Поглавје 14
Чиј авторитет треба да го признаваш?
1, 2. Дали сите облици на авторитет се штетни? Објасни.
НА МНОГУ луѓе им е одвратен зборот „авторитет“. Тоа е и разбирливо, бидејќи авторитетот честопати се злоупотребува — на работното место, во семејството и од страна на владите. Библијата реалистично вели: „Човекот господари над човек на своја штета“ (Проповедник 8:9). Да, многумина господареле над другите така што постапувале на тирански и користољубив начин.
2 Но, сите видови авторитет не се штетни. На пример, би можело да се рече дека нашето тело има власт над самите нас. Тоа ни „наредува“ да дишиме, да јадеме, да пиеме и да спиеме. Дали е тоа нешто угнетувачко? Не. Ако се потчинуваме на овие барања, тоа е за наше добро. Иако подложувањето на нашите телесни потреби може да биде несвесно, постојат и други облици на власт кои ја бараат нашата свесна подложност. Да разгледаме некои примери.
ВРХОВНИОТ АВТОРИТЕТ
3. Зошто Јехова со право е наречен „Суверен Господ“?
3 Во Библијата, преку 300 пати Јехова е наречен „Суверен Господ“. Суверен е оној кој поседува врховен авторитет. Што е тоа што на Јехова му го дава правото на ваков статус? Откровение 4:11 одговара: „Достоен си, Господи, да ја примиш славата, честа и силата, зашто Ти си создал сѐ, и според Твојата волја постои сѐ и е создадено!“
4. Како го спроведува Јехова својот авторитет?
4 Како наш Творец, Јехова го има правото да го спроведува својот авторитет онака како што тој сака. Тоа би можело да изгледа застрашувачки, особено ако размислиме дека Бог има ‚голема моќ‘. Тој е наречен ‚Семоќен Бог‘ — израз кој на хебрејски ја пренесува идејата за моќна сила (Исаија 40:26; 1. Мојсеева 17:1, НС). Сепак, Јехова ја покажува својата сила на еден добронамерен начин, бидејќи негова доминантна особина е љубовта (1. Јованово 4:16).
5. Зошто не е тешко да се подложиме на Јеховиниот авторитет?
5 Иако Јехова предупредил на тоа дека ќе изврши казна врз непокајничките престапници, Мојсеј го познавал главно како „Бог верен, Кој го пази од илјада поколенија Својот завет и има милост кон оние што Го сакаат и ги извршуваат заповедите Негови“ (5. Мојсеева 7:9). Само замисли си! Врховниот Авторитет во вселената не нѐ присилува да му служиме. Наместо тоа, привлечени сме кон него поради неговата љубов (Римјаните 2:4; 5:8). Подложувањето на Јеховината власт претставува дури и задоволство, зашто на крајот неговите закони секогаш служат за наша корист (Псалм 18:7, 8).
6. Како се појавило во градината Едем спорното прашање за авторитетот и со какви последици?
6 Нашите прародители ја отфрлиле Божјата сувереност. Тие сакале самите да одлучуваат што е добро а што лошо (1. Мојсеева 3:4-6). Како последица на тоа, биле истерани од нивниот Рајски дом. Јехова потоа им дозволил на луѓето да создадат структури на авторитет кои би им овозможиле да живеат во едно уредно, иако несовршено општество. Кои се некои од тие авторитети и до кој степен Бог очекува од нас да им се подложиме?
„ПРЕТПОСТАВЕНИТЕ ВЛАСТИ“
7. Кои се „претпоставените власти“, и во каква врска е нивната положба со Божјиот авторитет?
7 Апостол Павле напишал: „Секоја душа да им се потчинува на претпоставените власти, зашто нема власт, што не е дадена од Бога“. Кои се „претпоставените власти“? Павловите зборови во наредните стихови покажуваат дека тоа се човечките државни власти (Римјаните 13:1-7; Тит 3:1). Јехова не ги создал човечките државни власти, туку им дозволил да постојат. Затоа Павле можел да напише: „Постојните власти се поставени од Бог во нивните релативни положби“ (НС). Што покажува ова во врска со таквиот земен авторитет? Дека е подреден, односно понизок во однос на Божјиот авторитет (Јован 19:10, 11). Затоа, кога постои некаков конфликт помеѓу човечкиот и Божјиот закон, христијаните мораат да се раководат од нивната библиски школувана совест. Тие мораат ‚повеќе да Му се покоруваат на Бога, отколку на луѓето‘ (Дела 5:29).
8. Каква корист имаш од претпоставените власти, и како можеш да ја покажеш својата подложност кон нив?
8 Меѓутоа, поголемиот дел од времето, владините претпоставени власти дејствуваат како ‚слугинка Божја, за наше добро‘ (Римјаните 13:4). На кои начини? Па, помисли на бројните услуги што тие ги извршуваат, како што се доставување на пошта, полициска и противпожарна заштита, здравство и образование. „Затоа и данок плаќате,“ — напишал Павле — „оти тие се Божји [јавни, НС] служители, и со тоа постојано се занимаваат“ (Римјаните 13:6). Во поглед на даноците или другите законски обврски, треба ‚да постапуваме добро [чесно, НС]‘ (Евреите 13:18).
9, 10. а) Како се вклопуваат претпоставените власти во Божјето уредување? б) Зошто би било погрешно да им се спротивставуваме на претпоставените власти?
9 Повремено, претпоставените власти ја злоупотребуваат својата моќ. Дали тоа нѐ ослободува од одговорноста да им останеме подложни? Не. Јехова ги гледа нивните лоши дела (Изреки 15:3). Тоа што го толерира човековото владеење не значи дека тој замижува пред неговата расипаност; ниту, пак, очекува ние да го правиме тоа. Всушност, Бог наскоро ќе ги „победи и разруши сите царства“ и ќе ги замени со владеењето на неговата праведна влада (Даниил 2:44). Но, сѐ додека не се случи тоа, претпоставените власти служат за корисна цел.
10 Павле објаснил: „Оној што се противи на власта, тој се противи на Божјата наредба [уредување, НС]“ (Римјаните 13:2). Претпоставените власти се Божје „уредување“ во таа смисла што тие одржуваат извесен степен на ред, без кој би владеел хаос и анархија. Би било небиблиски и бесмислено да им се противиме. Да илустрираме: Замисли си дека те оперирале и раната ти ја зашиле со конци. Иако конците му се туѓи на телото, едно ограничено време тие служат за одредена намера. Ако предвреме се отстранат, би имало штетни последици. На сличен начин, човечките државни власти не биле дел од Божјата првобитна намера. Меѓутоа, додека Божјето Царство не завладее потполно со Земјата, човечките влади го одржуваат човечкото општество, извршувајќи една функција која одговара на Божјата волја за сегашното време. Затоа, треба да им останеме подложни на претпоставените власти додека му даваме предност на Божијот закон и авторитет.
АВТОРИТЕТОТ ВО СЕМЕЈСТВОТО
11. Како би го објаснил начелото на поглаварство?
11 Семејството е основната единка на човечкото општество. Во него сопругот и сопругата можат да најдат корисно другарство, а децата можат да бидат заштитени и обучувани за зрелите години (Изреки 5:15-21; Ефесјаните 6:1-4). Таквото благородно уредување треба да се организира на начин кој ќе им овозможи на членовите на семејството да живеат во мир и хармонија. Јехова го постигнува тоа преку начелото на поглаварство, сумирано во следниве зборови, запишани во 1. Коринтјаните 11:3: „Глава на секој маж е Христос; а на жена глава е мажот; на Христа, пак, глава е Бог“.
12, 13. Кој е глава на семејството, и што може да се научи од Исусовиот начин на спроведување на поглаварството?
12 Сопругот е глава на семејството. Меѓутоа, постои глава и над него — Исус Христос. Павле напишал: „Вие, мажите, сакајте ги жените свои, како што и Христос ја засака Црквата и се предаде Себеси за неа“ (Ефесјаните 5:25). Сопругот ја одразува својата подложност на Христос тогаш кога со својата сопруга постапува на начин на којшто Исус секогаш постапувал со собранието (1. Јованово 2:6). Иако на Исус му е доделена голема власт, тој ја спроведува неа со крајна нежност, љубов и разумност (Матеј 20:25-28). Како човек, Исус никогаш не ја злоупотребил својата власт. Тој бил „кроток и смирен по срце“, и своите следбеници ги нарекувал „пријатели“, а не „слуги“. „Јас ќе ве успокојам [закрепнам, НС]“ — им ветил тој, а тоа и го правел (Матеј 11:28, 29; Јован 15:15).
13 Исусовиот пример ги поучува сопрузите дека христијанското поглаварство не е положба на грубо господарење. Напротив, тоа е положба на почитување и на самопожртвувана љубов. Јасно дека тоа би исклучило секакво физичко или вербално малтретирање на брачниот другар (Ефесјаните 4:29, 31, 32; 5:28, 29; Колосјаните 3:19). Според тоа, ако еден христијанин ја малтретира својата сопруга, другите негови добри дела би биле безвредни, а неговите молитви би биле неуслишени (1. Коринтјаните 13:1-3; 1. Петрово 3:7).
14, 15. Како спознанието за Бог ѝ помага на една сопруга да му биде подложна на својот сопруг?
14 Ако сопругот го имитира Христовиот пример, неговата сопруга ќе може полесно да се потчини на зборовите од Ефесјаните 5:22, 23: „Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како на Господа, зашто мажот е глава на жената, како што е и Христос глава на Црквата“. Исто како што сопругот треба да му биде подложен на Христос, така и сопругата мора да му биде подложна на својот сопруг. Библијата исто така објаснува дека способната сопруга заслужува чест и фалба за нејзината божествена мудрост и работливост (Изреки 31:10-31).
15 Подложноста на христијанската сопруга спрема нејзиниот сопруг е релативна. Тоа значи дека ако подложноста во извесна ситуација го повредува божествениот закон, тогаш повеќе мора да се слуша Бог отколку луѓето. Но, дури и тогаш, цврстиот став на сопругата спрема божествениот закон треба да биде ублажен со „тих [мирен и благ, НС] дух“. Треба да биде очигледно дека спознанието за Бог ја направило подобра сопруга (1. Петрово 3:1-4). Истото важи и за христијанинот чија сопруга не е соверник. Неговото покорување на библиските начела треба да го направи подобар сопруг.
16. Како можат децата да го имитираат примерот што го дал Исус кога бил млад?
16 Стихот од Ефесјаните 6:1 ја истакнува улогата на децата, велејќи: „Бидете им послушни на родителите свои, во името на Господа, зашто тоа е справедливо“. Христијанските деца го следат примерот на Исус, кој им останал подложен на своите родители додека растел. Како послушно момче, тој ‚напредувал во премудроста и возраста, и во благодатта пред Бога и кај луѓето‘ (Лука 2:51, 52).
17. Какво влијание може да има врз децата начинот на којшто родителите го спроведуваат авторитетот?
17 Начинот на којшто родителите постапуваат со своите одговорности може да влијае врз тоа дали нивните деца ќе го почитуваат авторитетот или ќе се бунат против него (Изреки 22:6). Затоа, добро е родителите да се прашаат: ‚Дали јас го спроведувам мојот авторитет љубезно или грубо? Дали сум попустлив?‘ Од еден побожен родител се очекува да биде полн со љубов и обѕирен, а сепак цврсто да се држи за божествените начела. Прикладно е што Павле напишал: „Вие, татковците, не дразнете ги децата свои [дословно: ‚не провоцирајте ги на гнев‘], туку воспитувајте ги во науката и стравот Господов!“ (Ефесјаните 6:4; Колосјаните 3:21).
18. Како треба да се дава родителската стега?
18 Родителите треба да ги испитаат своите методи на воспитување, особено ако сакаат децата да им бидат послушни и со тоа да им донесат радост (Изреки 23:24, 25). Во Библијата, стегата е првенствено облик на поука (Изреки 4:1; 8:33). Таа е поврзана со љубов и благост, а не со гнев и бруталност. Затоа, христијанските родители треба да постапуваат со мудрост и да се самосовладуваат себеси кога ги казнуваат своите деца (Изреки 1:7).
АВТОРИТЕТОТ ВО СОБРАНИЕТО
19. Како се погрижил Бог за добар ред во христијанското собрание?
19 Со оглед на тоа дека Јехова е Бог на редот, разумно е тој да се погрижи за авторитетно и добро организирано водство за својот народ. Затоа, тој го поставил Исуса за Глава на христијанското собрание (1. Коринтјаните 14:33, 40; Ефесјаните 1:20-23). Под Христовото невидливо водство, Бог поставил едно уредување преку кое, во секое собрание, наименувани старешини ревно, спремно и со љубов го пасат стадото (1. Петрово 5:2, 3). Слугите помошници им помагаат на различни начини, извршувајќи вредна служба во собранието (Филипјаните 1:1).
20. Зошто треба да им бидеме подложни на наименуваните христијански старешини, и зошто е тоа корисно?
20 Во врска со собраниските старешини, Павле напишал: „Покорувајте им се на наставниците ваши и бидете послушни, оти тие, бидејќи се задолжени да одговараат, бдеат за вашите души, — та со радост тоа да го вршат, а не со воздишки, зашто тоа не е полезно за вас“ (Евреите 13:17). На еден мудар начин, Бог им ја доверил одговорноста на христијанските надгледници да се грижат за духовните потреби на оние кои се во собранието. Овие старешини не сочинуваат некаква класа на свештеници. Тие се Божји слуги и робови, кои им служат на потребите на своите сообожаватели, исто како што правел нашиот Учител, Исус Христос (Јован 10:14, 15). Сознанието дека библиски оспособени мажи се интересираат за нашиот напредок и духовен раст, нѐ охрабрува да соработуваме и да бидеме подложни (1. Коринтјаните 16:16).
21. Како настојуваат наименуваните старешини да им помагаат на сохристијаните во духовен поглед?
21 Повремено, овците може да залутаат или да бидат загрозени од штетни световни влијанија. Под водството на Главниот Пастир, старешините како потпастири внимаваат на потребите на лицата кои се под нивна грижа и марливо им посветуваат лично внимание (1. Петрово 5:4). Тие ги посетуваат членовите на собранието и им нудат зборови на охрабрување. Знаејќи дека Ѓаволот сака да го разбие мирот на Божјиот народ, старешините покажуваат небесна мудрост кога решаваат какви и да било проблеми (Јаков 3:17, 18). Тие се напрегаат да задржат единство и склад на верата — нешто за кое се молел и самиот Исус (Јован 17:20-22; 1. Коринтјаните 1:10).
22. Каква помош даваат старешините во случаи на погрешно постапување?
22 Што ако некој христијанин страда или е обесхрабрен затоа што сторил некаков грев? Ублажувачкиот совет и срдечните молитви на старешините во негова корист, можат да помогнат да му се врати духовното здравје (Јаков 5:13-15). Овие мажи, наименувани преку светиот дух, го имаат авторитетот да дадат стега и да ги покараат оние кои одат во погрешен правец или кои претставуваат опасност за духовната и моралната чистота на собранието (Дела 20:28; Тит 1:9; 2:15). Со цел да го зачуваат собранието чисто, може да биде неопходно поединци да известат за некој сериозен престап (3. Мојсеева 5:1). Ако некој христијанин, кој сторил тежок грев, ја прифати библиската стега и карање и докаже дека искрено се кае, ќе му биде помогнато. Се разбира, тврдокорните и непокајнички прекршители на Божјиот закон ќе бидат исклучени (1. Коринтјаните 5:9-13).
23. Што даваат христијанските надгледници за доброто на собранието?
23 Библијата прорекла дека под Исус Христос како Цар, духовно зрели мажи требало да бидат наименувани за да му даваат утеха, заштита и закрепа на Божјиот народ (Исаија 32:1, 2). Тие требало да предводат како евангелизатори, пастири и учители, со цел да се потпомага духовниот раст (Ефесјаните 4:11, 12, 16). Иако христијанските надгледници може понекогаш да караат, да укоруваат и да ги опоменуваат соверниците, доколку се применува здравата поука на старешините, што се темели на Божјата Реч, тоа ќе им помогне на сите да останат на патот што води во живот (Изреки 3:11, 12; 6:23; Тит 2:1).
ПРИФАТИ ГО ЈЕХОВИНОТО ГЛЕДИШТЕ ЗА АВТОРИТЕТОТ
24. Во врска со кое спорно прашање сме испитувани секој ден?
24 Првиот човек и првата жена биле испитани во врска со спорното прашање за подложност на авторитетот. Не изненадува тоа што со сличен испит се соочуваме и ние секој ден. Сатана Ѓаволот развил дух на побуна меѓу човештвото (Ефесјаните 2:2). Патот на независноста е направен да изгледа попримамлив од патот на подложноста.
25. Какви користи ќе имаме ако го отфрлиме световниот бунтовен дух и ако се подложиме на авторитетот што Бог го спроведува или допушта?
25 Меѓутоа, мораме да го отфрлиме световниот бунтовен дух. Ако го правиме тоа, ќе увидиме дека побожната подложност донесува богати награди. На пример, ќе ги избегнеме стравовите и фрустрациите што се вообичаени за оние кои си создаваат проблеми со световните власти. Ќе ги намалиме недоразбирањата што преовладуваат во многу семејства и ќе се радуваме на користите од срдечното дружење со нашите христијански соверници, кое е исполнето со љубов. А над сѐ, нашата побожна подложност ќе доведе до добар однос со Јехова, Врховниот Авторитет.
ПРОВЕРИ ГО СВОЕТО СПОЗНАНИЕ
Како го спроведува Јехова својот авторитет?
Кои се „претпоставените власти“, и како им остануваме подложни?
Каква одговорност налага начелото за поглаварство врз секој член на семејството?
Како можеме да покажеме подложност во христијанското собрание?
[Рамка на страница 134]
ПОДЛОЖНИ, А НЕ ПРЕВРАТНИЦИ
Преку нивната јавна проповедничка активност, Јеховините сведоци укажуваат на Божјето Царство како на единствената надеж на човештвото за вистински мир и сигурност. Но, овие ревносни објавители на Божјето Царство воопшто не се превратници за владите под коишто живеат. Напротив, Сведоците спаѓаат меѓу најучтивите и најпослушните граѓани. „Кога сите религиозни вероисповеди би биле како Јеховините сведоци“ — рекол еден службеник од една африканска земја — „не би имале убиства, кражби, деликвенции, затвореници и атомски бомби. Вратите не би ги заклучувале ни дење ни ноќе.“
Увидувајќи го ова, службениците од многу земји во светот дозволиле делото на проповедање на Сведоците да продолжи непречено. Во други земји биле укинати забраните или ограничувањата откако властите сфатиле дека Јеховините сведоци вршат позитивно влијание. Се исполнува она што го напишал апостол Павле во врска со послушноста спрема претпоставените власти: „Прави добри дела, па ќе добиеш и пофалба од неа“ (Римјаните 13:1, 3).