Луѓе „со чувства како нашите“
ТОЈ бил цар и пророк, но и татко полн со љубов. Еден од неговите синови пораснал во суетен и горд човек. Во еден одлучен обид да го приграби престолот, овој син повел граѓанска војна, решен за смртта на својот татко. Но, во битката која следела, синот бил тој кој бил убиен. Кога таткото дознал за смртта на својот син, отишол сам во една соба на кровот и оплакувал: „Сине Авесаломе! Сине, сине Авесаломе! О, да бев умрел јас наместо тебе, Авесаломе, сине мој, сине!“ (2. Царства 18:33). Таткото бил царот Давид. Како другите пророци на Јехова, тој бил „човек со чувства како нашите“ (Јаков 5:17, NW).
Во библиско време, мажите и жените кои зборувале за Јехова биле од секој општествен слој и биле видени во секојдневен амбиент. И тие имале проблеми и страдале од несовршеност како нас. Кои биле некои од тие пророци и на кој начин нивните чувства биле како нашите?
Мојсеј отишол од преголема самодоверба до кротост
Мојсеј бил угледен пророк од претхристијанско време. Меѓутоа, дури и на 40-годишна возраст, не бил подготвен за да служи како Јеховин говорник. Зошто? Додека неговите браќа биле угнетувани од Фараонот во Египет, Мојсеј бил одгледуван во Фараоновото домаќинство и бил „силен во зборови и во дела“. Извештајот ни кажува: „Тој мислеше дека браќата негови ќе го разберат, оти Бог со неговата рака ќе им даде спасение“. Поради тоа што бил премногу самоуверен, тој постапил агресивно во одбрана на еден еврејски слуга, убивајќи еден Египќанец (Дела 7:22—25; 2. Мојсеева 2:11—14).
Мојсеј сега бил присилен да бега, и следните четири децении ги поминал како овчар во далечниот Мадијам (2. Мојсеева 2:15). На крајот од тоа време, Мојсеј, сега 80-годишен, бил овластен од Јехова како пророк. Но, Мојсеј не бил веќе премногу самоуверен. Тој се чувствувал толку неквалификуван што го довел во прашање тоа што Јехова го овластил да биде пророк, користејќи изрази како што се: „Кој сум јас, та да одам кај фараонот, царот египетски?“ и „Што ќе им речам тогаш?“ (2. Мојсеева 3:11, 13). Со Јеховиното убедување, полно со љубов и помош, Мојсеј продолжил да ја извршува својата задача со голем успех.
Дали ти, како Мојсеј, некогаш си дозволил преголемата самодоверба да те наведе да правиш или да кажеш работи кои се покажале немудри? Ако да, прифати натамошно обучување со понизност. Или, дали си се почувствувал неквалификуван да извршуваш одредени христијански одговорности? Наместо да ги одбиваш, прифати ја помошта која ја нуди Јехова и неговата организација. Оној кој му помогнал на Мојсеј може и тебе да ти помогне.
Илија имал чувства како нашите во време на дисциплина
„Илија беше човек со чувства како нашите, и сепак се молеше во молитва да не врне; и не врнеше на земјата три години и шест месеци“ (Јаков 5:17, NW). Илиината молитва била во согласност со Јеховината волја да дисциплинира една нација која се одвратила од Него. Сепак, Илија знаел дека сушата за која се молел ќе предизвика човечко страдање. Израел бил претежно земјоделска земја; росата и дождот биле средства за живот за луѓето. Постојаната суша би донела крајна неволја. Вегетацијата би овенала; летнината би пропаднала. Домашните животни кои се користеле за работа и за храна би умреле и некои фамилии би биле загрозени со изгладнетост. Кој најмногу би страдал? Обичниот народ. Една вдовица подоцна му кажала на Илија дека таа била доведена до грст брашно и малку масло. Со сигурност очекувала таа и нејзиниот син наскоро да умрат од глад (3. Царства 17:12). За да се моли Илија како што се молел, морал да има цврста вера дека Јехова ќе се грижи за своите слуги — богати или сиромашни — кои не го напуштиле вистинското обожавање. Како што покажува извештајот, Илија не бил разочаран (3. Царства 17:13—16; 18:3—5).
Три години подоцна, кога Јехова укажал дека наскоро ќе донесе дожд, искрената желба на Илија да го види крајот на сушата се гледа во неговите повторливи и силни молитви кога ‚се наведнал кон земјата, го ставил лицето меѓу колениците свои‘ (3. Царства 18:42). Секогаш одново го поттикнувал својот служител: „Оди и погледни кон морето“ за некакво укажување дека Јехова ги слушнал неговите молитви (3. Царства 18:43). Каква само радост сигурно почувствувал кога конечно, како одговор на неговите молитви, „небото даде дожд, и земјата го даде својот плод“! (Јаков 5:18).
Ако си родител или старешина во христијанското собрание, можеби мораш да се бориш со длабоки чувства кога даваш укор. Меѓутоа, потребно е таквите човечки емоции да бидат ублажени со уверувањето дека понекогаш дисциплината е неопходна и дека кога се дава со љубов, ‚принесува мирен род на праведност‘ (Евреите 12:11). Резултатите од слушањето на Јеховините закони секогаш се пожелни. Како Илија, од срце се молиме тие да бидат спроведувани.
Јеремија покажал храброст и покрај обесхрабрување
Од сите библиски писатели, можеби Јеремија бил тој кој најмногу пишувал за своите лични чувства. Како млад човек, се колебал да го прифати својот налог (Јеремија 1:6). Сепак, тој продолжил со голема храброст да ја објавува Божјата Реч, само за да се судри со жестоко противење од другите Израелци — од цар до обичен човек. Тоа противење понекогаш го довело до лутина и солзи (Јеремија 9:3; 18:20—23; 20:7—18). Во различни прилики бил нападнат од толпа, удиран и прицврстен за срамен столб, затворен, загрозен со смрт и оставен да умре во калта на дното од една празна цистерна. Понекогаш болела дури и Јеховината порака, како што е илустрирано со неговите зборови: „Утробо моја! Утробо моја! нажален сум до дното на срцето свое“ (Јеремија 4:19).
Сепак, ја љубел Јеховината Реч, велејќи: „Твоето слово ми беше за радост и веселба на срцето мое“ (Јеремија 15:16). Истовремено, фрустрацијата го довела до тоа да извика до Јехова: „Зар Ти ќе бидеш за мене како лажлив извор, како неверна вода“, како онаа на поток која лесно пресушува (Јеремија 15:18). Сепак, Јехова ги разбирал неговите конфликтни чувства и продолжил да го поддржува за да можел да го исполни својот налог (Јеремија 15:20; види и 20:7—9).
Дали ти, како Јеремија, се соочуваш со фрустрација или противење додека ја исполнуваш твојата служба? Гледај на Јехова. Продолжи да го следиш неговото водство, и Јехова ќе ги награди и твоите напори.
Исус имал чувства како нашите
Најголемиот пророк на сите времиња бил сопствениот Божји Син, Исус Христос. Иако бил совршен човек, тој не ги потиснувал своите емоции. Честопати читаме за неговите внатрешни чувства, кои мора да биле очевидни на неговото лице и преку неговата реакција спрема другите. Исус честопати ‚бил трогнуван од сожалување‘ и истиот израз го користел во опишувањето на ликовите во своите илустрации (Марко 1:41, NW; 6:34; Лука 10:33).
Сигурно го подигнал гласот кога од храмот ги истерал продавачите и животните со зборовите: „Носете го тоа одовде!“ (Јован 2:14—16). Предлогот на Петар: „Биди милостив кон Себе, Господи“, ја извлекол силната реакција: „Бегај од Мене, сатано!“ (Матеј 16:22, 23).
Исус имал посебна наклоност спрема некои кои особено биле блиски со него. Апостол Јован бил опишан како „ученикот, што го сакаше Исус“ (Јован 21:7, 20). И читаме: „А Исус ја сакаше Марта, и сестрата нејзина, и Лазара“ (Јован 11:5).
Исус можел да биде и повреден. Чувствувајќи ја трагедијата од Лазаровата смрт, „Исус просолзи“ (Јован 11:32—36). Откривајќи ја болката на срцето предизвикана од неговото предавство од страна на Јуда Искариот, Исус цитирал еден срцепарачки израз од Псалмите: „Кој јаде леб со Мене, ја подигна петата своја против Мене!“ (Јован 13:18; Псалм 40:9).
Дури и додека доживувал мачна болка на столбот, Исус ја покажал длабочината на своите чувства. Тој милозливо му ја доверил својата мајка на „ученикот, кого го љубеше“ (Јован 19:26, 27). Кога видел докази на покајување во еден од злосторниците прикован покрај него, Исус сочувствително рекол: „Ќе бидеш со Мене во рајот!“ (Лука 23:43). Можеме да го почувствуваме поривот на емоции во неговиот повик: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Си Ме оставил?“ (Матеј 27:46). И неговите зборови на умирање изразуваат срдечна љубов и доверба: „Оче, во Твои раце Го предавам Својот дух!“ (Лука 23:46).
Какво само уверување ни дава сето тоа! „Оти, ние немаме таков Првосвештеник, што не може да не соучествува во нашите слабости, туку таков [Исус], Кој искусил сѐ како и ние, освен грев“ (Евреите 4:15).
Јеховината доверба
Јехова никогаш не зажалил за својот избор на говорници. Тој ја знаел нивната лојалност спрема него и сочувствително ги превидел слабостите на оние кои биле несовршени. Сепак, очекувал да го исполнат својот налог. Со негова помош можеле да го прават тоа.
Стрпливо да покажуваме доверба во нашите лојални браќа и сестри. Тие секогаш ќе бидат несовршени во овој систем на ствари, како што сме и ние. Сепак, никогаш не треба да ги судиме нашите браќа како недостојни за нашата љубов и внимание. Павле напишал: „Ние силните должни сме да ги поднесуваме немоштите на слабите, и да не угодуваме на себеси“ (Римјаните 15:1; Колосјаните 3:13, 14).
Пророците на Јехова ги доживеале сите емоции кои ние ги доживуваме. Сепак, имале доверба во Јехова и Јехова ги подржал. Повеќе од тоа, Јехова им дал причини за радост — добра совест, свесност за неговата наклоност, лојални придружници кои ги поддржувале и уверувањето за една среќна иднина (Евреите 12:1—3). И ние да останеме до Јехова со потполна доверба додека ја имитираме верата на пророците од старо време, мажи „со чувства како нашите“.