СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 4
„Тој дух сведочи“
Тој дух сведочи со нашиот дух дека сме деца Божји (РИМ. 8:16)
ПЕСНА 25 Најмила сопственост
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1-2. Кој необичен настан се случил на празникот Педесетница во 33 год. од н.е.?
ВО НЕДЕЛА наутро, на празникот Педесетница во 33 год. од н.е., во една горна соба во Ерусалим биле собрани околу 120 ученици (Дела 1:13-15; 2:1). Неколку дена пред тоа, Исус им рекол да останат во Ерусалим затоа што требало да добијат еден посебен дар (Дела 1:4, 5). Што се случило тогаш?
2 Библијата вели: „Одеднаш настана шум од небото, како при налет на силен ветар“. Тој звук ја исполнил целата куќа. Потоа учениците здогледале нешто како „пламени јазици“ кои слегле над нивните глави, и сите се исполниле „со свет дух“ (Дела 2:2-4). На таков впечатлив начин, Јехова го излеал својот свет дух врз таа група ученици (Дела 1:8). Тие се првите што биле помазани со свет дух.b Со тоа им била дадена надеж дека ќе владеат со Исус од небото.
ШТО СЕ СЛУЧУВА КОГА НЕКОЈ Е ПОМАЗАН?
3. Зошто учениците на Педесетница немале ни трошка сомнеж дека се помазани со свет дух?
3 Да си бил меѓу учениците кои биле собрани во горната соба, никогаш немало да го заборавиш тој ден. Замисли си како над твојата глава слегува нешто како пламен јазик, и како почнуваш да зборуваш на друг јазик! (Дела 2:5-12). Дали ќе си имал макар и трошка сомнеж дека си помазан со свет дух? Воопшто не! Но, дали сите што се помазани со свет дух добиваат помазание на некој впечатлив начин, и дали се помазани во ист момент од животот? Не. Од каде знаеме?
4. Дали сите помазани христијани во првиот век го добиле небесниот позив во ист момент од животот? Објасни.
4 Да видиме најпрво кога некој може да биде помазан. Таа група од околу 120 христијани не биле единствените што биле помазани со свет дух на Педесетница 33 год. од н.е. Нешто подоцна истиот ден, уште околу 3.000 други го добиле ветениот свет дух. Тие биле помазани при своето крштавање (Дела 2:37, 38, 41). Но, во годините што следеле, сите помазани христијани не го добиле своето помазание кога се крстиле. Самарјаните биле помазани некое време по своето крштавање (Дела 8:14-17). А во еден посебен случај, Корнелиј и неговите домашни биле помазани со свет дух уште пред да бидат крстени (Дела 10:44-48).
5. Според 2. Коринќаните 1:21, 22, што се случува кога некој е помазан со свет дух?
5 Да разгледаме сега што се случува кога некој е помазан со свет дух. На некои што добиваат помазание, во почетокот им е тешко да сфатат зошто Јехова ги избрал нив. Можеби се прашуваат: „Зошто Бог ме избра баш мене?“ Други можеби не се чувствуваат така. Како и да е, апостол Павле објаснил што се случува со сите што се помазани. Тој рекол: „Откако поверувавте, бевте запечатениc со ветениот свет дух, кој е залог на нашето наследство“ (Еф. 1:13, 14). Според тоа, Јехова го користи својот свет дух за јасно да им стави до знаење на тие христијани дека ги избрал да одат на небото. На тој начин, светиот дух служи како „залог“, или еден вид капар, односно гаранција која Бог им ја дава за да ги увери дека во иднина ќе живеат на небото, а не на Земјата. (Прочитај 2. Коринќаните 1:21, 22.)
6. Што мора да прави секој помазан христијанин за да ја добие својата награда на небото?
6 Кога некој христијанин е помазан, дали тоа значи дека сигурно ќе добие небесна награда? Не. Тој е сигурен дека е повикан да оди на небото. Меѓутоа, мора да го има на ум следниов совет: „Браќа, уште повеќе дајте сѐ од себе за да ги потврдите својот позив и избор, зашто ако го правите тоа, никогаш нема да паднете“ (2. Пет. 1:10). Значи, иако еден помазан христијанин е избран, односно повикан за живот на небото, тој ќе ја добие својата награда само ако остане верен до крај (Фил. 3:12-14; Евр. 3:1; Отк. 2:10).
КАКО НЕКОЈ ЗНАЕ ДАЛИ Е ПОМАЗАН?
7. Како помазаните христијани знаат дека добиле позив за небесен живот?
7 Но, како некој знае дали има небесен позив? Одговорот јасно се гледа од зборовите што апостол Павле им ги напишал на христијаните во Рим, кои биле „повикани да бидат свети“. Тој им рекол: „Вие не примивте дух на ропството, за повторно да се плашите, туку примивте дух на посинувањето, кој нѐ поттикнува да викаме: ’Ава, Татко!‘ Тој дух сведочи со нашиот дух дека сме деца Божји“ (Рим. 1:7; 8:15, 16). Значи, преку својот свет дух, Бог јасно им става до знаење на христијаните дека имаат небесен позив (1. Сол. 2:12).
8. Како 1. Јованово 2:20, 27 покажува дека на помазаниците не треба никој друг да им потврдува дека имаат небесен повик?
8 Јехова не остава апсолутно никаков сомнеж во умот и срцето на оние што добиваат позив за небесен живот. (Прочитај 1. Јованово 2:20, 27.) Се разбира, на помазаните христијани — исто како и на сите други — им се потребни духовните поуки што Јехова ги дава преку собранието. Но, не треба никој друг да им потврдува дека се помазани. Јехова им го дава ова уверување преку својот свет дух — најмоќната сила во вселената!
ТИЕ СЕ „ПОВТОРНО РОДЕНИ“
9. Според Ефешаните 1:18, каква промена се случува кај поединецот кога е помазан со свет дух?
9 На повеќето Божји слуги денес им е тешко да разберат што се случува кога некој е помазан од Бог. Ова е сосема нормално бидејќи самите не го искусиле тоа. Впрочем, Бог ги создал луѓето за да живеат засекогаш на Земјата, а не на небото (1. Мој. 1:28; Пс. 37:29). Сепак, Јехова одлучил на некои да им даде небесен живот. Затоа, кога ги помазува, тој потполно ја менува нивната надеж и начинот на кој размислуваат — тие се радуваат што ќе можат да живеат на небото. (Прочитај Ефешаните 1:18.)
10. Што значи некој да биде „повторно роден“? (Види ја и фуснотата.)
10 За христијаните кои се помазани со свет дух, Исус рекол дека се „повторно родени“.d Тој исто така укажал дека е невозможно да му се објасни на некој што не е помазан како се чувствуваат оние што се „повторно родени“, односно „родени од духот“ (Јован 3:3-8).
11. Како се менува начинот на кој размислува оној што е помазан со свет дух?
11 Кога некои се помазани со свет дух, како се менува начинот на кој размислуваат? Пред Јехова да ги помаза, овие христијани имале надеж за вечен живот на Земјата. Тие копнееле по времето кога Јехова ќе го отстрани злото и ќе ја претвори Земјата во рај. Можеби дури и си замислувале како ги пречекуваат своите најмили кои починале. Но, откако го добиваат помазанието, тие почнуваат да размислуваат на поинаков начин. Зошто? Дали се премислиле затоа што се чувствувале потиштено или доживеале многу страдања? Дали одеднаш сфатиле дека ќе биде здодевно да живеат засекогаш на Земјата, и дека нема да бидат среќни овде? Не. Јехова го употребил својот свет дух за да им ја промени надежта и начинот на размислување.
12. Според 1. Петрово 1:3, 4, какви чувства имаат помазаните христијани кога размислуваат за својата надеж?
12 Некој што бил помазан можеби смета дека не е достоен за таа посебна чест. Сепак, воопшто не се сомнева дека Јехова го избрал. Неговото срце се прелева од радост и од благодарност кога размислува за тоа дека ќе живее на небото. (Прочитај 1. Петрово 1:3, 4.)
13. Како гледаат помазаните христијани на својот живот на Земјата?
13 Дали ова значи дека помазаниците сакаат да умрат? Апостол Павле дал одговор на ова прашање. Тој го споредил нивното човечко тело со шатор, и рекол: „Всушност, ние, кои сме во овој шатор, воздивнуваме оптоварени, зашто наша желба не е да го соблечеме овој, туку да облечеме друг, за животот да го проголта она што е смртно“ (2. Кор. 5:4). Овие христијани не сакаат овој живот да заврши што побрзо бидејќи изгубиле интерес за него. Напротив, уживаат во животот и сакаат да го користат секој ден за да му служат на Јехова со семејството и пријателите. Сепак, што и да прават, тие не престануваат да мислат на величествената надеж која Бог им ја ветил за иднината (1. Кор. 15:53; 2. Пет. 1:4; 1. Јов. 3:2, 3; Отк. 20:6).
ДАЛИ ЈЕХОВА ТЕ ПОМАЗАЛ ТЕБЕ?
14. Што не е доказ дека некој е помазан со свет дух?
14 Се прашуваш ли дали си бил помазан со свет дух? Ако да, размисли за следниве важни прашања: Дали во тебе гори силна желба да ја вршиш Божјата волја? Дали чувствуваш посебна ревност во службата? Дали длабоко ја проучуваш Божјата Реч, и дали уживаш да ги истражуваш „Божјите длабочини“? (1. Кор. 2:10). Дали чувствуваш дека Јехова многу те благословува во службата? Дали длабоко во себе чувствуваш одговорност да им помагаш на другите во духовен поглед? Дали си видел докази дека Јехова многупати ти помагал на конкретни начини? Ако на сите овие прашања одговори потврдно, дали тоа е доказ дека имаш небесен повик? Не. Зошто? Затоа што вакви чувства можат да имаат сите Божји слуги, а не само оние што се помазани. Преку светиот дух, Јехова може да им ја даде истата сила на сите свои слуги, без оглед каква надеж имаат. Всушност, ако се прашуваш дали си бил помазан со свет дух, самото тоа покажува дека не си помазан. Оние што Јехова ги повикал воопшто не се прашуваат дали се помазани или не. Тие го знаат тоа!
15. Од каде знаеме дека некои од оние на кои Јехова им го давал својот дух не се повикани за небесен живот?
15 Во Библијата има многу примери на верни лица на кои Јехова им го давал својот свет дух. Сепак, тие немале надеж за живот на небото. На пример, Давид бил воден од Божјиот дух (1. Сам. 16:13). Светиот дух му помогнал да ги разбере длабоките работи за Јехова и да напише делови од Библијата (Мар. 12:36). И покрај тоа, апостол Петар рекол дека Давид не се вознел на небото (Дела 2:34). Јован Крстител бил „исполнет со свет дух“ (Лука 1:13-16). Исус рекол дека никој од луѓето не бил поголем од Јован. Сепак, укажал дека Јован нема да владее како цар од небото (Мат. 11:10, 11). Јехова го користел светиот дух за да им даде на овие свои слуги моќ да прават неверојатни работи, но не го употребил за да ги повика за небесен живот. Дали ова значи дека не биле толку верни како оние што се избрани да владеат од небото? Не. Тоа едноставно значи дека Јехова ќе ги воскресне да живеат во рајот на Земјата (Јован 5:28, 29; Дела 24:15).
16. Каква награда очекуваат повеќето Божји слуги денес?
16 Повеќето Божји слуги денес немаат надеж за живот на небото. Исто како Авраам, Сара, Давид, Јован Крстител и многу други мажи и жени од библиски времиња, тие со радост очекуваат да живеат на Земјата под власта на Божјето Царство (Евр. 11:10).
17. Кои прашања ќе ги разгледаме во следната статија?
17 Бидејќи денес во Божјиот народ сѐ уште има помазани христијани, се наметнуваат некои прашања (Отк. 12:17). На пример, како треба помазаниците да гледаат на себеси? Ако некој од твоето собрание почне да зема од симболите на Спомен-свеченоста, како треба да се однесуваш со него? И, што ако бројот на оние кои тврдат дека имаат небесен позив продолжи да расте? Дали тоа треба да те загрижува? Овие прашања ќе бидат одговорени во следната статија.
a Уште од Педесетница 33 год. од н.е., Јехова им дава прекрасна надеж на некои христијани — надеж дека ќе владеат од небото заедно со неговиот Син. Но, како знаат дека биле избрани за таа посебна чест? Што се случува кога некој ќе добие ваков позив? Одговорот на овие прашања ќе го добиеме во оваа статија. Таа се темели на една друга статија што излезе во Стражарска кула од јануари 2016 год.
b ПОЈАСНУВАЊЕ: Помазани со свет дух: Јехова го користи светиот дух кога избира некого да владее заедно со Исус од небото. Преку својот дух, Бог му дава на тоа лице „залог“, односно ветување за иднината (Еф. 1:13, 14). Од таа причина, овие христијани можат да кажат дека светиот дух им „сведочи“, односно јасно им става до знаење дека ќе бидат наградени со живот на небото (Рим. 8:16).
c ПОЈАСНУВАЊЕ: Печат. Ова запечатување не е трајно. Верните помазани христијани добиваат трајно запечатување некое време пред својата смрт или, пак, ќе го добијат тој печат некое време пред да започне големата неволја (Еф. 4:30; Отк. 7:2-4; види во „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од април 2016).
d Додатни информации за тоа што значи некој повторно да е роден има во Стражарска кула од 1 април 2009, стр. 3-12.
ПЕСНА 27 Објавувањето на Божјите синови
e ОПИС НА СЛИКАТА: Сеедно дали сме во затвор поради нашата вера или сме слободни да проповедаме и да ги поучуваме другите за вистината, со нетрпение очекуваме да живееме на Земјата под власта на Божјето Царство.