Дали напатените некогаш ќе имаат мир?
ДАЛИ би сакал да доживееш крај на страдањето, не само за тебе туку и за сето човештво? Разгледај ги следниве примери:
Соња се напатила и повеќе од обично.a Најпрво, кога открила дека нејзиниот сопруг веќе десет години имал една прељубничка афера. Потоа, нејзиниот најмлад син се заразил со вирус на ХИВ и умрел од СИДА. Две години подоцна, нејзиниот друг син се разболел и кратко по тоа и тој умрел од СИДА. „Последната фаза од неговата болест траеше толку долго“ — се присеќава Соња. „Страдаше од тешка депресија, ја загуби косата и не можеше добро да гледа. Беше многу жалосно.“
Фабијана, една бразилска студентка, била загрижена околу социјалните неправди во светот. Потоа, самиот нејзин живот бил погоден од трагедија. Брат ѝ, кој страдал од депресија, извршил самоубиство. Кога Фабијана ја изгубила работата, една пријателка ѝ предложила да побара некој паи-ди-санту (врач), резонирајќи дека, штом Фабијана трпи таква несреќа, некој сигурно ѝ имал направено магија! Но, паи-ди-санту не ѝ донел никакво олеснување. Наместо тоа, Фабијана се чувствувала измачувана, неспособна да спие поради своите неволји.
Патењето на Ана започнало многу порано во животот. „Кога имав една година“ — раскажува таа — „мајка ми ме напушти, така што ме прифати баба ми.“ Потоа, кога Ана имала само три години, баба ѝ умрела. Ана била испратена во едно сиропиталиште во Рио де Жанеиро, каде што останала сѐ до својата 13-та година. „Таму, многу лошо се постапуваше со нас, па затоа станав бунтовна“ — вели таа. „Додека растев, се борев дословно против сѐ.“
На еден или на друг начин, се чини дека патењето го трогнува животот на секој човек. Всушност, секојдневно се соочуваме со приказни на човечка трагедија — секогаш кога гледаме, читаме или слушаме вести. „Дури во нашава . . . ера на масовна комуникација стана практично невозможно да се избегне постојаното бомбардирање со лоши вести“ — пишува д-р Мери Сајкс Вајли. „Војни, природни катастрофи, индустриски катастрофи, колеж на автопатите, криминал, тероризам, сексуално злоупотребување, силување, куќно насилство — сето тоа ја прави траумата ужасен и секојдневен лајтмотив на нашиов XX-ти век.“ Христијанскиот апостол Павле реално го сумирал човечкото искуство: „Сето творештво заедно стенка и заедно се наоѓа во болка“ (Римјаните 8:22, НС).
А како е со тебе? Дали доживуваш несреќа? Какво олеснување можеш да очекуваш? Дали некогаш повторно ќе постигнеш вистински мир? Соња, Фабијана и Ана нашле вистинска утеха и вистинска мера мир! Можеш да прочиташ за тоа во следнава статија.
[Фуснота]
a Имињата во статијава се изменети.