СЕДУМНАЕСЕТТО ПОГЛАВЈЕ
„Расправаше со нив на темел на Писмата“
На што се темели делотворното поучување; убавиот пример на Веријците
Се темели на Дела 17:1-15
1, 2. Кој патувал од Филипи до Солун, и за што можеби размислувале овие патници?
НА ОВОЈ прометен пат, кој вештите римски инженери го изградиле меѓу карпестите планини, одвреме-навреме се слушаат најразлични звуци — рикање на магариња, тропот на тркала од запрежни коли врз калдрмата и џагор на секакви патници, меѓу кои има војници, трговци и занаетчии. И тројцата пријатели — Павле, Сила и Тимотеј — се меѓу оние кои пешачат по тој пат што ги поврзува Филипи и Солун, градови оддалечени околу 130 километри еден од друг. Патувањето воопшто не е лесно, особено за Павле и Сила, чии рани од тепањето во Филипи сѐ уште не се заздравени (Дела 16:22, 23).
2 Како успеваат овие луѓе да не мислат на долгиот пат што лежи пред нив? Сигурно им помага тоа што меѓусебно си разговараат. Сѐ уште им е живо во мислите она што го доживеале во Филипи, и сигурно срцата им треперат од радост кога помислуваат дека затворскиот чувар и неговите домашни станале верници. По таа случка, овие патници уште поцврсто се решени да продолжат да проповедаат. Сепак, додека се приближуваат кон приморскиот град Солун, можеби се прашуваат како ќе ги примат тамошните Евреи. Дали ќе ги нападнат? Дали можеби ќе ги тепаат како во Филипи?
3. Како може да ни користи примерот на Павле, кој собрал смелост да проповеда?
3 Подоцна, во писмото што им го напишал на христијаните во Солун, Павле кажал како се чувствувал во тие моменти: „Откако во Филипи, како што знаете, најпрво пострадавме и бевме малтретирани, собравме смелост со помош на нашиот Бог да ви ја проповедаме Божјата добра вест со голема борба“ (1. Сол. 2:2). Се чини дека Павле, сепак, чувствувал некаков страв пред да влезе во Солун, особено по она што се случило во Филипи. Можеш ли да разбереш зошто имал такви чувства? Дали и ти понекогаш водиш борба со себеси за да ја објавуваш добрата вест? Павле се потпирал на Јехова и бил сигурен дека Тој ќе му даде сила и ќе му помогне да ја собере смелоста што му била потребна. Ако го разгледаме неговиот пример, и ние ќе можеме да го сториме истото (1. Кор. 4:16).
„Расправаше... на темел на Писмата“ (Дела 17:1-3)
4. Зошто постои можност Павле да бил во Солун повеќе од три седмици?
4 Извештајот ни кажува дека, додека бил во Солун, Павле проповедал во синагогата три саботи. Дали ова значи дека останал во градот само три седмици? Не мора да е така. Не знаеме колку време по пристигнувањето во Солун Павле отишол во синагогата. Освен тоа, од неговите писма се гледа дека, додека биле во Солун, тој и неговите придружници работеле за да се издржуваат (1. Сол. 2:9; 2. Сол. 3:7, 8). Исто така, во текот на својот престој таму, Павле двапати добил материјална помош од браќата во Филипи (Фил. 4:16). Според тоа, најверојатно останал во Солун подолго од три седмици.
5. Како Павле се трудел да ги увери слушателите во она што го зборувал?
5 Откако собрал смелост, Павле почнал да им проповеда на оние што дошле во синагогата. Библијата вели: „По својот обичај... расправаше со нив на темел на Писмата, објаснувајќи и докажувајќи со она што е напишано дека Христос требаше да страда и да стане од мртвите. И велеше: ’Овој Исус, кого јас ви го објавувам — тој е Христос‘“ (Дела 17:2, 3). Забележи дека Павле сакал присутните да го прифатат она што им го кажувал бидејќи така им налагал здравиот разум, а не затоа што биле понесени од емоции. Тој знаел дека оние што доаѓале во синагогата ги познавале и ги почитувале светите списи. Меѓутоа, не ги разбирале потполно. Затоа Павле ги поттикнал да размислуваат, им објаснувал и им докажувал со помош на Писмата дека Исус од Назарет е ветениот Месија, односно Христос.
6. Како Исус ги користел Писмата, и со каков резултат?
6 Павле го следел мерилото што го поставил Исус, кој ги користел Писмата како основа за своето поучување. На пример, во текот на својата јавна служба, Исус им рекол на учениците дека, како што стои во Писмата, Синот човечки мора да страда, да умре и да биде воскреснат од мртвите (Мат. 16:21). По своето воскресение, Исус им се појавувал на своите следбеници. Сигурно и самото тоа било доволен доказ дека им ја зборувал вистината. Сепак, тој им дал уште нешто. Во врска со она што им го кажал на некои ученици, го читаме следново: „Почнувајќи од Мојсеј и од сите Пророци, им го протолкува она што е напишано за него во сите Писма“. Каков бил резултатот? Учениците возбудено рекле: „Зарем не ни гореше срцето додека ни зборуваше по патот, додека ни ги толкуваше Писмата?“ (Лука 24:13, 27, 32).
7. Зошто е важно да го темелиме нашето поучување на Библијата?
7 Пораката од Божјата Реч е силна (Евр. 4:12). Затоа денешните христијани ги темелат своите учења на таа Реч, исто како што правеле Исус, Павле и другите апостоли. И ние ги поттикнуваме станарите да размислуваат, им објаснуваме што значат библиските стихови и им изнесуваме докази за она што го поучуваме така што ја отвораме Библијата за самите да видат што стои во неа. Впрочем, пораката што ја носиме не е наша. Со тоа што често ја користиме Библијата им помагаме на луѓето да сфатат дека ние не објавуваме свои идеи, туку учења што доаѓаат од Бог. Освен тоа, добро е ако постојано имаме на ум дека пораката што ја проповедаме се темели цврсто на Божјата Реч, и затоа е сосема веродостојна. Зарем ова сознание не ти помага со смелост да зборуваш за пораката како што зборувал и Павле?
„Некои... станаа верници“ (Дела 17:4-9)
8-10. а) Како реагирале Солуњаните на добрата вест? б) Зошто некои Евреи биле љубоморни на Павле? в) Што направиле еврејските противници?
8 Павле веќе ја почувствувал вистинитоста на Исусовите зборови: „Робот не е поголем од својот господар. Ако ме прогонуваа мене, ќе ве прогонуваат и вас, ако ги држеа моите зборови, ќе ги држат и вашите“ (Јован 15:20). Во Солун, Павле наишол токму на тие две различни реакции — некои биле спремни да ги држат Божјите зборови, а други му се противеле. Во врска со оние што ја прифатиле пораката, Лука пишува: „Некои од [Евреите] станаа [христијани] и им се придружија на Павле и на Сила, а исто така и големо мноштво Грци кои го почитуваа Бог, како и голем број угледни жени“ (Дела 17:4). Овие нови ученици сигурно се радувале што некој им помогнал поточно да ги сфатат Писмата.
9 Иако некои биле благодарни и покажале ценење за она што им го кажал Павле, други многу се разгневиле. Некои Евреи во Солун биле љубоморни што Павле успеал да придобие „големо мноштво Грци“. Бидејќи сакале да ги преобраќаат луѓето во еврејската вера, тие ги поучувале Грците за Хебрејските списи, и затоа сметале дека овие луѓе им припаѓаат ним. Но, сега им се чинело дека Павле им ги краде пред нос, и тоа среде нивната синагога! Ништо чудно што биле бесни!
10 Лука ни кажува што се случило потоа: „Евреите станаа љубоморни, па поведоа со себе некои опаки безделници и собраа толпа, па го подбуцнаа градот. И се нафрлија на Јасоновата куќа, барајќи да ги изведат Павле и Сила пред толпата. А кога не ги најдоа, ги одвлечкаа Јасон и некои браќа пред градските поглавари, викајќи: ’Овие луѓе, кои го побунија целиот свет, дојдоа и овде, а Јасон ги нагости. Сите тие постапуваат спротивно на цезаровите одредби, велејќи дека имало друг цар — Исус‘“ (Дела 17:5-7). Како овој напад од насилната толпа влијаел врз Павле и неговите соработници?
11. Какви обвиненија биле изнесени против Павле и неговите соработници, и на која одредба можеби мислеле обвинителите? (Види ја фуснотата.)
11 Страшно е да си имаш работа со толпа. Ваквите толпи се најчесто насилни и неконтролирани — наликуваат на разбеснета надојдена река. Ова било оружјето што го употребиле Евреите за да се ослободат од Павле и Сила. Потоа, откако го подбуцнале градот, тие се обиделе да ги убедат управителите дека овие луѓе се виновни за тешки престапи. Првото обвинение било дека го побуниле целиот свет, иако Павле и неговите соработници воопшто не биле тие што предизвикале немири во Солун! Второто обвинение било многу потешко. Евреите тврделе дека мисионерите објавувале друг цар, Исус, и со тоа ги прекршиле цезаровите одредби.a
12. Од каде знаеме дека обвиненијата против христијаните во Солун можеле да имаат тешки последици?
12 Сети се дека верските водачи изнеле слично обвинение против Исус. Тие му рекле на Пилат: „Го најдовме овој како го заведува нашиот народ... и вели за себе дека е Христос, цар“ (Лука 23:2). Веројатно плашејќи се императорот да не заклучи дека толерирал велепредавство, Пилат наредил Исус да биде погубен. И обвиненијата против христијаните во Солун можеле да имаат такви тешки последици. Една книга вели: „Воопшто не е претерано да се каже дека тие биле изложени на огромна опасност, бидејќи ’самото спомнување на предавство на императорот честопати му носело смртна казна на обвинетиот‘“. Дали овој злобен напад им успеал?
13, 14. а) Зошто нападот на толпата не успеал? б) Во кој поглед Павле бил претпазлив, како што советувал Исус, и на кој начин можеме да го следиме неговиот пример?
13 Насилната толпа луѓе не успеале да го спречат проповедањето во Солун. Зошто? Една причина било тоа што не можеле да ги најдат Павле и Сила. Освен тоа, очигледно не успеале да ги убедат градските поглавари дека нивните обвиненија се точни. Откако побарале „пари во залог“, тие ги пуштиле Јасон и другите браќа што биле изведени пред нив (Дела 17:8, 9). Послушен на Исусовиот совет да биде претпазлив како змија, а безопасен како гулаб, Павле мудро ја избегнал опасноста за да може да продолжи да проповеда на друго место (Мат. 10:16). Јасно е дека тоа што Павле собрал смелост не значело дека бил непромислен. Како можат денешните христијани да го следат неговиот пример?
14 Во нашево време, свештенството на христијанскиот свет честопати подбуцнува насилни толпи да ги нападнат Јеховините сведоци. Обвинувајќи ги за побуна и предавство, тие ги свртуваат властите против Сведоците. Како што било случај во првиот век, и денес љубомората го разгорува прогонството. Како и да е, вистинските христијани не сакаат непотребно да се изложуваат на ризик. Секогаш кога е можно, ние избегнуваме судири со такви гневни, неразумни луѓе и, наместо тоа, се трудиме да продолжиме да проповедаме во мир, така што можеби ќе се вратиме подоцна, кога ситуацијата веќе е смирена.
Тие „беа поблагородни“ (Дела 17:10-15)
15. Како реагирале Веријците на добрата вест?
15 Заради безбедност, Павле и Сила биле испратени во Верија, на оддалеченост од околу 65 километри. Откако пристигнале таму, Павле отишол во синагогата и зборувал со насобраниот народ. Колку бил среќен што наишол на приемливи слушатели! Во врска со Евреите во Верија, Лука напишал: „Овие Евреи беа поблагородни од оние во Солун, зашто многу горливо [односно, со спремен ум] ја примија речта и секој ден ги истражуваа Писмата за да видат дали е тоа така“ (Дела 17:10, 11, фус.). Дали ова фрла лоша светлина врз оние што ја прифатиле вистината во Солун? Воопшто не. Павле подоцна им напишал: „Непрестајно му благодариме на Бог што Божјата реч, која ја примивте откако ја чувте од нас, не ја прифативте како реч човечка, туку како реч Божја, каква што таа навистина е, и таа дејствува во вас кои верувате“ (1. Сол. 2:13). Но, зошто се вели дека Евреите во Верија биле толку благородни?
16. Зошто е соодветно тоа што Веријците се опишани како благородни?
16 Иако слушнале нешто ново, Веријците не биле ниту сомничави ниту претерано критични, но не биле ни лековерни. Прво, внимателно го сослушале Павле. Потоа провериле дали она што го чуле е во склад со Писмата, кои Павле им помогнал да ги разберат. Освен тоа, трудољубиво ја проучувале Божјата Реч секојдневно, а не само во сабота. И, ова го правеле „со спремен ум“, трудејќи се да видат како новото разбирање им помага да откријат и други работи од Писмата. На крајот, покажале дека се доволно понизни да направат промени бидејќи мнозина од нив станале верници (Дела 17:12). Ништо чудно што Лука вели дека биле благородни!
17. Зошто примерот на Веријците е за пофалба, и како можеме да го следиме, без разлика колку долго сме во вистината?
17 На Веријците воопшто не им паѓало на ум дека нивната реакција на добрата вест ќе биде запишана во Божјата Реч и ќе служи како извонреден пример за нас. Тие го направиле токму она што Павле се надевал дека ќе го сторат и она што Јехова Бог сакал да го сторат. Кога им сведочиме на луѓето, и ние сакаме да ги поттикнеме да го направат истото — внимателно да ја испитаат Библијата за нивната вера цврсто да се темели на Божјата Реч. Но, откако ќе станеме верници, дали повеќе не треба да бидеме благородни? Напротив, тогаш е уште поважно да учиме од Јехова и брзо да го примениме она што ќе го дознаеме. На тој начин, му дозволуваме на Јехова да нѐ обликува и да нѐ поучува во склад со својата волја (Иса. 64:8). Така нашиот небесен Татко може и понатаму да нѐ користи и да биде многу задоволен од нас.
18, 19. а) Зошто Павле си заминал од Верија, но како покажал истрајност со која ни дал одличен пример? б) Кому требало Павле да му проповеда потоа, и каде?
18 Павле не останал долго во Верија. Читаме: „А кога Евреите од Солун дознаа дека Павле ја објавува Божјата реч и во Верија, отидоа и таму да го подбуцнат и да го растревожат народот. Тогаш браќата набрзина го испратија Павле кон морето, а Сила и Тимотеј останаа таму. Придружниците го доведоа Павле дури до Атина, а потоа се вратија носејќи им заповед на Сила и на Тимотеј да дојдат кај него колку што е можно поскоро“ (Дела 17:13-15). Колку биле упорни тие противници на добрата вест! Не им било доволно што го истерале Павле од Солун, туку патувале до Верија и се обиделе и таму да му ги направат истите проблеми — но залудно. Павле знаел дека пред него лежи огромно подрачје за проповедање, и затоа едноставно заминал на друго место. Да бидеме и ние исто толку решени да ги осуетиме обидите на оние што сакаат да го спречат проповедањето!
19 Откако им дал темелно сведоштво на Евреите во Солун и во Верија, Павле сигурно уште подобро сфатил колку е важно да сведочи смело и да им изнесува на другите логични докази од Писмата. Токму тоа го увидуваме и ние. Но, сега Павле требало да се соочи со поинакви слушатели — со не-Евреите во Атина. Како ќе си помине во тој град? Во следното поглавје ќе видиме што се случило.
a Според еден изучувач, во тоа време цезарот имал донесено одредба со која забранувал да се претскажува „доаѓање на каков и да било нов цар или царство, а особено на таков цар кој би го заменил или би му судел на тогашниот император“. Можеби непријателите на Павле погрешно им ја протолкувале на управителите неговата порака тврдејќи дека со неа ја крши таа одредба. Види ја рамката „Цезарите и книгата Дела“.