Помогни им на другите да ја прифатат пораката за Царството
„Агрипа му рече на Павле: ‚Уште малку, па ќе ме убедиш да станам христијанин‘“ (ДЕЛА 26:28).
1, 2. Како дошло до тоа Павле да се појави пред управителот Фест и пред царот Ирод Агрипа II?
ВО ЦЕЗАРЕЈА, во 58 н.е., кај римскиот управител Порциј Фест дошле во посета царот Ирод Агрипа II и сестра му Верника. На покана на управителот Фест, тие дошле ‚со голема помпа и влегле во салата за прием заедно со воените заповедници и со угледните луѓе во градот‘. На заповед на Фест, христијанскиот апостол Павле бил изведен пред нив. Како дошло до тоа овој следбеник на Исус Христос да застане пред судската столица на управителот Фест? (Дела 25:13—23).
2 Она што им го кажал Фест на своите гости дава одговор на ова прашање. Тој рекол: „Цару Агрипа и сите вие кои сте со нас, го гледате овој човек поради кого ми се обрати целото мноштво Евреи и во Ерусалим и овде, викајќи дека тој не смее повеќе да живее. Но јас установив дека не направил ништо што заслужува смрт. Па кога овој човек самиот се повика на Август, решив да го испратам. Но немам ништо одредено да му напишам на мојот Господар во врска со него. Затоа го изведов пред вас, а посебно пред тебе, цару Агрипа, за да имам што да напишам откако ќе се одржи судското испитување. Зашто ми изгледа неразумно да испратам затвореник, а да не ги наведам оптужбите против него“ (Дела 25:24—27).
3. Зошто верските водачи изнеле обвиненија против Павле?
3 Зборовите на Фест покажуваат дека Павле се соочил со лажни обвиненија за бунт — престап што повлекувал смртна казна (Дела 25:11). Меѓутоа, Павле бил невин. Обвиненијата потекнувале од љубомората на верските водачи во Ерусалим. Тие биле против делото што го извршувал Павле како објавител на Царството и биле многу огорчени што им помагал на другите да станат следбеници на Исус Христос. Придружен од добро вооружени стражари, Павле бил испратен од Ерусалим во морското пристаниште Цезареја, каде што се повикал на цезарот. Оттаму требало да биде одведен во Рим.
4. Која изненадувачка изјава ја дал царот Агрипа?
4 Замисли си го Павле во палатата на управителот, пред една група во која бил и владетелот на еден важен дел од Римската Империја. Царот Агрипа му се обраќа на Павле и вели: „Дозволено ти е да зборуваш“. Додека Павле зборува, се случува нешто многу необично. Она што го кажува почнува да влијае врз царот. Всушност, царот Агрипа вели: „Уште малку, па ќе ме убедиш да станам христијанин“ (Дела 26:1—28).
5. Зошто биле толку делотворни зборовите што Павле му ги упатил на Агрипа?
5 Само помисли! Како резултат на вештата одбрана на Павле, продорната моќ на Божјата реч влијаела врз еден владетел (Евреите 4:12). Што било толку делотворно во одбраната на Павле? И што можеме да научиме од Павле што може да ни помогне во нашето дело на правење ученици? Ако ја анализираме неговата одбрана, јасно ќе се издвојат два главни елемента: 1) Павле бил уверлив во своето излагање. 2) Тој вешто го применувал спознанието од Божјата реч, исто како што еден занаетчија делотворно користи некоја алатка.
Користи ја уметноста на уверување
6, 7. а) Што значи изразот „да увериш“ како што се користи во Библијата? б) Каква улога игра уверувањето кога им помагаме на другите да прифатат некое библиско учење?
6 Во книгата Дела, грчките термини за уверување секогаш се користат во поврзаност со Павле. Каква врска има ова со нашето дело на правење ученици?
7 Во оригиналниот јазик на христијанските грчки списи, „да увериш“ значи „да придобиеш“ или да натераш некого „да си го промени мислењето под влијание на разумот или на моралните разгледувања“, наведува Вајновиот Толковен речник на зборови од Новиот завет (Expository Dictionary of New Testament Words). Ова ќе ни стане уште појасно ако го испитаме основното значење на овој збор. Тој ја пренесува мислата за доверба. Според тоа, ако увериш некого да прифати некое библиско учење, ти си ја придобил неговата доверба, па затоа тој положува вера во вистинитоста на тоа учење. Очигледно, не е доволно да му се каже некому што вели Библијата за тој да поверува во тоа и да постапува во склад со тоа. Твојот слушател мора да биде уверен дека она што го велиш е точно, сеедно дали се работи за дете, сосед, колега, соученик или роднина (2. Тимотеј 3:14, 15).
8. Што е вклучено во тоа да убедиме некого во некоја библиска вистина?
8 Како можеш да убедиш некого дека она што го објавуваш од Божјата реч е вистина? Со логично резонирање, здраво аргументирање и искрени молби, Павле настојувал да ги натера луѓето на кои им зборувал да си го променат мислењето.a Според тоа, наместо само да изјавиш дека нешто е точно, треба да дадеш и задоволувачки доказ за да ја поткрепиш својата изјава. Како можеш да го направиш тоа? Погрижи се твојата изјава цврсто да се темели на Божјата реч, а не на лично мислење. Исто така, користи дополнителни докази за да ги поткрепиш библиските изјави што ги даваш од срце (Пословици 16:23, NW). На пример, ако истакнеш дека послушното човештво ќе живее на една рајска земја, поткрепи ја таа изјава со некој библиски стих, како што се стиховите од Лука 23:43 или Исаија 65:21—25. Како можеш да ја поткрепиш библиската мисла што си ја истакнал? Можеш да користиш примери од искуството на твојот слушател. Би можел да го потсетиш на едноставните и бесплатни задоволства што ги чувствуваме од убавината на залезот, од нежната миризба на цветот, од сочниот вкус на некој плод или радоста кога се гледа некоја птица како го храни своето пиленце. Помогни му да види дека таквите задоволства се доказ дека Творецот сака да уживаме во животот на земјата (Проповедник 3:11, 12).
9. Како можеме да покажеме разумност во нашето проповедничко дело?
9 Кога се обидуваш да увериш некого да прифати некое библиско учење, внимавај да не звучиш неразумно поради твојата одушевеност и така да го затвориш умот и срцето на твојот слушател. Книгата Школа за служба го дава следново предупредување: „Една недоделкана изјава на вистината, која разоткрива дека е лажно нечие драго верување, дури и кога е поддржана со рецитирање на долг список библиски стихови, обично не е добро примена. На пример, ако популарните слави едноставно се осудат како слави со паганско потекло, тоа можеби нема да ги смени чувствата на другите луѓе кон нив. Еден разумен пристап обично ќе биде поуспешен“. Зошто да се трудиме да бидеме разумни? Учебникот вели: „Пристапот во стил на резонирање охрабрува на дискусија, им дава на луѓето нешто за кое можат подоцна да размислуваат и остава отворен пат за идни разговори. Тој може да биде силно убедлив“ (Колошаните 4:6).
Уверување со кое се достигнува срцето
10. На кој начин Павле ја започнал својата одбрана пред Агрипа?
10 Сега да ги разгледаме повнимателно Павловите зборови на одбрана во Дела, 26. поглавје. Забележи како го започнал своето излагање. За да ја воведе својата тема, Павле нашол оправдана основа да го пофали Агрипа, иако царот бил во скандалозна врска со својата сестра Верника. Павле рекол: „Што се однесува до сето она за што ме обвинуваат Евреите, цару Агрипа, се сметам за среќен што денес можам пред тебе да ја изнесам својата одбрана, особено затоа што ти си извонреден познавач на сите обичаи и спорови меѓу Евреите. Затоа те молам стрпливо да ме сослушаш“ (Дела 26:2, 3).
11. На кој начин зборовите што Павле му ги упатил на Агрипа покажувале почит, и од каква корист било тоа?
11 Дали забележа дека Павле ја признал високата положба на Агрипа обраќајќи му се со неговата титула, цар? Со тоа покажал почит, а со својот мудар избор на зборови, Павле му искажал чест на Агрипа (1. Петрово 2:17). Апостолот бил свесен дека Агрипа е стручњак за сложените обичаи и закони на неговите еврејски поданици и рекол дека е среќен што може да даде одбрана пред еден толку добро информиран владетел. Павле, кој бил христијанин, не постапил како да се смета за нешто повеќе од Агрипа, кој не бил христијанин (Филипјаните 2:3). Наместо тоа, Павле го молел царот стрпливо да го сослуша. Со тоа Павле создал атмосфера во која имало поголема веројатност Агрипа и другите слушатели да го прифатат она што сакал да го изнесе. Тој поставувал темел, заедничка основа врз која ги градел своите аргументи.
12. Во делото на објавување на Царството, како можеме да го достигнеме срцето на нашите слушатели?
12 Исто како и Павле кога бил пред Агрипа, од почетокот до крајот на нашето изнесување на пораката за Царството, да се обидеме да го достигнеме срцето на слушателот. Можеме да успееме во тоа ако покажеме искрена почит кон оној на кого му проповедаме и вистински интерес за неговата заднина и размислување (1. Коринќаните 9:20—23).
Вешто користи ја Божјата реч
13. Како можеш ти, исто како Павле, да ги мотивираш оние што те слушаат?
13 Павле сакал да ги мотивира своите слушатели да постапуваат во склад со добрата вест (1. Солуњаните 1:5—7). За таа цел тој се обидел да ги достигне нивните фигуративни срца, седиштето на мотивите. Да се вратиме на одбраната што ја дал Павле пред Агрипа. Забележи како Павле ‚исправно ракувал со Божјата реч‘ осврнувајќи се на работи што ги кажале Мојсеј и пророците (2. Тимотеј 2:15).
14. Објасни како Павле користел уверување кога бил изведен пред Агрипа.
14 Павле знаел дека Агрипа само се нарекувал Евреин. Повикувајќи се на спознанието за јудаизмот што го имал Агрипа, Павле резонирал дека неговото проповедање всушност вклучувало ‚да не зборува ништо друго освен она што Пророците и Мојсеј изјавиле дека ќе се случи‘ во врска со смртта и воскресението на Месијата (Дела 26:22, 23). Обраќајќи му се директно на Агрипа, Павле прашал: „Им веруваш ли, цару Агрипа, на Пророците?“ Агрипа се нашол пред дилема. Ако кажел дека ги отфрла пророците, ќе била уништена неговата репутација на еврејски верник. Но, ако се согласел со резонирањето на Павле, тогаш ќе било исто како јавно да се согласува со апостолот и ќе ризикувал да го наречат христијанин. Павле мудро одговорил на прашањето што го поставил самиот, велејќи: „Знам дека веруваш“. На каков одговор било мотивирано срцето на Агрипа? Тој одвратил: „Уште малку, па ќе ме убедиш да станам христијанин“ (Дела 26:27, 28). Иако Агрипа не станал христијанин, очигледно во извесна мера Павле влијаел со својата порака врз неговото срце (Евреите 4:12).
15. Како успеал Павле да основа собрание во Солун?
15 Дали забележа дека Павле ја изнел добрата вест и со тоа што ја објавувал и со тоа што ги уверувал другите во неа? Бидејќи Павле го користел тој пристап додека ‚исправно ракувал со Божјата реч‘, некои што го слушале станале верници, а не само слушатели. Тоа се случило во Солун, каде што Павле барал Евреи и богобојазливи не-Евреи во синагогата. Извештајот од Дела 17:2—4 гласи: „По својот обичај, Павле влезе кај нив, и три сабати со нив резонираше на темел на Писмото, објаснувајќи и докажувајќи со наводи дека Христос требаше да пострада и да стане од мртвите . . . Како резултат на тоа, некои од нив станаа верници“. Павле бил уверлив. Тој резонирал, објаснувал и докажувал со помош на Писмото дека Исус бил долго ветуваниот Месија. Со каков резултат? Било основано едно собрание од верници.
16. Како можеш да најдеш поголемо задоволство во објавувањето на Царството?
16 Можеш ли да станеш повешт во уметноста на уверување кога ја објаснуваш Божјата реч? Ако да, ќе најдеш поголема исполнетост и задоволство во делото на проповедање и поучување за Божјето Царство. Такво искуство имале објавителите на добрата вест што ги примениле предлозите повеќе да ја користат Библијата во проповедничкото дело.
17. За да покажеш зошто е корисно да ја употребуваме Библијата во нашата служба, раскажи лично искуство или изнеси ја суштината на искуството од овој пасус.
17 На пример, еден патувачки надгледник на Јеховините сведоци напишал: „Прилично многу браќа и сестри сега ја носат Библијата в рака кога сведочат од врата до врата. Ова им помага на објавителите да им прочитаат по некој стих на многу луѓе со кои доаѓаат во контакт. Тоа им помага и на станарот и на објавителот со нашата служба да ја поврзат и Библијата, а не само списанијата и книгите“. Се разбира, дали Библијата ќе се гледа додека учествуваме во проповедничката активност зависи од различни фактори, вклучувајќи ги и локалните обичаи. Сепак, треба да сакаме да бидеме на глас како луѓе што вешто ја користат Божјата реч за да ги уверат другите да ја прифатат пораката за Царството.
Имај го Божјето гледиште за службата
18, 19. а) Како гледа Бог на нашата служба, и зошто треба да го негуваме неговото гледиште? б) Што ќе ни помогне да правиме успешни повторни посети? (Види ја рамката со наслов „Како успешно да правиш повторни посети“ на 16. страница.)
18 Друг начин да го достигнеме срцето на оние што нѐ слушаат вклучува да гледаме на службата од Божја гледна точка и да бидеме стрпливи. Божја волја е сите видови луѓе „да дојдат до точно спознание на вистината“ (1. Тимотеј 2:3, 4). Зарем тоа не е и наша желба? Исто така, Јехова е стрплив, а неговата стрпливост им дава прилика на мнозина да дојдат до покајание (2. Петрово 3:9). Затоа, кога ќе најдеме некој што е спремен да ја слуша пораката за Царството, можеби ќе биде неопходно повторно да одиме за да го негуваме тој интерес. Потребно е време и стрпливост за да гледаме како расте семето на вистината (1. Коринќаните 3:6). Придружната рамка со наслов „Како успешно да правиш повторни посети“ дава предлози како да се развие таков интерес. Не заборавај, животот на луѓето — нивните проблеми и ситуации — постојано се менува. Можеби ќе треба да се обидеш повеќепати да ги најдеш дома, но вреди да вложиш напор. Сакаме да им дадеме прилика да ја чујат Божјата порака за спасение. Затоа, моли го Јехова Бог за мудрост да ги развиеш своите вештини на уверување додека им помагаш на другите да ја прифатат пораката за Царството.
19 Штом ќе најдеме некого што сака да слуша повеќе за пораката за Царството, што друго можеме да направиме ние како христијански работници? Во врска со ова ќе ни помогне нашата следна статија.
[Фуснота]
a За повеќе информации во врска со уверувањето, види студии 48 и 49 од книгата Извлечи корист од образованието во Теократската школа за служба, издадена од Јеховините сведоци.
Се сеќаваш ли?
• Што ја направило делотворна одбраната што ја дал Павле пред царот Агрипа?
• Како може нашата порака да го достигне срцето?
• Што ќе ни помогне делотворно да ја користиме Божјата реч за да го достигнеме срцето?
• Како можеме да го имаме Божјето гледиште за службата?
[Рамка/слики на страница 16]
Како успешно да правиш повторни посети
• Покажи искрен личен интерес за луѓето.
• Избери привлечна библиска тема за која ќе дискутираш.
• Постави темел за секоја следна посета.
• Продолжи да размислуваш за лицето и откако ќе заминеш.
• Наврати наскоро, можеби за ден или два, за да го следиш интересот.
• Имај на ум дека твојата цел е да започнеш домашна библиска студија.
• Моли го Јехова да направи интересот да расте.
[Слика на страница 15]
Павле користел уверување кога бил пред управителот Фест и пред царот Агрипа