Наскоро славна слобода за Божјите деца
„Творбата беше подложена на ништожност . . . на темел на надежта дека и самото творештво ќе биде ослободено од ропството на расипаноста и ќе ја има славната слобода на Божјите деца“ (РИМЈАНИТЕ 8:20, 21, NW).
1. На кој начин Исусовата жртва била претставена на Денот на искупувањето?
ЈЕХОВА го дал својот единороден Син како откупна жртва која го отворила патот кон небесен живот за 144.000 луѓе, како и кон вечни земни изгледи за остатокот од човештвото (1. Јованово 2:1, 2). Како што беше забележано во претходната статија, Исусовата жртва за христијаните родени со дух била претставена кога израелскиот првосвештеник на годишниот Ден на искупување жртвувал еден бик како принос за грев за себеси, за своето домаќинство и за племето Леви. На истиот ден, жртвувал еден јарец како принос за грев за сите други Израелци, исто како што Христовата жртва ќе му користи на човештвото воопшто. Еден жив јарец на симболичен начин ги однесувал колективните гревови на луѓето од минатата година, исчезнувајќи во пустелијатаa (3. Мојсеева 16:7—15, 20—22, 26).
2, 3. Што е мислено со Павловата изјава забележана во Римјаните 8:20, 21?
2 Откако ја изложил надежта на луѓето кои ќе станат небесни „синови Божји“, апостол Павле рекол: „Желното исчекување на творештвото е чекање да се откријат Божјите синови. Зашто творбата беше подложена на ништожност, не по својата волја, туку преку оној кој ја подложи, на темел на надежта дека и самото творештво ќе биде ослободено од ропството на расипаноста и ќе ја има славната слобода на Божјите деца“ (Римјаните 8:14, 17, 19—21, NW). Кое е значењето на оваа изјава?
3 Кога нашиот прататко Адам бил создаден како совршен човек, тој бил ‚син [или дете] Божји‘ (Лука 3:38). Поради тоа што згрешил, тој дошол во ‚ропство на расипаноста‘ и оваа состојба ѝ ја пренел на човечката раса (Римјаните 5:12). Бог им дозволил на луѓето да се раѓаат соочени со „ништожност“ поради нивната наследена несовршеност, но дал надеж преку „семето“, Исус Христос (1. Мојсеева 3:15; 22:18, обата NW; Галатјаните 3:16). Откровение 21:1—4 укажува на времето кога ‚смртта, плачот, пискотот и болката нема да ги има веќе‘. Со оглед на тоа дека ова е ветување за „луѓето“, тоа нѐ уверува дека едно ново земно општество од луѓе кои живеат под владетелството на Царството, ќе доживеат обновување на умот и на телото до потполно здравје и вечен живот како земни ‚Божји деца‘. За време на Христовото Илјадагодишно владеење, послушните луѓе ќе бидат ‚ослободени од ропството на расипаноста‘. Откако се докажале лојални на Јехова за време на конечниот испит, тие ќе бидат засекогаш слободни од наследениот грев и смртта (Откровение 20:7—10). Оние кои се на Земјата, тогаш ќе ја имаат „славната слобода на Божјите деца“.
Тие велат: „Дојди!“
4. Што значи да се ‚земе од водата на животот дарум‘?
4 Каква само прекрасна надеж е поставена пред човештвото! Не е ни чудо што христијаните родени со дух, кои уште се на Земјата, ревносно го преземаат водството да им кажуваат на другите за тоа! Како оние кои ќе станат дел од „невестата“ на прославеното Јагне, Исус Христос, помазаниот остаток е вклучен во исполнувањето на овие пророчки зборови: „И Духот и невестата велат: ‚Дојди!‘ И кој чуе, нека каже: ‚Дојди!‘ И кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека земе од водата на животот дарум“ (Откровение 21:2, 9; 22:1, 2, 17). Не, користите од Исусовата откупна жртва не се ограничени на 144-те илјади помазаници. Божјиот дух продолжува да дејствува преку преостанатите од класата на невестата на Земјата во кажувањето „Дојди“. Секој кој чуе, а жедува за праведност, поканет е да рече „Дојди“ и да ја искористи Јеховината изобилна подготовка за спасение.
5. Поради кого Јеховините сведоци се среќни што го имаат во својата средина?
5 Јеховините сведоци имаат вера во Божјата подготовка за живот преку Исус Христос (Дела 4:12). Среќни се што во својата средина имаат лица со чесни срца кои сакаат да учат за Божјите намери и да ја вршат неговата волја. Нивните Сали на Царството се отворени за сите кои сакаат да ‚дојдат и да земат од водата на животот дарум‘ во ова ‚последно време‘ (Даниил 12:4).
Промени со минувањето на времето
6. На кој начин Божјиот дух дејствувал врз Јеховините слуги во текот на различни временски периоди?
6 Бог има време кога ќе ги изврши своите намери, а тоа влијае врз неговите постапки со луѓето (Проповедник 3:1; Дела 1:7). Иако Божјиот дух дошол врз неговите слуги од претхристијански времиња, тие не биле родени како негови духовни синови. Меѓутоа, почнувајќи со Исус, дошло Јеховиното време да го употреби светиот дух за да роди предадени мажи и жени за небесно наследство. А како е со нашево време? Истиот дух дејствува врз Исусовите „други овци“, но тој не покренува во нив надеж и желба за небесен живот (Јован 10:16). Со нивната од Бог дадена надеж за вечен живот на рајска Земја, тие радосно го поддржуваат помазаниот остаток во давањето сведоштво во текот на овој период на премин од стариот свет во Божјиот праведен нов свет (2. Петрово 3:5—13).
7. Со какво дело на жетва биле зафатени Библиските студенти, но што знаеле тие за рајот?
7 Бог почнал ‚да доведува многу синови во слава‘ со излевањето на светиот дух на Пентакост 33 н. е. и очигледно поставил време за комплетирање на духовниот ‚Израил Божји‘, кој вкупно изнесува 144.000 (Евреите 2:10, NW; Галатјаните 6:16; Откровение 7:1—8). Почнувајќи во 1879, во ова списание честопати се споменувало едно дело на жетва, кое ги вклучува помазаните христијани. Но, Библиските студенти (сега наречени Јеховини сведоци), исто така знаеле дека Писмото ја нуди надежта за вечен живот на рајска Земја. На пример, изданието на Стражарска кула од јули 1883 навело: „Кога Исус ќе го воспостави своето Царство, ќе го уништи злото итн., оваа Земја ќе стане рај . . . и сите, кои се во своите гробови, ќе дојдат во него. А со тоа што стануваат послушни на неговите закони, тие можат засекогаш да живеат во него“. Како што одминувало времето, жетвата на помазаниците намалила и постепено поединци кои ја немале небесната надеж биле жнеани во Јеховината организација. Во меѓувреме, на своите помазани слуги, повторно родените христијани, Бог им дал увид што е вреден за внимание (Даниил 12:3; Филипјаните 2:15; Откровение 14:15, 16).
8. Како во текот на раните 1930-ти се развило едно разбирање за земната надеж?
8 Особено од 1931, оние со земна надеж се дружеле со христијанското собрание. Таа година, Јехова го просветлил остатокот од христијани родени со дух да види дека Језекиил, поглавје 9, се однесува на оваа земна класа, која се обележува за преживување во Божјиот нов свет. Во 1932 било заклучено дека таквите денешни лица слични на овци биле предочени со Јујовиот придружник Јонадав (Јехонадав) (4. Царства 10:15—17). Во 1934 јасно било покажано дека тие „Јонадавци“ треба да се „посветат“, односно да му се предадат на Бог. Во 1935, „големото множество“, односно ‚големото мноштво‘ — за кое порано се мислеше дека претставува секундарна духовна класа која ќе биде „придружник“ на Христовата невеста на небото — било идентификувано како други овци кои имаат земна надеж (Откровение 7:4—15; 21:2, 9; Псалм 44:14, 15). А особено од 1935, помазаниците предводеле во една потрага по исправен народ кој копнее да живее засекогаш на рајска Земја.
9. Зошто после 1935 некои христијани престанале да земаат од симболите на Господовата вечера?
9 После 1935, некои христијани кои земале од лебот и виното на Господовата вечера, престанале да земаат. Зошто? Затоа што сфатиле дека нивната надеж е земна, а не небесна. Една жена, која била крстена во 1930, рекла: „Иако [земањето] се сметаше за нешто исправно, особено за ревносните полновремени слуги, јас никогаш не бев уверена дека имам небесна надеж. Тогаш, во 1935, јасно ни беше докажано дека се собира едно големо мноштво со надеж засекогаш да живее на Земјата. Мнозина од нас се радуваа кога разбраа дека ние сме дел од тоа големо мноштво, и престанавме да земаме од симболите“. Дури и христијанските публикации се променија по својата природа. Иако оние од поранешните години првенствено беа наменети за Исусовите следбеници родени со дух, од 1935 наваму Стражарска кула и другата литература на ‚верниот роб‘ обезбедува духовна храна што одговара на потребите и на помазаниците и на нивните придружници кои имаат земна надеж (Матеј 24:45—47, NW).
10. Како би можел еден неверен помазаник да биде заменет?
10 Да претпоставиме дека еден помазаник станал неверен. Дали би имало замена? Павле покажал дека е така во својата дискусија за симболичното маслиново дрво (Римјаните 11:11—32). Ако едно лице родено со дух треба да биде заменето, Бог веројатно би му го дал небесниот позив на некој чија вера долги години била примерна во извршувањето света служба за Него. (Спореди Лука 22:28, 29; 1. Петрово 1:6, 7.)
Многу причини за благодарност
11. Без оглед на природата на нашата надеж, во што нѐ уверува Јаков 1:17?
11 Каде и да му служиме на Јехова во верност, тој ќе ги задоволи нашите потреби и исправни желби (Псалм 145:16, NW; Лука 1:67—74). Сеедно дали имаме вистинска небесна надеж или нашиот изглед е земен, имаме бројни здрави причини за благодарност спрема Бог. Тој секогаш прави работи што се во најдобрите интереси на оние кои го љубат. Ученикот Јаков рекол дека „секој добар дар и секој совршен подарок иде одозгора, доаѓа од Отецот на светлината“, Јехова Бог (Јаков 1:17). Да обрнеме внимание на неколку од овие дарови и благослови.
12. Зошто можеме да речеме дека на секој од неговите верни слуги Јехова му дал прекрасна надеж?
12 На секој од своите верни слуги, Јехова му дал прекрасна надеж. Тој повикал некои за небесен живот. На своите претхристијански сведоци, Јехова им ја дал прекрасната надеж за воскресение во вечен живот на Земјата. На пример, Авраам имал вера во воскресението и го очекувал ‚градот, што има основи‘ — небесното Царство, под кое тој ќе биде воскреснат во земен живот (Евреите 11:10, 17—19). Уште еднаш, во ова време на крајот, на милиони лица Бог им ја дава надежта за вечен живот на рајска Земја (Лука 23:43; Јован 17:3). Секако, секој кому Јехова му дал таква величествена надеж, би требало да биде длабоко благодарен за неа.
13. Како дејствувал Јеховиниот свет дух врз неговиот народ?
13 Јехова на својот народ му дава свет дух како дар. Христијаните на кои им е дадена небесна надеж, помазани се со свет дух (1. Јованово 2:20; 5:1—4, 18). Па сепак, Божјите слуги кои имаат земни изгледи, ја имаат помошта и водството од духот. Меѓу нив бил Мојсеј, кој го имал Јеховиниот дух, како и 70-мината мажи наименувани за да му служат (4. Мојсеева 11:24, 25). Под влијанието на светиот дух, Веселеил служел како експертски занаетчија во врска со табернакулот на Израел (2. Мојсеева 31:1—11). Божјиот дух дошол врз Гедеон, Јефтај, Самсон, Давид, Илија, Јелисеј и други. Иако овие поединци од древни времиња нема никогаш да бидат доведени во небесна слава, тие биле водени и помагани од светиот дух, како што се и Исусовите други овци денеска. Според тоа, поседувањето на светиот дух не значи дека задолжително го имаме небесниот позив. Сепак, Јеховиниот дух дава водство, ни помага да проповедаме и да ги исполниме другите од Бог дадени задачи, ни дава сила која е над она што е нормално и во нас ги создава неговите плодови на љубов, радост, мир, долготрпеливост, љубезност, доброта, вера, благост и самосовладување (Јован 16:13; Дела 1:8; 2. Коринтјаните 4:7—10; Галатјаните 5:22, 23, NW). Зарем не треба да бидеме благодарни за овој милостив дар од Бог?
14. Како извлекуваме корист од Божјите дарови на спознание и мудрост?
14 Спознанието и мудроста се дарови од Бог за кои треба да бидеме благодарни, без разлика дали нашата надеж е небесна или земна. Точното спознание за Јехова ни помага да ‚се увериме во поважните работи‘ и ‚да одиме достојно на Јехова, за потполно да му угодуваме‘ (Филипјаните 1:9—11; Колосјаните 1:9, 10, сите NW). Побожната мудрост служи како заштита и водич во животот (Изреки 4:5—7; Проповедник 7:12). Вистинското спознание и мудрост се темелат на Божјата Реч, и малкумината преостанати помазаници особено се привлечени кон она што таа го вели за нивната небесна надеж. Меѓутоа, љубовта кон Божјата Реч и доброто разбирање за неа не го сочинуваат Божјиот начин за покажување дека сме повикани за небесен живот. Мажите како Мојсеј и Даниил дури напишале и делови од Библијата, но тие ќе бидат воскреснати во живот на Земјата. Сеедно дали нашата надеж е небесна или земна, сите ние добиваме духовна храна преку Јеховиниот одобрен „верен и разборит роб“ (Матеј 24:45—47, NW). Колку само сме благодарни сите ние за спознанието што сме го стекнале на тој начин!
15. Кој е еден од Божјите најголеми дарови, и како гледаш ти на него?
15 Еден од најголемите Божји дарови е подготовката полна со љубов во врска со Исусовата откупна жртва, која ни користи без оглед на тоа дали имаме небесен изглед или земна надеж. Бог ‚толку го возљубил‘ светот на човештвото, што ‚Го дал Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен‘ (Јован 3:16). А Исусовата љубов го мотивирала самиот него „да ја даде душата Своја за откуп на мнозина“ (Матеј 20:28). Како што објаснил апостол Јован, Исус Христос е „очистување [помирбена жртва, NW] за нашите гревови [оние од помазаниците], и не само нашите, туку и гревовите на целиот свет“ (1. Јованово 2:1, 2). Затоа, сите ние треба да бидеме длабоко благодарни за оваа подготовка полна со љубов за спасение за вечен живот.b
Дали ќе бидеш присутен?
16. Кој значаен настан ќе биде комемориран после зајдисонце на 11 април 1998, и кој треба да биде присутен?
16 Благодарноста за откупнината обезбедена од Бог преку неговиот Син би требало да нѐ мотивира да бидеме присутни во Салите на Царството или на другите места каде што Јеховините сведоци ќе се соберат после зајдисонце на 11 април 1998 за да ја комеморираат смртта на Христос. Кога ја воспоставил оваа прослава со своите верни апостоли во последната ноќ од својот земен живот, Исус рекол: „Правете го ова за Мој спомен“ (Лука 22:19, 20; Матеј 26:26—30). Малкумината преостанати помазаници ќе земат од бесквасниот леб, што го претставува Исусовото безгрешно човечко тело, како и незајакнатото црвено вино, кое ја означува неговата крв пролеана во жртва. Само христијаните родени со дух треба да земаат, бидејќи само тие се во новиот завет и во заветот за Царство и го имаат неоспорното сведоштво од Божјиот свет дух дека имаат небесна надеж. Милиони други ќе бидат присутни како набљудувачи полни со почитување, кои се благодарни за љубовта покажана од Бог и од Христос во врска со Исусовата жртва која овозможува вечен живот (Римјаните 6:23).
17. Што треба да запомниме во врска со помазанието со дух?
17 Поранешните религиозни гледишта, силните емоции што потекнуваат од смртта на некое љубено лице, тешкотиите што сега се поврзани со земниот живот или, пак, чувството дека е добиен некој посебен благослов од Јехова, би можеле да наведат некои погрешно да си мислат дека небесниот живот е за нив. Но, сите ние треба да запомниме дека Писмото не ни заповеда да земаме од симболите на Меморијалот за да ја покажеме својата благодарност за Христовата откупна жртва. Освен тоа, духовното помазување „зависи не од оној, кој пожелува, ниту од оној, кој трча, туку од Бога“, Оној кој го родил Исус како духовен Син и кој доведува само 144.000 други синови во слава (Римјаните 9:16; Исаија 64:8).
18. Какви благослови претстојат за повеќето од оние кои му служат на Јехова денес?
18 Вечниот живот на рајска Земја е надеж дадена од Бог за огромното мнозинство луѓе кои му служат на Јехова во овие последни денови (2. Тимотеј 3:1—5). Наскоро, тие ќе се радуваат на овој прекрасен рај. Кнезовите тогаш ќе управуваат со земните работи под небесното владетелство (Псалм 44:16). Ќе постојат мирољубиви услови додека жителите на Земјата се потчинуваат на Божјите закони и учат повеќе за Јеховините патишта (Исаија 9:6, 7; Откровение 20:12). Ќе има многу работа околу градење домови и потчинување на Земјата (Исаија 65:17—25). А помисли само на среќните повторни семејни обединувања додека мртвите се враќаат во живот! (Јован 5:28, 29). После еден конечен испит, сета злоба ќе ја снема (Откровение 20:7—10). Потоа, Земјата засекогаш ќе биде исполнета со совршени луѓе кои се ‚ослободени од ропството на расипаноста и кои ја имаат славната слобода на Божјите деца‘.
[Фусноти]
a Види Insight on the Scriptures, том 1, страници 225, 226.
Како би одговорил?
◻ Што значи ‚да земеш од водата на животот дарум‘?
◻ Без разлика дали нашата надеж е небесна или земна, кои причини за благодарност кон Бог ги имаме?
◻ На која годишна прослава треба да присуствуваме сите ние?
◻ Што носи иднината за повеќето од Јеховиниот народ?
[Слика на страница 18]
Милиони почнале да ‚земаат од водата на животот дарум‘. Дали си ти меѓу нив?