Каква е иднината на христијанството?
ЌЕ СЕ ПРЕОБРАТИ ЛИ светот на христијанство или, пак, христијанството ќе изумре? Дали христијанството останало чист извор на светлина во еден мрачен свет или, пак, се загадило? Овие прашања се важни за нас денес.
Со една едноставна споредба, Исус покажал дека веднаш штом тој ќе завршел со сеењето на семето на христијанството, ќе се замешал еден непријател, Сатана (Матеј 13:24, 25). Според тоа, промените што настапиле во христијанството во првите неколку века откако Исус служел на Земјата, не биле само еден нормален развој на настаните во општеството. Тие биле резултат на дејствувањето на еден непријател, Сатана. Денес црквите на христијанскиот свет ги повторуваат истите грешки од минатото и ги жнеат последиците од нив (2. Коринќаните 11:14, 15; Јаков 4:4).
Подмолен напад врз христијанството
Исус прорекол дека, со текот на времето, неговите учења ќе бидат извртени. Тој рекол: „Со царството небесно е како со човек кој посеа добро семе на својата нива. Додека луѓето спиеја, дојде неговиот непријател, посеа какол меѓу пченицата и си отиде“. Но, за чудо, кога слугите му кажале на човекот за ова лошо дело и побарале дозвола да го соберат каколот, тој рекол: „Не, за да не се случи, собирајќи го каколот, да ја откорнете со него и пченицата. Нека растат двете заедно до жетвата, а во времето на жетвата ќе им кажам на жетварите: соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови за да се изгори, а потоа соберете ја пченицата во мојот амбар“ (Матеј 13:24-30).
Самиот Исус ја објаснил оваа споредба. Човекот што ја посеал пченицата го претставува него, а семето што го посеал ги претставува вистинските христијани. Непријателот што посеал какол меѓу пченицата е Ѓаволот. Каколот ги претставува луѓето што вршат беззаконие, отпадници кои лажат дека му служат на Бог (Матеј 13:36-42). Апостол Павле дал понатамошни детали во врска со она што требало да се случи. Тој рекол: „Јас знам дека по моето заминување меѓу вас ќе влезат свирепи волци, кои ќе немаат обѕир кон стадото. И меѓу вас самите ќе се појават луѓе кои ќе изнесуваат искривени учења за да ги повлечат по себе учениците“ (Дела 20:29, 30).
Христијанството било загадено
Дали се исполнила споредбата на Исус, а и она што го претскажал Павле? Да. Амбициозни луѓе ја презеле контролата над собранието што го основал Исус и го користеле за сопствени цели. Исус им рекол на своите следбеници: „Не сте дел од светот“ (Јован 15:19). И покрај тоа, лицата жедни за власт се здружиле со владетелите и, под покровителство на Државата, основале цркви кои придобиле за себе огромна моќ и богатство. Овие цркви изнесувале „искривени учења“. На пример, ги поучувале луѓето да ѝ оддаваат побожна почит на Државата и за неа да го жртвуваат и својот живот во војните. Затоа, таканаречените христијани учествувале во крстоносните војни и ги убивале луѓето што ги сметале за неверници. Тие, исто така, оделе во војна и ги убивале своите сопствени „браќа“, лица што припаѓале на истата религија. Во никој случај не останале неутрални како христијани и не покажале љубов кон ближниот (Матеј 22:37-39; Јован 15:19; 2. Коринќаните 10:3-5; 1. Јованово 4:8, 11).
Јасно е дека црквите што со векови се нарекуваат христијански само ја носат маската на христијанството. Ова објаснува зошто, како што видовме во претходните статии, црквите и понатаму се делат на секти, се мешаат во политика и ги занемаруваат Божјите закони. Таквите лоши плодови не се производ на вистинското христијанство, туку на неговата имитација, која ја посеал Ѓаволот. Што ќе се случи на крајот со оваа лажна религија? Како што покажал Исус во својата споредба, таа нема едноставно да изумре затоа што верниците ќе престанат да ја поддржуваат, туку ќе биде осудена и уништена.
Вистинските христијани светат во темнината
Но, пред да биде собран и уништен „каколот“ од лажни христијани, Исус во својата споредба кажал дека ќе се случи нешто друго. Низ вековите, овој „какол“ од лажни христијани пораснал толку многу што „пченицата“ од вистински христијани практично била незабележлива. Но, Исус рекол дека пченицата ќе биде одделена од каколот за време на „жетвата“, за која кажал дека го претставува „свршетокот на овој поредок“. Освен тоа, тој рекол: „Тогаш праведниците ќе светат како сонце“ (Матеј 13:39-43). Доказите покажуваат дека со Првата светска војна, која се водела пред повеќе од 90 години, започнало времето на свршетокот на овој поредок (Матеј 24:3, 7-12). Дали се исполнил и овој дел од пророчката споредба на Исус?
Вистинските христијани беа одделени од „каколот“ на христијанскиот свет. Јеховините сведоци „светат како сонце“ додека им помагаат на другите да го запознаат вистинскиот Бог, Јехова. Сведоците не ги спуштаат неговите мерила. Напротив, оние што стануваат Сведоци обично мора да направат големи промени во својот живот за да бидат послушни на христијанските начела што се наоѓаат во Библијата.
Јеховините сведоци не нудат забава на своите состаноци, но нудат бесплатни поуки од Библијата. Тие исто така покажуваат срдечна љубов и пријателство, особини што ги учат додека го проучуваат Светото писмо. Веруваат дека Бог ќе ја претвори Земјата во рај и дека кротките ќе живеат на неа, како што Тој имал намера во почетокот. Но, најпрво светот мора да биде исчистен од негативното влијание на лажната религија позната во Библијата како Големиот Вавилон. Според библиските пророштва, Јехова наскоро ќе ја спроведе оваа коренита промена (Матеј 5:5; Откровение 18:9, 10, 21).
Кога послушните луѓе конечно ќе бидат ослободени од измамничките обичаи на лажната религија, вистинското христијанство ќе ги обедини сите оние што ќе живеат на Земјата. Каква прекрасна иднина му претстои на вистинското христијанство што го посеал Исус! Целата Земја ќе биде претворена во рај сличен на првобитната Еденска градина, и никогаш повеќе нема да постојат религии што предизвикуваат раздор!
[Слика на страница 7]
„Дојде неговиот непријател [и] посеа какол“ (Матеј 13:25)
[Слики на страници 8 и 9]
Срдечно си поканет да дојдеш во која и да било Сала на Царството на Јеховините сведоци, каде што се нудат бесплатни библиски поуки
[Слика на страница 9]
„Потоа соберете ја пченицата во мојот амбар“ (Матеј 13:30)