„Бог ни ја покажа својата љубов“
„Незаслужената доброта [ќе] царува преку праведноста... за да можат луѓето да добијат вечен живот“ (РИМ. 5:21)
1, 2. Што сметаат многу луѓе за вреден дар, но кој дар, всушност, е најскапоцен?
ЕДЕН професор од Универзитетот Мелбурн (Австралија) напишал дека законите што Римското Царство ни ги оставило во наследство се дар што има трајна вредност за човечката цивилизација. Но, Библијата вели дека Јехова со љубов ни дал еден уште поскапоцен дар. Тој дар го вклучува сето она што Бог го направил за да им овозможи на луѓето да бидат праведни во негови очи, и така да се спасат и да живеат вечно.
2 Иако Божјата правда влијаела врз начинот на кој Бог го обезбедил овој дар, во Римјаните 5. поглавје, апостол Павле не зборувал за неа како да образложува некој здодевен правен документ. Напротив, тој го започнал ова поглавје со следново впечатливо уверување: „Бидејќи сме прогласени за праведни поради верата, да останеме во мир со Бог преку нашиот Господар Исус Христос“. А потоа додал: „Љубовта Божја е излеана во нашите срца преку светиот дух“ (Рим. 5:1, 5). Оние што го примаат дарот од Бог — меѓу кои бил и Павле — се поттикнати да му возвратат со љубов на својот небесен Татко.
3. Кои прашања се наметнуваат?
3 Но, зошто било неопходно Јехова да даде таков прекрасен дар? Како можел да го обезбеди на праведен начин за да имаат корист сите луѓе? И што треба да прави секој за да го добие тој дар? Одговорот на овие прашања ќе ни открие колку е голема Божјата љубов.
Божјата љубов и гревот
4, 5. а) Како Јехова ја покажал својата голема љубов? б) Што ни помага да го разбереме она што стои во Римјаните 5:12?
4 Јехова покажал колку многу ги сака луѓето со тоа што го испратил својот единороден Син за да им помогне. Во врска со ова, Павле напишал: „Бог ни ја покажа својата љубов, така што Христос умре за нас уште додека бевме грешници“ (Рим. 5:8). Да обрнеме внимание на последниот дел од овој стих: „Уште додека бевме грешници“. Сите треба да знаеме како сме станале грешни.
5 Во врска со ова, Павле го навел следново: „Преку еден човек гревот влезе во светот и преку гревот смртта, и така смртта се прошири на сите луѓе, зашто сите згрешија“ (Рим. 5:12). Ние можеме да го разбереме ова затоа што Бог дал да се запише како започнала историјата на човештвото. Јехова ги создал првите луѓе, Адам и Ева, кои станале предци на човечкиот род. Бидејќи Творецот е совршен, и тие биле совршени. Бог им поставил само едно ограничување и им кажал дека, ако го прекршат, ќе бидат осудени на смрт (1. Мој. 2:17). Сепак, тие избрале да се побунат и ја прекршиле разумната заповед што им ја дал Јехова. Со тоа го отфрлиле како свој Законодавец и Севишен Владетел (5. Мој. 32:4, 5).
6. а) Зошто потомците на Адам умирале и пред и откако Бог го дал Мојсеевиот закон? б) Како може гревот да се спореди со болест како што е хемофилијата?
6 Адам имал деца дури откако згрешил и затоа на сите ним им го пренел гревот и неговите последици. Се разбира, бидејќи не ја прекршиле Божјата заповед како што ја прекршил Адам, тие не сноселе иста вина како него (1. Мој. 2:17). Освен тоа, Бог сѐ уште им немал дадено закони. Сепак, потомците на Адам наследиле грев. Така гревот и смртта царувале од Адам до Мојсеј, кога Бог им го дал Законот на Израелците, кој јасно покажал дека се грешници. (Прочитај Римјаните 5:13, 14.) Наследениот грев и неговите последици можат да се споредат со некои наследни болести или нарушувања, како што се медитеранската анемија или, пак, хемофилијата. Можеби ти е познато дека Алексеј, синот на рускиот цар Николај II и Александра, имал хемофилија, наследна болест на крвта. Иако децата во таквите семејства можеби ја носат болеста во своите гени, таа не се развива кај сите. Но, со гревот од Адам не е така. Сите без исклучок го наследуваат и сите ги чувствуваат последиците од него. Освен тоа, го пренесуваат и на своите деца. И, сите умираат од него. Има ли излез од оваа очајна ситуација?
Што обезбедил Бог преку Исус Христос
7, 8. Каков бил исходот од она што го направиле Адам и Исус како совршени луѓе?
7 Јехова со љубов направил нешто за да нѐ спаси од наследениот грев. Павле објаснил дека избавувањето од гревот е можно благодарение на еден друг совршен човек, кого Библијата го нарекува последниот Адам (1. Кор. 15:45). Но, исходот од начинот на кој постапиле овие двајца совршени луѓе бил сосема различен. Во која смисла? (Прочитај Римјаните 5:15, 16.)
8 Павле напишал: „Со дарот не е исто како што беше со престапот“. Адам бил виновен за престапот и со право бил казнет со смрт. Но, не умрел само тој. Понатаму Павле вели: „Поради престапот на [тој] еден човек умреа мнозина“. Според Божјите праведни мерила, сите несовршени потомци на Адам, во кои спаѓаме и ние, ја заслужуваат истата казна што ја добил првиот човек. Сепак, утешно е да знаеме дека исходот од она што го направил совршениот маж Исус е сосема спротивен — преку него „најразлични луѓе се прогласени за праведни и добиваат живот“ (Рим. 5:18).
9. Што прави Бог со тоа што ги прогласува луѓето за праведни, како што стои во Римјаните 5:16, 18?
9 Што значат грчките зборови кои се преведени со изразот „прогласени за праведни“? Еден преведувач на Библијата напишал: „Овој израз има законска конотација... Тој укажува на промената на положбата што едно лице ја има пред Бог, а не на некоја внатрешна промена во неговата личност... Бог е претставен како судија што донесува пресуда во корист на обвинетиот, кој бил доведен во Неговата судница за да му се суди затоа што е неправеден. Но, Бог го ослободува од ова обвинение“.
10. Што направил Исус за да можат луѓето да бидат прогласени за праведни?
10 Врз која основа би можел праведниот ‚Судија на целата земја‘ да го ослободи од вина оној што е неправеден? (1. Мој. 18:25). Бог презел чекори да ја обезбеди таа основа така што го испратил својот единороден Син на Земјата. Исус совршено ја извршил волјата на својот Татко и покрај сите искушенија, понижувања и малтретирања. Тој му останал верен на Бог до смрт, и тоа смрт на маченички столб (Евр. 2:10). Со тоа што го жртвувал својот совршен човечки живот, Исус дал откупнина што може да ги ослободи, односно избави потомците на Адам од гревот и од смртта (Мат. 20:28; Рим. 5:6-8).
11. На што е „соодветна“ откупната жртва што ја дал Исус?
11 На едно друго место, Павле ја нарекол жртвата на Исус „соодветна откупнина“ (1. Тим. 2:6). На што е „соодветна“ таа жртва? Знаеме дека Адам им пренел несовршеност и смрт на милијарди свои потомци. Точно е дека Исус, како совршен човек, можел да има милијарди совршени потомци.a Затоа, во некои наши публикации беше објаснето дека животот на Исус и на сите негови неродени совршени потомци, има иста вредност како совршениот живот што го изгубил Адам за себе и за сите свои потомци. Меѓутоа, Библијата не вели дека откупнината ги вклучува и неродените потомци на Исус. Во Римјаните 5:15-19 е нагласено дека мнозина ќе бидат откупени поради смртта на само „еден човек“. Да, животот што совршениот Исус го дал како жртва бил соодветен на животот на совршениот Адам. Според тоа, вниманието е насочено — и треба да биде насочено — само на Исус Христос. Благодарение на „еден чин на оправдување“, односно тоа што бил послушен и му останал верен на Бог до смрт, можно е најразлични луѓе да бидат прогласени за праведни и да добијат живот (2. Кор. 5:14, 15; 1. Пет. 3:18). Зошто Бог одлучил да ги ослободи од вина неправедните луѓе?
Ослободување од вина на темел на откупнината
12, 13. Зошто им е потребна Божјата милост и љубов на оние што се прогласени за праведни?
12 Јехова Бог ја прифатил откупната жртва што ја принел неговиот Син (Евр. 9:24; 10:10, 12). Сепак, Исусовите ученици на Земјата, во кои спаѓале и неговите верни апостоли, останале несовршени. Иако се труделе да не постапуваат погрешно, не успевале секогаш во тоа. Зошто? Поради наследениот грев (Рим. 7:18-20). Но, Бог можел и направил нешто во врска со ова. Тој ја прифатил ‚соодветната откупнина‘ и бил спремен да ја примени на оние што му служат на Земјата.
13 Бог не бил должен да ја примени откупнината на апостолите и на другите затоа што тие правеле добри дела. Напротив, го сторил тоа поради својата милост и голема љубов. Тој одлучил да ги ослободи апостолите и другите од казната што им следувала, не сметајќи ги за виновни поради наследениот грев. Павле јасно кажал: „Со посредство на таа незаслужена доброта сте спасени преку верата. И тоа не е ваша заслуга — тоа е Божји дар“ (Еф. 2:8).
14, 15. Каква е наградата за оние што Бог ги прогласува за праведни, но што сепак се очекува од нив?
14 Колку голем дар е тоа што Семоќниот ни го простува гревот што сме го наследиле, како и престапите што сме ги направиле! Иако не можат да се избројат гревовите што некои ги направиле пред да станат христијани, Бог им ги простува на темел на откупнината. Павле напишал: „Дарот што уследи поради многу престапи, доведе до тоа мнозина да бидат прогласени за праведни“ (Рим. 5:16). Апостолите и другите што го примиле овој прекрасен дар (да бидат прогласени за праведни) морале да продолжат со вера да му служат на вистинскиот Бог. На каква награда можеле да се надеваат? „Оние што го примаат изобилството на незаслужената доброта и дарот на праведноста ќе живеат и ќе царуваат преку еден, Исус Христос.“ Според тоа, за разлика од престапот на Адам, кој водел во смрт, дарот на праведноста води до живот! (Рим. 5:17; прочитај Лука 22:28-30).
15 Оние што го примаат тој дар — да бидат прогласени за праведни — стануваат духовни Божји синови. Како сонаследници на Исус Христос, тие имаат надеж дека ќе бидат воскреснати на небото како духовни суштества кои ќе царуваат со него. (Прочитај Римјаните 8:15-17, 23.)
Бог ја покажува својата љубов кон други
16. Кој дар од Бог можат да го добијат уште денес оние што се надеваат дека ќе живеат вечно на Земјата?
16 Сите што имаат вера и му служат на Бог како лојални христијани не очекуваат дека еден ден ќе царуваат со Христос на небото. Мнозина ја имаат истата библиска надеж како и Божјите слуги кои живееле пред Христос — дека ќе живеат вечно во рајот на Земјата. Дали е можно и ним Бог уште денес да им даде прекрасен дар, односно да ги смета за праведни, и да им подари вечен живот во иднина? Според она што Павле им го напишал на Римјаните, утешниот одговор е ‚да‘!
17, 18. а) Како гледал Бог на Авраам поради верата што ја покажал овој човек? б) Зошто Јехова можел да го смета Авраам за праведен?
17 Павле го спомнал Авраам, кој е извонреден пример за вера. Тој живеел пред Јехова да им го даде Законот на Израелците и долго пред Христос да го отвори патот за небесен живот (Евр. 10:19, 20). Павле рекол: „Ветувањето дека ќе биде наследник на светот не му беше дадено на Авраам или на неговото потомство врз основа на закон, туку врз основа на праведноста што ја стекна поради својата вера“ (Рим. 4:13; Јак. 2:23, 24). Според тоа, Бог го сметал верниот Авраам за праведен. (Прочитај Римјаните 4:20-22.)
18 Ова не значи дека Авраам бил безгрешен додека со децении му служел на Јехова. Тој не бил праведен во таа смисла (Рим. 3:10, 23). Сепак, во својата безгранична мудрост, Јехова ја зел предвид извонредната вера на овој човек, како и делата на кои таа го поттикнала. Пред сѐ, Авраам покажал вера во ветеното „потомство“ кое требало да дојде од неговата лоза. Тоа Потомство било Месијата, или Христос (1. Мој. 15:6; 22:15-18). На темел на ‚откупнината што ја платил Христос Исус‘, Бог како Судија можел да ги прости гревовите што биле направени во минатото. Поради тоа, и Авраам, а и други што покажале вера во претхристијанските времиња ќе бидат воскреснати во иднина (Прочитај Римјаните 3:24, 25; Пс. 32:1, 2).
Можеш уште денес да бидеш праведен во Божји очи
19. Зошто мнозина денес треба да бидат охрабрени од тоа што Бог го сметал Авраам за свој пријател?
19 Тоа што Богот на љубовта го сметал Авраам за праведен треба да ги охрабри вистинските христијани денес. Јехова не го прогласил за праведен на ист начин како оние што ги помазува со свет дух за да бидат ‚Христови сонаследници‘. Овие поединци Бог ‚ги повикува да бидат свети‘ и ги прифаќа како ‚свои синови‘ (Рим. 1:7; 8:14, 17, 33). За разлика од нив, Авраам станал „Јеховин пријател“ — и тоа уште пред да биде дадена откупнината (Јак. 2:23; Иса. 41:8). А што може да се каже за вистинските христијани кои се надеваат дека ќе живеат вечно во обновениот рај на Земјата?
20. Што очекува Бог од оние кои ги смета за праведни исто како што го сметал и Авраам?
20 Тие не го примиле „дарот на праведноста“ кој го примаат оние што имаат надеж да живеат на небото бидејќи ‚се ослободени со откупнината што ја платил Христос Исус‘ (Рим. 3:24; 5:15, 17). И покрај тоа, имаат силна вера во Бог и во откупнината што тој ја обезбедил, и ја покажуваат својата вера со добри дела. Едно такво добро дело е тоа што ‚проповедаат за Божјето царство и поучуваат за Господарот Исус Христос‘ (Дела 28:31). Затоа Јехова може да ги смета за праведни исто како што го сметал и Авраам. Иако дарот што го примаат — пријателство со Бог — се разликува од дарот што го примаат помазаните, тие го прифаќаат со огромна благодарност.
21. Какви користи имаме од Јеховината љубов и правда?
21 Човечките владетели ветуваат многу работи, но твојата надеж за вечен живот на Земјата не доаѓа од нив. Таа се темели на мудрата намера на Севишниот Владетел. Јехова постепено преземал чекори да ја исполни својата намера. Овие чекори се во склад со вистинската правда. Но, тие се и доказ за Божјата голема љубов. Затоа Павле можел со право да каже: „Бог ни ја покажа својата љубов, така што Христос умре за нас уште додека бевме грешници“ (Рим. 5:8).
[Фуснота]
a На пример, ова објаснување во кое беа спомнати неродените потомци на Исус беше дадено во Стражарска кула од 15 март 2000, страница 4, пасус 4, како и во Увид во Светото писмо (англ.), том 2, страница 736, пасуси 4 и 5.
Се сеќаваш ли?
• Што наследиле потомците на Адам, и со каков исход?
• Како била дадена соодветна откупнина, и на што е соодветна таа?
• Каква надеж имаат оние што Бог ги смета за праведни?
[Слика на страница 13]
Совршениот човек Адам згрешил. Совршениот човек Исус се дал како „соодветна откупнина“
[Слика на страница 15]
Колку добра вест — може да бидеме прогласени за праведни преку Исус!