„Верувам само во она што го гледам“
„Агностичар е човек што мисли дека не е можно да се спознае вистината за Бог и за иднината — концепти со кои се занимаваат христијанските и другите религии. Или, ако не е невозможно, барем сега за сега е така“ (ФИЛОЗОФОТ БЕРТРАНД РАСЕЛ, 1953 ГОД.).
ЧОВЕКОТ што го измислил поимот „агностик“ е еден зоолог кој се викал Томас Хаксли. Тој е роден во 1825 год. и бил современик на Чарлс Дарвин и поборник на еволуционистичката теорија. Во 1863 год., Хаксли напишал дека не може да најде докази дека постои Бог кој „нѐ сака и кој се интересира за нас, како што тврди христијанството“.
Многу луѓе денес се согласуваат со гледиштата на овие влијателни луѓе, и велат дека веруваат само во она што ќе го видат со свои очи. Чиста лековерност е да се верува во некого или во нешто за кое нема докази, можеби ќе речат тие.
Дали Библијата вели дека треба слепо да веруваме во Бог? Не. Напротив, Библијата покажува дека е наивно — дури и неразумно — да се верува во тврдења што не се поткрепени со докази. „Лековерниот верува на секој збор“, вели Библијата, „а паметниот внимава на своите чекори“ (Изреки 14:15).
Тогаш, што може да се каже за верата во Бог? Некои мислат дека нема докази ни за неговото постоење, а камоли дека нѐ сака и дека е заинтересиран за нас. Дали е тоа точно?
Како ни се откриени Божјите особини
Апостол Павле, еден од писателите на Библијата, пред една група високо образовани Атињани рекол дека Бог ‚го создал светот и сѐ што е на него‘. Павле им рекол на тие скептични луѓе дека Бог не само што е заинтересиран за луѓето туку и дека „не е далеку од никого од нас“ (Дела 17:24-27).
Зошто Павле бил уверен дека Бог постои и дека е заинтересиран за луѓето што ги создал? Тој открил една од причините во писмото што им го напишал на своите сохристијани во градот Рим. Во врска со Бог, тој рекол: „Неговите невидливи својства, имено неговата вечна моќ и божество, јасно се гледаат уште од создавањето на светот, бидејќи се распознаваат по она што е создадено“ (Римјаните 1:20).
На следните страници се спомнати три особини на Бог кои јасно можат да се видат од она што го создал. Додека ги разгледуваш, прашај се: ‚До каков заклучок доаѓам кога ќе размислам за овие Божји особини?‘
[Истакната мисла на страница 3]
Библијата не вели дека треба слепо да веруваме во Бог