Дали сте знаеле?
Зошто Исус му се обратил на Јехова во молитва со „Ава, Татко“?
Арамејскиот збор ава може да значи „татко“ или „о тато“. Во сите три случаи во коишто овој збор се појавува во Библијата, тој е дел од молитва и се однесува на небесниот Татко, Јехова. Што означувал овој збор?
Во една енциклопедија стои: „Во говорниот јазик од времето на Исус, зборот ава првенствено се користел како термин со кој децата покажувале дека се многу блиски и ги почитуваат своите татковци“ (The International Standard Bible Encyclopedia). Тоа бил милозлив облик на обраќање и еден од првите зборови што ги учело детето. Исус го употребил овој збор во една особено горлива молитва до својот Татко. Во градината Гетсиманија, само неколку часа пред да умре, Исус во молитва му се обратил на Јехова со зборовите „Ава, Татко“ (Марко 14:36).
„Во еврејската литература од грчко-римскиот период, ава е многу невообичаен облик на ословување на Бог, веројатно затоа што луѓето си мислеле дека нема да покажат почит ако му се обратат на Бог со овој збор на блискост“, стои понатаму во енциклопедијата што ја спомнавме. Но, „тоа што Исус го употребил овој збор во молитва е сосема во склад со неговото тврдење дека е близок со Бог“. Другите два случаи во кои во Библијата се појавува зборот „Ава“ — и двата во писмата на апостол Павле — покажуваат дека и христијаните во првиот век го користеле во своите молитви (Римјаните 8:15; Галатите 4:6).
Зошто дел од Библијата бил напишан на грчки јазик?
Апостол Павле рекол дека „светите Божји објави“ им биле доверени на Евреите (Римјаните 3:1, 2). Затоа, првиот дел од Библијата бил напишан главно на хебрејски јазик, на кој зборувале Евреите. Сепак, Христијанските списи биле напишани на грчки јазик.a Зошто?
Во 4 век пр.н.е., војниците на Александар Велики зборувале различни дијалекти на класичниот грчки јазик, кои веќе почнале да се мешаат, при што настанал коине, односно говорниот грчки јазик. Со освојувањата на Александар, коине станал меѓународен јазик во тоа време. Кога Александар бил на своите походи, Евреите биле расеани насекаде. Мнозина од нив никогаш не се вратиле во Палестина од изгнанството во Вавилон, кое завршило неколку века претходно. Затоа, голем број Евреи со текот на времето го подзаборавиле чистиот хебрејски јазик и наместо него почнале да го користат грчкиот (Дела 6:1). За нив била направена Септуагинтата, превод на Хебрејските списи на говорниот грчки јазик коине.
Еден библиски речник забележува дека ниеден друг јазик не бил толку „богат, флексибилен и со толку универзален и меѓународен карактер како грчкиот“ (Dictionnaire de la Bible). Поради својот богат и прецизен речник, детална граматика и глаголи што добро пренесувале секакви нијанси на значење, тој станал „јазик на кој се комуницирало и се пренесувале разни информации — токму таков јазик каков што му требал на христијанството“. Зар не е соодветно што грчкиот бил јазикот на кој била запишана христијанската порака?
[Фуснота]
a Кратки делови од Хебрејските списи биле напишани на арамејски. Евангелието според Матеј по сѐ изгледа било напишано на хебрејски јазик, а потоа веројатно самиот Матеј го превел на грчки.
[Слика на страница 13]
Извадок од грчката Септуагинта
[Извор на слика]
Со љубезна дозвола на Israel Antiquities Authority