Одвоени за да бидеме радосни фалители ширум светот
„Фалете Го, слуги Господови, фалете го името на Господа“ (ПСАЛМ 112:1).
1, 2. а) Во согласност со зборовите од Псалм 112:1—3, кој е достоен за нашата одушевена фалба? б) Кое прашање е умесно да се постави?
ЈЕХОВА БОГ е Големиот Творец на небото и на Земјата, наш Универзален Суверен за сета вечност. Тој е потполно достоен за нашата одушевена фалба. Затоа Псалм 112:1—3 ни заповеда: „Фалете Го, слуги Господови, фалете го името на Господа. Нека е благословено името Господово отсекогаш и засекогаш. Од исток до запад нека се прославува името на Господа“.
2 Како Божји Сведоци, ние сме радосни што можеме да го правиме ова. Колку само е возбудувачки што Јехова Бог наскоро ќе предизвика оваа радосна песна на фалба, што ја пееме ние денес, да ја исполни целата Земја! (Псалм 21:27). Дали твојот глас се слуша во овој огромен хор ширум светот? Ако да, колку само мора да те прави среќен тоа што си одвоен од овој разединет, безрадосен свет!
3. а) Што го прави Јеховиниот народ особен, единствен? б) На кои начини ние сме одвоени?
3 Нашето обединето фалење на Јехова, секако, нѐ прави особени, единствени. Ние зборуваме и поучуваме усогласено и ги користиме истите методи за да ги објавуваме ‚многуте Негови добрини‘ (Псалм 144:7). Да, како Јеховин предаден народ, ние сме одвоени за служба на нашиот Бог, Јехова. Бог му кажал на својот древен предаден народ, Израел, да се држи одвоен од нациите околу него и да биде неизвалкан од постапките на тие нации (2. Мојсеева 34:12—16). Тој му дал на својот народ закони за да му помогне да го прави тоа. На сличен начин и денес, Јехова ни ја дал својата Света Реч, Библијата. Нејзините упатства ни покажуваат како можеме да се држиме одвоени од овој свет (2. Коринтјаните 6:17; 2. Тимотеј 3:16, 17). Ние не сме одвоени преку изолирање во машки и женски манастири, како монасите и калуѓерките од Големиот Вавилон. Следејќи го примерот на Исус Христос, ние сме јавни фалители на Јехова.
Имитирај го Јеховиниот Главен Фалител
4. На кој начин Исус дал пример во фалењето на Јехова?
4 Исус никогаш не скршнал од својата намера да го фали Јехова. И тоа го одвојувало од светот. Во синагогите и во храмот во Ерусалим, тој го фалел Божјето свето име. Сеедно дали на планинскиот врв или крај морскиот брег, секаде каде што се собирале мноштва, Исус јавно ги проповедал Јеховините вистини. Тој изјавил: „[Јавно, НС] Те прославувам. Оче, Господи на небото и на земјата“ (Матеј 11:25). Дури и кога бил на судење пред Понтиј Пилат, Исус посведочил: „Јас за тоа се родив и за тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината“ (Јован 18:37). Исус ја ценел важноста на ова дело. Каде и да бил, Исус сведочел за Јехова и јавно го фалел.
5. На кого се применува Псалм 21:22, и каков треба да биде нашиот став?
5 Во врска со Јеховиниот Главен Фалител, во Псалм 21:22 ја наоѓаме оваа пророчка изјава: „Ќе го објавувам името Твое на браќата свои, сред собранието ќе Те фалам“. А во Евреите 2:11, 12, апостол Павле ги применува овие стихови на Господ Исус и на оние кои Јехова Бог ги посветил за небесна слава. Како него, тие не се срамат да го фалат Јеховиното име сред собранието. Дали ние го имаме истиот овој умствен став кога присуствуваме на нашите собраниски состаноци? Нашето одушевено учество на состаноците, и умствено и усно, го фали Јехова. Но, дали нашата радосна фалба завршува таму?
6. Каков налог им дал Исус на своите ученици, и како љубителите на светлината го слават Бог?
6 Според Матеј 5:14—16, Господ Исус исто така ги овластил своите следбеници да пуштат нивната светлина да светли за другите да го фалат Јехова. Тој рекол: „Вие сте светлината на светот . . . Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесни“. Љубителите на светлината му донесуваат слава на Бог. Дали тоа го прават само со тоа што кажуваат и прават убави, хуманитарни работи? Не, напротив, тие го прават тоа така што обединето го прославуваат Јехова. Да, љубителите на светлината му се предаваат на Бог и стануваат негови радосни фалители. Дали ти си го презел овој радосен чекор?
Радост од фалењето на Јехова
7. Зошто Јеховините фалители се толку радосни, и каква радост имале на ден Пентакост 33 н. е.?
7 Зошто Јеховините фалители се толку радосни? Затоа што радоста е плод на Божјиот свет дух. Во Галатјаните 5:22, таа е наброена веднаш после љубовта. Исусовите ученици од првиот век го манифестирале овој плод на Јеховиниот дух. Па, на ден Пентакост 33 н. е., кога Бог го излил својот дух врз околу 120 Исусови ученици, сите тие почнале да го фалат Јехова на различни јазици. Побожните Евреи кои биле дојдени во Ерусалим од многу нации, ‚се збркале и се чуделе‘. Тие воскликнувале: „Слушаме како тие зборуваат за големите дела Божји на нашите јазици“! (Дела 2:1—11). Каков бил резултатот од ова прекрасно повеќејазично фалење на Јехова? Околу 3.000 Евреи и еврејски прозелити ја прифатиле добрата вест за Царството која се однесувала на Месијата. Тие се крстиле, го примиле светиот дух и желно ги придодале своите гласови како радосни фалители на Јехова (Дела 2:37—42). Каков само благослов било тоа!
8. Што сториле христијаните после Пентакост за да ја зголемат својата радост?
8 Извештајот продолжува: „Секој ден еднодушно престојуваа во храмот и, кршејќи леб по куќите, се хранеа со радост и чисто срце. Фалејќи Го Бога беа омилени кај сите луѓе. А Господ секој ден ја умножуваше Црквата со оние што сакаа да се спасат“ (Дела 2:46, 47). Дали она што им донело огромна радост било само нивното заедничко дружење и јадење на храната? Не, нивната главна радост доаѓала од фалењето на Јехова Бог од ден на ден. А нивната радост се засилила кога виделе како илјадници лица се оѕвиваат на нивната порака за спасение. Истото е случај и со нас денес.
Радосни фалители во сите нации
9. а) Кога и како Бог почнал да им ја дава на луѓето од сите нации приликата да ја чујат неговата добра вест? б) Зошто светиот дух бил излиен врз Корнилиј и врз неговите придружници пред нивното крштавање?
9 Јехова не сакал светлоносечката активност на неговите слуги да биде ограничена на една нација. Затоа, почнувајќи од 36 н. е., на луѓето од сите нации им ја дал приликата да ја чујат неговата добра вест. На Божје упатство, Петар отишол во домот на еден нееврејски воен офицер во Ќесарија. Таму го нашол Корнилиј собран со своите најблиски пријатели и семејството. Додека внимателно ги слушале Петровите зборови, во своите срца практикувале вера во Исуса. Од каде знаеме? Затоа што Божјиот свет дух дошол врз тие нееврејски верници. Обично, дарот на Божјиот дух бил даван дури после крштавањето, но во таа прилика Јехова го покажал своето одобрување на овие не-Евреи пред нивното подронување. Да не го сторел Јехова тоа, Петар не би можел да биде сигурен дека Бог сега ги прифаќа не-Евреите како Свои слуги и дека се квалификувани за крштавање во вода (Дела 10:34, 35, 47, 48).
10. Како било проречено уште од древни времиња дека луѓето од сите нации ќе го фалат Јехова?
10 Уште од древни времиња, Јехова прорекол дека луѓето од сите нации ќе го фалат. Тој требало да има радосни верници во секоја земја. За да го докаже тоа, апостол Павле цитирал пророштва од Хебрејските списи. На меѓународното собрание од христијани во Рим, му кажал: „Пречекувајте се еден со друг, исто како што и Христос нѐ пречека нас, на Божја слава. Зашто, велам дека Христос, во полза на Божјата вистинитост, навистина стана министер на оние кои се обрежани, за да ги потврди ветувањата што ги даде на нивните прататковци, и да можат нациите да го слават Бог поради неговата милост. Токму како што е напишано [во Псалм 17:49]: ‚Затоа, отворено ќе те признаам меѓу нациите, и на твоето име ќе му свирам мелодија‘. И повторно вели [во 5. Мојсеева 32:43]: ‚Радувајте се, нации, со неговиот народ‘. И повторно [во Псалм 116:1]: ‚Фалете го Јехова, сите вие нации, и нека го фалат сите народи‘ “ (Римјаните 15:7—11, НС).
11. Како Бог им помогнал на луѓето од сите нации да ги научат неговите вистини, и каков бил резултатот?
11 Луѓето не можат обединето да го фалат Јехова доколку не ја положат својата надеж во Исус Христос, оној кого Бог го наименувал да владее врз луѓето од сите нации. За да им помогне да ги ценат Неговите вистини кои водат до вечен живот, Бог воспоставил една меѓународна програма за поучување. Тој дава упатство преку својата класа на верниот роб (Матеј 24:45—47, НС). Со каков резултат? Преку пет милиони радосни гласови ги пеат Јеховините фалби во над 230 земји. А милиони други покажуваат интерес да го прават истото. Погледни колку многу присуствуваа на Меморијалот во 1996: 12.921.933 лица. Прекрасно!
Проречено едно големо мноштво радосни фалители
12. Каква возбудлива визија доживеал Јован, и која е живата реалност од сето тоа?
12 Во визија, апостол Јован здогледал едно „големо мноштво“ од сите нации (Откровение 7:9). Која е темата на фалбите што ги пее ова големо мноштво заедно со Божјиот помазан остаток? Јован ни кажува: „За спасението наше слава на нашиот Бог, Кој седи на престолот, и на Агнецот“ (Откровение 7:10). Ова смело се објавува во секој дел од светот. Мафтајќи со палмини гранки, така да се рече, ние обединето го поздравуваме Бог како Универзален Суверен и радосно признаваме пред небото и земјата дека нашето спасение „му го должиме“ (НС) нему и на неговиот Син, Јагнето, Исус Христос. Ох, колкаво само возбудување доживеал апостол Јован кога ја видел оваа трогателна визија за големото мноштво! И колку само сме возбудени ние денес што ја гледаме, па дури и сме дел од живата реалност на она што го видел Јован!
13. Што го одвојува Јеховиниот народ од светот?
13 Како Јеховини слуги, ние гордо го носиме неговото име (Исаија 43:10, 12). Самото тоа што сме Сведоци на Јехова, нѐ прави поинакви од овој свет. Каква само радост е што го носиме Јеховиното карактеристично име и што вршењето на неговото божествено дело го имаме како наша цел во животот! Јеховината величествена намера да го посвети своето свето име и да ја оправда својата универзална сувереност преку Царството, му дало значење на нашиот живот. И тој ни помогнал да имаме свое место во неговата божествена намера во врска со неговото име и Царство. Тоа го сторил на три начини.
Доверена ни е вистината
14, 15. а) Кој е еден начин на кој Бог ни помогнал да имаме свое место во неговата божествена намера во врска со неговото име и Царство? б) Како Царството, кое било воспоставено во 1914, е поинакво од она што било соборено во 607 пр. н. е.?
14 Прво, Јехова на својот народ му ја доверил вистината. Највосхитувачкото откровение е тоа дека неговото Царство почнало да владее во 1914 година (Откровение 12:10). Оваа небесна влада е поинаква од царството-претслика во Ерусалим, каде што биле востоличувани цареви од лозата на Давид. Тоа царство било соборено и, почнувајќи од 607 пр. н. е., Ерусалим потполно бил подложен на владеењето на нееврејски светски сили. Новото Царство што Јехова го поставил во 1914 година е небесна влада која никогаш нема да биде подложена на никој друг туку на Јехова ниту, пак, ќе биде турната во пропаст (Даниил 2:44). Исто така, неговото владетелство е поинакво. На кој начин? Откровение 11:15 одговара: „По небото одекнаа силни гласови, кои викаа: ‚Царството на светот стана царство на нашиот Господ и на неговиот Христос, и Он ќе царува во сите векови!‘ “
15 ,Царството на нашиот Господ и на неговиот Христос‘ спроведува власт над целото човештво. Овој нов израз на Јеховината сувереност, кој го вклучува неговиот Месијански Син и Исусовите 144.000 браќа, од кои повеќето сега се воскреснати во небесна слава, не е само од чисто академски интерес — нешто теоретско, за кое можеби студентите би сакале да дискутираат. Не, ова небесно Царство претставува една вистинска влада. А нашиот среќен изглед да живееме засекогаш во совршенство како резултат на неговото владеење, ни дава изобилни причини да продолжиме да се радуваме. Тоа што ни се доверени такви вистини од Јеховината Реч, нѐ поттикнува секогаш да зборуваме добро за неа (Псалм 56:10, НС). Дали редовно го правиш тоа така што секому кажуваш дека Божјето Месијанско Царство сега владее на небесата?
Помогнати преку светиот дух и едно братство ширум светот
16, 17. Кои се вториот и третиот начин на кои Бог ни помогнал да имаме свое место во неговата божествена намера?
16 Втор начин на кој Бог ни помогнал да имаме свое место во неговата божествена намера е тоа што ни го дал својот свет дух, кој нѐ оспособува да ги принесуваме неговите прекрасни плодови во нашиот живот и да постигнеме негово одобрување (Галатјаните 5:22, 23). Понатаму, на помазаните христијани Павле им напишал: „Ние . . . го примивме . . . Духот, Кој иде од Бога, за да го знаеме она, што ни е дарувано од Бога“ (1. Коринтјаните 2:12). Со тоа што се оѕвиваме на Јеховиниот дух, сите ние можеме да ги знаеме и да ги разбереме сегашните добри работи кои тој љубезно ни ги дал — неговите ветувања, закони, начела итн. (Спореди Матеј 13:11.)
17 Што се однесува до третиот начин на кој Бог ни помага, го имаме нашето братство ширум светот, како и Јеховината прекрасна организациска подготовка за обожавање. Апостол Петар зборувал за тоа кога нѐ советувал да ‚имаме љубов кон целото здружение од браќа‘ (1. Петрово 2:17, НС). Нашето меѓународно семејство од браќа и сестри, кое е полно со љубов, ни помага да му служиме на Јехова со голема радост на срцето, како што заповеда Псалм 99:2: „Служете Му на Господа со радост; излегувајте пред него со восклик!“ Стих 4 понатаму вели: „Влегувајте низ Неговите порти со славословие, во Неговите дворови со песна; славете Го, фалете Го името Негово“. Значи, без разлика дали проповедаме јавно или присуствуваме на нашите состаноци, можеме да доживееме радост. Каков само мир и сигурност сме нашле во прекрасните дворови на Јеховиниот духовен храм!
Радосно фали го Јехова!
18. Зошто можеме да се радуваме во фалењето на Јехова и покрај прогонство или други проблеми кои нѐ снаоѓаат?
18 Сеедно какви тешки околности, прогонство или други проблеми можат да нѐ снајдат, да се радуваме што сме во Јеховиниот дом за обожавање (Исаија 2:2, 3). Запомни дека радоста претставува особина на срцето. Нашите рани христијански браќа и сестри биле радосни фалители на Јехова и покрај многуте тешкотии и загуби што ги доживеале (Евреите 10:34). Нашите соверници денес се исто како нив (Матеј 5:10—12).
19. а) Кои повторливи налози нѐ поттикнуваат да го фалиме Јехова? б) Од што зависи нашиот вечен живот и која е нашата решеност?
19 Сите ние кои му служиме на Јехова, со задоволство ги слушаме налозите од Библијата да го фалиме. Секогаш одново, книгата Откровение ги прошарува Божјите фалби со изразот „Алилуја [Фалете го Јах, НС]“ (Откровение 19:1—6). Во шесте стихови од Псалм 150, 12 пати ни е кажано да го фалиме Јехова. Тоа е еден универзален апел до сето создание да се придружи во радосното пеење на Јеховината фалба. Нашиот вечен живот зависи од нашето придружување во овој величествен Алилуја хор! Да, единствените луѓе кои ќе живеат засекогаш се оние кои му принесуваат непрестајна фалба на Јехова. Затоа, решени сме да се држиме цврсто за неговото лојално собрание ширум светот додека наближува крајот. Тогаш, можеме да се надеваме дека ќе го доживееме комплетното исполнување на завршните зборови од Псалм 150: „Сѐ што дише — нека го фали Господа! Алилуја“.
Како би одговорил?
◻ Што го прави Јеховиниот народ особен, единствен?
◻ Зошто Јеховините слуги се толку радосни?
◻ Што нѐ одвојува од светот?
◻ На кои три начина Бог ни помогнал да имаме свое место во неговата божествена намера?
[Слика на страница 17]
Каде и да бил, Исус сведочел за Јехова и јавно го фалел