ШЕСНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ
„Прејди во Македонија“
Оние што прифаќаат задачи и трпат прогонство со радост, имаат големи благослови
Се темели на Дела 16:6-40
1-3. а) Како светиот дух ги водел Павле и неговите придружници? б) Кои настани ќе ги разгледаме?
ВО Македонија, група жени излегуваат од градот Филипи и набрзо стигнуваат до реката Гангитес. Според својот обичај, седнуваат крај брегот за да му се молат на Богот на Израел. А Јехова ги гледа (2. Лет. 16:9; Пс. 65:2).
2 Во меѓувреме, на повеќе од 800 километри источно од Филипи, група мажи излегуваат од Листра, град во јужна Галатија. По неколку дена, стигнуваат до еден поплочен римски пат што води на запад, кон најгусто населеното подрачје во областа Азија. Овие мажи — Павле, Сила и Тимотеј — сакаат да го поминат тој пат што поскоро за да стигнат во Ефес и во други градови каде што илјадници луѓе треба да ја чујат веста за Христос. Но, уште пред да тргнат, светиот дух на некој начин ги спречува да одат натаму. Всушност, им забранува да проповедаат во Азија. Зошто? Затоа што Исус — преку Божјиот дух — сака да ги води Павле и неговите соработници преку Мала Азија и Егејското Море, сѐ до брегот на реката Гангитес.
3 Начинот на кој Исус ги водел Павле и неговите придружници во текот на тоа необично патување до Македонија содржи важни поуки за нас денес. Затоа, да разгледаме некои настани што се случиле за време на второто мисионерско патување на Павле, на кое тргнал околу 49 год. од н.е.
„Бог нѐ повикува“ (Дела 16:6-15)
4, 5. а) Што им се случило на Павле и на неговите придружници во близина на Витинија? б) Каква одлука донеле учениците, и каков бил исходот?
4 Откако биле спречени да проповедаат во Азија, Павле и неговите соработници тргнале на север за да проповедаат во градовите во областа Витинија. За да стигнат дотаму, можеби пешачеле со денови по правливите патеки што ги поврзувале ретко населените подрачја на Фригија и Галатија. Но кога наближиле до Витинија, преку светиот дух Исус повторно ги спречил да продолжат (Дела 16:6, 7). Сигурно веќе биле збунети. Знаеле што и како да проповедаат, но не знаеле каде да проповедаат. Тие, така да се каже, чукнале на симболичната врата низ која се влегувало во Азија, но залудно. Чукнале и на вратата низ која се влегувало во Витинија, но пак залудно. И покрај сѐ, Павле бил решен да продолжи да чука сѐ додека не дојде до врата што ќе му се отвори. Тогаш овие мажи донеле навидум неразумна одлука. Свртеле кон запад и пешачеле околу 550 километри, поминувајќи покрај многу градови, сѐ додека не стигнале во пристанишниот град Троада, од каде што можеле да испловат за Македонија (Дела 16:8). Таму, Павле чукнал на трета врата и, конечно, таа ширум се отворила!
5 Лука, писателот на едно од евангелијата, им се придружил на Павле и на двајцата мажи во Троада. Тој раскажува што се случило: „Ноќта Павле имаше видение: еден Македонец стоеше и го молеше: ’Прејди во Македонија и помогни ни!‘ А откако го виде видението, настојувавме веднаш да отидеме во Македонија, заклучувајќи дека Бог нѐ повикува да им ја објавиме добрата вест“a (Дела 16:9, 10). Конечно, Павле знаел каде да проповеда. Колку мора да бил среќен што не се откажал на полпат! Четворицата мажи веднаш испловиле за Македонија.
6, 7. а) Што учиме од она што му се случило на Павле во текот на патувањето? б) Во што нѐ уверува искуството на Павле?
6 Што учиме од овој извештај? Забележи го следново: Дури откако Павле тргнал за Азија, Божјиот дух го спречил да продолжи. Дури откако Павле се приближил до Витинија, Исус се вмешал. И дури откако Павле стигнал до Троада, Исус го упатил кон Македонија. Исус, како Глава на собранието, може и нас да нѐ води на сличен начин (Кол. 1:18). На пример, можеби веќе некое време размислуваме да служиме како пионери или да се преселиме во место каде што има потреба од повеќе објавители на Царството. Сепак, можеби дури откако ќе преземеме некои конкретни чекори за да ја оствариме таа цел, Исус, преку Божјиот дух, ќе нѐ води. Зошто? Размисли за овој пример: Еден возач може да ја сврти колата лево или десно, но само ако таа веќе се движи. Нешто слично прави и Исус — тој ќе нѐ насочи каде да служиме во поголема мера, но само ако ние веќе се движиме, односно ако се трудиме да работиме на нашата цел.
7 Но, што ако, и покрај трудот што го вложуваме, не можеме веднаш да видиме добри резултати? Треба ли да се откажеме и да си мислиме дека Божјиот дух не нѐ води? Воопшто не. Видовме дека и Павле наишол на пречки. Сепак, продолжил и понатаму да чука во симболична смисла, сѐ додека не тропнал на врата што му се отворила. И ние можеме да бидеме сигурни дека, ако истрајно бараме некоја „голема врата за работа“, Јехова ќе ни ја отвори (1. Кор. 16:9).
8. а) Опиши го градот Филипи. б) Што се случило откако Павле проповедал на местото каде што луѓето се собирале за молитва?
8 Откако пристигнале во областа Македонија, Павле и неговите соработници отпатувале за Филипи, град чии жители биле горди што се римски граѓани. За пензионираните римски војници што живееле таму, колонијата во Филипи била како мала Италија, како еден мал Рим сместен во Македонија. Надвор од градските порти, покрај реката, мисионерите отишле до едно место, „мислејќи дека таму луѓето се собираат за молитва“.b На саботниот ден, таму нашле неколку жени што се собрале за да го обожаваат Бог. Учениците седнале и почнале да им зборуваат. Слушала и една жена по име Лидија, и Јехова ѝ го отворил срцето. Она што Лидија го чула од мисионерите имало толку силно влијание врз неа што и таа и нејзините домашни се крстиле. Потоа ги убедила Павле и неговите сопатници да појдат кај неа дома и да ѝ бидат гости некое времеc (Дела 16:13-15).
9. Како мнозина денес го следат примерот на Павле, и какви благослови имаат?
9 Замисли колкава причина за радост било крштавањето на Лидија! Колку среќен бил Павле што ја прифатил поканата да прејде во Македонија и што Јехова решил да ги користи него и неговите соработници да им одговори на молитвите на тие богобојазливи жени! Денес, многу браќа и сестри — млади и стари, самци и во брак — исто така се преселуваат во места каде што има потреба од повеќе објавители на Царството. Се разбира, наидуваат на тешкотии, но тие не се ништо во споредба со радоста што ја чувствуваат кога ќе наидат на луѓе кои, исто како Лидија, ги прифаќаат библиските вистини. Можеш ли и ти да направиш промени што ќе ти помогнат да „прејдеш“ во место каде што има поголема потреба од проповедање? Сигурно те очекуваат благослови! На пример, размисли за Арон, брат кој има 24 години и кој се преселил во една централноамериканска земја. Тој вели: „Тоа што служам во друга земја ми помогна духовно да напредувам и да се зближам со Јехова. Службата на подрачјето е одлична — сега водам осум библиски курсеви!“ Многу други браќа и сестри се согласуваат со него.
„Мноштвото стана против нив“ (Дела 16:16-24)
10. Како се вмешале демоните за да ги свртат работите против Павле и неговите соработници?
10 Сатана сигурно бил бесен што добрата вест почнала да пушта корени во овој дел од светот каде што дотогаш тој и неговите демони веројатно дејствувале непречено. Затоа не е чудно што демоните се вмешале за да ги свртат работите против Павле и неговите соработници! Овие мисионери и понатаму оделе редовно на местото каде што луѓето се собирале за молитва, но една слугинка обземена од демон, која со своето прорекување им носела голема добивка на своите господари, постојано одела по нив и викала: „Овие луѓе се робови на Севишниот Бог! Тие ви го објавуваат патот на спасението!“ Можеби демонот ја терал девојката да ги извикува овие зборови за да изгледа дека нејзиното прорекување и учењата на Павле потекнуваат од ист извор. На тој начин, постоела опасност вниманието на луѓето да се одврати од вистинските следбеници на Христос. Но, Павле го истерал демонот, и девојката престанала да вика по нив (Дела 16:16-18).
11. Што се случило со Павле и Сила откако демонот излегол од девојката?
11 Кога сфатиле дека повеќе не можат да се надеваат на лесната заработка што им ја носела таа, нејзините господари збеснале. Ги одвлечкале Павле и Сила на плоштадот, каде што градските управители — кои ја застапувале римската власт — обично ги решавале судските спорови. Овие луѓе ги искористиле предрасудите и патриотизмот на судиите за да ги придобијат и на некој начин им рекле: „Овие Евреи шират немир со тоа што поучуваат за обичаи кои ние како Римјани не можеме да ги држиме“. Со ова веднаш ја постигнале својата цел. Мноштвото на плоштадот станало против Павле и Сила, а градските управители заповедале „да ги истепаат со стапови“. Потоа, Павле и Сила биле одвлечкани в затвор. Затворскиот чувар ги фрлил во внатрешниот дел од затворот и им ги ставил нозете во клада (Дела 16:19-24). Кога ја затворил вратата, во таа затворска дупка било толку мрачно што Павле и Сила веројатно не можеле ни да се видат еден со друг. Но, Јехова ги гледал (Пс. 139:12).
12. а) Каков став кон прогонството имале Христовите ученици, и зошто? б) Кои методи на противење сѐ уште ги користат Сатана и неговите застапници?
12 Со години пред овој настан, Исус им рекол на своите следбеници: „Ќе ве прогонуваат“ (Јован 15:20). Затоа, кога Павле и неговите соработници преминале во Македонија, биле свесни дека ќе се соочат со противење. Штом започнало прогонството, им било јасно дека тоа не е знак оти Јехова ги отфрлил, туку дека Сатана е бесен на нив. Денес луѓето што ги користи Сатана се служат со слични методи како во Филипи. Подли противници шират невистини за нас на училиште и на работното место, и на тој начин ги подбуцнуваат другите да ни се противат. Во некои земји, верските противници нѐ изведуваат пред судови и, всушност, велат: „Овие Сведоци шират немир поучувајќи за обичаи кои нашата вера и традиција не ни ги дозволуваат“. Во некои места, нашите соверници се тепани и фрлани в затвор. Но, Јехова го гледа сето тоа (1. Пет. 3:12).
„Веднаш се крсти“ (Дела 16:25-34)
13. Што го навело затворскиот чувар да праша: „Што морам да правам за да бидам спасен?“
13 На Павле и Сила сигурно им требало време за да се соземат од бурните настани што им се случиле тој ден. Но, до полноќ, тие закрепнале од тепањето до тој степен што се молеле и со песна го фалеле Бог. И одеднаш, силен земјотрес го затресол затворот до темел! Чуварот се разбудил и, кога видел дека вратите се отворени, се исплашил дека затворениците побегнале. Знаејќи дека го чека казна за тоа, тој го извлекол „мечот за да се убие“. Но, Павле извикал на сет глас: „Не прави си никакво зло! Сите сме овде!“ Потресениот чувар прашал: „Господа, што морам да правам за да бидам спасен?“ Павле и Сила не можеле да го спасат — само Исус можел да го стори тоа. Затоа му рекле: „Верувај во Господарот Исус и ќе бидеш спасен“ (Дела 16:25-31).
14. а) Како му помогнале Павле и Сила на затворскиот чувар? б) Каков благослов добиле Павле и Сила затоа што го претрпеле прогонството со радост?
14 Дали чуварот искрено го поставил тоа прашање? Павле не се сомневал во искреноста на овој човек. Затворскиот чувар бил не-Евреин и не му биле познати светите списи. За да стане христијанин, требало да ги дознае и да ги прифати основните вистини од Писмата. Затоа, Павле и Сила одвоиле време да му зборуваат „за Јеховината реч“. Кога почнале да му ги објаснуваат Писмата, толку се занеле што веројатно заборавиле на болките од тепањето. Но, чуварот ги забележал длабоките рани што ги имале на грбот и им ги исчистил. Веднаш потоа, тој и неговите домашни се крстиле. Колку голем благослов било ова за Павле и Сила затоа што го претрпеле прогонството со радост! (Дела 16:32-34).
15. а) Како многу Сведоци денес го следат примерот на Павле и Сила? б) Зошто треба да продолжиме да им проповедаме на луѓето што живеат на нашето подрачје?
15 Исто како Павле и Сила, многу Сведоци денес ја проповедаат добрата вест додека лежат в затвор поради својата вера, и тоа донесува добри резултати. На пример, во една земја каде што нашите активности беа забранети, во еден период 40 отсто од тамошните Сведоци првпат ја чуле вистината за Јехова додека биле в затвор! (Иса. 54:17). Забележи го и тоа дека затворскиот чувар им се обратил за помош на Павле и Сила дури откако настапил земјотресот. Слично на тоа, и денес некои луѓе никако не ја прифаќаат пораката за Царството сѐ додека нивниот сопствен свет ненадејно не биде потресен од некаква трагедија. Со тоа што секогаш одново одиме кај луѓето на нашето подрачје, ние, всушност, сме спремни да ги поучиме кога тие ќе бидат приемливи за тоа.
„Зарем сега тајно да нѐ исфрлат?“ (Дела 16:35-40)
16. Како градските управители се нашле во тесно следниот ден откако биле тепани Павле и Сила?
16 Откако ги истепале, следното утро градските управители наредиле Павле и Сила да бидат ослободени. Но, Павле рекол: „Јавно нѐ истепаа неосудени, нас кои сме римски граѓани, и нѐ фрлија в затвор. Зарем сега тајно да нѐ исфрлат? Никако, туку самите нека дојдат и нека нѐ изведат!“ Кога чуле дека овие луѓе се римски граѓани, градските управители се уплашиле бидејќи ги прекршиле нивните права.d Сега се нашле во тесно. Пред тоа наредиле јавно да бидат истепани учениците, а сега морале самите јавно да им се извинат. Тие ги молеле Павле и Сила да си заминат од Филипи. Двајцата ученици ги послушале, но не веднаш. Прво ја охрабриле групата нови верници, која станувала сѐ поголема, па дури тогаш си заминале.
17. Која важна лекција требало да ја научат новите ученици од тоа што ја виделе истрајноста на Павле и на Сила?
17 Ако биле почитувани нивните права како римски граѓани, Павле и Сила сигурно ќе биле поштедени од тепањето (Дела 22:25, 26). Меѓутоа, ова можело да им остави впечаток на учениците во Филипи дека тие го користат својот статус за да не мора да страдаат поради Христос. Какво влијание ќе имало тоа врз учениците кои не биле римски граѓани и кои законот немало да ги заштити од тепање? Со тоа што ја претрпеле казната, Павле и неговиот соработник им покажале со личен пример на новите верници дека следбениците на Христос можат да останат цврсти, иако се малтретирани. А кога на крајот барале да се почитуваат нивните права како римски граѓани, Павле и Сила ги принудиле градските управители јавно да признаат дека го прекршиле законот. Ова можело да ги спречи тие управители да ги малтретираат соверниците на Павле и можело да им пружи одредена законска заштита од слични напади во иднина.
18. а) Како христијанските надгледници денес го следат примерот на Павле? б) Како го браниме и законски го потврдуваме правото да ја проповедаме добрата вест во денешно време?
18 И денес, надгледниците во христијанското собрание предводат со личен пример. Христијанските пастири и самите се спремни да го прават сето она што го очекуваат од своите соверници. Освен тоа, слично на Павле, ние внимателно одмеруваме кога и како да ги користиме нашите законски права за да добиеме заштита. Ако е потребно, излегуваме пред основен, врховен, па дури и пред меѓународен суд за да добиеме законска заштита и да продолжиме непречено да ги вршиме нашите теократски активности. Сепак, нашата цел не е со тоа да воведеме некои општествени реформи, туку да го одбраниме и законски да го потврдиме правото да ја проповедаме добрата вест, како што му напишал и Павле на собранието во Филипи десетина години откако бил затворен во тој град (Фил. 1:7). Меѓутоа, сеедно каков е исходот од таквите судски случаи, исто како Павле и неговите соработници, ние сме решени да ја објавуваме добрата вест секаде каде што ќе нѐ води Божјиот дух (Дела 16:10).
a Види ја рамката „Лука — писателот на Дела на апостолите“.
b Можеби на Евреите им било забрането да изградат синагога во Филипи затоа што во овој град живееле голем број пензионирани воени лица. Или, пак, во градот немало ни 10 мажи кои биле Евреи — најмалиот потребен број за да се основа синагога.
c Види ја рамката „Лидија — продавачка на пурпур“.
d Според римскиот закон, секој граѓанин имал право на законско судење и никогаш не смеел да биде јавно казнет без претходно да биде осуден.