Слушај си го внатрешниот глас
„Незнабошците, кои [го] немаат [Божјиот] закон, по природа го држат она што е во законот“ (РИМЈАНИТЕ 2:14).
1, 2. а) Како постапуваат многу луѓе што се заинтересирани за доброто на другите? б) Наведи некои примери на личности од Библијата што покажале вистински интерес за другите.
ЕДЕН 20-годишен младич добил епилептичен напад додека чекал во метрото и паднал врз шините. Ова го видел еден човек кој стоел во близина држејќи ги за рака своите две ќеркички. Штом сфатил што се случува, таткото веднаш ги пуштил децата и скокнал по младичот. Го повлекол во вдлабнатиот дел меѓу шините заштитувајќи го со своето тело од возот кој со чкрипење запрел веднаш над нивните глави. Некои би рекле дека овој татко е вистински херој. Но, тој изјавил: „Човек само треба да постапи исправно. Јас го направив тоа за да помогнам, а не за да добијам некакво признание или слава“.
2 Можеби и ти познаваш некого кој си го ризикувал животот за да им помогне на другите. Многумина го направиле ова во текот на Втората светска војна, кога криеле непознати лица. Сети се и на бродоломот што го преживеал апостол Павле заедно со 275 други патници крај островот Малта, во близина на Сицилија. Мештаните им притрчале на помош на овие туѓинци и им покажале „несекојдневна љубезност“ (Дела 27:27 — 28:2). Помисли и на малата Израелка која, иако можеби не по цена на својот живот, покажала дека навистина е заинтересирана за доброто на еден Сириец, кој бил меѓу нејзините поробувачи (2. Царевите 5:1-4). А да не ја заборавиме ни познатата споредба за милосрдниот Самарјанин што ја раскажал Исус. Еден свештеник и еден левит не му обрнале никакво внимание на својот сонародник, Евреин, кој бил оставен да лежи полумртов, додека еден Самарјанин направил сѐ што можел за да му помогне. Оваа споредба со векови остава силен впечаток врз луѓе од најразлични култури (Лука 10:29-37).
3, 4. Што ни кажува за теоријата на еволуцијата постоењето на несебични чувства кај луѓето?
3 Точно е дека живееме во „особено тешки времиња“, и многумина се „сурови“ и немаат „љубов кон добротата“ (2. Тимотеј 3:1-3). И покрај тоа, зарем не сме биле сведоци на добри дела со кои можеби ни било помогнато и нам лично? Спремноста да им се помага на другите луѓе, дури и по голема лична цена, е толку вообичаена што постои и посебен назив за неа — „хуманост“.
4 Ваквата спремност несебично да се помага е карактеристична за сите раси и култури. Таа е многу силен показател дека човекот не еволуирал според таканаречениот „закон на џунглата“, според кој „преживуваат најспособните“. Френсис С. Колинс, генетичар кој го предводел проектот на владата на САД за дешифрирање на човечкиот геном (ДНК), изјавил: „Еволуционистите немаат никакво објаснување за несебичноста... Таа не може да се објасни со нагонот на поединечни себични гени да се размножуваат за да опстанат“. Овој научник исто така рекол: „Има луѓе што се жртвуваат себеси за други лица кои не ѝ припаѓаат на нивната група и со кои немаат ништо заедничко... Се чини дека ова воопшто не се совпаѓа со Дарвиновата теорија“.
„Гласот на совеста“
5. Што може често да се види кај луѓето?
5 Д-р Колинс посочува уште еден аспект на несебичноста кај луѓето: „Гласот на совеста ни вели да им помогнеме на другите иако нема да добиеме ништо за возврат“.a Зборот „совест“ можеби нѐ потсетува на нешто што го кажал апостол Павле: „Секогаш кога незнабошците, кои немаат закон, по природа го држат она што е во законот, тие самите за себе се закон, иако немаат закон. Тие покажуваат дека она што се наоѓа во законот е запишано во нивните срца, а за тоа сведочи и нивната совест, па во своите мисли се обвинети или, пак, се оправдани“ (Римјаните 2:14, 15).
6. Зошто сите луѓе треба да положат сметка пред својот Творец?
6 Во своето писмо до Римјаните, Павле кажал дека луѓето ќе положат сметка пред Бог бидејќи сето она што го гледаме околу нас јасно сведочи за Неговото постоење и за Неговите особини. Ова било така „уште од создавањето на светот“ (Римјаните 1:18-20; Псалм 19:1-4). Иако денес мнозина го игнорираат својот Создател и се расипале во морален поглед, Божја волја е луѓето да ја признаат Неговата праведност и да се покаат за своите зли дела (Римјаните 1:22 — 2:6). Евреите имале многу добра причина да го сторат тоа — ним им бил даден Божјиот закон преку Мојсеј. Сепак, дури и народите што ги немале „светите Божји објави“ требало да признаат дека постои Бог (Римјаните 2:8-13; 3:2).
7, 8. Колку е раширено чувството за правда, и на што укажува тоа?
7 Една добра причина зошто сите треба да го признаат Бог и да постапуваат во склад со тоа е нивното внатрешно чувство за исправно и погрешно. Нашето чувство за правда е показател дека имаме совест. Замисли си ја следнава ситуација: Неколку дечиња чекаат ред за да се качат на лулашка. Одеднаш едно од нив излегува од редот и оди напред без да води сметка за оние што чекаат. Многу од децата повикуваат: ‚Тоа не е фер!‘ Сега, прашај се: ‚Како може дури и малите деца сами од себе да покажуваат вакво чувство за правда?‘ Токму ова е доказ дека тие имаат вродено внатрешно чувство за исправно и погрешно. Павле напишал: „Секогаш кога незнабошците, кои немаат закон, по природа го држат она што е во законот“. Тој не рекол „Ако некогаш“, како тоа да се случува само одвреме-навреме, туку рекол „секогаш“ и „кога“, со што покажал дека ова често се случува. Со други зборови, луѓето „по природа го држат она што е во законот“ во таа смисла што внатрешното чувство за морал ги тера да постапат во склад со она што е запишано во Божјиот пишан закон.
8 Ваквата вродена склоност да се постапува морално може да се види во многу земји во светот. Еден професор на универзитетот Кембриџ изјавил дека во моралните мерила на Вавилонците, Египќаните и Грците, како и на австралиските Абориџини и на американските Индијанци, спаѓала „осудата на угнетувањето, убиството, измамата и лажењето, но и заповедта да се постапува љубезно со постарите, со младите и со слабите“. А д-р Колинс напишал: „Се чини дека концептот за исправно и погрешно го има во целиот свет, кај сите припадници на човечкиот род“. Зарем ова не те потсетува на зборовите од Римјаните 2:14?
Како работи твојата совест?
9. Што е совеста, и како може да ти помогне пред да направиш нешто?
9 Според Библијата, совеста е вродена способност да ги гледаш и да ги проценуваш своите постапки. Таа е како некој внатрешен глас кој ти кажува дали тоа што го правиш е добро или не. Павле го спомнал овој внатрешен глас кога рекол: „Мојата совест сведочи со мене во согласност со светиот дух“ (Римјаните 9:1). Тој глас би можел да ти зборува однапред, додека размислуваш дали да направиш нешто што може да биде исправно или погрешно. Совеста може да ти помогне да процениш какви последици ќе има некоја твоја постапка и да ти укаже како ќе се чувствуваш ако постапиш така.
10. Кога обично совеста го подига гласот?
10 Сепак, многу почесто твојата совест го подига гласот откако ќе направиш нешто. Кога бегал од цар Саул, на Давид му се укажала можност со една своја постапка да покаже непочитување кон царот помазан од Бог, и го сторил тоа. Но, подоцна ‚срцето го осудувало Давид‘ (1. Самоилова 24:1-5; Псалм 32:3, 5). Иако во овој извештај не е спомнат зборот „совест“, токму тоа го чувствувал Давид — реакција на својата совест. Сигурно и нас многу пати нѐ печела совеста за некоја работа. Можеби сме направиле нешто, а потоа ни било тешко затоа што сме постапиле така. Некои луѓе што не си ги плаќале режиските сметки толку ги измачувала совеста што подоцна ги исплатиле сите давачки. Други биле поттикнати да му признаат на брачниот другар дека го изневериле (Евреите 13:4). Сепак, оној што ќе постапи како што му налага совеста, на крајот ќе биде задоволен и ќе има душевен мир.
11. Зошто може да биде опасно едноставно да ѝ се препуштиме на ‚совеста да ни биде водич‘? Наведи пример.
11 Тогаш, може ли едноставно да ѝ се препуштиме на ‚совеста да ни биде водич‘? Иако е добро да слушаме што ни вели таа, нејзиниот глас понекогаш може да нѐ упати во сосема погрешен правец. Да, гласот на нашиот ‚внатрешен човек‘ може да нѐ излаже (2. Коринќаните 4:16). Размисли за следниов пример. Во Библијата е спомнат Стефан, еден ревносен следбеник на Христос кој бил „полн со добрина и сила“. Некои Евреи го исфрлиле од Ерусалим и го убиле со каменување. Во близина стоел Савле (кој подоцна станал апостол Павле) и ‚го одобрувал убиството‘ на Стефан. Изгледа тие Евреи биле толку убедени дека постапуваат исправно што воопшто немале грижа на совеста за она што го направиле. Веројатно совеста не го печела ни Савле, бидејќи подоцна ‚сѐ уште им се заканувал на учениците на Господарот и имал силна желба да ги убива‘. Очигледно, неговата совест во тоа време не му го кажувала она што е исправно (Дела 6:8; 7:57 — 8:1; 9:1).
12. Под чие влијание може да биде нашата совест?
12 Што влијаело врз совеста на Савле? Една работа можеби бил потесниот круг на луѓе со кои се дружел. Многумина од нас веројатно имале можност да зборуваат по телефон со некого чиј глас многу личел на гласот на татко им. До некој степен, синот може да ја наследи бојата на гласот, но можеби врз неговиот глас влијаел и начинот на кој зборувал татко му. Слично, веројатно и Савле бил под влијание на Евреите со кои имал блиски контакти, а кои го мразеле Исус и не сакале да ги прифатат неговите учења (Јован 11:47-50; 18:14; Дела 5:27, 28, 33). Да, луѓето со кои бил опкружен Савле веројатно влијаеле врз неговиот внатрешен глас, односно врз неговата совест.
13. Како може средината да влијае врз нашата совест?
13 Совеста може да ни ја обликува и културата или средината во која живееме, исто како што средината влијае врз акцентот или дијалектот на кој зборуваме (Матеј 26:73). Тоа мора да било случај и со древните Асирци. Тие биле познати како воинствен народ, а од нивните релјефи се гледа дека ги мачеле своите заробеници (Наум 2:11, 12; 3:1). За жителите на Ниневија од времето на Јона се вели дека ‚не знаеле што е десно, а што лево‘, односно немале исправни мерила за тоа што е исправно, а што е погрешно од Божја гледна точка. Замисли си само како таа средина можела да влијае врз совеста на некој што пораснал во Ниневија! (Јона 3:4, 5; 4:11). Слично и денес, нечија совест може да биде под влијание на ставовите на луѓето околу него.
Како да си ја изостриме совеста?
14. Каква врска има меѓу нашата совест и она што стои во 1. Мојсеева 1:27?
14 Јехова ги обдарил Адам и Ева со совест, а ние сме ја наследиле од нив. Од 1. Мојсеева 1:27 дознаваме дека луѓето биле создадени според Божјиот лик. Ова не значи дека во физичка смисла сме слични на Бог, бидејќи тој е дух а ние сме луѓе од крв и месо. Создадени сме според Божјиот лик во таа смисла што ги имаме неговите особини, во кои спаѓа и чувството за исправно и погрешно кое е производ на незатапената совест. Ова ни покажува на кој начин можеме да си ја изостриме совеста за таа да ни биде уште посигурен водич. За да го постигнеме тоа, треба уште повеќе го запознаеме Творецот и да се зближиме со него.
15. Која е една корист што ќе ја имаме ако го запознаеме нашиот Татко?
15 Библијата покажува дека во некоја смисла Јехова ни е Татко на сите нас (Исаија 64:8). Верните христијани, сеедно дали имаат надеж да живеат на небото или во Рајот на Земјата, можат да му се обраќаат на Бог со „Татко“ (Матеј 6:9). Ние треба да имаме желба да стануваме сѐ поблиски со нашиот Татко и така сѐ повеќе да ги попримаме неговите ставови и мерила (Јаков 4:8). Мнозина воопшто немаат ваква желба. Тие се како Евреите на кои Исус им рекол: „Вие никогаш не сте го чуле неговиот глас, ниту сте го виделе неговиот лик, а неговата реч не останува во вас“ (Јован 5:37, 38). Иако дословно не сме го чуле Божјиот глас, можеме да знаеме како размислува тој ако ја читаме неговата реч. Така и ние ќе почнеме да размислуваме како него и да гледаме на работите онака како што гледа тој.
16. Како извештајот за Јосиф ни покажува дека е многу важно да ја остриме својата совест и да ја слушаме?
16 Ова го гледаме и од извештајот за Јосиф, кој едно време престојувал во куќата на Петефри. Жената на Петефри се обидела да го заведе Јосиф. Иако живеел во време кога не била напишана ниту една библиска книга и сѐ уште не биле дадени Десетте заповеди, тој ѝ рекол на оваа жена: „Како би можел да направам толку големо зло и да му згрешам на Бог?“ (1. Мојсеева 39:9). Тој не го рекол ова за да му угоди на своето семејство, бидејќи неговите живееле далеку. Најмногу од сѐ, Јосиф сакал да му угоди на Бог. Тој го знаел Божјето мерило за брак — еден маж за една жена, и тие стануваат „едно тело“. А веројатно имал слушнато и што рекол Авимелех откако дознал дека Ревека е мажена — дека е погрешно да ја земе за жена бидејќи така ќе навлече вина врз својот народ. Се разбира, Јехова го благословил крајниот резултат од таа ситуација и покажал како гледа на прељубата. Тоа што Јосиф го знаел сето ова веројатно уште повеќе му ја изострило вродената совест, која не му дозволила да направи неморал (1. Мојсеева 2:24; 12:17-19; 20:1-18; 26:7-14).
17. Зошто нам ни е полесно да бидеме послични на нашиот Татко отколку што му било на Јосиф?
17 Се разбира, ние денес сме во многу подобра ситуација отколку што бил Јосиф. Ја имаме целата Библија од која учиме како размислува и што чувствува нашиот Татко, како и што одобрува, а што забранува тој. Колку подобро го познаваме Светото писмо, толку послични ќе бидеме на Бог и толку поблиски ќе бидеме со него. Така нашата совест ќе нѐ води да размислуваме како што размислува нашиот Татко. Таа сѐ повеќе ќе ни го кажува она што е во склад со неговата волја (Ефешаните 5:1-5).
18. Без оглед на влијанијата на кои можеби сме биле изложени во минатото, како можеме да си ја изостриме совеста?
18 А како влијае средината врз нашата совест? Можеби врз нас влијаеле размислувањето и постапките на роднините и, воопшто, на луѓето меѓу кои сме пораснале. Затоа гласот на нашата совест можеби стивнал или звучи сосема поинаку. Почнал да ни зборува со „акцентот“ што го имаат оние околу нас. Се разбира, не можеме да го смениме своето минато. Но, може да бидеме решени да избереме друштво и околина кои позитивно ќе влијаат врз нашата совест. Клучниот чекор е редовно да се дружиме со ревносни христијани кои веќе долго време се трудат да бидат како својот Татко. Одлична можност за ова се собраниските состаноци, како и времето пред и по состанокот кога можеме да бидеме со другите. Кога сме заедно со нашите браќа и сестри, можеме да забележиме како размислуваат и како реагираат оние кои се поучени од Библијата. Освен тоа, ќе ја видиме и нивната спремност да слушаат затоа што нивната совест им налага да постапуваат во склад со начинот на кој гледа и постапува Бог. Со текот на времето, ова може да ни помогне да ја усогласиме и нашата совест со библиските начела и така уште повеќе да бидеме како Бог. Кога ќе го „наштимаме“ нашиот внатрешен глас, односно ќе го усогласиме со начелата на нашиот Татко и ќе го прифатиме доброто влијание на сохристијаните, ќе можеме со поголема доверба да се потпреме на нашата совест и ќе ни биде полесно да го слушаме она што ни го кажува таа (Исаија 30:21).
19. Кои други аспекти на совеста го заслужуваат нашето внимание?
19 И покрај сѐ, некои секојдневно водат борба со себеси за да ја слушаат својата совест. Во следната статија ќе бидат разгледани неколку ситуации со кои се соочуваат христијаните. Ако внимателно размислиме за тие ситуации, ќе ни стане уште појасно каква улога игра нашата совест, зошто совеста на различни луѓе не реагира на ист начин, и како можеме сѐ повеќе да постапуваме онака како што ни налага таа (Евреите 6:11, 12).
[Фуснота]
a Слично на ова, и Овен Гингерич, истражувач и професор по астрономија на Харвардскиот универзитет, напишал: „Во врска со несебичноста, се наметнува едно прашање кое нема... научно издржан одговор до кој би се дошло само со набљудување на животинскиот свет. Всушност, можеби многу поуверлив одговор ќе добиеме ако се свртиме кон едно сосема друго поле на човечката мисла, кое е поврзано со хуманите особини со кои нѐ обдарил Бог, меѓу кои е и совеста“.
Што научи?
• Зошто во сите култури постои чувство за исправно и погрешно, односно совест?
• Зошто треба да бидеме претпазливи и да не дозволиме само совеста да ни биде водич?
• Како можеме да си ја изостриме совеста?
[Слики на страница 23]
Давид имал грижа на совеста...
но Савле од Тарс немал
[Слика на страница 24]
Можеме да си ја изостриме совеста