Творештвото ја објавува Божјата слава!
„Небесата ја раскажуваат Божјата слава, небесниот свод го навестува делото на Неговите раце“ (ПСАЛМ 19:1).
1, 2. а) Зошто луѓето не можат директно да ја гледаат Божјата слава? б) На кој начин 24-те старешини му оддаваат слава на Бог?
„НЕ МОЖЕШ да го видиш Моето лице, зашто човек не може да Ме види Мене и да остане жив“ (Излез 33:20). Со овие зборови Јехова му дал предупредување на Мојсеј. Бидејќи луѓето се суштества од крв и месо, тие не можат да издржат директно да ја гледаат Божјата слава. Меѓутоа, во една визија, на апостол Јован му била откриена спектакуларна глетка на Јехова, седнат на неговиот славен престол (Откровение 4:1—3).
2 За разлика од луѓето, лојалните духовни суштества можат да го видат Јеховиното лице. Меѓу нив се и оние „дваесет и четири старешини“ од небесната визија што ја добил Јован, кои ги претставуваат 144-те илјади (Откровение 4:4; 14:1—3). Како реагираат тие кога ја гледаат Божјата слава? Според Откровение 4:11, тие изјавуваат: „Достоен си, Јехова, да, Боже наш, да ја примиш славата и честа и моќта, зашто ти создаде сѐ, и поради твојата волја постои и е создадено“.
Зошто „немаат изговор“
3, 4. а) Зошто верата во Бог не е ненаучна работа? б) Во некои случаи, што стои зад отфрлањето на верата во Бог?
3 Дали си мотивиран да му оддадеш слава на Бог? Повеќето луѓе не се, а некои дури и негираат дека Бог постои. На пример, еден астроном напишал: „Дали Бог бил тој што се замешал во работите и толку мудро го создал космосот за нас? . . Тоа е возбудлива мисла. За жал, за мене е чиста илузија . . . Бог не е никакво објаснување“.
4 Научното истражување е ограничено — се сведува само на она што луѓето можат да го набљудуваат или да го изучуваат. Сѐ друго е само теорија или претпоставки. Бидејќи „Бог е Дух“, тој не е подложен на директно научно истражување (Јован 4:24). Според тоа, дрско е да се отфрли верата во Бог како ненаучна работа. Научникот Винсент Виглзворт од универзитетот во Кембриџ забележал дека самиот научен метод претставува „религиозен пристап“. Во кој поглед? Па, тој се заснова на безусловна вера дека природните појави се подложни на ‚законите на природата‘“. Затоа, кога некој го отфрла верувањето во Бог, зарем, всушност, не заменува една вера со друга? Во некои случаи, изгледа дека неверувањето е само намерно одбивање да ѝ се погледне в очи на вистината. Псалмистот напишал: „Безбожникот вели во својата гордост; не, нема истраги! Па нема ни Бог!“ (Псалм 10:4).
5. Зошто нема изговор за да не се верува во Бог?
5 Меѓутоа, верата во Бог не е само слепо верување бидејќи има огромни докази дека постои Бог (Евреите 11:1). Астрономот Ален Сандејџ изјавил: „Мислам дека е речиси невозможно еден таков ред [во универзумот] да настанал од хаос. Мора да постои некој принцип што е одговорен за таа организираност. За мене Бог е мистерија, но тој сепак е објаснување за чудото на постоењето — зошто постои нешто наместо да не постои ништо“. Апостол Павле им рекол на христијаните во Рим дека Божјите „невидливи својства, дури и неговата вечна моќ и Божество, јасно се гледаат од создавањето на светот па наваму, бидејќи се согледуваат по она што е направено, така што тие [неверниците] немаат изговор“ (Римјаните 1:20). Уште од „создавањето на светот“ — особено од создавањето на интелигентните човечки суштества, кои можат да го сфатат постоењето на Бог — очигледно е дека постои Творец со неизмерна моќ, Бог што е достоен за обожавање. Затоа, оние што не ја признаваат Божјата слава немаат изговор. Но, какви докази ни нуди творештвото?
Вселената ја објавува Божјата слава
6, 7. а) На кој начин небесата ја објавуваат Божјата слава? б) Со која цел небесата растегнале ‚мерни јажиња‘?
6 Одговорот го наоѓаме во Псалм 19:1, каде што стои: „Небесата ја раскажуваат Божјата слава, небесниот свод го навестува делото на Неговите раце“. Давид сфатил дека ѕвездите и планетите што блескаат на „небесниот свод“, односно низ атмосферата, даваат непобитен доказ за постоењето на еден величествен Бог. Тој продолжува: „Денот на ден му го објавува тоа, а ноќта на ноќ ѝ соопштува“ (Псалм 19:2). Од ден на ден и од ноќ на ноќ, во небесата се гледа Божјата мудрост и неговата создавачка моќ. Тоа е како од небото да се слушаат ‚објави‘ на фалба на Бог.
7 Меѓутоа, потребна е проникливост за да се чуе тоа сведоштво. „Тука нема зборување, тука нема зборови, од нив глас не се слуша.“ Сепак, колку само е силно тоа безгласно сведоштво! „По целата земја се растегнало нивното мерно јаже и нивните зборови отидоа до крајот на населената земја“ (Псалм 19:3, 4, NW). Ова е како небесата да растегнале ‚мерни јажиња‘ за да се осигури дека нивното безгласно сведоштво ќе го исполни секој дел од Земјата.
8, 9. Кои се некои извонредни факти во врска со Сонцето?
8 Потоа Давид опишува уште едно чудо од Јеховиното творештво: „Таму [на видливите небеса], за сонцето тој оптегнува шатор, кое излегува како младоженец од својата ложница, се радува како јунак кога ја претрчува патеката. Излегува од небесниот крај и обиколува до крајот; и ништо не се крие од неговата топлина“ (Псалм 19:4—6).
9 Во светот на ѕвездите, Сонцето е само една ѕвезда со средна големина. Сепак, тоа е извонредна ѕвезда и планетите што кружат околу него изгледаат како џуџиња. Едно дело вели дека масата на Сонцето изнесува „2 милијарди милијарди милијарди тони“ — 99.9 проценти од вкупната маса на нашиот Сончев систем! Поради неговата гравитациона сила, Земјата кружи во орбита на оддалеченост од 150 милиони километри — без да се оддалечи или, пак, премногу да му се приближи. Само околу половина од еден милијардити дел од Сончевата енергија стигнува до нашава планета, но и тоа е доволно за да се одржува животот.
10. а) На кој начин сонцето влегува и излегува од својот „шатор“? б) На кој начин претрчува како некој „јунак“?
10 Псалмистот зборува за сонцето со стилски фигури, претставувајќи го како „јунак“ што во текот на денот трча од едниот до другиот хоризонт, а ноќе се одмора во „шатор“. Кога таа моќна ѕвезда се спушта под хоризонтот, за некој што гледа од Земјата се чини како да влегува во некој „шатор“ за да се одмори. Наутро изгледа како да се појавува ненадејно, блескајќи со своите зраци како ‚младоженец што излегува од својата ложница‘. Како пастир, Давид знаел колку можат да бидат студени ноќите (Битие 31:40). Си спомнувал како сончевите зраци брзо го стоплувале него и пределот околу него. Јасно, сонцето не се уморувало на својот пат од исток кон запад, туку било како некој „јунак“, спремен да ја помине истата „патека“.
Ѕвезди и галаксии што влеваат страхопочит
11, 12. а) Што е извонредно во тоа што Библијата ги споредува ѕвездите со песок? б) Колку огромна можеби е вселената?
11 Без телескоп, Давид можел да види само неколку илјади ѕвезди. Меѓутоа, според едно неодамнешно истражување, бројот на ѕвезди во вселената што можат да се видат со помош на современи телескопи изнесува 70 трилијарди — тоа е бројот 7 по кој следат 22 нули! Јехова укажал дека се работи за огромни бројки кога го споредил бројот на ѕвездите со „песок на морскиот брег“ (Битие 22:17).
12 Со години астрономите ги набљудувале формациите што биле опишани како „мали светлосни области што личат на маглини, а немаат некој јасен облик“. Научниците претпоставувале дека овие „спирални маглини“ биле небесни тела што влегуваат во составот на нашата галаксија, Млечен пат. Во 1924 било откриено дека најблиската таква маглина, Андромеда, всушност и самата е галаксија — оддалечена од нашата околу две милиони светлосни години! Денес научниците проценуваат дека постојат милијарди галаксии, а секоја од нив содржи илјадници — понекогаш дури и милијарди ѕвезди. Сепак, Јехова „го одредува бројот на ѕвездите, секоја ја наречува со нејзиното име“ (Псалм 147:4).
13. а) Што е извонредно во врска со соѕвездијата? б) Зошто е очигледно дека научниците не ги познаваат „небесните закони“?
13 Јехова го запрашал Јов: „Можеш ли да ја врзеш Плејадата со вериги и да ги разврзеш врските на Орион?“ (Јов 38:31). Соѕвездието е составено од голем број ѕвезди што се распоредени на таков начин што нам ни личат на некоја слика. Иако ѕвездите можат да бидат многу оддалечени една од друга, гледано од Земјата нивните релативни положби не се менуваат. Бидејќи нивните положби се толку прецизни, ѕвездите даваат „корисно водство во морепловството, им помагаат на астронаутите во насочувањето на вселенските летала, а помагаат и да се препознаат ѕвездите“ (The Encyclopedia Americana). Сепак, никој не ги сфаќа потполно „врските“ што ги држат ѕвездите заедно во соѕвездија. Да, научниците сѐ уште не можат да одговорат на прашањето што е поставено во Јов 38:33: „Зар ги познаваш ти небесните закони?“
14. Во кој поглед ширењето на светлината е тајна?
14 Научниците не можат да дадат одговор на уште едно прашање што му било поставено на Јов: „По кој пат се шири светлината?“ (Јов 38:24, NW). Еден писател го нарекол ова распрашување во врска со светлината „многу современо научно прашање“. Меѓутоа, некои грчки филозофи сметале дека светлината доаѓа од човечкото око. Во поново време, научниците мислеле дека светлината се состои од ситни честички. Други, пак, мислеле дека таа се шири во вид на бранови. Денес научниците сметаат дека светлината се однесува и како бран и како честичка. Сепак, луѓето сѐ уште не ја разбираат потполно природата на светлината и како „се шири“ таа.
15. Слично на Давид, какви чувства треба да имаме кога размислуваме за небесата?
15 Кога човек ќе размисли за сево ова, не може а да не се чувствува како псалмистот Давид, кој рекол: „Кога ги гледам Твоите небеса, делото на Твоите прсти; месечината и ѕвездите што си ги поставил: Што е човекот за да си спомнуваш за него? Или човечкиот син за да го посетуваш?“ (Псалм 8:3, 4).
Земјата и созданијата на неа го слават Јехова
16, 17. На кој начин суштествата во водните „бездни“ го фалат Јехова?
16 Во 148. Псалм се набројани и други начини на кои творештвото ја објавува Божјата слава. Во 7. стих стои: „Фалете Го Господа од земјата, морски чудовишта и сите бездни“. Да, водните „бездни“ врват од чуда што ја истакнуваат Божјата мудрост и моќ. Синиот кит тежи просечно 120 тони — колку 30 слона! Само неговото срце тежи преку 450 килограми и може да пумпа околу 6.400 килограми крв низ неговото тело! Дали овие џиновски морски чудовишта се бавни и несмасни во водата? Во никој случај! Тие „фучат низ океаните“ со зашеметувачки брзини, вели еден извештај на Европската кампања за случајно убиени китови. Кога биле следени преку сателит, се покажало дека „едно животно при мигрирањето поминало повеќе од 16.000 километри за 10 месеци.
17 Клунестиот делфин обично се нурнува во длабочини од 45 метри, но има податок дека најголемата длабочина до која се нурнал некој изнесува 547 метри! Како може овој цицач да преживее при такво нурнување? Додека нурка, чукањето на срцето му се забавува и крвта се пренасочува во срцето, белите дробови и мозокот. Освен тоа, неговите мускули содржат една хемиска супстанција со помош на која се складира кислородот. Јужните моржови и големиот кит можат да нуркаат уште подлабоко. „Наместо да му се спротивставуваат на притисокот“, вели списанието Discover, „тие дозволуваат тој сосема да им ги сплеска белите дробови.“ Поголемиот дел од кислородот што им е потребен го складираат во мускулите. Јасно, овие суштества се жив доказ за мудроста на еден семоќен Бог!
18. На кој начин морската вода покажува дека Јехова е мудар?
18 Дури и морската вода покажува колку е мудар Јехова. Во Scientific American стои: „Секоја капка вода од горните 100 метри од океанот содржи илјадници микроскопски растенија што слободно лебдат, наречени фитопланктон“. Оваа „невидлива шума“ го прочистува воздухот на тој начин што отстранува милијарди тони јаглерод диоксид. Фитопланктонот создава повеќе од половина од кислородот што го дишиме.
19. На кој начин огнот и дождот ја исполнуваат Јеховината волја?
19 Во Псалм 148:8 стои: „Оган и град, снег и магла, виорен ветер, што го исполнува Неговото слово!“ Да, Јехова ги користи и неживите сили во природата за да ја исполни својата волја. Да го земеме, на пример, огнот. Во изминативе децении се мислело дека шумските пожари нанесуваат само штета. Сега истражувачите сметаат дека пожарите играат важна еколошка улога со тоа што ги отстрануваат старите или изумрени дрвја, го потпомагаат ’ртењето на многу семиња, ги рециклираат хранливите материи и го намалуваат ризикот од неконтролирани пожари. И снегот е многу битен, бидејќи ја наводнува почвата и ја прави плодна, ги полни реките со вода и ги штити растенијата и животните од смрзнување при ниски температури.
20. На кој начин планините и дрвјата им користат на луѓето?
20 „Планини и сите ридови, плодоносни стебла и сите кедрови“, набројува псалмистот во Псалм 148:9. Величествените планини се доказ за Јеховината огромна моќ (Псалм 65:6). Но, тие имаат и една практична намена. Еден извештај од Географскиот институт во Берн (Швајцарија), вели: „Сите поголеми реки во светот извираат во планините. Повеќе од половина луѓе во светот добиваат питка вода што се собира во планините . . . Овие ‚водни кули‘ се од пресудна важност за доброто на човештвото“. Дури и едно најобично дрво му оддава слава на својот Творец. Еден извештај од Програмата за животна средина при Обединетите нации вели дека дрвјата „се важни за доброто на луѓето во сите земји . . . Многу видови дрвја имаат голема економска важност како извор на производи како што се дрвна граѓа, овошје, ореви, смоли и гуми. Во целиот свет, на 2 милијарди луѓе дрвото им е неопходно за да можат да готват и да се греат“.
21. Објасни како еден обичен лист дава доказ дека е конструиран.
21 Доказ дека постои мудар творец може да се види и во самиот начин на кој е создадено дрвото. Да размислиме за еден обичен лист. Неговата надворешна страна е обложена со една восочна материја што спречува листот да се исуши. Веднаш под тој слој на лицето на листот има низа клетки што содржат хлоропласти. Тие имаат хлорофил, кој ја апсорбира светлосната енергија. Благодарение на еден процес што се нарекува фотосинтеза, листовите се претвораат во „фабрики за храна“. Водата се впива преку корењата на дрвото и се транспортира нагоре до листовите со помош на една софистицирана „водоводна инсталација“. Илјадници мали „вентили“ (наречени стоми) што се наоѓаат на долната страна на листот се отвораат и се затвораат, при што се овозможува внатре да влезе јаглерод диоксид. Светлината ја обезбедува енергијата што е потребна за да дојде до хемиска реакција помеѓу водата и јаглерод диоксидот и при тоа да се создадат јагленохидрати. Сега растението може да се храни со храната што самото си ја создало. Сепак, оваа „фабрика“ е тивка и прекрасна. Наместо да загадува, таа испушта кислород како нуспроизвод!
22, 23. а) Кои извонредни способности ги имаат некои птици и копнени животни? б) Кои натамошни прашања треба да ги разгледаме?
22 „Ѕверови и сите животни, лазачи и крилати птици“, стои во Псалм 148:10. Многу копнени животни и суштества што летаат имаат извонредни способности. Еден вид албатрос може да прелета огромни растојанија (во еден случај прелетал 40.000 километри за само 90 дена). Црноглавата грмушарка патува од Северна до Јужна Америка и останува во воздух нон-стоп во текот на повеќе од 80 часа. Камилата не складира вода во грпката, како што обично се мисли, туку во дигестивниот систем, и поради тоа може да издржи долги периоди без да дехидрира. Затоа, не е ништо чудно што инженерите внимателно го набљудуваат животскиот свет кога конструираат машини и изработуваат нови материјали. „Ако сакате да конструирате нешто што ќе функционира добро . . . и беспрекорно ќе се вклопува во околината“, вели писателката Гејл Клер, „има големи шанси да најдете добар пример некаде во природата.“
23 Да, творештвото навистина ја објавува Божјата слава! Од ѕвездените небеса до растенијата и животните, секое на свој начин му оддава фалба на Творецот. Но, што е со нас луѓето? Како можеме да ѝ се придружиме на природата во пеењето фалби на Бог?
Се сеќаваш ли?
• Зошто оние што негираат дека постои Бог немаат изговор?
• На кој начин ѕвездите и планетите го слават Бог?
• На кој начин морските и копнените животни даваат доказ дека постои Творец што нѐ сака?
• На кој начин неживите сили во природата ја извршуваат Јеховината волја?
[Слика на страница 10]
Научниците проценуваат дека бројот на ѕвездите што можат да се видат изнесува 70 трилијарди!
[Извор на слика]
Frank Zullo
[Слика на страница 12]
Клунест делфин
[Слика на страница 13]
Снегулка
[Извор на слика]
snowcrystals.net
[Слика на страница 13]
Малечко на албатрос