Тие ја извршувале Јеховината волја
Петар проповеда на Пентакост
БИЛО благо пролетно утро 33 година н. е. Воздухот бил исполнет со восхитеност! Едно раздвижено мноштво од Евреи и прозелити ги преплавило улиците на Ерусалим. Тие дошле од такви места како Елам, Месопотамија, Кападокија, Египет и Рим. Колку само фасцинантно било да се видат во нивните домашни носии и да се чујат нивните различни јазици! Некои патувале повеќе од илјада километри за да присуствуваат на оваа посебна прилика. Што било тоа? Пентакост — радосен еврејски празник што го означувал крајот на жетвата на јачменот (3. Мојсеева 23:15—21).
Од приносите на храмскиот олтар се кревал чад, а левитите го пееле Халелот (Псалми 113 до 117). Непосредно пред 9.00 часот се случило нешто запрепастувачко. Од небото се јавил ‚шум, како да идел силен ветар‘. Ја исполнил целата куќа во која биле собрани околу 120 ученици на Исус Христос. Библискиот извештај вели: „И им се јавија разделени јазици, како огнени, и застанаа по еден над секого од нив. И сите се исполнија со Дух Свети, и почнаа да зборуваат на други јазици, онака како што им даваше Духот Свети да изговараат“ (Дела 2:1—4).
Секој го слуша својот јазик
Наскоро, многу ученици заврвеле од куќата. На зачудувачки начин, тие можеле да зборуваат на разните јазици на мноштвото! Замисли си колку било изненадувачки кога еден посетител од Персија и еден домороден Египќанец ги слушнале своите јазици зборувани од Галилејци. Разбирливо е што мноштвото чувствувало стравопочитување. „Што ли ќе биде ова?“ — прашувале тие. Некои почнале да ги исмејуваат учениците, велејќи: „Се напиле со слатко вино“ (Дела 2:12, 13).
Потоа, апостол Петар станал и му се обратил на мноштвото. Објаснил дека тој чудесен дар на јазици бил во исполнување на Божјето ветување преку пророкот Јоил: „Ќе излеам од Мојот Дух на секое тело“ (Дела 2:14—21; Јоил 2:28—32). Да, Бог штотуку го излил својот свет дух врз Исусовите ученици. Тоа бил јасен доказ дека Исус бил подигнат од мртвите и дека сега бил на небото од Божјата десна страна. „И така“ — рекол Петар — „насигурно нека знае сиот Израилев дом, дека Оној Исус, Кого вие Го распнавте, Бог Го направи Господ и Христос“ (Дела 2:22—36).
Како реагирале слушателите? „Во срцата им стана мило [ги прободе в срце, НС]“ — вели извештајот — „и му рекоа на Петра и на другите апостоли: ‚Луѓе браќа, што да правиме!‘“ Петар одговорил: „Покајте се и секој од вас да се крсти“. Околу 3.000 лица го сториле токму тоа! По тоа, ‚и понатаму му се посветувале на учењето на апостолите‘ (НС) (Дела 2:37—42).
Преземајќи го водството во оваа величествена прилика, Петар го употребил првиот од „клучевите од небесното царство“ што Исус ветил дека ќе му ги даде (Матеј 16:19). Овие клучеви отвориле посебни предности за различни групи луѓе. Првиот клуч им овозможил на Евреите да станат христијани помазани со дух. Подоцна, вториот клуч им ја овозможил истата оваа прилика на Самарјаните, а третиот — на паганите (Дела 8:14—17; 10:44—48).
Поуки за нас
Иако ова мноштво Евреи и прозелити сносело колективна одговорност за смртта на Божјиот Син, Петар им се обратил со респект, нарекувајќи ги „браќа“ (Дела 2:29). Негова цел била да ги поттикне на покајание, а не да ги осуди. Затоа, неговиот пристап бил позитивен. Тој ги изнел фактите и ги поткрепил своите точки со цитати од Писмото.
Оние кои денес ја проповедаат добрата вест, ќе направат добро ако го следат Петровиот пример. Тие треба да се трудат да воспостават заеднички темел со своите слушатели и потоа тактично да резонираат на темел на Писмото. Кога библиската вистина е изнесена на еден позитивен начин, лицата со праведно срце ќе се оѕвијат (Дела 13:48).
Петровата ревност и смелост на ден Пентакост се истакнуваат во силен контраст со неговото одречување од Исус околу седум седмици пред тоа. Во таа прилика, Петар бил парализиран од стравот од човек (Матеј 26:69—75). Но, Исус изнел преколнувања во корист на Петар (Лука 22:31, 32). Несомнено, Исусовото појавување пред Петар после воскресението го зајакнало апостолот (1. Коринтјаните 15:5). Како резултат на тоа, Петровата вера не попуштила. За кратко време, тој смело проповедал. Затоа, проповедал не само на Пентакост туку и до крајот на својот живот.
Што ако ние сме згрешиле на некој начин, исто како што згрешил Петар? Да покажеме покајание, да молиме за простување и да преземеме чекори за да добиеме духовна помош (Јаков 5:14—16). Тогаш можеме да одиме напред со доверба дека нашата света служба е прифатлива за нашиот милосрден небесен Татко, Јехова (2. Мојсеева 34:6).