Мудро употреби ја својата христијанска слобода
Бидете како слободни луѓе, но сепак задржете ја својата слобода . . . како Божји робови“ (1. ПЕТРОВО 2:16, NW).
1. Каква слобода изгубил Адам и каква слобода ќе му врати Јехова на човештвото?
КОГА нашите први родители згрешиле во еденската градина, за своите деца изгубиле славно наследство — слобода од грев и распадливост. Како резултат на тоа, сите ние сме се родиле како робови на распадливоста и смртта. Но за среќа, Јехова има намера на верните луѓе повторно да им врати прекрасна слобода. Денес, луѓето со исправни срца нестрпливо го очекуваат „откривањето на Божјите синови“, кое ќе доведе до тоа да бидат ослободени од ропството на распадливоста и ќе ја имаат славната слобода на Божјите деца‘ (Римјаните 8:19-21, New World Translation of the Holy Scriptures).
‚Помазани да проповедаат‘
2, 3. а) Кои се „Божјите синови“? б) На која прекрасна состојба ѝ се радуваат, и каква одговорност донесува тоа?
2 Кои се тие „Божји синови“? Тоа се помазани со дух браќа на Исус кои ќе бидат владетели со него во небесното Царство. Првите од нив се појавиле во текот на првиот век н. е. Тие ја прифатиле ослободувачката вистина што ја учел Исус и, од Пенатакост 33 н. е., имале удел во славните предности за кои зборувал Петар кога им напишал: „Вие сте ‚избран род, царско свештенство, света нација, народ за посебна своина‘“ (1. Петрово 2:9а; Јован 8:32).
3 Да се биде Божја посебна своина — каков прекрасен благослов! А денешниот остаток на тие помазани синови Божји ја ужива истата благословена положба пред Бог. Но со таквата возвишена предност доаѓаат и одговорности. Петар го свртел вниманието кон една од нив кога понатаму рекол: „,Да ги објавите надалеку извонредностите‘ на оној кој ве повика од темнината во неговата прекрасна светлина“ (1. Петрово 2:9б, NW).
4. Како помазаните христијани ја исполниле одговорноста која оди со нивната христијанска слобода?
4 Дали помазаните христијани ја исполниле одговорноста да ги објавуваат надалеку Божјите извонредности? Да. Зборувајќи пророчки за помазаните од 1919, Исаија рекол: „Духот на Господ Јахве е на мене, зашто Јахве ме помаза, ме испрати да донесам радосна вест за бедните, да ги лекувам скршените срца; да им навестам слобода на заробените и ослободување на заточените; да ја навестам годината на милоста Јахвина и денот на одмазда на нашиот Бог“ (Изаија 61:1, 2, Ст). Денес, помазаниот остаток, следејќи го примерот на Исус, на кого што овие библиски стихови првенствено се однесуваат, ревносно им ја објавува на другите добрата вест за слобода (Матеј 4:23-25; Лука 4:14-21).
5, 6. а) Кој бил резултатот од одушевеното проповедање на помазаните христијани? б) Кои предности и одговорности ги уживаат оние од големото мноштво?
5 Како резултат на нивното одушевено проповедање, големо мноштво други овци се појавиле на светската сцена во овие последни денови. Тие дошле од сите нации за да им се придружат на помазаните во служењето на Јехова, а вистината и нив ги ослободила (Захарија 8:23; Јован 10:16). Како Авраам, тие се прогласени за праведни на темел на верата и стапиле во близок однос со Јехова Бог. И како Раав, нивното прогласување за праведни ги доведува во положба за преживување — во нивниот случај, преживување во Армагедон (Јаков 2:23-25; Откровение 16:14, 16). Но таквите возвишени предности со себе ја повлекуваат и одговорноста да им се кажува на другите за Божјата слава. Затоа Јован ги видел како јавно го фалат Јехова, и „викаат со силен глас, велејќи: ‚Спасението му го должиме на нашиот Бог, кој седи на престолот, и на Јагнето‘“ (Откровение 7:9, 10, 14, NW).
6 Минатата година големото мноштво, кое сега брои над четири милиони, заедно со малиот преостанат дел од помазаните христијани, поминале скоро милијарда часови во објавување на Јеховините извонредности надалеку. Тие на најдобар можен начин ја употребиле својата духовна слобода.
‚Почитувајте го царот‘
7, 8. Каква одговорност спрема световните власти повлекува со себе христијанската слобода, и кој погрешен став мораме да го избегнуваме во тој поглед?
7 Нашата христијанска слобода повлекува со себе други одговорности. Петар укажал на некои кога напишал: „Почитувајте го секого, браќата сакајте ги, од Бога бојте се, царот почитувајте го!“ (1. Петрово 2:17). Што се подразбира под изразот „почитувајте го царот!“?
8 „Царот“ ги претставува световните владетели. Денес во светот се развил дух на непочитување спрема властите, а тоа може лесно да влијае на христијаните. Христијанинот може дури и да се прашува зошто би требало да му оддава чест на „царот“, кога „целиот свет е во власта на Злобниот“ (1. Иванова 5:19, Ст). Со оглед на овие зборови, би можело да се чувствува слободен да не ги слуша незгодните закони и да не плаќа данок ако тоа е можно. Но тоа би било спротивно на изричната заповед на Исус да ‚подадат на цезарот цезаровото‘. Всушност, тоа би значело да ја ‚употребува својата слобода како маска за злобата‘ (Матеј 22:21, ДК; 1. Петрово 2:16, NW).
9. Кои се две добри причини да бидеме послушни спрема световните власти?
9 Христијаните се должни да им оддадат чест на властите и да им бидат подложни — дури и ако е тоа на еден условен начин (Дела на св. апостоли 5:29). Зошто? Во 1. Петрово 2:14, 15 Петар укажува на три причини кога вели дека владетелите се „пратеници [од Бог] за казнување на злочинците, а за пофалба на добротворците“. Стравот од казна е доволна причина да се слуша власта. Каква срамота би било за еден Јеховин сведок да биде казнет или затворен поради насилство, кражба или некое друго злосторство! Замисли си колку би се одушевувале некои луѓе да му дадат публицитет на такво нешто! Од друга страна, додека развиваме репутација за граѓанска послушност, добиваме пофалба од непристрасните службеници. Би можела да ни биде дадена поголема слобода за да го извршуваме нашето дело на проповедање на добрата вест. Исто така, ‚со добротворството го задржуваме незнаењето на безумните луѓе‘ (1. Петрово 2:15б). Тоа е втора причина зошто треба да ја слушаме власта (Римјаните 13:3).
10. Која е најголемата причина да се слушаат световните власти?
10 Но постои уште поголема причина. Властите постојат со Јеховина дозвола. Како што вели Петар, политичките владетели се „пратеници“ од Јехова, и ‚Божја волја‘ е христијаните да им останат подложни (1. Петрово 2:15а). Слично на тоа, апостол Павле вели: „Постојните власти се подредени од Бог во нивната релативна положба“. Според тоа, нашата библиски школувана совест нѐ поттикнува да ги слушаме властите. Ако одбиеме да им се подложуваме, сме ‚зазеле став против уредувањето од Бог‘ (Римјаните 13:1, 2, 5, NW). Кој од нас радо би сакал да заземе став против Божје уредување? Каква злоупотреба на христијанската слобода би било тоа!
‚Сакајте ги браќата‘
11, 12. а) Која одговорност спрема соверниците доаѓа со нашата христијанска слобода? б) Кој особено ја заслужува нашата љубезна обѕирност и зошто?
11 Петар исто така рекол дека христијанинот треба ‚да ги сака браќата‘ (1. Петрово 2:17). Тоа е уште една одговорност која оди со христијанската слобода. Повеќето од нас припаѓаат на некое собрание. Всушност, сите ние му припаѓаме на меѓународното здружение или организација на браќа. Покажувањето љубов спрема нив е мудро употребување на нашата слобода (Јован 15:12, 13).
12 Апостол Павле издвоил една група христијани кои особено ја заслужуваат нашата љубов. Тој рекол: „Бидете им послушни на оние кои го преземаат водството меѓу вас и бидете подложни, зашто тие непрестајно бдеат над вашите души како оние кои ќе положат сметка; за да можат да го прават тоа со радост, а не со воздивнување, зашто тоа би ви било на штета“ (Евреите 13:17, NW). Оние кои преземаат водство во собранието се старешините. Вистина, тие мажи не се совршени. Сепак, се поставени под надзор на Водечкото тело. Тие предводат со примерот и со обѕирноста, и поставени се да бдеат над нашите души. Каква тешка задача! (Евреите 13:7). За среќа, повеќето собранија имаат добар дух на соработка и за старешините е радост да работат со нив. Многу е потешко кога поединци не сакаат да соработуваат. Старешината сепак ја врши својата работа, но како што вели Павле, ја врши со „воздивнување“. Се разбира дека не сакаме да предизвикаме старешините да воздивнуваат! Сакаме да наоѓаат радост во нивната работа за да можат да нѐ изградуваат.
13. Кои се некои начини на кои можеме да соработуваме со старешините?
13 Кои се некои од начините на кои можеме да соработуваме со старешините? Еден е ако помагаме во одржувањето и чистењето на Царската сала. Друг начин е ако соработуваме во посетување на болните и помагање на изнемоштените. Освен тоа, можеме да се стремиме да останеме духовно јаки за да не им бидеме товар. Една важна област на соработка е одржувањето на моралната и духовната чистота на собранието, како преку сопственото однесување, така и со известување за случаи на сериозен грев ако би ги забележале.
14. Како треба да соработуваме со постапката на укорување што ја преземаат старешините?
14 Понекогаш, со цел да го зачуваат собранието чисто, старешините мораат да исклучат непокајнички престапник (1. Коринтјаните 5:1-5, NW). Тоа го заштитува собранието, а исто така може да му помогне на оној кој погрешно постапува. Често, таквиот укор помогнал грешникот да се врати при својот разум. Но што ако оној кој е исклучен е близок пријател или роднина? Да претпоставиме дека поединецот ни е татко или мајка, или син или ќерка. Дали и покрај тоа ја почитуваме постапката на старешините? Вистина, тоа може да биде тешко. Но каква злоупотреба на нашата слобода би било кога би ја довеле во прашање одлуката на старешините и кога би продолжиле духовно да се дружиме со некој кој покажал дека расипнички влијае во собранието! (2. Јованово 10, 11). Јеховиниот народ во целина треба да биде пофален поради начинот на кој соработува во таквите работи. Како резултат на тоа, Јеховината организација останува неизвалкана во овој нечист свет (Јаков 1:27).
15. Ако некој стори сериозен грев, што треба веднаш да направи?
15 Што ако ние направиме сериозен грев? Цар Давид ги опишал оние спрема кои Јехова е наклонет кога рекол: „Кој смеее да се качи на гората Јеховина, и кој може да се искачи на неговото свето место? Оној кој е со невини раце и чисто срце, кој Мојата душа не ја носел во потполна безвредност, ниту се заколнал лажно“ (Псалми 24:3, 4, NW). Ако од некоја причина повеќе не сме „со невини раце и чисто срце“, мораме итно да постапуваме. Во опасност е нашиот бескраен живот.
16, 17. Зошто оној кој е крив за сериозни гревови, не треба да се обидува сам да го реши проблемот?
16 Некои биле во искушение да кријат сериозни гревови, можеби размислувајќи на следниов начин: ‚Му признав на Јехова и се покајав. И зошто да ги мешам старешините?‘ Престапникот може да се срами или да се плаши од она што би можеле старешините да направат. Меѓутоа, треба да запомни дека иако само Јехова може да нѐ очисти од грев, Тој првенствено ги поставил старешините како одговорни за чистотата на собранието (Псалми 51:2, Даничиќ-Карачиќ). Тие се тука за оздравување, за „приспособувањето на светите“ (Ефесјаните 4:12, NW). Ако не одиме кај нив кога ни треба духовна помош е исто како да не одиме на лекар кога сме болни.
17 Некои кои се обидуваат сами да ги решаваат проблемите, утврдуваат дека после месеци или години, нивната совест сѐ уште прилично ги мачи. Уште полошо, други кои кријат сериозна погрешка, запаѓаат во грев по втор или по трет пат. Кога случајот конечно ќе дојде пред старешините, се работи за повторливо престапување. Колку е подобро да се следи советот на Јаков! Тој напишал: „Има ли некој меѓу вас кој е болен? Нека ги повика постарите мажи од собранието кај себе, и нека се молат над него и нека го намачкаат со масло во името Јеховино“ (Јаков 5:14, NW). Оди кај старешините додека уште има време за лекување. Ако предолго чекаме, би можеле да отврднеме во некое погрешно постапување (Проповедник 3:3; Исаија 32:1, 2).
Изгледот и рекреацијата
18, 19. Зошто еден свештеник поволно се изразил за Јеховините сведоци?
18 Пред пет години, во еден црковен весник еден католички свештеник во Италија топло се изразил за Јеховините сведоци.a Рекол: „Мене лично ми се допаѓаат Јеховините Сведоци; Отворено го признавам тоа. . . . Оние кои јас ги познавам се со беспрекорно однесување, љубезни . . . [и] многу убедливи. Кога ние ќе сфатиме дека вистината треба прифатливо да се претстави, и дека оние кои ја објавуваат вистината не смеат да бидат со половично срце, да мирисаат на нечистотија, разбушавени и неуредни?“
19 Според тие зборови, свештеникот бил импресиониран, меѓу другото, од начинот на кој Сведоците се облекувале и изгледале. Очигледно, оние кои тој ги запознал го слушале советот што го давал „верниот и разумен роб“ низ годините (Матеј 24:45, NW). Библијата вели дека облеката за жените треба да биде ‚добро уредена и скромна‘ (1. Тимотеј 2:9, NW). Во ова време на распад, тој совет е неопходен и за мажите. Зарем не е логично претставниците на Божјето Царство да изгледаат пристојно за оние однадвор?
20. Зошто христијанинот треба да биде свесен за своето облекување во секое време?
20 Некои можеби се согласуваат дека треба да бидат внимателни како се облекуваат за состаноци и во службата на проповедање, но можеби мислат дека библиските начела не важат во други прилики. Но дали ние некогаш престануваме да бидеме претставници на Божјето Царство? Вистина, околностите варираат. Ако помагаме на изградбата на некоја Царска сала, ќе се облечеме поинаку отколку кога би присуствувале на состанок во истата Царска сала. Во слободното време, најверојатно ќе се облечеме на еден полежерен начин. Но секаде кадешто нѐ гледаат другите, нашата облека секогаш треба да биде добро уредена и скромна.
21, 22. Како сме заштитени од штетната рекреација и како треба да гледаме на советот за таквите работи?
21 Друга област која привлекла големо внимание е рекреацијата. На луѓето — особено на младите — им треба рекреација. Не е грев или губење на време да планираме време за разонода за семејството. Дури и Исус ги повикал своите ученици да ‚се одморат малку‘ (Марко 6:31). Но внимавај рекреацијата да не ја отвори вратата кон духовно заразување. Живееме во свет кадешто рекреацијата нагласува сексуална неморалност, грубо насилство и спиритизам (2. Тимотеј 3:3; Откровение 22:15). Верниот и разумен роб е буден на таквите опасности и постојано нѐ предупредува на нив. Мислиш ли дека таквите потсетувања се повреда на твојата слобода? Или си благодарен што Јеховината организација доволно се грижи за тебе постојано да ти го насочува вниманието на таквите опасности? (Псалми 19:7, NW; 119:95, NW).
22 Никогаш не заборавај дека иако нашата слобода доаѓа од Јехова, ние сме одговорни како ја употребуваме. Ако го занемаруваме добриот совет и донесуваме погрешни одлуки, не можеме да обвинуваме некој друг. Апостол Павле вели: „Секој од нас ќе одговара пред Бога за себе“ (Римјаните 14:12; Евреите 4:13).
Чекај ја слободата на Божјите деца
23. а) Кои благослови во врска со слободата ги уживаме? сега б) Кои благослови желно ги очекуваме?
23 Ние сме навистина благословен народ. Ослободени сме од лажната религија и суеверието. Благодарение на откупната жртва, можеме да му пристапиме на Јехова со исчистена совест, слободни во духовна смисла од ропството на гревот и смртта. И наскоро ќе дојде „откривањето на Божјите синови“. Во Армагедон, Исусовите браќа во својата небесна слава ќе им се откријат на луѓето како уништувачи на Јеховините непријатели (Римјаните 8:19, NW; 2. Солунјаните 1:6-8; Откровение 2:26, 27). Потоа, тие синови Божји ќе бидат откриени како канали за благослови кои ќе течат од Божјиот престол до човештвото (Откровение 22:1-5). На крај, ова откривање на Божјите синови ќе доведе до благословување на верното човештво со славната слобода на Божјите деца. Дали копнееш по тоа време? Тогаш употреби ја мудро својата христијанска слобода. Робувај му на Бог сега, и ќе ја уживаш таа чудесна слобода во целата вечност!
[Фуснота]
a Свештеникот подоцна ја повлече оваа пофалба, очигледно под притисок.
За повторување
◻ Како помазаниците и другите овци го прославиле Јехова?
◻ Зошто христијаните треба да ги почитуваат световните власти?
◻ На кои начини христијанинот може да соработува со старешините?
◻ Зошто Јеховините сведоци во поглед на облеката се истакнуваат како поинакви од многумина во светот?
◻ Што треба да избегнуваме кога станува збор за рекреација?
[Слика на страница 17]
Старешините особено ја заслужуваат нашата љубов и соработка
[Слики на страница 18]
Облеката на еден христијанин треба да биде уредна, скромна и соодветна на приликата