„Се повикувам на цезарот!“
ТОЛПА луѓе фаќаат еден незаштитен човек и почнуваат да го тепаат. Мислат дека тој заслужува да умре. Токму кога таквиот исход изгледа сигурен, се појавуваат војници и едвај ја истргнуваат жртвата од насилничкото мноштво. Тој човек е апостол Павле. Неговите напаѓачи се Евреи, кои жестоко приговараат на Павловото проповедање и го обвинуваат за обесчестување на храмот. Неговите спасители се Римјани, предводени од нивниот заповедник, Клавдиј Лисиј. Во метежот Павле е уапсен како осомничен злосторник.
Во последните седум поглавја од книгата Дела е изложен случајот што започнал со ова апсење. Разбирањето на Павловото минато како правник, обвиненијата против него, неговата одбрана и нешто за римската кривична процедура фрла светлина врз овие поглавја.
Притворен од Клавдиј Лисиј
Должностите на Клавдиј Лисиј вклучувале одржување на редот во Ерусалим. Неговиот претпоставен, римскиот управител на Јудеја, престојувал во Цезареја. Постапката на Лисиј во случајот со Павле може да се сфати како заштита на поединец од насилство и како притворање на нарушувач на мирот. Реакцијата на Евреите го поттикнала Лисиј да го одведе својот затвореник во касарната во кулата Антонија (Дела 21:27—22:24).
Лисиј морал да открие што сторил Павле. Во хаосот не можел да дознае ништо. Затоа, без понатамошно оддолжување, тој наредил Павле да ‚биде испитан со камшикување, за да знае точно од која причина така викале против Павле‘ (Дела 22:24). Ова била стандардна практика за извлекување докази од криминалците, робовите и другите од понизок ранг. Камшикот (флагрум) можеби бил ефикасен за таа цел, но бил грозен инструмент. Некои од овие камшици имале синџири на кои виселе метални топчиња. Други имале ремени низ кои биле испреплетени остри коски и парчиња метал. Тие правеле големи рани, раскинувајќи го месото на парчиња.
Во тој момент Павле открил дека е римски граѓанин. Не смеело еден неосуден Римјанин да биде камшикуван, па затоа тоа што Павле се повикал на своите права имало моментален ефект. Еден римски офицер можел да ја изгуби својата служба поради малтретирање или казнување на римски граѓанин. Разбирливо е зошто оттогаш Павле бил третиран како необичен затвореник, кој можел да прима посетители (Дела 22:25-29; 23:16, 17).
Несигурен во обвиненијата, Лисиј го одвел Павле пред Синедрионот за да побара објаснување за викотницата. Но, Павле разгорел полемика кога кажал дека бил суден заради спорното прашање за воскресението. Дошло до таква расправија што Лисиј се уплашил Павле да не биде растргнат, и повторно бил принуден да го грабне од разлутените Евреи (Дела 22:30—23:10).
Лисиј не сакал да биде виновен за смртта на еден Римјанин. Откако дознал дека постои заговор за убиство, брзо дал неговиот затвореник да биде одведен во Цезареја. Законските формалности барале до повисоките судски авторитети заедно со затворениците да бидат испратени и извештаи со објаснување на случајот. Тие извештаи ги содржеле и резултатите од првобитните сослушувања, причините за преземената постапка и мислењето на иследникот на случајот. Лисиј известил дека Павле ‚бил обвинет за прашања во врска со еврејскиот Закон, за ниедна работа што заслужувала смрт или окови‘ и наредил обвинителите на Павле да ги изнесат своите жалби пред прокураторот Феликс (Дела 23:29, 30).
Управителот Феликс не изрекува суд
Судската надлежност во провинцијата се темелела на моќта и авторитетот на Феликс. Тој можел да го следи локалниот обичај, ако сака, или уставното кривично право — што важело за високото општество и за државните службеници. Тоа било познато како ордо, односно регистар. Исто така, тој можел да си присвои и надлежност екстра ординем, која можела да се користи во справувањето со какво и да е злосторство. Од еден провинциски управител се очекувало да ‚разгледа, не што се правело во Рим туку што треба да се прави општо земено‘. Затоа многу работи биле оставени на неговиот суд.
Не се познати сите детали за древниот римски закон, но случајот на Павле бил сметан за „типичен извештај на провинциската кривична процедура екстра ординем“. Управителот, со помош на советници, требало да ги сослуша обвиненијата изнесени од приватни лица. Обвинетиот бил повикуван да се соочи со оној што го изнесувал обвинението и можел да се брани, но товарот на докажување лежел во рацете на обвинителот. Судијата изрекувал казна, каква што сметал дека одговарала. Можел за тоа да реши веднаш или да го одложи судењето на неодредено време, при што обвинетиот останувал во притвор. „Несомнено“, вели изучувачот Хенри Кедбари, „со таква самоволна моќ прокураторот бил во позиција да попушти на ‚несоодветно влијание‘ и да биде поткупен — или да ослободи, или да осуди или да одложи“.
Првосвештеникот Ананија, старешините на Евреите и Тертул формално го обвиниле Павле пред Феликс дека е ‚чума што подбуцнува бунтови меѓу Евреите‘. Тие тврделе дека тој бил ороводец на „сектата на Назареќанците“ и дека се обидувал да го обесвети храмот (Дела 24:1-6).
Првите напаѓачи на Павле мислеле дека тој го одвел не-Евреинот по име Трофим во дворот резервиран само за Евреитеa (Дела 21:28, 29). Строго земено, наводниот прекршител бил Трофим. Но, ако Павловата наводна постапка Евреите ја протолкувале како помагање и поттикнување на прекршок, и тоа би можело да се смета за престап што повлекува смртна казна. А изгледа дека Рим дозволувал да се признае смртна казна за вакво злосторство. Затоа, да бил Павле уапсен од храмската полиција на Евреите наместо од Лисиј, Синедрионот ќе можел да го суди и да го казни без проблем.
Евреите резонирале дека она за кое Павле учел не било јудаизам, односно законска религија (религио ликита). Наместо тоа, тоа требало да се смета за нешто незаконско, па дури и субверзивно.
Исто така, тие тврделе дека Павле „подбуцнува бунтови меѓу сите Евреи по целата населена земја“ (Дела 24:5). Императорот Клавдиј штотуку ги имал јавно осудено Евреите од Александрија како луѓе што „подбуцнуваат сеопшта чума низ целиот свет“. Сличноста е впечатлива. „Токму тоа обвинение требало да се подигне против еден Евреин во текот на принципатот на Клавдиј или во првите години на Нерон“, вели историчарот А. Н. Шервин--Вајт. „Евреите се обидувале да го наведат управителот да го изедначи проповедањето на Павле со предизвикување граѓански немири кај целото еврејско население во империјата. Тие знаеле дека управителите не биле спремни да казнуваат само заради религиозни обвиненија и затоа се обидувале да му дадат политичко искривување на религиозното обвинение.“
Павле се бранел точка по точка. ‚Јас не предизвикувам немир. Точно, припаѓам на она што тие го нарекуваат „секта“, но тоа значи држење на еврејските прописи. Метежот го предизвикаа некои Евреи од Азија. Ако имаа поплака, требаше да бидат тука за да ја изнесат.‘ Во суштина, Павле ги свел обвиненијата на верски спор меѓу Евреите, над што Рим немал скоро никаква надлежност. Претпазлив да не ги надразни веќе раздразнетите Евреи, Феликс го одложил случајот, доведувајќи го, всушност, до судски ќорсокак. Павле не им бил предаден на Евреите, кои тврделе дека се надлежни за него, ниту бил осуден според римскиот Закон ниту, пак, бил ослободен. Феликс не можел да биде присилен да изрече суд, а освен што сакал да ја стекне наклоноста на Евреите, имал и друг мотив за одложување — се надевал дека Павле ќе го подмити (Дела 24:10-19, 26).b
Пресуден момент кај Порциј Фест
Две години потоа во Ерусалим, при пристигнувањето на новиот управител, Порциј Фест, Евреите ги обновиле своите обвиненија и побарале Павле да биде предаден во нивна надлежност. Но, Фест непопустливо одговорил: „Не е римски обичај да се предаде некој човек само за со тоа да се направи некоја услуга, пред обвинетиот да се соочи лице в лице со обвинителите и да добие прилика да зборува во своја одбрана во врска со жалбата“. Историчарот Хари В. Тешер забележува: „Фест веднаш сфатил дека се готви судско линчување на римски граѓанин“. Затоа на Евреите им било кажано да го предадат случајот во Цезареја (Дела 25:1-6, 16).
Таму Евреите тврделе дека Павле „не смее повеќе да живее“, но сепак, не изнеле докази, а Фест сфатил дека Павле не сторил ништо што заслужувало смрт. „Тие едноставно со него имаа некакви спорови околу нивното обожавање на божеството и околу некој Исус кој умрел, но за кого Павле тврдеше дека е жив“, му објаснил Фест на еден друг службеник (Дела 25:7, 18, 19, 24, 25).
Јасно, Павле не бил виновен за никакво политичко обвинение, но во религиозниот спор, Евреите веројатно тврделе дека единствен меродавен суд е нивниот. Дали Павле ќе замине за Ерусалим за да биде пресудено за овие работи? Фест го прашал Павле дали би го сторил тоа, но ова, всушност, бил еден несоодветен предлог. Враќање во притвор во Ерусалим, каде што обвинителите би станале судии, значело дека Павле ќе им биде предаден на Евреите. „Стојам пред судиската столица на цезарот, каде што треба да ми се суди“, рекол Павле. „Ништо не сум им згрешил на Евреите . . . никој не може да ме предаде на нив за услуга. Се повикувам на цезарот!“ (Дела 25:10, 11, 20).
Овие зборови изречени од еден Римјанин значеле прекинување на секаква провинциска надлежност. Неговото право на повикување (провокацио) било „вистинско, севкупно и делотворно“. Затоа, откако со своите советници се посоветувал за некои формалности, Фест изјавил: „Се повика на цезарот; кај цезарот ќе одиш“ (Дела 25:12).
Фест бил среќен што се ослободил од Павле. Како што му признал на Ирод Агрипа II неколку дена подоцна, случајот го збунил. Тогаш Фест морал да состави една изјава за тој случај за императорот, но за Фест, обвиненијата вклучувале некои несфатливо сложени работи од еврејскиот закон. Меѓутоа, Агрипа бил познавач на тие работи, па затоа кога покажал интерес, веднаш бил замолен за помош во составувањето на писмото. Не можејќи да го сфати Павловото подоцнежно излагање пред Агрипа, Фест извикал: „Полудуваш, Павле! Големата ученост те тера до лудило!“ Но, Агрипа сосема добро го разбрал. „Уште малку, па ќе ме убедиш да станам христијанин“, рекол. Сеедно што мислеле за аргументите на Павле, Фест и Агрипа се сложиле дека Павле не бил виновен и можеле да го пуштат ако не се повикал на цезарот (Дела 25:13-27; 26:24-32).
Крајот на една судска одисеја
Кога стигнал во Рим, Павле ги свикал главните мажи кај Евреите не само за да им проповеда туку и да види што знаат за него. Можеби тоа открило нешто за намерите на неговите прогонители. Не било невообичаено властите во Ерусалим да бараат помош од римските Евреи при кривичното гонење на некој случај, но Павле чул дека тие немале упатства за него. Во текот на судењето, на Павле му било дозволено да изнајми куќа и слободно да проповеда. Таквата благост можеби значела дека во очите на Римјаните Павле не бил виновен (Дела 28:17-31).
Павле останал во притвор уште две години. Зошто? Библијата не дава детали за тоа. Еден подносител на жалба обично бил држан сѐ додека неговите обвинители го тужеле, но можеби Евреите од Ерусалим, признавајќи ги слабостите на својот случај, никогаш не ни пристигнале. Можеби најделотворниот начин да се замолчи Павле, колку што било можно подолго, било тие да не се појават. Како и да било, се чини дека Павле излегол пред Нерон, бил прогласен за невин и, на крајот, бил ослободен за да продолжи со своите мисионерски активности — околу пет години по неговото апсење (Дела 27:24).
Противниците на вистината долго време ‚создавале неправда со помош на законот‘ за да го спречат христијанското дело на проповедање. Ова не треба да нѐ изненади. Исус рекол: „Ако ме прогонуваа мене, ќе ве прогонуваат и вас“ (Псалм 94:20; Јован 15:20). Сепак, Исус ни гарантира и слобода да му ја кажуваме добрата вест на целиот свет (Матеј 24:14). Значи, исто како што апостол Павле се спротивставил на прогонството и противењето така и Јеховините сведоци денес ‚ја бранат и законски ја утврдуваат добрата вест‘ (Филипјаните 1:7).
[Фусноти]
a Една фино изработена камена ограда, висока три лакти, го одделувала Дворот на не-Евреите од внатрешниот двор. Во редовни интервали на овој ѕид биле ставани предупредувања, некои на грчки а некои на латински јазик: „Ниеден странец да не влегува внатре во преградениот и ограден дел околу светилиштето. Секој што ќе биде фатен, ќе си биде одговорен за смртта што му следува“.
b Ова, се разбира, било незаконски. Еден извор вели: „Со подготовките на законот за изнудување, Лекс репетундарум, на секој што бил на позиција на власт или во администрацијата му било забрането да изнудува или да прифаќа мито било со тоа што ќе врзува било со тоа што ќе одврзува некого, што ќе донесе суд или не, или ќе пушти некој затвореник“.