Колку е јака твојата вера во воскресението?
„Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее“ (ЈОВАН 11:25).
1, 2. Зошто на еден Јеховин обожавател му е потребна доверба во надежта за воскресение?
КОЛКУ е јака твојата надеж во воскресението? Дали таа те зајакнува наспроти стравот од умирање и те утешува кога ќе изгубиш некои љубени поради смрт? (Матеј 10:28; 1. Солунјаните 4:13). Дали си ти како многуте Божји слуги од старина — кои поднеле камшикувања, подбивање, тортура и затворски пранги — зајакнати преку верата во воскресението? (Евреите 11:35—38).
2 Да, еден искрен обожавател на Јехова воопшто не би требало да има сомненија во тоа дали ќе има воскресение, а неговата доверба би требало да влијае врз начинот на кој живее. Прекрасно е да се размислува за фактот дека во Божје одредено време, морето, смртта и хадесот ќе ги предадат мртвите кои се во нив, а овие воскреснати ќе го имаат изгледот да живеат засекогаш на рајска Земја (Откровение 20:13; 21:4, 5).
Сомненија за иден живот
3, 4. Какво верување сѐ уште имаат многумина во врска со животот после смртта?
3 Христијанскиот свет долго научувал дека постои живот после смртта. Една статија во списанието U.S. Catholic рекла: „Низ вековите, христијаните се обидувале да дадат сѐ од себе за да ги прифатат и да се справат со разочарувањата и страдањата во овој живот со тоа што со радост очекувале друг живот, живот на мир и задоволство, на исполнетост и среќа“. Иако во извесен број земји на христијанскиот свет луѓето станале секуларизирани и некако цинични во врска со религијата, многумина сѐ уште мислат дека мора да има нешто после смртта. Но, постојат и многу работи за кои тие не се сигурни.
4 Една статија во списанието Time забележала: „Луѓето сѐ уште веруваат [во задгробен живот]: но нивниот концепт што точно е тоа станува сѐ позамаглен и тие сѐ поретко слушаат за тоа од своите пастори“. Зошто религиозните министри помалку зборуваат за задгробен живот отколку што тоа го правеле порано? Религиозниот изучувач Џефри Бартон Расел вели: „Мислам дека [свештениците] сакаат да ја избегнат таа тема бидејќи мислат дека мораат да ја надминат бариерата на популарниот скептицизам“.
5. Како многумина денес гледаат на доктрината за пеколен оган?
5 Во многу цркви, задгробниот живот вклучува небо и огнен пекол. А доколку свештениците не се спремни да зборуваат за небото, тие уште помалку се спремни да зборуваат за пеколот. Една новинска статија рекла: „Деновиве дури и црквите кои веруваат во вечна казна во некој физички пекол . . . не му придаваат значење на тој концепт“. Навистина, повеќето современи теолози повеќе не веруваат во пекол како дословно место на мачење — начинот на кој тоа се научувало во средниот век. Наместо тоа, тие се наклонети кон една „почовечка“ верзија за пеколот. Според многу модернисти, грешниците во пеколот не се дословно мачени, туку страдаат поради нивното „духовно одвојување од Бог“.
6. Како некои увидуваат дека нивната вера е неадекватна кога се соочуваат со трагедија?
6 Разводнувањето на црковната доктрина за да не ги навреди современите чувства можеби ќе им помогне на некои да ја избегнат непопуларноста, но тоа остава милиони искрени посетители на црквите да се прашуваат во што веруваат. Според тоа, кога се соочуваат со смртта, тие честопати увидуваат дека им недостига вера. Нивниот став е ист како оној на жената која во една трагична сообраќајна несреќа изгубила неколку членови на семејството. Кога била запрашана дали нејзиното религиозно верување ѝ донело утеха, таа колебливо одговорила: „Претпоставувам дека ми донесе“. Но, дури и убедливо да одговорела дека нејзиното религиозно верување ѝ помогнало, од каква долгорочна корист би ѝ било тоа доколку нејзините верувања не биле добро засновани? Тоа е едно важно размислување бидејќи она што всушност повеќето цркви го учат за идниот живот, е многу поинакво од она за кое учи Библијата.
Гледиштето на христијанскиот свет за животот после смртта
7. а) Кое заедничко верување го имаат повеќето цркви? б) Како еден теолог ја опишал доктрината за бесмртна душа?
7 И покрај нивните разлики, речиси сите деноминации на христијанскиот свет се сложуваат со тоа дека луѓето имаат бесмртна душа која ја преживува смртта на телото. Повеќето веруваат дека кога некое лице умира, неговата душа може да оди на небото. Некои стравуваат дека нивната душа би можела да оди во некој огнен пекол или во чистилиште. Но, идејата за бесмртна душа е централна во нивното гледиште за иден живот. За тоа коментирал теологот Оскар Кулман во еден есеј објавен во книгата Immortality and Resurrection. Тој напишал: „Доколку денес би прашале некој просечен христијанин . . . какво е, според неговото сфаќање, учењето на Новиот Завет во врска со судбината на човекот после смртта, со неколку исклучоци би го добиле одговорот: ‚Бесмртност на душата‘“. Меѓутоа, Кулман додал: „Оваа нашироко прифатена идеја е едно од најпогрешните сфаќања на христијанството“. Кулман дал забелешка дека кога првпат го кажал тоа, предизвикал метеж. Сепак, бил во право.
8. Каква надеж им пружил Јехова на првиот човек и првата жена?
8 Јехова Бог не ги создал луѓето за да одат на небото после смртта. Неговата првобитна намера била тие воопшто да не умираат. Адам и Ева биле создадени совршено и им била дадена прилика да ја наполнат Земјата со праведно потомство (1. Мојсеева 1:28; 5. Мојсеева 32:4). На нашите прародители им било кажано дека ќе умрат само ако не му бидат послушни на Бог (1. Мојсеева 2:17). Доколку останеле послушни на својот небесен Татко, тие ќе продолжеле да живеат на Земјата засекогаш.
9. а) Која е вистината за човечката душа? б) Што се случува со душата кога таа умира?
9 Но, за жал, Адам и Ева пропуштиле да го послушаат Бог (1. Мојсеева 3:6, 7). Апостол Павле ги опишал трагичните последици: „Гревот влезе во светот преку еден човек, а преку гревот — смртта, по таков начин и смртта премина на сите луѓе преку еден човек, оти сите згрешија“ (Римјаните 5:12). Наместо засекогаш да живеат на Земјата, Адам и Ева умреле. Што се случило потоа? Дали тие имале бесмртна душа која сега можела да биде предадена во некој огнен пекол поради нивниот грев? Напротив, Библијата вели дека претходно, кога бил создаден, Адам ‚станал жива душа‘ (1. Мојсеева 2:7). На човекот не му била дадена душа; тој станал душа, жив човек (1. Коринтјаните 15:45). Па, не само што Адам бил „жива душа“ туку, како што е покажано во хебрејскиот јазик на кој е напишана 1. Мојсеева, и пониските живи суштества биле „живи души“! (1. Мојсеева 1:24, NW). Кога Адам и Ева умреле, тие станале мртви души. На крај, им се случило токму она што Јехова му го рекол на Адам: „Со пот од лицето свое ќе јадеш леб, сѐ дури не се вратиш во земјата, од која си земен; зашто си земја, и во земја ќе се вратиш!“ (1. Мојсеева 3:19).
10, 11. Што признава New Catholic Encyclopedia во врска со библиското учење за душата, и како тоа се споредува со она што го вели Библијата?
10 Во суштина, New Catholic Encyclopedia се сложува со ова. Во својата статија „Душа (во Библијата)“, таа вели: „Во СЗ [„Стариот Завет“, односно во Хебрејските списи] не постои дихотомија (поделба на два дела) на телото и душата“. Таа додава дека зборот „душа“ во Библијата „никогаш не значи душа одвоена од телото или од поединечното лице“. Всушност, душата честопати „го означува самото поединечно битие, без разлика дали е тоа кај животните или кај луѓето“. Таквата отвореност е освежувачка, но човек само може да се запраша зошто на посетителите на црквите воглавно не им биле дадени до знаење овие факти.
11 Од колкава грижа и страв ќе биле поштедени посетителите на црквите доколку ја знаеле едноставната библиска вистина: „Која душа греши, таа ќе умре“ — нема да страда во пеколен оган! (Језекиил 18:4). Иако ова е многу поинакво од она за кое учи христијанскиот свет, сепак тоа е сосема доследно на она што под инспирација го рекол мудриот цар Соломон: „Живите знаат, дека ќе умрат, а мртвите ништо не знаат, и веќе за нив нема награда [во овој живот], зашто и споменот за нив е предаден на заборавот. Сѐ, што може да врши раката твоја, според силите свои, врши; зашто во гробот [шеол, NW — општиот гроб на човештвото], каде што ќе појдеш, нема ни работа, ни размислување, ни знаење, ни мудрост“ (Проповедник 9:5, 10).
12. Од каде христијанскиот свет го добил своето учење за бесмртна душа?
12 Зошто христијанскиот свет учи нешто што е толку поинакво од она што го вели Библијата? New Catholic Encyclopedia‚ во својата статија „Душа, човек, бесмртност на“, вели дека раните црковни отци наоѓале поддршка за верувањето во бесмртна душа, не во Библијата, туку во „поетите и филозофите и во општата традиција на грчката мисла . . . Подоцна, сколастичарите претпочитале да го користат Платон или начелата од Аристотел“. Таа наведува дека „на крајот, влијанието од платонската и неоплатонската мисла“ — вклучувајќи го и верувањето во бесмртна душа — било вметнато „во самата срж на христијанската теологија“.
13, 14. Зошто е неразумно да се надеваме дека ќе бидеме просветлени преку паганските грчки филозофи?
13 Дали оние кои се исповедуваат како христијани требало да се свртат кон паганските грчки филозофи за да научат нешто што е толку основно, како што е надежта за животот после смртта? Се разбира, не. Кога Павле им напишал на христијаните кои живееле во Коринт (Грција), тој рекол: „Зашто мудроста од овој свет е безумство пред Бога, како што е напишано: ‚Он ги фаќа мудрите во нивното лукавство.‘ И пак: ‚Господ знае дека помислите на мудрите се суетни‘“ (1. Коринтјаните 3:19, 20). Древните Грци биле обожаватели на идоли. Тогаш, како можеле тие да бидат извор на вистината? Павле ги запрашал коринтјаните: „Каква сличност има храмот Божји со идолите? Вие сте храм на живиот Бог, како што рекол Бог: ‚Ќе се вселам во нив и ќе одам меѓу нив; ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат Мој народ‘“ (2. Коринтјаните 6:16).
14 Откровението на светите вистини во почетокот било дадено преку нацијата Израел (Римјаните 3:1, 2). После 33 н. е. било давано преку собранието на помазаните христијани од првиот век. Павле, зборувајќи за христијаните од првиот век, рекол: „А нам, пак, ни го откри тоа [работите подготвени за оние кои го љубат] Бог преку Својот Дух“ (1. Коринтјаните 2:10; види и Откровение 1:1, 2). Доктрината на христијанскиот свет за бесмртност на душата е изведена од грчката филозофија. Таа не била откриена преку Божјите откровенија до Израел ниту, пак, преку собранието на помазани христијани од првиот век.
Вистинската надеж за мртвите
15. Според Исус, која е вистинската надеж за мртвите?
15 Доколку не постои бесмртна душа, тогаш каква е вистинската надеж за мртвите? Се разбира, тоа е воскресението — централна библиска доктрина и едно навистина прекрасно божествено ветување. Исус ја изнел надежта за воскресение кога на својата пријателка Марта ѝ рекол: „Јас сум воскресението и животот; кој верува во Мене, и да умре, ќе живее“ (Јован 11:25). Да се верува во Исус значи да се верува во воскресението, а не во некоја бесмртна душа.
16. Зошто е разумно да веруваме во воскресение?
16 Исус претходно зборувал за воскресението кога на некои Евреи им рекол: „Не чудете се на ова, зашто иде часот кога сите, кои што се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, и ќе излезат“ (Јован 5:28, 29). Она што Исус го опишува тука е многу поинакво од некоја бесмртна душа која ја преживува смртта на телото и оди право на небото. Тоа е идно ‚излегување‘ на луѓето кои се во гробот — многумина со векови па дури и со илјадници години. Тоа е враќање на мртвите души во живот. Невозможно? Не за Богот „Кој ги оживува мртвите и го вика она што не е како да е“ (Римјаните 4:17). Можеби скептиците се подбиваат на идејата луѓето да се вратат од мртвите, но таа совршено се ускладува со фактот дека ‚Бог е љубов‘ и дека тој „ги наградува оние, што Го бараат“ (1. Јованово 4:16; Евреите 11:6).
17. Што ќе постигне Бог преку воскресението?
17 Најпосле, како би можел Бог да ги награди оние кои се докажале ‚верни до самата смрт‘ ако не ги врати во живот? (Откровение 2:10). Исто така, воскресението му овозможува на Бог да го постигне она за кое напишал апостол Јован: „Па затоа и се јави Синот Божји, за да ги урне делата ѓаволски“ (1. Јованово 3:8). Во градината Едем, Сатана станал убиец на целиот човечки род кога ги одвел нашите прародители во грев и смрт (1. Мојсеева 3:1—6; Јован 8:44). Исус почнал да ги урива сатанските дела кога го дал својот совршен живот како соодветна откупнина, отворајќи го патот за човештвото да биде избавено од наследеното ропство на гревот кое било резултат на Адамовата намерна непослушност (Римјаните 5:18). Воскресението на оние кои умираат поради овој адамски грев ќе биде едно понатамошно уривање на делата ѓаволски.
Тело и душа
18. Како некои грчки филозофи реагирале на Павловата изјава дека Исус бил воскреснат, и зошто?
18 Кога апостол Павле бил во Атина, ја проповедал добрата вест на едно мноштво кое вклучувало некои грчки филозофи. Тие ја слушале неговата дискусија за единиот вистинит Бог и неговиот повик за покајание. Но, што се случило потоа? Павле го заклучил својот говор, велејќи: „[Бог] определи ден кога праведно ќе му суди на светот преку одредениот од Него Човек, откако ги увери сите во Неговото воскресение од мртвите“. Тие зборови предизвикале возбудување. „Кога чуја за воскресението од мртвите, едни се насмеаја [почнаа да се подбиваат, NW]“ (Дела 17:22—32). Теологот Оскар Кулман забележува: „На Грците кои верувале во бесмртност на душата можеби им било потешко да го прифатат христијанското проповедање за воскресението отколку што им било на другите . . . Учењето на големите филозофи Сократ и Платон не може никако да биде доведено во консонанција [сложување] со она од Новиот Завет“.
19. Како теолозите на христијанскиот свет се обиделе да го ускладат учењето за воскресението со доктрината за бесмртна душа?
19 Сепак, после големиот отпад по смртта на апостолите, теолозите се труделе да го стопат христијанското учење за воскресение со Платоновото верување во бесмртна душа. Со текот на времето, некои се сложиле со едно ново решение: При смртта, душата се одвојува („ослободува“, како што некои го формулираат тоа) од телото. Потоа, во склад со Outlines of the Doctrine of the Resurrection од Р. Џ. Кук, при Судниот ден „секое тело ќе биде повторно обединето со својата сопствена душа, а секоја душа со своето сопствено тело“. Речено е дека воскресението е идното повторно обединување на телото со својата бесмртна душа.
20, 21. Кои доследно поучувале за вистината за воскресението, и како тоа им користело?
20 Оваа теорија сѐ уште е официјална доктрина на главните цркви. Иако една таква замисла може да му изгледа логична на некој теолог, повеќето посетители на црквите не се запознати со неа. Тие едноставно веруваат дека, кога умираат, одат право на небото. Од таа причина, во изданието на Commonweal од 5 мај 1995, писателот Џон Гарви обвинил: „Изгледа дека верувањето на повеќето христијани [во врска со животот после смртта] е поблиско до неоплатонизмот отколку до што и да било друго што е вистински христијанско, и тоа нема библиска основа“. Навистина, заменувајќи ја Библијата за Платон, свештенството на христијанскиот свет им ја изгаснало на своите стада библиската надеж за воскресение.
21 Од друга страна, пак, Јеховините сведоци ја отфрлаат паганската филозофија и се придржуваат кон библиското учење за воскресението. Увидуваат дека таквото учење е издигнувачко, задоволително и утешувачко. Во следните статии ќе видиме колку библиското учење за воскресение навистина е добро втемелено и колку е логично, како за оние со земна надеж така и за оние кои имаат изглед за воскресение во небесен живот. Како подготовка за разгледувањето на овие статии, ти препорачуваме внимателно да го прочиташ поглавје 15 од првото писмо до коринтјаните.
Дали се сеќаваш?
◻ Зошто би требало да негуваме цврста доверба во воскресението?
◻ Кој изглед го ставил Јехова пред Адам и Ева?
◻ Зошто не е логично да се бара вистината во грчката филозофија?
◻ Зошто воскресението е разумна надеж?
[Слика на страница 10]
Кога згрешиле, нашите прародители ја изгубиле надежта за вечен живот на Земјата
[Слика на страница 12]
Црковните изучувачи дошле под влијание на Платоновото верување во бесмртност на душата
[Извор на слика]
Musei Capitolini, Рим