро е и да се молиме во врска со тоа. На ваков или таков начин, и во вистинско време, Бог ќе ни помогне да сфатиме што е најмудро да направиме (1. Јов. 5:14).
„Подробно“ им раскажаа охрабрувачки искуства (Дела 15:3-5)
14, 15. Како собранието во Антиохија покажало почит кон Павле, Варнава и кон другите патници, и како тие ги охрабриле соверниците?
14 Лука понатаму раскажува: „Испратени од собранието, тие минуваа низ Феникија и Самарија, известувајќи подробно за преобраќањето на незнабошците, а ова многу ги израдува сите браќа“ (Дела 15:3). Со тоа што донекаде ги испратиле Павле, Варнава и другите патници, христијаните од ова собрание покажале дека ги сакаат и ги почитуваат, и дека им пожелуваат Божји благослов. Значи, и во овој поглед браќата од Антиохија ни се извонреден пример! Дали покажуваш почит кон браќата и сестрите, а особено кон старешините кои „марливо говорат и нѐ поучуваат за Божјата реч“? (1. Тим. 5:17).
15 На пат кон Ерусалим, браќата застанале во Феникија и Самарија и ги охрабриле тамошните сохристијани така што „подробно“ им раскажале какви убави резултати имале додека им проповедале на не-Евреите. Меѓу оние што ги слушале веројатно имало и еврејски верници кои избегале во тие краеви по каменувањето на Стефан. И денес, браќата се многу охрабрени кога слушаат или читаат за тоа како Јехова го благословува делото на поучување, а особено се зајакнати оние што поднесуваат неволји. Дали извлекуваш целосна корист од таквите извештаи со тоа што одиш на христијанските состаноци, собири и конгреси и ги читаш искуствата и животните приказни кои излегуваат во нашите публикации, било во печатен облик било на jw.org?
16. Што покажува дека обрежувањето станало вистински спор?
16 Откако пропатувале околу 550 километри на југ, овие пратеници од Антиохија конечно стигнале на својата цел. Лука пишува: „Кога стигнаа во Ерусалим, собранието и апостолите и старешините љубезно ги примија, а тие раскажаа за сето она што Бог го направи преку нив“ (Дела 15:4). Но, кога го чуле ова, „некои од фарисејската секта“, кои ја примиле верата, станале од своите места и рекле: „Треба да бидат обрежани и да им се заповеда да го држат Мојсеевиот закон“ (Дела 15:5). Станало очигледно дека прашањето за обрежувањето на нееврејските христијани се претворило во вистински спор, кој морал да се реши.
„Апостолите и старешините се собраа“ (Дела 15:6-12)
17. Кој го сочинувал водечкото тело во Ерусалим, и од која можна причина во него биле вклучени и некои старешини?
17 „Мудри се оние што меѓусебно се советуваат“, стои во Изреки 13:10. Во склад со ова проверено начело, апостолите и старешините се собрале да го разгледаат прашањето за обрежување (Дела 15:6). „Апостолите и старешините“ служеле како претставници на целото христијанско собрание, исто како што е случај со Водечкото тело денес. Зошто со апостолите служеле и некои старешини? Сети се дека апостол Јаков бил погубен и, барем некое време, апостол Петар бил во затвор. Такво нешто можело да им се случи и на другите апостоли. За постојано да има добро водство, било важно да бидат присутни и други зрели помазани мажи.
18, 19. Кои силни зборови ги кажал Петар, и до кој заклучок требало да дојдат оние што го слушале?
18 Лука продолжува: „По долго расправање, Петар стана и... рече: ’Луѓе, браќа, добро знаете дека Бог од првите денови ме избра од вас за да можат незнабошците да ги чујат од моја уста зборовите на добрата вест и да поверуваат. И Бог, кој ги познава срцата, посведочи дека ги прифаќа давајќи им свет дух како што ни даде и нам. Не направи никаква разлика помеѓу нас и нив, туку преку вера ги очисти нивните срца‘“ (Дела 15:7-9). Според еден речник, грчкиот збор што во 7. стих е преведен со „расправање“ исто така може да значи „барање одговор“ или „дебатирање“. По сѐ изгледа, браќата едноставно имале различни мислења за таа работа, и отворено ги изнеле.
19 Силните зборови на Петар ги потсетиле сите дека тој бил лично присутен кога првите необрежани не-Евреи — Корнелиј и неговите домашни — биле помазани со свет дух во 36 год. од н.е. Според тоа, ако Јехова престанал да прави разлика меѓу Евреин и не-Евреин, со кое право можат луѓето да постапуваат поинаку? Впрочем, зарем не е верата во Христос, а не држењето на Мојсеевиот закон, тоа што го чисти срцето на еден верник? (Гал. 2:16).
20. Во која смисла оние што се залагале за обрежувањето го искушувале Бог?
20 На темел на непобитното сведоштво од Бог и од светиот дух, Петар заклучил: „Зошто сега го искушувате Бог, ставајќи им го на учениците на врат јаремот што ниту нашите прататковци ниту ние не можевме да го носиме? Напротив, веруваме дека ќе бидеме спасени преку незаслужената доброта на Господарот Исус, исто како и тие“ (Дела 15:10, 11). Оние што упорно се залагале обрежувањето да продолжи, на некој начин го искушувале Бог, односно ја ставале на испит неговата стрпливост, како што стои во еден друг превод на Библијата. Тие се обидувале да им наметнат на не-Евреите закон кој и самите не можеле во целост да го држат и кој ги осудувал на смрт поради тоа (Гал. 3:10). Всушност, Евреите што го слушале Петар требало да му бидат благодарни на Бог затоа што им покажал незаслужена доброта преку Исус.
21. Каков придонес дале Варнава и Павле во дискусијата околу обрежувањето?
21 Очигледно, зборовите на Петар ја погодиле целта бидејќи целото мноштво замолкнало. Потоа, Варнава и Павле раскажале „за многуте чуда и предзнаци“, кои Бог преку нив ги правел „меѓу незнабошците“ (Дела 15:12). Конечно, апостолите и старешините биле во положба да ги одмерат сите изнесени докази и да донесат одлука за обрежувањето што ќе биде во потполна согласност со Божјата волја.
22-24. а) Како Водечкото тело денес го следи примерот на водечкото тело од првиот век? б) Како можат сите старешини да покажат почит кон теократскиот ред?
22 И денес, кога се состануваат, членовите на Водечкото тело бараат водство од Бог преку неговата Реч и искрено се молат за свет дух (Пс. 119:105; Мат. 7:7-11). За таа цел, секој член на Водечкото тело однапред добива дневен ред за да може да размисли и да се моли за работите што ќе се разгледуваат (Изр. 15:28). На состанокот, овие помазани браќа слободно и со почит го кажуваат своето мислење. Тие често ја користат Библијата при ваквите дискусии.
23 Собраниските старешини треба да го следат нивниот пример. Ако по дискусијата на еден старешински состанок сепак остане нерешена некоја сериозна работа, старешинството може да упати прашање до Бетелот во својата земја или до неговите претставници, како што се покраинските надгледници. Доколку е потребно, Бетелот може да го достави прашањето до Водечкото тело.
24 Јехова навистина ги благословува оние што го почитуваат теократскиот ред и се понизни, верни и стрпливи. Како што ќе видиме во следното поглавје, нив Бог ги наградува со вистински мир, духовен напредок и христијанско единство.
a Види ја рамката „Учењата на поборниците за Законот“.
b Сојузот за обрежување не бил дел од сојузот што Бог го склучил со Авраам, кој важи до денешен ден. Сојузот со Авраам стапил на сила во 1943 год. пр.н.е., кога Авраам (тогаш Аврам) ја преминал реката Еуфрат додека бил на пат за Ханаан. Тогаш имал 75 години. Сојузот за обрежување бил склучен подоцна, во 1919 год. пр.н.е., кога Авраам имал 99 години (1. Мој. 12:1-8; 17:1, 9-14; Гал. 3:17).
c Изгледа дека во групата што отпатувала за Ерусалим бил и Тит. Тој по потекло бил Грк, кој подоцна соработувал со Павле на неговите мисионерски патувања, па дури и служел како негов пратеник (Гал. 2:1; Тит 1:4). Овој човек бил добар пример за необрежан не-Евреин кој бил помазан со свет дух (Гал. 2:3).
d Види ја рамката „Јеховините сведоци ги темелат своите верувања на Библијата“.