Агората — срцето на древна Атина
ИНТЕЛЕКТУАЛНАТА заедница на Атина била во метеж! На таа агора, односно пазариштето на грчкиот град, секогаш биле објавувани нови идеи. Меѓутоа, овојпат било многу поинаку. Само што пристигнал во градот, се чинело дека некојси Евреин ‚проповедал туѓи божества‘. Тој изнесувал извонредни изјави пред ‚оние со кои се среќавал‘. „Што сака да каже овој празнословец?“ прашале гордите епикурејци и стоици со сериозни лица. Да, атинската агора била местото за водење отворени дебати, практично на секоја тема под сонцето. Но, воведување на непознати богови — не, тоа навистина било премногу! (Дела 17:17, 18).
Таква била сомничавата реакција на Атињаните кога апостол Павле за првпат почнал да проповеда на агората во Атина. Тој говорел за Исус Христос и за воскресението. Но, што било толку необично во врска со воведувањето на таквите нови концепти на агората за културата на Атина која навидум била со широки погледи?
Атина добива свој јавен плоштад
Па, она што всушност било уникатно била самата агора и стожерната улога што ја играла таа во религиозниот и јавниот живот на Атињаните. Агората на Атина е едно благо стрмно подрачје од околу 10 хектари, сместено северозападно од Акропол. Се чини дека во почетокот на шестиот век пр. н. е., во времето на атинскиот државник и законодавец Солон, ова парче земја било одредено како место за градскиот јавен плоштад. Воспоставувањето демократија во Атина, со нејзиниот зголемен нагласок на граѓанскиот живот, водело до експлозија на градежната активност во текот на раните години од следниот век. Тоа ѝ дало на агората нов живот и една уште позначајна улога.
Грчкиот збор агора́ има корен во еден глагол што значи „се збира, се собира“. Ова одговара на употребата на агората како главно градско собиралиште. Агората станала срцето на друштвениот и јавниот живот. Таа била седиште на граѓанската администрација и правосудство, главно место за пазарење и бизнис, сцена за театарски претстави кои ја прикажувале грчката драма, локација за одржување на атлетски изложби и омилено собиралиште за интелектуална дискусија.
Дали би сакал да направиш една обиколка низ остатоците од храмовите, колонадите, киповите, спомениците и државните згради на агората во Атина? Со цел да го испитаме минатото на агората, да ја оставиме зад нас буката и вревата од современиот град и да се пробиеме долж чакалните патеки, меѓу тивките мермерни урнатини, изделканите камења и трошните порти обраснати со какол и со диви билки.
Храмови, светилишта и заштитнички божества
Посетителите се импресионирани од присуството на многуте храмови, светилишта и светињи посветени на различни божества. Сево ова служело за да ја направи агората главен центар на обожавање, втор после Акропол. Во текот на златниот век на класична Атина, религијата се вовлекла во секој аспект од јавниот живот. Ова задолжително значело дека на различните богови, назначени како „заштитнички божества“ на владините оддели и административните служби, им биле дадени храмски светињи на агората.
Истакнат меѓу овие структури бил храмот на Хефест. Божицата Атена била поврзана со Хефест. Обете овие божества биле обожавани таму како заштитнички божества на уметностите и занаетите. Археолошките откритија на метални предмети и грнчарски изработки околу овој храм го идентификувале со Хефест, грчкиот бог на уметностите кој барал употреба на оган. Веројатно во седмиот век н. е. овој добро сочуван храм бил претворен во грчката православна црква Св. Ѓорѓи, иако денес не е во употреба како таков.
Се разбира, на агората ѝ било потребно свое сопствено заштитничко божество. Тоа бил Зевс Агораос, наводниот инспиратор на ораторството, кому му бил посветен еден накитен олтар изделкан во скапоцен пентеличен мермер. (Спореди Дела 14:11, 12.) Од двете страни на еден соседен олтар на Мајката на боговите, имало по една спектакуларна изложба од споменици на херои.
Малку понатаму, наоѓаме еден мал јонски храм. Него географот Паузаниј го идентификувал како храм на Аполо — Таткото. Зошто? Затоа што во склад со една древна грчка легенда, тој бил таткото на Јон, основачот на јонската раса чиј дел биле Атињаните.a Во ова својство, Аполо бил едно од заштитничките божества на државната административна организација, а особено во поврзаност со различните братства кои постоеле во градот.
Веднаш на север ги гледаме варовничките остатоци од еден помал храм, изграден во средината на четвртиот век пр. н. е. Тука биле обожавани Зевс и Атена Фатреос, главните божества на прадедовските религиозни братства. Членството во нив речиси било предуслов за атинско граѓанство. Токму од другата страна на улицата, ги наоѓаме остатоците од еден олтар на Дванаесетте богови.
Во блиската стоа на Зевс Елевтериос, главното грчко божество било повторно почестено, овојпат како бог на слободата и избавувањето. Оваа колонада, т. е. стоа, била едно популарно шеталиште и собиралиште. Се вели дека прочуениот филозоф Сократ се среќавал со своите пријатели во оваа стоа, каде што можеле да седнат, да си прикажуваат или да се шеткаат. Многуте посветувања и приноси кои се дадени за да ја украсат оваа стоа — како, на пример, штитовите на војниците кои загинале борејќи се во одбрана на Атина — имале директна врска со избавувањето на градот од неговите непријатели или со сочувувањето на неговата слобода.
Панатенејски пат
Засекот на агората дијагонално претставува еден широк, чакалест друм наречен Панатенејски пат. Неговото име и посебниот карактер потекнуваат од националниот празник на Атина, Панатенеи. Во текот на овој празник, превезот на божицата Атена бил носен долж тој друм од Домот на процесијата (кој е покрај градската порта) до Акрополот. Партенонскиот фриз ни помага да си ја претставиме помпата и величината на празничната процесија — коњаницата, трката на бојните коли, жртвувањето крави и овци, младите мажи и девојки кои ја носеле опремата што требало да се употреби за жртвата. Процесијата ја набљудувале жителите на Атина и нивните гости, за чија удобност архитектите направиле обилна подготовка кога ја дизајнирале агората. На пример, колонадите со нивниот терасовиден преден дел и скали биле вешто поставени во однос на патот на процесијата. Големиот број скали изделкани во нивните фасади можеле да сместат многу гледачи.
„Полн со идоли“
Со толку многу храмови, кипови и споменици натрупани заедно, не е ни чудо што ‚духот‘ на апостол Павле ‚се возмутил, гледајќи го градот полн со идоли‘ (Дела 17:16). Она што Павле го забележал кога стапил на агората сигурно го шокирало. Киповите на богот Хермес, во вид на фалус, биле толку многубројни што, за да бидат сместени, бил потребен еден цел портик (трем со колонада), познат како стоа на Хермес. Облеките на другите насликани ликови на Хермес прикажувале кукасти крстови — симболи на плодноста и животот. Имало и статуа на Венера Генетрикс, божица на сексуалната љубов, како и статуа на Дионис на која се покажани извесен број крстови во вид на фалус. Ознака на „светоста“ на агората бил еден граничен камен со еден базен кој содржел „света“ вода за церемонијално очистување на сите оние кои влегувале.
Со оглед на една таква длабоко религиозна клима, лесно можеме да разбереме зошто Павловата позиција била крајно опасна. Тој бил осомничен како таков кој ‚објавува туѓи богови‘, а законот од тоа време пропишувал дека ‚ниедно лице не смее да има некакви други, т. е. нови богови; ниту, пак, смеел приватно да обожава некои непознати богови без тие да бидат јавно дозволени‘. Тогаш, не е ни чудо што апостолот бил одведен на Ареопагот за да биде испрашуван (Дела 17:18, 19).
Центар на администрацијата
Во една тркалезна зграда наречена Толос било сместено главното седиште на атинската влада. Многу претседавачи на градот спиеле во таа зграда во текот на ноќта, така што секогаш имало на располагање одговорни службеници. Во Толосот се чувал еден комплет од стандардни тегови и мерки. Во близина биле сместени објектите за различните оддели на администрацијата. Домот на Советот зафаќал едно рамниште кое било засечено во падината, северозападно од Толосот. Таму, членовите на Советот составен од 500 луѓе одржувале состаноци на кои вршеле одборска работа и ги подготвувале законите за соборот.
Друга важна граѓанска зграда била царската стоа. Таму било седиштето на царскиот архонт на Атина — еден од тројцата главни мировни судии во градот. Оттаму тој ги вршел многуте административни одговорности кои се однесувале како на религиозни така и на правни работи. Најверојатно, Сократ побарал да се појави таму кога бил обвинет за непочитување на боговите. Прадедовските закони на Атина биле изгравирани во ѕидовите од една зграда која била свртена кон неа. На еден камен кој бил поставен пред истото здание, архонтите, т. е. главните мировни судии, застанувале секоја година за да ја дадат својата службена заклетва.
Стоата на Аталус
Најсочувана зграда на агората е стоата на Аталус. Како млад човек, Аталус, царот на Пергам (вториот век пр. н. е.), студирал на школите во Атина, како и неколку други потомци од царски фамилии од медитеранскиот свет. Откако седнал на својот престол, тој го направил овој величествен дар — стоата на Аталус — за градот на неговата алма матер (универзитет).
Главна функција на стоата на Аталус била да обезбеди засолниште и елегантно шеталиште за неформално дружење и размена. Неговите подови и терасата обезбедувале одлични места од кои можеле да се гледаат процесиите, додека неговата популарност како шеталиште сигурно го засигурала и неговиот успех како трговски центар. Веројатно државата им ги изнајмувала продавниците на трговците така што зградата служела како извор на приход.
Со тоа што е обновена до нејзината првобитна состојба, стоата на Аталус дава одличен пример за геометриски дизајн. Нејзините севкупни пропорции, пријатните разлики во размерот меѓу пониските и повисоките редови на столбовите, интересната игра на светлината и сенката, како и богатството и убавината на нејзиниот материјал — сето тоа служи за да ја направи уникатна. Монотонијата се разбива на различни начини, особено преку употребата на три различни видови капители на столбовите — дорски, јонски и египетски.
Место за културни активности
Една зграда која служела како центар на многу културни настани во Атина била Концертот. Таа била подарок од Випсаниј Агрипа, зетот на римскиот император Август. Нејзиниот преден дел бил поплочен со повеќебоен мермер. Аудиториумот, со капацитет за седење од приближно 1.000 луѓе, имал распон од околу 25 метри и првобитно бил покриен со покрив кој немал внатрешни потпирачи. Тоа бил еден од најсмелите експерименти во конструкција на покриви, познат во древниот свет! Меѓутоа, веројатно голем дел од забавата која се прикажувала таму била под знак прашање за вистинските христијани, со нивните високи морални мерила (Ефесјаните 5:3—5).
Веројатно, љубопитните поединци од древни времиња ја посетувале библиотеката на Пантанос. Нејзините ѕидови биле полни со ормани каде што се чувале рачно напишани свитоци на папирус и пергамент. Главната просторија на библиотеката била свртена кон запад, а преку еден ред столбови можел да се види дворот со колонади — пријатно место за шетање, читање или медитирање. Најден е еден натпис кој наведува две правила на библиотеката. Тоа биле: „Не смее да се изнесува ниту една книга“ и „[Библиотеката] е отворена од првиот до шестиот час“.
Агората денес
Во неодамнешниве години, агората речиси е целосно ископана од американската Школа за класични студии. Почивајќи мирно под сенката на високоиздигнатиот Акропол, таа станала омилено место за туристот кој сака кратко да погледне во историјата на древна Атина.
Блискиот пазар за стари работи Монастираки — на неколку бавни чекори од агората и Акрополот — е чекор во еден друг фасцинирачки свет. Тој му обезбедува на посетителот изненадувачки но сепак восхитувачки траг од грчкиот фолклор и една средноисточна ориентална активност слична на чаршија и ниски цени. И се разбира, таму посетителот ќе ги види Јеховините сведоци кои радосно го прават токму она што го правел апостол Павле пред повеќе од 1.900 години — јавно проповедање на добрата вест за Царството ‚на оние со кои се среќаваат‘.
[Фуснота]
a Името јонска доаѓа од Јаван, син на Јафет и внук на Ное (1. Мојсеева 10:1, 2, 4, 5).
[Рамка на страница 28]
Трговијата во Атина
Агората не била само интелектуално и граѓанско срце на Атина туку и главно градско пазариште. Атина станала центар на трговија, прочуен како по вредноста на неговата цврста валута така и по скрупулозноста на неговите архонти, кои биле овластени да се уверат дека сите деловни трансакции се чесни и фер.
Атина извезувала вино, маслиново масло, мед, мермер и индустриски производи како керамика и обработени метали. Во замена, увезувала воглавно жито. Бидејќи Атика (регионот околу Атина) не произведувала доволно стока за да ги нахрани своите жители, мерилата на трговскиот занает биле строги. Пазарот во Пиреј (пристаништето на Атина) секогаш морал да има доволно свежа храна за да го снабди и градот и војската. А на трговците не им било дозволувано да чуваат резерви за да ги продаваат по повисоки цени во време на потреба.