Време да се бара Бог
ИЛУСТРАЦИЈАТА на ова страница е од атинскиот Акропол, некогашен центар на обожавање на многу богови и божици. Под Акрополот е Ареопагот, за кого се вели дека во старо време бил локација на судот на правдата. Токму на ова место, пред околу 2.000 години, стоел апостолот Павле и одржал еден навистина значаен говор. Следува дел од она што го рекол:
„[Бог] од еден човек ги направи сите човечки нации, да живеат по целата земјина површина, и ги утврдил одредените времиња и поставените граници на човечкото живеење за да го бараат Бог, ако можат да го напипаат и навистина да го најдат, иако всушност не е далеку од ниеден од нас. Зашто, преку него имаме живот и се движиме и постоиме“ (Дела апостолски 17:26-28, NW).
Колку поинаква би била историјата кога човештвото во целина би им обрнало внимание на Павловите зборови! Колку многу војни, колку многу страдања би биле спречени кога луѓето би ги признале нивните заеднички интереси како потомство од еден човек создаден од Суверениот Господ, Јехова.
Денес човештвото е растргнато со национализам, класни разлики, расна омраза и социјални нееднаквости. Сепак, Павловите зборови сѐ уште важат. Сите ние сме потомци на тој еден човек кого го создал Бог. Во таа смисла, сите ние сме браќа и сестри. И сѐ уште не е предоцна да го бараме Бог додека може да се најде.
Павловите зборови добиваат уште повеќе на сериозност ако размислиме за последните зборови од неговиот говор. Тој рекол: „[Бог] поставил ден кога во праведност ќе ја суди населената земја преку човек кого тој го одредил, и им дал гаранција на сите луѓе со тоа што го воскреснал од мртвите“.
Исусовото воскресение е историски факт, и како што покажува Павле, тоа е гаранција дека ќе има ден на суд на човештвото. Кога? Па, знаеме дека досега поминале скоро 2.000 години од времето кога Павле стоел на Ареопагот и ги изрекол овие зборови. Всушност, исполнувањето на библиските пророштва покажува дека тоа е многу блиску. Колку отрезнувачка мисла! Колку е итно да го бараме Бог со сета искреност, како што им рекол Павле на Атињаните: „сега им вели на луѓето, сите и насекаде да се покајат“ (Дела апостолски 17:30, 31, NW).