ЧЕТИРИНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ
„Еднодушно се сложивме“
Водечкото тело донесува одлука со која се зајакнува единството во собранијата
Се темели на Дела 15:13-35
1, 2. а) Со кои сериозни прашања се соочило водечкото тело на христијанското собрание од првиот век? б) Што им помогнало на овие браќа да дојдат до исправниот заклучок?
СИТЕ што се собрани во оваа соба во Ерусалим се во исчекување. Апостолите и старешините се погледнуваат, свесни дека е дојден моментот да се донесе клучна одлука. Спорот околу обрежувањето покренал некои важни прашања. Дали христијаните треба да го држат Мојсеевиот закон? Дали треба да се прави разлика меѓу еврејските и нееврејските христијани?
2 Овие мажи што предводат имаат многу докази пред себе. Тие ја земаат во обѕир Божјата пророчка Реч, но и изјавите на очевидците, од кои јасно се гледа Јеховиниот благослов. Освен тоа, секој од присутните веќе имал можност да си го каже своето мислење. Навистина, има толку многу докази во врска со прашањето кое го разгледуваат што е многу јасно кон кој заклучок ги води Јеховиниот дух. Но, дали ќе го прифатат тоа водство?
3. Како може да ни користи разгледувањето на извештајот од Дела 15. поглавје?
3 Во овој случај, навистина ќе им треба вера и храброст да го прифатат водството на духот, бидејќи ризикуваат да си навлечат уште поголема омраза од еврејските верски водачи. Освен тоа, можно е да се соочат и со противењето на некои лица во самото собрание кои се решени повторно да го натераат Божјиот народ да го држи Мојсеевиот закон. Да видиме што ќе стори водечкото тело. Додека го разгледуваме овој извештај, ќе ни стане јасно како овие мажи оставиле пример што го следи и денешното Водечко тело на Јеховините сведоци. Тој пример треба да го следиме и ние кога се соочуваме со одлуки и проблеми во нашиот христијански живот.
„Тоа е во согласност со зборовите на Пророците“ (Дела 15:13-21)
4, 5. Кои зборови на пророците ги цитирал Јаков?
4 Ученикот Јаков, полубратот на Исус, кој по сѐ изгледа го водел овој состанок, зел збор.a Тој јасно го изразил заклучокот до кој очигледно дошле сите присутни, обраќајќи им се со следниве зборови: „Симеон подробно изнесе како Бог за првпат им обрна внимание на незнабошците за да земе од нив народ за своето име. Тоа е во согласност со зборовите на Пророците“ (Дела 15:14, 15).
5 Говорот на Симеон, или Симон Петар, како и доказите што ги изнеле Варнава и Павле, веројатно го потсетиле Јаков на библиски стихови кои фрлале поголема светлина на темата за која дискутирале (Јован 14:26). Откако рекол дека „тоа е во согласност со зборовите на Пророците“, тој цитирал од Амос 9:11, 12. Книгата Амос спаѓа во делот од Хебрејските списи кој бил познат како „Пророците“ (Мат. 22:40; Дела 15:16-18). Ќе забележиш дека зборовите што ги цитирал Јаков малку се разликуваат од она што го читаме денес во книгата Амос, бидејќи тој веројатно цитирал од Септуагинтата, грчки превод на Хебрејските списи.
6. Каква светлина фрлиле Писмата на дискусијата што се водела?
6 Преку пророкот Амос, Јехова претскажал дека ќе дојде време кога ќе ја подигне „паднатата Давидова сеница“, односно ќе му ја даде царската власт на еден Давидов потомок и ќе го воспостави месијанското Царство (Езек. 21:26, 27). Дали Јехова повторно ќе ги смета само Евреите за свој народ? Не. Пророштвото додава дека ќе бидат собрани луѓе „од сите народи“ и дека тие ќе „го носат [Божјето] име“. Ако се сеќаваш, кратко пред тоа Петар посведочил дека Бог не направил никаква разлика помеѓу еврејските христијани и нееврејските верници, туку преку вера ги очистил нивните срца (Дела 15:9). Со други зборови, Божја волја е и Евреи и не-Евреи да станат наследници на Божјето Царство (Рим. 8:17; Еф. 2:17-19). Во тие вдахновени пророштва никаде не пишува дека нееврејските верници прво ќе треба да се обрежат или да се преобратат во еврејската вера.
7, 8. а) Што предложил Јаков? б) Како треба да го разбереме она што го рекол тој?
7 Врз основа на тие библиски докази, како и на убедливото сведоштво од очевидците, Јаков го дал следниов предлог: „Затоа сметам дека не треба да им се отежнува на оние од другите народи кои се преобраќаат кон Бог, туку треба да им се напише да се воздржуваат од она што е извалкано од идоли, од блуд, од удавено и од крв. Зашто, уште од древни времиња ги има по градовите оние што го проповедаат Мојсеј, бидејќи неговите списи секоја сабота се читаат на глас во синагогите“ (Дела 15:19-21).
8 Кога Јаков рекол „затоа сметам дека“, дали мислел — можеби поради тоа што го водел состанокот — дека има право да им го наметне своето гледиште на другите браќа и самиот да донесе одлука што да се прави? Во никој случај! Наместо да се постави над целата група, Јаков едноставно го кажал своето мислење, и така им дал предлог на темел на доказите што ги слушнале и на темел на она што Писмата го велат за таа работа.
9. Зошто бил добар предлогот на Јаков?
9 Дали тоа бил добар предлог? Очигледно да, бидејќи апостолите и старешините го прифатиле. Со какви резултати? Од една страна, со таквата одлука немало „да им се отежнува“ на нееврејските христијани бидејќи од нив не се барало да го држат Мојсеевиот закон (Дела 15:19). А од друга страна, со оваа одлука ќе се покажело обѕир и кон совеста на еврејските христијани, кои низ годините слушале како „секоја сабота се читаат на глас во синагогите“ списите на Мојсејb (Дела 15:21). Предложената одлука сигурно ќе ја зајакнела врската меѓу еврејските и нееврејските христијани. Но, пред сѐ, ќе му била по волја на Јехова Бог, бидејќи била во согласност со неговата намера. На колку убав начин бил решен еден проблем што му се заканувал на единството и на напредокот на целото собрание на Божјиот народ! И колку добар пример е тоа за христијанските собранија денес!
10. Како денешното Водечко тело го следи примерот на водечкото тело од првиот век?
10 Како што беше спомнато во претходното поглавје, денешното Водечко тело на Јеховините сведоци, исто како и водечкото тело од првиот век, бара водство за сѐ од Јехова, Севишниот Господар, и од Исус Христос, Главата на собраниетоc (1. Кор. 11:3). Како го прави ова? Алберт Д. Шредер, кој служеше како член на Водечкото тело од 1974 год., па сѐ до крајот на својот живот на Земјата во март 2006 год., објасни: „Водечкото тело одржува состанок во среда, а го почнува со молитва во која бара водство од Јеховиниот дух. Неговите членови особено се трудат сѐ што прават и секоја одлука што ја донесуваат да биде во склад со Божјата Реч, Библијата“. Нешто слично кажа и Милтон Џ. Хеншел, долгогодишен член на Водечкото тело, кој го заврши својот живот на Земјата во март 2003 год. На дипломците од 101. клас на мисионерската школа Гилеад тој им го постави следново важно прашање: „Има ли друга организација на Земјата чие Водечко тело бара водство од Божјата Реч, Библијата, пред да донесе важни одлуки?“ Одговорот е јасен.
„Одлучија да изберат... некои мажи и да ги испратат“ (Дела 15:22-29)
11. На кој начин им била соопштена на собранијата одлуката на водечкото тело?
11 Водечкото тело во Ерусалим донело едногласна одлука во врска со прашањето за обрежувањето. Но, за да можат браќата во собранијата да ја прифатат и да постапуваат во склад со неа, одлуката требало да им се соопшти на јасен, позитивен и охрабрувачки начин. Како можело најдобро да се стори ова? Извештајот објаснува: „Апостолите и старешините заедно со целото собрание одлучија да изберат меѓу себе некои мажи и да ги испратат во Антиохија со Павле и со Варнава. Тоа беа Јуда, наречен Варсава, и Сила, мажи кои предводеа меѓу браќата“. Освен тоа, по нив испратиле и писмо кое требало да се прочита во сите собранија во Антиохија, Сирија и Киликија (Дела 15:22-26).
12, 13. Што било постигнато а) со тоа што биле испратени Јуда и Сила? б) со писмото од водечкото тело?
12 Јуда и Сила биле мажи кои предводеле меѓу браќата, па затоа навистина било соодветно тие да служат како претставници на водечкото тело. Тоа што била испратена група од четворица браќа требало јасно да покаже дека пораката што ја носат не е само одговор на првобитното прашање, туку ново упатство од водечкото тело. Присуството на овие избрани мажи од Ерусалим требало уште повеќе да ја зајакне врската меѓу еврејските христијани од тој град и нееврејските христијани од другите собранија. Тоа навистина било мудра и обѕирна одлука! Без сомнение, таа придонела за мир и слога меѓу Божјите слуги.
13 Писмото содржело јасни упатства за нееврејските христијани, и тоа не само за обрежувањето туку и за други работи што морале да ги прават за да стекнат милост и благослов од Јехова. Во главниот дел од писмото стоело: „Светиот дух и ние решивме да не ставаме никакво додатно бреме на вас, освен ова што е неопходно: да се воздржувате од она што е жртвувано на идоли, од крв, од удавено и од блуд. Ако се чувате од тоа, ќе ви биде добро. Останете со здравје!“ (Дела 15:28, 29).
14. Како е можно Јеховиниот народ да соработува во единство во денешниов разединет свет?
14 Денес, преку 8.000.000 Јеховини сведоци, кои служат во повеќе од 100.000 собранија низ целиот свет, се обединети во верувањата и се водат по исти начела во својот живот. Како е можно едно такво единство, особено ако се земат предвид неслогата и разединетоста што владеат меѓу луѓето во денешниов свет? Главно, тоа единство е резултат на јасните и конкретни упатства кои Исус Христос, Главата на собранието, ги обезбедува преку „верниот и разборит роб“, односно Водечкото тело (Мат. 24:45-47). Таквото единство е резултат и на тоа што меѓународното братство спремно соработува со упатствата од Водечкото тело.
„Се израдуваа на охрабрувањето“ (Дела 15:30-35)
15, 16. Каков бил исходот од решавањето на спорот околу обрежувањето, и на што се должел тој?
15 Понатаму, извештајот во Дела ни кажува дека, кога четворицата браќа стигнале од Ерусалим во Антиохија, го собрале мноштвото и им го предале писмото. Како реагирале тамошните браќа на упатствата од водечкото тело? „Кога овие го прочитаа [писмото], се израдуваа на охрабрувањето“ (Дела 15:30, 31). Освен тоа, Јуда и Сила ги охрабриле браќата со многу зборови и ги зајакнале. Исто како Варнава, Павле и други, и овие двајца мажи се наречени „пророци“ во таа смисла што ја објавувале Божјата волја (Дела 13:1; 15:32; 2. Мој. 7:1, 2).
16 Очигледно Јехова го благословил сето она што било направено за да се најде добро решение за спорното прашање. На што се должел добриот исход? Без сомнение, на јасните и навремени упатства што ги дало водечкото тело, кои се темелеле на Божјата Реч и на водството од светиот дух. А многу помогнало и тоа што одлуките им биле пренесени на собранијата на грижлив начин полн со љубов.
17. Кои работи што денес ги прават покраинските надгледници се во склад со примерот што го оставиле браќата од првиот век?
17 Следејќи го овој пример, денешното Водечко тело на Јеховините сведоци му дава навремени упатства на меѓународното братство. Кога се донесени некои одлуки, тие им се пренесуваат на собранијата отворено и јасно. Еден начин на кој се прави ова е преку покраинските надгледници. Овие самопожртвувани браќа патуваат од едно до друго собрание за да им дадат јасни упатства на сохристијаните и срдечно да ги охрабрат. Исто како Павле и Варнава, тие посветуваат многу време на службата „поучувајќи и објавувајќи ја добрата вест за Јеховината реч заедно со многу други“ (Дела 15:35). И, исто како Јуда и Сила, ги охрабруваат браќата со многу зборови и ги зајакнуваат.
18. Како треба да постапува Божјиот народ за да може и понатаму да го добива неговиот благослов?
18 А што може да се каже за собранијата? Што ќе им помогне на собранијата по целата Земја и понатаму да бидат во мир и слога во денешниов разединет свет? Сети се дека ученикот Јаков подоцна напишал: „Мудроста одозгора пред сѐ е чиста, потоа мирољубива, разумна, спремна да послуша... А плодот на праведноста се сее во мир и ќе го соберат оние што творат мир“ (Јак. 3:17, 18). Не знаеме дали Јаков го имал на ум состанокот во Ерусалим кога го напишал ова или не. Сепак, од разгледувањето на настаните запишани во 15. поглавје од книгата Дела, сигурни сме дека Јехова го дава својот благослов само кога меѓу неговите слуги постои слога и соработка.
19, 20. а) Што покажува дека во собранието во Антиохија преовладувале мир и единство? б) На што можеле да се посветат Павле и Варнава?
19 Било сосема очигледно дека оттогаш во собранието во Антиохија завладеале мир и единство. Наместо да им се противат на браќата од Ерусалим, христијаните во Антиохија многу ја ценеле посетата на Јуда и Сила. Извештајот вели: „Таму поминаа некое време, а потоа браќата ги отпуштија со мир да се вратат кај оние што ги беа пратиле“, односно да се вратат во Ерусалимd (Дела 15:33). Можеме да бидеме сигурни дека и браќата во Ерусалим се радувале кога овие двајца мажи им раскажале како си поминале на патувањето. Благодарение на Јеховината незаслужена доброта, сѐ се завршило добро!
20 Павле и Варнава, кои останале во Антиохија, можеле целосно да се посветат на проповедањето и да ги предводат браќата во тоа, исто како што прават и денешните покраински надгледници кога ги посетуваат собранијата на кои им служат (Дела 13:2, 3). Колку голем благослов е тоа за Јеховиниот народ! Но, како Јехова продолжил да ги користи и да ги благословува овие двајца ревносни проповедници? Одговорот ќе го добиеме во следното поглавје.
a Види ја рамката „Јаков — ’братот на Господарот‘“.
b Јаков мудро се осврнал на списите на Мојсеј во кои, освен Законот што го дал Бог, било запишано и како постапувал Тој со луѓето и што открил за својата волја уште пред да постои Законот. На пример, од 1. Мојсеева јасно се гледа каков став има Бог за крвта, прељубата и идолопоклонството (1. Мој. 9:3, 4; 20:2-9; 35:2, 4). На тој начин Јехова дал начела што важат за сите луѓе, без разлика дали се Евреи или не-Евреи.
c Види ја рамката „Како е организирано Водечкото тело денес“.
d Во 34. стих, некои библиски преводи вметнуваат текст во кој се вели дека Сила решил да остане во Антиохија (Превод на МПЦ). Меѓутоа, се чини дека овие зборови биле додадени подоцна и не се дел од изворниот текст.