Дали „клоцаш против остен“?
ВО БИБЛИСКИ времиња, остенот — долг стап, кој обично на врвот имал остар метален шилец — се користел за терање и водење запрежни животни. Каков бил резултатот ако животното тврдоглаво се спротивставувало на боцкањата од остенот така што се буткало кон него? Наместо да си олесни, си нанесувало уште поголема болка.
Воскреснатиот Исус зборувал за остени кога му се појавил на еден човек по име Савле, кој бил на пат да уапси некои од учениците на Исус. Од среде една заслепувачка светлина, Савле го чул Исус како вели: „Савле, Савле, зошто ме прогонуваш? Тешко ти е да клоцаш против остен“. Со тоа што ги малтретирал христијаните, Савле всушност се борел против Бог, следејќи правец со којшто можел само да се повреди (Дела 26:14).
Би можеле ли и ние ненамерно да ‚клоцаме против остен‘? Библијата ги споредува „беседите [зборовите, NW] на мудрите луѓе“ со остени што нѐ тераат да одиме во исправен правец (Проповедник 12:11). Инспирираниот совет од Божјата реч може да нѐ поттикне и да нѐ води исправно — ако му дозволиме (2. Тимотеј 3:16). Ако се спротивставиме на неговите боцкања, можеме само да се повредиме.
Савле ги зел при срце зборовите на Исус, го променил својот животен пат и станал саканиот христијански апостол Павле. Тоа што ќе обрнеме внимание на божествениот совет исто така ќе ни донесе и вечни благослови (Пословици 3:1—6).
[Извор на слика на страница 32]
L. Chapons/Illustrirte Familien-Bibel nach der deutschen Uebersetzung Dr. Martin Luthers