Треба ли да плаќате даноци?
„Дајте секому она што сте му должни: кому данок — данок; кому царина — царина; кому страв — страв; кому чест — чест“ (Римјаните 13:7, ДХК).
ПОРАДИ сѐ повисоките даноци, можеби е тешко да се прифати горенаведениот совет. Меѓутоа, тие зборови ги кажал апостол Павле, а запишани се во Библијата. Најверојатно Вие ја почитувате Библијата. Но, можеби се прашувате: ,Мора ли христијаните да ги плаќаат сите даноци — вклучувајќи ги и оние што некои ги сметаат за неразумни или неправедни?‘
Помислете на опомената што им ја дал Исус на своите ученици. Тој знаел дека меѓу Евреите владеела голема огорченост поради даноците што им ги наметнал Рим. И покрај тоа, Исус поттикнал: „Плаќајте го цезаровото на цезарот, а Божјето на Бог“ (Марко 12:17). Интересно е што Исус се залагал да ѝ се плаќаат даноци на истата влада што наскоро ќе го погубела.
По неколку години, Павле го дал советот цитиран во почетокот. Тој поттикнал да се плаќаат даноците и покрај тоа што големи суми од парите собрани од даноците се користеле за финансирање на римската војска и за поддршка на неморалниот и неумерен начин на живот на римските императори. Зошто Павле зазел таков неомилен став?
Виши власти
Да го разгледаме контекстот на зборовите на Павле. Во Римјаните 13:1 тој напишал: „Секоја душа нека им биде подложна на вишите власти, зашто нема власт освен од Бог; а постојните власти се поставени од Бог на своите релативни положби“. Кога нацијата Израел имала богобојазливи владетели, на луѓето им било лесно финансиското поддржување на нацијата да го сметаат за граѓанска и религиозна должност. Но, дали христијаните имале слична одговорност кога владетелите биле обожаватели на идоли што не верувале во Бог? Да, имале таква одговорност! Павловите зборови покажале дека Бог им дал на владетелите „власт“ да владеат.
Владите во голема мера придонесуваат за одржувањето на редот и мирот. Ова им овозможува на христијаните да ги извршуваат своите најразлични духовни активности (Матеј 24:14; Евреите 10:24, 25). Затоа, во врска со властите, Павле рекол: „Таа е Божја слугинка за тебе, за твое добро“ (Римјаните 13:4). И самиот Павле ја искористил заштитата што ја давала римската влада. На пример, кога бил мета на напад на една толпа, го спасиле римски војници. Подоцна се повикал на римскиот судски систем за да може да продолжи да служи како мисионер (Дела 22:22—29; 25:11, 12).
Затоа, Павле дал три причини зошто треба да се плаќаат даноци. Прво, тој зборувал за ,гневот‘ на владите кога ги казнуваат оние што го кршат законот. Второ, објаснил дека совеста на еден побожен човек нема да биде мирна ако дава лажни податоци во врска со даноците. И, на крајот, тој покажал дека даноците едноставно се надомест за услугите што ги извршуваат владите како „јавни слуги“ (Римјаните 13:1—6).
Дали сохристијаните на Павле сериозно ги сфатиле неговите зборови? Како што е познато, ги сфатиле сериозно, бидејќи Јустинијан Маченик (околу 110 до 165 н.е.), писател од вториот век кој се декларирал како христијанин, рекол дека христијаните ги плаќале даноците „поспремно од сите други луѓе“. Денес, кога владите бараат давачки, сеедно дали во облик на пари или време, христијаните и понатаму спремно се подложуваат на тие барања (Матеј 5:41).a
Се разбира, христијаните имаат слобода да искористат секакви даночни олеснувања што се во склад со законот. Во некои случаи можеби ќе успеат да ги искористат даночните поволности што им следуваат на оние што даваат прилог во религиозните организации. Сепак, од послушнот кон Божјата реч, вистинските христијани не затајуваат данок. Тие си ги плаќаат даноците, препуштајќи им на властите целосна одговорност за тоа како ќе ги искористат парите.
Превисоките даноци се само еден начин на кој „човек владее над човек за негова несреќа“ (Проповедник 8:9). Јеховините сведоци наоѓаат утеха во библиското ветување дека наскоро ќе надвладее правдата за сите што ќе бидат под Божјата влада — влада што никогаш нема да ги оптоварува луѓето со неправедни даноци (Псалм 72:12, 13; Исаија 9:7).
[Фуснота]
a Исусовиот совет да се плати „цезаровото на цезарот“ не бил ограничен само на плаќањето даноци (Матеј 22:21). Делото Critical and Exegetical Hand-Book to the Gospel of Matthew, од Хајнрих Мајер, објаснува: „Под [цезаровото] . . . не го подразбираме само граѓанскиот данок, туку сето она на што цезарот имал право поради својата законска власт“.
[Истакната мисла на страница 11]
Раните христијани плаќале даноци „поспремно од сите други луѓе“ (ЈУСТИНИЈАН МАЧЕНИК)
[Слика на страница 10]
Вистинските христијани се послушни на даночните закони
[Слика на страница 11]
Исус рекол: „Плаќајте го цезаровото на цезарот“
[Извор на слика на страница 10]
© European Monetary Institute