Тие ја извршувале Јеховината волја
Павле смело сведочи пред достоинственици
КОНТРАСТОТ меѓу двајцата мажи не можел да биде поизразит. Едниот носел круна, а другиот — синџири. Едниот бил цар; другиот — затвореник. После две години затвор, сега апостол Павле стоел пред владетелот на Евреите, Ирод Агрипа II. Царот и неговата сопруга, Верникиј, дошле ‚со голем блесок и влегле во судницата заедно со војводите и првите граѓани‘ (Дела 25:23). Едно референтно дело вели: „Веројатно таму биле присутни неколку стотици луѓе“.
Средбата ја договорил новоназначениот управител Фест. Управителот кој му претходел, Феликс, бил задоволен со тоа што допуштил Павле да венее в затвор. Но, Фест се посомневал во полноважноста на обвиненијата против Павле. Па, Павле бил толку упорен во својата невиност што барал неговиот случај да се изнесе пред Ќесарот! Павловиот случај ја побудил љубопитноста на цар Агрипа. „Би сакал и јас да го ислушам тој човек“, рекол тој. Фест брзо направил подготовки, веројатно прашувајќи се што ќе мисли царот за овој необичен затвореник (Дела 24:27—25:22).
Следниот ден Павле се нашол пред едно големо мноштво достоинственици. „Радосен сум, царе Агрипа, дека денес пред тебе ќе се заштитувам [бранам, NW]“, му рекол на Агрипа, „а најмногу, што ти ги познаваш [си експерт за сите, NW] јудејските обичаи и препирки; па затоа, те молам, да ме ислушаш милостиво“ (Дела 26:2, 3).
Павловата смела одбрана
Како прво, Павле му кажал на Агрипа за своето минато како прогонител на христијаните. „Ги принудував да хулат на Исуса“, рекол тој. „Без мерка ги гонев нив дури и до туѓите градови.“ Понатаму Павле раскажал како добил една впечатлива визија во која воскреснатиот Исус го прашал: „Зошто Ме гониш? Тешко е за тебе да се риташ против бодило“a (Дела 26:4—14).
Потоа Исус му дал налог на Савле да им сведочи на луѓето од сите нации ‚за тоа што го видел и што требало да му биде откриено‘. Павле раскажал како тој марливо настојувал да ја исполни својата доделба. „Затоа“, му рекол на Агрипа, „ме фатија Јудејците во храмот и се обидоа да ме убијат.“ Апелирајќи на интересот на Агрипа за јудаизмот, Павле нагласил дека неговото сведочење всушност вклучувало ‚зборување само за она, што го зборувале Пророците и Мојсеј, дека ќе стане‘, во врска со смртта и воскресението на Месијата (Дела 26:15—23).
Фест го прекинал. „Многубројните книги те довеле до лудило“, извикал тој. Павле одговорил: „Не сум луд, уважени Фесте, туку кажувам зборови на вистината и со здрав разум“. Потоа, во врска со Агрипа, Павле рекол: „Тоа го знае и царот, пред кого и слободно зборувам; јас не верувам дека од сето ова нешто да му е непознато, зашто тоа не е вршено во некој агол“ (Дела 26:24—26).
Потоа Павле му се обратил директно на Агрипа. „Веруваш ли, царе Агрипа, во Пророците?“ Несомнено, прашањето го довело Агрипа во непријатна положба. Најпосле, тој морал да го задржи својот углед а ако се сложел со Павле, тоа би било согласување со она што Фест го нарекол „лудило“. Можеби насетувајќи ја колебливоста на Агрипа, Павле сам си одговорил на прашањето. „Знам дека веруваш“, рекол тој. Сега Агрипа проговорил, но резервирано. „Уште малку“, му рекол на Павле, „па ќе ме убедиш да станам христијанин“ (Дела 26:27, 28).
Павле вешто ја употребил заобиколната изјава на Агрипа за да истакне една моќна поента. „Би Му се молел на Бога“, рекол тој, „и за малку и за многу не само ти, но и сите, што ме слушате денес, да станете такви, каков што сум и јас — но без овие окови“ (Дела 26:29).
Агрипа и Фест не виделе кај Павле ништо што заслужува смрт или затвор. Сепак, неговото барање да се изнесе случајот кај Ќесарот не можело да се отповика. Затоа Агрипа му рекол на Фест: „Овој човек може да биде ослободен, ако не беше посакал суд пред ќесарот“ (Дела 26:30—32).
Поуки за нас
Павловиот метод на сведочење пред достоинствениците ни дава извонреден пример. Кога зборувал со царот Агрипа, Павле користел дискреција. Тој несомнено бил свесен за скандалот кој бил тесно поврзан со Агрипа и Верникиј. Нивниот однос бил инцест, зашто Верникиј всушност му била сестра на Агрипа. Но, во таа прилика Павле не избрал да држи предавање за моралот. Наместо тоа, тој нагласил точки околу кои тој и Агрипа се сложувале. Понатаму, иако Павле бил поучен од образованиот фарисеј Гамалиил, тој признал дека Агрипа бил експерт за еврејските обичаи (Дела 22:3). И покрај личниот морал на Агрипа, Павле му зборувал со почитување бидејќи Агрипа заземал авторитетна позиција (Римјаните 13:7).
Додека смело сведочиме за своите верувања, наша цел не е да ги разоткриваме или осудуваме нечистите практики на нашите слушатели. Наместо тоа, за да им олесниме да ја прифатат вистината, треба да ги нагласуваме позитивните аспекти на добрата вест, ставајќи го акцентот на надежите кои ни се заеднички. Кога разговараме со оние кои се постари или кои се на власт, треба да ја признаеме нивната позиција (3. Мојсеева 19:32). На тој начин, можеме да го имитираме Павле кој рекол: „За сите станав сѐ, та по каков и да било начин да спасам некого“ (1. Коринтјаните 9:22).
[Фуснота]
a Изразот „се риташ против бодило“ ја опишува постапката кога еден бик се повредува додека го рита остриот стап кој е наменет да го тера и води животното. На сличен начин, прогонувајќи ги христијаните, Павле само би си нанел штета затоа што војувал против народ кој имал Божја поддршка.