Чувај се од лажните учители!
„И меѓу вас ќе има лажни учители“ (2. ПЕТРОВО 2:1).
1. За што имал намера Јуда да пишува, и зошто ја сменил својата тема?
КАКВА шокантна работа! Лажни учители во христијанското собрание од првиот век! (Матеј 7:15; Дела 20:29, 30). Исусовиот полубрат Јуда бил свесен за овој развој. Тој рекол дека имал намера да им пишува на соверниците за ‚нивното општо [заедничко, НС] спасение‘, но објаснил: „Најдов за неопходно да ви пишам за да ве поттикнам сериозно — да водите тешка борба за верата“. Зошто Јуда ја сменил својата тема? Затоа што, рекол тој, ‚се вовлекле извесни луѓе [во собранијата] . . . извртувајќи ја незаслужената љубезност на нашиот Бог во изговор за распуштено однесување‘ (Јуда 3, 4, НС).
2. Зошто 2. поглавје од 2. Петрово и Јуда се толку слични?
2 Изгледа дека Јуда пишувал кратко откако Петар го запишал своето второ писмо. Несомнено, Јуда бил запознаен со ова писмо. Секако, тој изразил бројни споредливи мисли во своето писмо со сериозен поттик. Затоа, додека го испитуваме 2. Петрово, 2. поглавје, ќе забележиме колку тоа е слично со писмото на Јуда.
Последиците од лажните учења
3. Што се случило во минатото, за кое Петар вели дека ќе се случи повторно?
3 Откако Петар ги поттикнал своите браќа да му обрнат внимание на пророштвото, тој вели: „А [во древниот Израел] имаше и лажни пророци, како што и меѓу вас ќе има лажни учители“ (2. Петрово 1:14—2:1). Божјиот народ во старо време добивал вистинити пророштва, но тој морал и да се бори со расипаните учења на лажните пророци (Јеремија 6:13, 14; 28:1—3, 15). „А кај пророците во Ерусалим“ — напишал Јеремија — „гледам нешто страшно: тие прељубодејствуваат и одат во лага“ (Јеремија 23:14).
4. Зошто лажните учители заслужуваат уништување?
4 Опишувајќи го она што ќе го сторат лажните учители во христијанското собрание, Петар вели: „Кои што ќе внесат погубни ереси [секти, НС] и, откако се одречат од Господа [Исус Христос], Кој ги откупил, ќе навлечат врз себеси брза погибел“ (2. Петрово 2:1; Јуда 4). Конечниот резултат од таквото секташтво во првиот век е христијанскиот свет како што го знаеме денес. Петар покажува зошто лажните учители сосема заслужуваат уништување: „Мнозина ќе појдат по нивните нечистотии [ќе ги следат нивните дела на распуштено однесување, НС], и поради нив патот на вистината ќе биде похулен“ (2. Петрово 2:2).
5. За што биле одговорни лажните учители?
5 Размисли за ова! Поради влијанието на лажните учители, мнозина во собранијата би се вплеткале во распуштено однесување. Грчкиот збор преведен со „распуштено однесување“ означува разврат, отсуство на воздржаност, непристојност, раскалашеност, бесрамно однесување. Петар претходно рекол дека христијаните биле ‚оддалечени од гнилежните похоти на овој свет‘ (2. Петрово 1:4). Но, некои ќе ѝ се враќале на таа расипаност, а одговорни во голема мера би биле лажните учители во собранијата! На тој начин, патот на вистината би претрпел лош глас. Колку жалосно! Секако, ова е една работа на која сите Јеховини сведоци денес треба да ѝ обрнат грижливо внимание. Никогаш не треба да заборавиме дека, зависно од нашето однесување, на Јехова Бог и на неговиот народ можеме да му донесеме или фалба или прекор (Изреки 27:11; Римјаните 2:24).
Воведување на лажните учења
6. Што ги мотивира лажните учители, и на кој начин тие бараат да го добијат она што го сакаат?
6 На мудар начин, забележуваме како лажните учители го воведуваат своето расипано размислување. Петар првин вели дека тоа го прават тивко, односно на ненаметлив, лукав начин. Тој додава: „Со алчност ќе ве искористуваат со лажни зборови“ (НС). Лажните учители ги мотивира себична желба, како што е истакнато со преводот во The Jerusalem Bible: „Желно ќе се обидуваат да ве купат за себе со подмолен говор“. На сличен начин, преводот Даничић—Караџић овде вели: „Во лакомството свое ќе ве ловат со измислени зборови“ (2. Петрово 2:1, 3). Изјавите на лажните учители може да му се чинат уверливи на оној кој не е духовно буден, но нивните зборови се внимателно наменети да ‚ги купат‘ луѓето, заведувајќи ги да им служат на себичните желби на заведувачите.
7. Која филозофија станала популарна во првиот век?
7 Несомнено, лажните учители од првиот век биле под влијание на тогашното актуелно световно размислување. Отприлика во времето кога пишувал Петар, станувала популарна една филозофија наречена гностицизам. Гностичарите верувале дека сета материја е зла и дека е добра само онаа која се однесува на духот. Според тоа, некои од нив рекле дека не е битно што прави некој со своето физичко тело. Со текот на времето, аргументирале тие, човек не би го имал ова тело. Затоа, заклучиле тие, телесните гревови — вклучувајќи ги и сексуалните — не се важни. Изгледа дека таквите гледишта почнале да влијаат врз некои кои исповедувале христијанска вера.
8, 9. а) Кое искривено резонирање влијаело врз некои рани христијани? б) Според Јуда, што правеле некои во собранието?
8 Еден библиски научник забележал дека ‚во црквата имало такви кои ја извртеле доктрината за милоста‘, односно ‚незаслужената љубезност‘ (Ефесјаните 1:5—7, НС). Според него, аргументот на некои бил ваков: „Дали велите дека Божјата [незаслужена љубезност] е доволно голема за да го покрие секој грев? . . Тогаш, ајде и понатаму да грешиме, бидејќи Божјата [незаслужена љубезност] може да го избрише секој грев. Всушност, колку повеќе грешиме толку повеќе шанси ќе добие Божјата [незаслужена љубезност] да дејствува“. Дали некогаш си чул поискривено резонирање од ова?
9 Апостол Павле му возвратил удар на неисправното размислување во врска со Божјата милост, кога прашал: „Дали да продолжиме во гревот за да изобилува незаслужената љубезност?“ (НС). Исто така, тој се распрашувал: „Да грешиме ли, бидејќи не сме под Законот, туку под благодатта [под незаслужена љубезност, НС]?“ На секое прашање Павле отсечно одговорил: „Тоа никако!“ (Римјаните 6:1, 2, 15). Јасно е дека, како што забележува Јуда, извесни лица ‚ја извртувале незаслужената љубезност на нашиот Бог во изговор за распуштено однесување‘. Меѓутоа, Петар приметува дека за таквите „нивната погибел не дреме“ (Јуда 4, НС; 2. Петрово 2:3).
Предупредувачки примери
10, 11. Кои три предупредувачки примери ги дава Петар?
10 За да истакне дека Бог ќе преземе акција против намерните злочинци, на темел на Писмото Петар дава три предупредувачки примери. Прво, тој пишува: „Бог, кога не ги поштеди ангелите што згрешија“. Овие, вели Јуда, ‚не се покорувале на своето началство, и го напуштиле своето живеалиште‘ на небото. Тие дошле на Земјата пред потопот и си зеле физички тела за да се впуштаат во сексуални односи со човечките ќерки. Како казна за нивното неисправно, неприродно однесување, тие биле фрлени во „тартар“ или, како што вели извештајот на Јуда, биле ‚ставени во вечни окови, во мрак за суд на великиот ден‘ (2. Петрово 2:4, НС; Јуда 6; 1. Мојсеева 6:1—3).
11 Потоа, Петар се осврнува на луѓето од времето на Ное (1. Мојсеева 7:17—24). Тој вели дека во Ноевото време, Бог ‚не го поштедил првиот свет . . . кога нанел потоп на безбожниот свет‘. Најпосле, Петар пишува дека Бог им дал „пример на идните безбожници“ со тоа што ‚градовите Содом и Гомор ги претворил во пепел‘. Јуда ја дава додатната информација дека тие поединци ‚прекумерно вршеле блуд и оделе по телото за неприродна употреба‘ (2. Петрово 2:5, 6; Јуда 7, НС). Мажите не само што имале недозволени сексуални односи со жените туку имале страст за телото од други мажи, веројатно дури и по телото од неразумни ѕверови (1. Мојсеева 19:4, 5; 3. Мојсеева 18:22—25).
12. Според Петар, на кој начин е наградено праведното однесување?
12 Сепак, во исто време, Петар забележува дека Јехова е наградувач на оние кои верно му служат. На пример, тој раскажува како Бог ‚го запазил осмочлениот Ноја, проповедникот на правдата‘ кога го донел потопот. Исто така, кажува за Јеховиното избавување на „праведниот Лот“ во времето на Содом, заклучувајќи: „Господ знае како да ги избавува побожните од искушенија, а неправедните да ги држи во маки [да ги сочува, НС] за судниот ден“ (2. Петрово 2:5, 7—9).
Дела кои заслужуваат казна
13. Кој особено е сочуван за осуда, и на какви сништа изгледа тие се оддаваат?
13 Петар издвојува некои кои особено се сочувани за Божја осуда, имено „оние кои продолжуваат да одат по телото со желба да го валкаат и кои гледаат на господството“. Можеме скоро да ја почувствуваме Петровата индигнација кога вели: „Дрски, своеволни, не треперат пред славните, туку зборуваат навредливо“. Јуда пишува дека „овие луѓе . . . се оддаваат на сништа, го валкаат телото . . . и зборуваат навредливо за славните“ (2. Петрово 2:10; Јуда 8, обата НС). Нивните сништа можеби вклучуваат нечисти сексуални фантазии кои охрабруваат на стремење по неморално сексуално задоволување. Но, во која смисла тие „презирно гледаат на господството“ и зборуваат „навредливо за славните“?
14. Во која смисла лажните учители „презирно гледаат на господството“ и зборуваат „навредливо за славните“?
14 Тоа го прават на тој начин што го презираат божествено наименуваниот авторитет. Христијанските старешини ги претставуваат славниот Јехова Бог и неговиот Син и, како резултат на тоа, ним им е пренесена извесна слава. Вистина, тие прават грешки, како што правел и самиот Петар, но Писмото ги поттикнува членовите на собранието да им бидат подложни на таквите славни (Евреите 13:17). Нивните недостатоци не се причина за да се зборува навредливо за нив. Петар вели дека ангелите не „изговараат за нив [за лажните учители] хула пред Господа“, иако тоа сосема би го заслужиле. „А тие“ — продолжува Петар — „како неразумни животни, кои се од природата така создадени за да се фаќаат и уништуваат, хулејќи го она, што не го разбираат, во својата погибел ќе загинат“ (2. Петрово 2:10—13).
„Јадејќи со вас“
15. Кои се методите на лажните учители, и каде тие тежнеат по своите заведувања?
15 Иако овие расипани луѓе „секојдневниот живот во раскош го сметаат како наслада“ и претставуваат „срам и грев“, тие се и подмолни. Тие дејствуваат „тивко“ (НС), користејќи „лажни зборови“, како што порано забележал Петар (2. Петрово 2:1, 3, 13). На тој начин, тие можеби отворено не ги оспоруваат настојувањата на старешините да се поддржуваат Божјите морални мерила или можеби отворено не се стремат по своите сопствени сексуални задоволувања. Наместо тоа, Петар вели дека се впуштаат ‚со насладување во своите измами, јадејќи со вас‘. А Јуда пишува: „Овие се скриените карпи под вода при вашите гозби на љубовта“ (Јуда 12, НС). Да, исто како што назабените карпи под водата можат да го распарчат дното на еден чамец предизвикувајќи невнимателните морнари да се удават, така и лажните учители ги расипувале невнимателните лица за кои лицемерно се преправале дека ги љубат за време на ‚гозбите на љубовта‘.
16. а) Што претставувале ‚гозбите на љубовта‘, и во која споредлива ситуација можат неморалните лица да дејствуваат денес? б) На кого лажните учители го сосредоточуваат своето внимание, и според тоа што мораат да прават таквите?
16 Овие „гозби на љубов“ изгледа биле друштвени пригоди, кога христијаните од првиот век се собирале за да уживаат во храната и дружењето. Јеховините сведоци денес исто така понекогаш друштвено се собираат, можеби на свадбени приеми, на пикници или, пак, на некое вечерно дружење. Како би можеле расипаните поединци да ги искористат таквите настани за да заведат некои жртви? Петар пишува: „Имаат очи полни со прељубодејство . . . ги мамат неутврдените [непостојаните, НС] души“. Своето срце, „привикнато на лакомство“, тие го сосредоточуваат на духовно непостојаните, кои пропуштиле вистината во потполност да ја направат лична своина. Затоа, биди предупреден со она што се случило во времето на Петар, и биди внимателен! Спротивставувај се на секакви нечисти додворувања и немој да бидеш измамен од шармот или од физичката привлечност на некој кој прави неморални приоѓања! (2. Петрово 2:14).
‚Патот на Валаам‘
17. Што бил ‚патот на Валаам‘, и како тој влијаел врз 24.000 Израелци?
17 Овие ‚проклети‘ ја познавале вистината некое време. Можеби изгледале сѐ уште активни во собранието. Но, Петар вели: „Откако го оставија вистинскиот пат и се заблудија, тргнаа по стапките [патот, НС] на Восоровиот син Валаам, кој засака неправедна плата“ (2. Петрово 2:14, 15). Патот на пророкот Валаам бил да советува пат на неморално заведување заради своја лична добивка. На моавскиот цар Валак тој му рекол дека Бог ќе го проколне Израел доколку луѓето би биле наговорени да вршат блуд. Како последица од тоа, мнозина од Божјиот народ биле заведени од Моавките, и 24.000 биле убиени поради своето неморално однесување (4. Мојсеева 25:1—9; 31:15, 16; Откровение 2:14).
18. Колку упорен бил Валаам, и што навестува исходот за лажните учители?
18 Петар забележува дека Валаам бил спречен кога неговото магаре му зборувало, но Валаам толку многу ‚ја засакал неправедната плата‘ што дури и кога тоа се случило, тој не престанал со своето ‚безумство‘ (2. Петрово 2:15, 16). Колку злобно! Тешко на секој оној сличен на Валаам кој се обидува да го расипе Божјиот народ, искушувајќи го да врши неморал! Валаам умрел поради својата лошотија — една претслика за она што ќе им се случи на сите оние кои го следат неговиот пат (3. Мојсеева 31:8).
Нивните ѓаволски заведувања
19, 20. а) Со што се споредени лицата слични на Валаам, и зошто? б) Кого тие го наговараат и на кој начин? в) Зошто можеме да речеме дека нивните заведувања се ѓаволски, и како можеме да се заштитиме себеси и другите од нив?
19 Опишувајќи ги лицата слични на Валаам, Петар пишува: „Тие се безводни извори, облаци и магли, од бура разнесувани“. За еден жеден патник во пустина, сувиот извор може да значи смрт. Не е ни чудо што за оние кои се слични на такви работи е „запазен мракот на темнината“! „Зашто, говорејќи празни зборови“ — продолжува Петар — „ги мамат на телесни похоти и нечистотија оние, кои од скоро време се оттргнале од оние што живеат во заблуда.“ Тие ги заведуваат неискусните со тоа што „им ветуваат слобода“ — вели Петар — иако „тие самите се робови на развратот“ (2. Петрово 2:17—19; Галатјаните 5:13).
20 Заведувањата на таквите расипани учители се ѓаволски. На пример, тие можат да речат: ‚Бог знае дека сме слаби и подложни на страсти. Затоа, ако се оддаваме и ги задоволуваме своите сексуални желби, Бог ќе биде милостив. Ако го исповедаме својот грев, тој ќе ни прости исто како што ни прости кога првпат дојдовме во вистината‘. Сети се дека Ѓаволот употребил еден некако споредлив пристап кај Ева, ветувајќи ѝ дека може неказнето да греши. Во случајот со Ева, тој тврдел дека гревот против Бог ќе ѝ даде просветлување и слобода (1. Мојсеева 3:4, 5). Ако ни се случи да наидеме на некое такво расипано лице кое се дружи со собранието, имаме обврска да се заштитиме себеси, како и другите, со тоа што поединецот ќе го пријавиме кај одговорните во христијанското собрание (3. Мојсеева 5:1).
Заштитени со точното спознание
21-23. а) Кои се последиците од пропустот да се примени точното спознание? б) За кој натамошен проблем, што ќе се разгледува понатаму, дискутира Петар?
21 Петар го заклучува овој дел од своето писмо, опишувајќи ги последиците од пропустот да се примени спознанието за кое тој порано рекол дека е битно за „животот и побожноста“ (2. Петрово 1:2, 3, 8). Тој пишува: „Оти, откако ги избегнале световните скверности преку познавањето на [преку точно спознание за, НС] Господа и Спасителот наш Исус Христос, ако пак се заплетат во нив и бидат победени, тогаш за такви последното ќе им биде полошо од првото“ (2. Петрово 2:20). Колку жалосно! Во Петрово време, таквите ја имале отфрлено скапоцената надеж за бесмртен живот на сметка на минливи моменти на сексуално задоволување.
22 Затоа, Петар вели: „За нив би било подобро, да не беа го познале патот на правдата, отколку, откако го познаа, да се вратат назад од светата заповед, која им е предадена. Ним им се случува според вистинската поговорка: ‚Песот се враќа на својата блувотина‘, и ‚Искапената свиња — во калта‘ “ (2. Петрово 2:21, 22; Изреки 26:11).
23 Очигледно, врз раните христијани почнал да влијае еден друг проблем, кој бил сличен со еден што влијае врз некои денес. Во тоа време, некои очигледно се жалеле во врска со наводното недоаѓање на Христовата ветена присутност. Да испитаме на кој начин Петар ѝ се посветува на оваа работа.
Дали се сеќаваш?
◻ Кои три предупредувачки примери ги наведува Петар?
◻ На кој начин лажните учители „презирно гледаат на господството“?
◻ Што е патот на Валаам, и како можат оние кои го следат да се обидат да заведат други?
◻ Кои се последиците од пропустот да се примени точното спознание?
[Слика на страници 16 и 17]
Валаам служи како предупредувачки пример