Да му се отплати на цезарот цезаровото
„И така, дајте секому, што сте му должни“ (РИМЈАНИТЕ 13:7).
1, 2. а) Според Исус, како би требало христијаните да ги урамнотежат своите обврски спрема Бог и спрема цезарот? б) Која е првенствената грижа на Јеховините сведоци?
СПОРЕД Исус, постојат работи што му ги должиме на Бог и работи што му ги должиме на цезарот, односно на државата. Исус рекол: „Подајте го царевото на царот, а Божјото на Бога“. Со овие неколку зборови, тој ги збунил своите непријатели и јасно го сумирал урамнотежениот став што мораме да го имаме во нашиот однос со Бог и во нашите постапки со државата. Не е ни чудо што неговите слушатели ‚Му се чуделе‘! (Марко 12:17).
2 Се разбира, првенствената грижа на Јеховините слуги е да му го отплаќаат Божјето на Бога (Псалм 116:12—14, НС). Меѓутоа, правејќи го тоа, тие не забораваат дека Исус рекол оти мораат да му даваат извесни работи и на цезарот. Нивната библиски школувана совест бара да размислат во молитва до кој обем можат да му го плаќаат на цезарот она што тој го бара (Римјаните 13:7). Во денешно време, многу правници признале дека државната власт има ограничувања и дека луѓето и властите насекаде се ограничени со природен закон.
3, 4. Какви интересни коментари биле дадени за природниот, откриениот и човечкиот закон?
3 Апостол Павле се осврнал на овој природен закон кога напишал за луѓето од светот: „Она, кое може да се знае за Бога, ним им е познато, бидејќи Бог тоа им го откри. Оти она, што е во Него невидливо, односно вечната Негова сила и Божеството, се гледа уште од создавањето на светот, гледани според нивните созданија, па така тие немаат изговор“. Ако сакаат да се оѕвијат на него, природниот закон ќе ја поттикне совеста дури и на овие неверници. Затоа, Павле понатаму рекол: „Незнабошците, немајќи Закон, сами од себе вршат сѐ по законот [по природа ги вршат работите на законот, НС]; тогаш тие, иако немаат Закон, сами во себеси се закон; поради тоа што делото на Законот е напишано во нивните срца, та затоа се управуваат според Законот, бидејќи нивната совест им сведочи за тоа“ (Римјаните 1:19, 20; 2:14, 15).
4 Во XVIII век, прочуениот англиски правник Вилијам Блекстоун напишал: „Овој закон на природата [природен закон], кој е истодобен со [од иста ера како и] човештвото и кој е диктиран од самиот Бог, секако е пообврзувачки од кој и да било друг закон. Тој е задолжителен по целата Земјина топка, во сите земји и во сите времиња; ниеден човечки закон нема никаква полноважност, доколку му е спротивен“. Блекстоун понатаму зборувал за „откриениот закон“, кој се наоѓа во Библијата, коментирајќи: „Од овие два темела, законот на природата и откриениот закон, зависат сите човечки закони; то ест, на ниеден човечки закон не треба да му се допушти да им се спротивставува на овие“. Тоа е во склад со она што го рекол Исус за Бог и за цезарот, како што е запишано во Марко 12:17. Јасно е дека постојат подрачја каде што Бог го ограничува она што цезарот може да го бара од еден христијанин. Синедрионот застранил токму на едно такво подрачје кога им заповедал на апостолите да престанат да проповедаат за Исуса. Затоа, апостолите исправно одговориле: „Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето“ (Дела 5:28, 29).
„Божјото“
5, 6. а) Со оглед на раѓањето на Царството во 1914 година, што треба христијаните цврсто да имаат на ум? б) Како еден христијанин дава доказ дека е слуга?
5 Особено од 1914 година, кога Јехова Бог, Семоќниот, почнал да владее како цар преку Христовото Месијанско Царство, христијаните морале да бидат сигурни дека не му го даваат Божјото на цезарот (Откровение 11:15, 17). Како никогаш порано, Божјиот закон сега бара христијаните да ‚не бидат [дел, НС] од светот‘ (Јован 17:16). Поради тоа што му се предадени на Бог, својот Животодавец, тие мораат јасно да покажат дека повеќе не си припаѓаат себеси (Псалм 99:2, 3). Како што напишал Павле, ‚ние му припаѓаме на Јехова‘ (Римјаните 14:8, НС). Освен тоа, при крштавањето, христијанинот е ординиран за Божји слуга, па затоа и тој може да рече како Павле: ‚Бог . . . ни дал способност да бидеме слуги‘ (2. Коринтјаните 3:5, 6).
6 Апостол Павле исто така напишал: „Јас ја прославувам својата служба“ (Римјаните 11:13). Се разбира, и ние треба да постапуваме на сличен начин. Сеедно дали во службата учествуваме полновремено или скратено, имаме на ум дека самиот Јехова нѐ поставил во нашата служба (2. Коринтјаните 2:17). Поради тоа што некои би можеле да ја оспоруваат нашата положба, секој предаден, крстен христијанин мора да биде спремен да даде јасен и позитивен доказ дека навистина е слуга на добрата вест (1. Петрово 3:15). Неговата служба би требало да се види и по неговото однесување. Како Божји слуга, еден христијанин би требало да застапува и да практицира чист морал, да го одржува семејното единство, да биде чесен и да покажува почит спрема законот и редот (Римјаните 12:17, 18; 1. Солунјаните 5:15). Односот на еден христијанин со Бог и неговата божествено доделена служба се најважните работи во неговиот живот. Тој не може да се откаже од нив на заповед на цезарот. Јасно е дека тие треба да бидат вброени во „Божјото“.
„Царевото“
7. Каква е репутацијата на Јеховините сведоци во поглед на плаќањето даноци?
7 Јеховините сведоци знаат дека им должат подложност на „претпоставените власти“, на државните владетели (Римјаните 13:1). Според тоа, кога цезарот, државата, поставува оправдани барања, нивната библиски школувана совест им дозволува да ги задоволат овие барања. На пример, вистинските христијани спаѓаат меѓу најпримерните даночни обврзници во светот. Во Германија, во весникот Münchner Merkur, за Јеховините сведоци пишувало: „Тие се најчесните и најточните даночни обврзници во Сојузната Република“. Во Италија, весникот La Stampa забележал: „Тие [Јеховините сведоци] се најлојалните граѓани какви што би посакал секој: тие не ги избегнуваат даноците ниту, пак, бараат да ги заобиколат незгодните закони заради лична добивка“. Јеховините слуги го прават тоа ‚поради својата совест‘ (Римјаните 13:5, 6).
8. Дали она што му го должиме на цезарот се однесува само на паричните даноци?
8 Дали „царевото“ се однесува само на плаќањето даноци? Не. Павле наброил и други работи, како што се страв и чест. Во својот Critical and Exegetical Hand-Book to the Gospel of Matthew (Критички и толковен прирачник кон Евангелието на Матеј), германскиот научник Хајнрих Маер напишал: „Под [царево] . . . не треба да ги сфатиме само граѓанските даноци туку сето она на кое цезарот има право на темел на своето законско владеење“. Во своето дело The Rise of Christianity (Подемот на христијанството), историчарот Е. В. Барнз забележал дека еден христијанин би ги платил даноците доколку ги должи и „исто така би ги прифатил сите државни обврски, под услов да не се бара да му ги даде на цезарот работите што му припаѓаат на Бог“.
9, 10. Какво колебање би можел да има еден христијанин во врска со плаќањето на она што му го должи на цезарот, но кои факти би требало да ги задржи на ум?
9 Кои работи би можела да ги бара државата, без да навлегува во работите кои со право му припаѓаат на Бог? Некои мислеле дека би можеле законски да му даваат пари на цезарот во вид на даноци, но ништо повеќе од тоа. Тие секако не би се чувствувале угодно да му дадат на цезарот нешто што би можело да одземе време кое би го употребиле за теократски активности. Меѓутоа, иако е точно дека треба да ‚Го возљубиме Господа, својот Бог, со сето свое срце, душа, разум и сила‘, Јехова очекува од нас да поминуваме време и во други работи освен во нашата света служба (Марко 12:30; Филипјаните 3:3). На пример, венчаниот христијанин е советуван да посвети време за да му удоволи на својот брачен партнер. Таквите активности не се лоши, но апостол Павле наведува дека тоа се „световни работи“, а не „Господови работи“ (1. Коринтјаните 7:32—34; спореди 1. Тимотеј 5:8).
10 Понатаму, Христос ги овластил своите следбеници да ‚подадат‘ даноци, а тоа сигурно подразбира да се користи времето кое е посветено на Јехова — бидејќи целиот наш живот му е предаден нему на овој начин. Ако просечното оданочување во една земја е 33 отсто од приходот (во некои земји тој е повисок), тоа значи дека просечниот работник секоја година на државната каса ѝ плаќа вредност од четири свои месечни заработувачки. Со други зборови, на крајот од својот работен век, просечниот работник ќе има поминато околу 15 години за да ги заработи парите за данок што ги бара „цезарот“. Исто така, размисли за школувањето. Во повеќето земји, законот бара родителите да ги праќаат своите деца на училиште минимален број на години. Бројот на годините на школувањето варира од земја до земја. Во повеќето места се работи за подолг временски период. Вистина, таквото школување обично е корисно, но цезарот е тој кој одлучува колкав дел од животот на детето мора да се помине на ваков начин, а христијанските родители се повинуваат на цезаровата одлука.
Задолжителна воена служба
11, 12. а) Какво барање поставува цезарот во многу земји? б) Како гледале раните христијани на воената служба?
11 Друго барање што го поставува цезарот во некои земји е задолжителната воена служба. Во XX век, оваа подготовка кај повеќето нации е воведена во време на војна, а кај некои и во време на мир. Во Франција, оваа обврска долги години беше наречена данок во крв, што значи дека секој млад човек мораше да биде спремен да го положи својот живот за државата. Дали ова е нешто што оние кои му се предадени на Јехова можат со мирна совест да го дадат? Како гледале на оваа работа христијаните од првиот век?
12 Иако најраните христијани настојувале да бидат добри граѓани, нивната вера ги спречувала да му го одземат животот на некој друг или да го жртвуваат својот сопствен живот за државата. The Encyclopedia of Religion наведува: „Раните црковни отци, вклучувајќи ги Тертулијан и Ориген, потврдиле дека христијаните се воздржувале од одземање човечки живот — начело кое ги спречувало да учествуваат во римската војска“. Во својата книга The Early Church and the World (Раната црква и светот), професор С. Џ. Каду пишува: „Барем до владеењето на Марко Аврелиј [161—180 година н. е.], ниеден христијанин по своето крштавање не станувал војник“.
13. Зошто повеќето во христијанството не гледаат на воената служба онака како што гледале раните христијани?
13 Зошто членовите на црквите на христијанството денес не гледаат вака на работите? Поради една радикална промена што се случила во четвртиот век. Католичкото дело A History of the Christian Councils (Историја на христијанските концили), објаснува: „Многу христијани, . . . под паганските императори, имале религиозни скрупули во поглед на воената служба и директно одбивале да земат оружје или, пак, дезертирале. Синодот [од Арл, одржан во 314 година н. е.], при разгледувањето на промените што ги вовел Константин, ја изложил обврската дека христијаните мораат да служат во војна, . . . затоа што Црквата е во мир (in pace) под еден кнез кој е пријателски настроен спрема христијаните“. Како последица на ова отфрлање на Исусовите учења, од тоа време па сѐ досега, свештенството на христијанството ги охрабрувало своите стада да служат во војските на нациите, иако некои поединци заземале став како лица кои имаат приговор на совеста.
14, 15. а) Врз која основа христијаните во некои земји бараат ослободување од воена служба? б) Кои библиски начела ќе му помогнат на еден христијанин да донесе исправна одлука во врска со воената служба таму каде што нема ослободување?
14 Дали денешните христијани се должни да го следат мнозинството во овој поглед? Не. Ако еден предаден, крстен христијанин живее во земја каде што верските слуги се ослободени од воена служба, може да ја искористи оваа подготовка, бидејќи тој, всушност, навистина е слуга (2. Тимотеј 4:5). Извесен број земји, вклучувајќи ги Соединетите Држави и Австралија, давале такво ослободување дури и во време на војна. А во време на мир, во многу земји каде што постои задолжителна воена служба, Јеховините сведоци, како верски слуги, се ослободени. На тој начин, тие можат да продолжат да им помагаат на луѓето преку својата јавна служба.
15 Но, што ако христијанинот живее во земја каде што верските слуги не се ослободени? Тогаш тој ќе мора да донесе лична одлука, следејќи ја својата библиски школувана совест (Галатјаните 6:5). Иако го зема во обѕир авторитетот на цезарот, тој внимателно ќе одмери што му должи на Јехова (Псалм 35:9; 115:3—5; Дела 17:28). Христијанинот ќе запомни дека ознаката на еден вистински христијанин е љубов кон сите свои соверници, па дури и кон оние кои живеат во други земји или кон оние кои припаѓаат на други племиња (Јован 13:34, 35; 1. Петрово 2:17). Понатаму, тој нема да ги заборави библиските начела што се наоѓаат во стиховите како што се Исаија 2:2—4; Матеј 26:52; Римјаните 12:18; 14:19; 2. Коринтјаните 10:4 и Евреите 12:14.
Цивилна служба
16. Каква невоена служба во некои земји бара цезарот од оние кои не ја прифаќаат воената служба?
16 Меѓутоа, има земји каде што државата, иако не ги ослободува верските слуги, сепак признава дека некои поединци можат да одбијат воена служба. Многу од овие земји прават подготовки за таквите совесни поединци да не бидат присилувани на воена служба. Во некои места, бараната цивилна служба, како што е некоја корисна работа во општината, се смета за невоена национална служба. Дали би можел еден предаден христијанин да прифати таква служба? И тука, повторно, еден предаден, крстен христијанин ќе мора да донесе своја сопствена одлука на темел на својата библиски школувана совест.
17. Дали постои библиски преседан за невоена цивилна служба?
17 Се чини дека задолжителната служба се практицирала и во библиски времиња. Една книга по историја наведува: „Освен даноците и должностите што биле изнудувани од жителите на Јудеја, постоел и кулук [неплатена работа што била изнудувана од страна на јавните власти]. Тоа била една древна институција на Истокот, која хеленистичките и римските власти и понатаму ја задржале. . . . Новиот завет исто така наведува примери за кулук во Јудеја, покажувајќи колку тоа било раширено. Во склад со овој обичај, војниците го натерале Симон Киринеецот да го носи Исусовиот крст [маченички столб] (Матеј 5:41; 27:32; Марко 15:21; Лука 23:26)“.
18. Со какви невоени, нерелигиозни видови општинска служба честопати соработуваат Јеховините сведоци?
18 На сличен начин, денес во некои земји државата или локалните власти бараат од граѓаните да учествуваат во различни облици на општинска служба. Понекогаш, тоа е заради некоја специфична задача, како што е копање бунари или градење патишта; понекогаш тоа е врз редовна основа, како што е седмично учество во одржувањето на патишта, училишта или болници. Таму каде што ваквата цивилна служба е за доброто на општината и не е поврзана со лажна религија или, пак, на некој друг начин нема приговор за совеста на Јеховините сведоци, тие честопати се повинувале (1. Петрово 2:13—15). Тоа обично доведувало до извонредно сведоштво и понекогаш ги замолчувало оние кои лажно ги обвинуваат Сведоците дека се против владата. (Спореди Матеј 10:18.)
19. Како би требало христијанинот да ѝ пристапи на работата доколку цезарот побара од него за извесен временски период да извршува невоена национална служба?
19 Но, што ако државата бара од христијанинот еден извесен временски период да извршува цивилна служба која е дел од националната служба под цивилна управа? Овде повторно, христијаните мораат да донесат своја сопствена одлука, темелена на информирана совест. „Сите ние ќе застанеме пред Божјата судска столица“ (Римјаните 14:10, НС). Христијаните кои се соочени со некое барање од цезарот, би требало во молитва да ја испитаат работата и да медитираат за тоа.a Исто така, би можело да биде мудро да разговараат за работата со некои зрели христијани во собранието. По тоа, мора да се донесе лична одлука (Изреки 2:1—5; Филипјаните 4:5).
20. Кои прашања и библиски начела му помагаат на еден христијанин да расудува за невоената национална цивилна служба?
20 Додека се ангажирани во таквото истражување, христијаните ќе разгледаат извесен број библиски начела. Павле рекол дека мораме да ‚се покоруваме на началствата и властите, . . . да бидеме готови за секое добро дело . . . да бидеме мирни [разумни, НС], и да покажуваме секаква кротост кон сите луѓе‘ (Тит 3:1, 2). Во исто време, христијаните ќе направат добро доколку ја испитаат предложената цивилна служба. Ако ја прифаќаат, дали ќе бидат во можност да задржат христијанска неутралност? (Михеј 4:3, 5; Јован 17:16). Дали таа ќе ги вклучи во некаква лажна религија? (Откровение 18:4, 20, 21). Дали нејзиното извршување ќе ги спречи или неразумно ќе ги ограничи во исполнувањето на нивните христијански одговорности? (Матеј 24:14; Евреите 10:24, 25). Од друга страна, дали ќе бидат во состојба да продолжат духовно да напредуваат, можеби дури и да учествуваат во полновремената служба додека ја извршуваат бараната служба? (Евреите 6:11, 12).
21. Без разлика каква е неговата одлука, како би требало собранието да гледа на некој брат кој се справува со прашањето за невоена национална цивилна служба?
21 Што ако чесните одговори на ваквите прашања го доведат христијанинот до заклучок дека националната цивилна служба е „добро дело“ кое тој може да го врши од послушност спрема властите? Тоа е негова одлука пред Јехова. Наименуваните старешини и останатите би требало во потполност да ја почитуваат совеста на братот и да продолжат да го сметаат за христијанин со добар углед. Меѓутоа, ако еден христијанин мисли дека не може да ја извршува оваа цивилна служба, неговиот став би требало исто така да биде почитуван. И тој останува со добар углед и би требало да добие поддршка полна со љубов (1. Коринтјаните 10:29; 2. Коринтјаните 1:24; 1. Петрово 3:16).
22. Сеедно со каква ситуација сме соочени, што ќе продолжиме да правиме?
22 Како христијани, нема да престанеме да му даваме „на оној кој бара чест, таква чест“ (Римјаните 13:7, НС). Ние ќе го почитуваме добриот ред и ќе настојуваме да бидеме мирољубиви граѓани кои се придржуваат кон законот (Псалм 33:14). Можеме дури и да се молиме „за царевите и за сите што се на власт“ кога од овие луѓе се бара да донесат одлуки кои влијаат врз нашиот христијански живот и дело. Како резултат на тоа што го плаќаме цезаровото на цезарот, се надеваме „да поживееме тих и мирен живот во потполна побожност и чистота“ (1. Тимотеј 2:1, 2). А над сѐ, ќе продолжиме да ја проповедаме добрата вест за Царството како единствена надеж за човештвото, совесно плаќајќи го Божјето на Бога.
[Фуснота]
a Види Стражарска кула од 15 мај 1964 година, страница 308, пасус 21 (англ.).
Можеш ли да објасниш?
◻ Која е првенствената грижа на еден христијанин кога ги урамнотежува своите односи со цезарот и со Јехова?
◻ Што е тоа што му го должиме на Јехова а кое никогаш не можеме да му го дадеме на цезарот?
◻ Кои се некои од работите што исправно му ги враќаме на цезарот?
◻ Кои стихови ни помагаат да донесеме исправна одлука во врска со задолжителната воена служба?
◻ Кои се некои од работите што треба да се задржат на ум доколку сме повикани во невоена национална цивилна служба?
◻ Што ќе продолжиме да правиме во врска со Јехова и со цезарот?
[Слика на страници 16 и 17]
Пред Синедрионот апостолите рекле: „Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога отколку на луѓето“