Како можат да ти помогнат вистинските светци?
ВО БИБЛИЈАТА, грчкиот збор преведен со „светец“ во некои верзии можеби е преведен и со „свет“. На кого се однесувал овој израз? An Expository Dictionary of New Testament Words (Толковен речник на новозаветни зборови) забележува: „Во множина, кога е употребен за верници, тој ги означува сите такви верници и не се однесува само на луѓе со исклучителна светост или на оние на кои што, откако умреле, им биле припишани исклучителни дела на светост“.
Затоа апостол Павле ги означил сите рани христијани како вистински светци, или свети. На пример, тој упатил писмо напишано во првиот век н.е „до Божјето собрание во Коринт, заедно со сите свети кои се во цела [римска провинција] Ахаја“ (2. Коринќаните 1:1). Подоцна Павле напишал писмо „до сите оние кои се во Рим како Божји љубени, повикани да бидат свети“ (Римјаните 1:7). Очигледно, овие свети сѐ уште не биле мртви ниту, пак, биле издвоени над другите верници поради некоја извонредна доблест. На темел на што се истакнувале како светци?
Осветени од Бог
Божјата реч покажува дека еден човек не е прогласен за светец од луѓе или од некоја организација. Писмото вели: „[Бог] нѐ спаси и нѐ повика со свет позив, не на темел на нашите дела, туку на темел на својата намера и незаслужена љубезност“ (2. Тимотеј 1:9). Некој свет е осветен поради Јеховиниот позив, како резултат на Божјата незаслужена љубезност и во согласност со неговата волја.
Светите од христијанското собрание се странки во еден „нов сојуз“. Пролеаната крв на Исус Христос го прави овој сојуз полноважен и ги осветува неговите учесници (Евреите 9:15; 10:29; 13:20, 24). Исчистени во Божји очи, тие се ‚свето свештенство и принесуваат духовни жртви прифатливи за Бог преку Исус Христос‘ (1. Петрово 2:5, 9).
Повикување и посредство на светците
Верувајќи дека „светците“ можат да им дадат посебна моќ на верниците, милиони луѓе длабоко ги почитуваат користејќи реликвии или повикувајќи ги како посредници. Дали е ова библиско учење? Во Проповедта на гората, Исус ги поучил своите следбеници како да му пристапат на Бог велејќи: „Туку молете се вака: ‚Татко наш, кој си на небесата, нека се свети името твое‘“ (Матеј 6:9). Молитвите исправно се упатуваат само до Јехова Бог.
Во обид да го докажат посредството на „светците“ некои теолози го цитираат стихот од Римјаните 15:30, каде што читаме: „Ве поттикнувам, браќа, преку нашиот Господ Исус Христос и преку љубовта на духот, да се напрегате со мене во молитвите до Бог за мене“. Дали Павле ги охрабрувал тие верници да му се молат нему или да го повикуваат неговото име кога му пристапуваат на Бог? Не. Иако во Библијата се охрабрува на молитви упатени во корист на вистинските светци, или свети, Бог никаде не ни заповедал да се молиме на или преку тие свети (Филипјаните 1:1, 3, 4).
Меѓутоа, Бог наименувал Посредник за нашите молитви. „Јас сум патот и вистината и животот“, рекол Исус Христос. „Никој не доаѓа кај Таткото освен преку мене.“ Исус, исто така, рекол: „Што и да замолите во мое име, ќе го направам тоа за да се прослави Таткото во поврзаност со Синот. Ако замолите за нешто во мое име, јас ќе го направам тоа“ (Јован 14:6, 13, 14). Можеме да бидеме уверени дека Јехова е спремен да ги слуша молитвите упатени во име на Исус. Во врска со Исус, Библијата вели: „Тој може потполно да ги спаси оние кои преку него му пристапуваат на Бог, бидејќи секогаш е жив за да се зазема [или, посредува] за нив“ (Евреите 7:25).
Ако Исус е спремен да посредува во наша корист, зошто обожавателите од христијанскиот свет во своите молитви честопати повикуваат „светци“? Во својата книга The Age of Faith (Доба на верата), историчарот Вил Дјурант ја следи трагата за потеклото на оваа практика. Иако забележува дека луѓето се плашеле од Бог, додека Исус им изгледал попристаплив, Дјурант вели: „Човек едвај се осмелувал директно да му се обрати [на Исус] зашто претходно така темелно го игнорирал Неговото Блаженство. Изгледало помудро своите молитви да ги предаде пред светец за кој со канонизација е потврдено дека е на небото, и да го моли тој или таа да посредува кај Христос“. Дали ваквата загриженост е оправдана?
Библијата нѐ учи дека преку Исус можеме да имаме „слобода на говорот и пристап со доверба“ во молитва до Бог (Ефешаните 3:11, 12). Семоќниот Бог не е премногу далечен од луѓето за да ги слушне нашите молитви. Псалмистот Давид со доверба се молел: „О Слушачу на молитвата, кај тебе ќе дојде секое човечко тело“ (Псалм 65:2, NW). Наместо да дава моќ преку реликвиите на некои од починатите „светци“, Јехова го излева својот свет дух врз оние што го бараат со вера. Исус резонирал: „Ако вие, иако сте зли, знаете како да им давате на своите деца добри дарови, колку повеќе Таткото на небото ќе им даде свет дух на оние кои го молат!“ (Лука 11: 13).
Улогата на светите
Светите, до кои Павле ги напишал своите писма, умреле пред многу векови и, со текот на времето, требало да ја примат „круната на животот“, воскресение на небото (Откровение 2:10). Обожавателите на Јехова Бог сфаќаат дека длабокото почитување на овие вистински светци е небиблиско и не донесува заштита од болест, природни катастрофи, економска нестабилност, старост или смрт. Затоа, можеби ќе прашаш: ‚Дали Божјите свети навистина се грижат за нас? Треба ли да очекуваме да дејствуваат во наша корист?‘
Светите одиграле значајна улога во пророштвото запишано од Даниел. Во шестиот век пр.н.е., тој видел возбудлива визија чие исполнување се протега до нашево време. Од морето излегле четири страшни ѕвера што ги симболизираат човечките влади, кои се неспособни да ги задоволат вистинските потреби на човештвото. Даниел потоа прорекол: „Но од нив царството ќе го преземат Светите на Сѐвишниот, и тие ќе го владеат во векови на вековите“ (Даниел 7:17, 18).
Павле го потврдил ова „наследство на светите“ — да бидат сонаследници со Христос на небото (Ефешаните 1:18—21). Крвта на Исус го отворила патот за 144.000 свети да бидат воскреснати за небесна слава. Апостол Јован рекол: „Среќен е и свет секој кој има удел во првото воскресение; над нив втората смрт нема власт, туку ќе бидат свештеници на Бог и на Христос, и ќе владеат како цареви со него илјада години“ (Откровение 20:4, 6; 14:1, 3). Во визија, Јован слушнал мноштво небесни суштества како пеат пред прославениот Исус: „Со својата крв купи за Бог луѓе од секое племе и јазик и народ и нација, и ги направи царство и свештеници на нашиот Бог, и ќе владеат како цареви над земјата“ (Откровение 5:9, 10). Колку охрабрувачки! Самиот Јехова Бог внимателно ги избрал овие мажи и жени. Освен тоа, тие верно служеле на Земјата, соочувајќи се речиси со сите проблеми што ги доживуваат луѓето (1. Коринќаните 10:13). Затоа, можеме да бидеме уверени дека овие воскреснати свети, или светци, ќе бидат милосрдни владетели, полни со разбирање, и дека ќе ги земаат предвид нашите слабости и ограничувања.
Благослови под владата на Царството
Владата на Царството наскоро ќе преземе акција да ја ослободи Земјата од сета злоба и страдање. Во тоа време луѓето ќе се приближат кон Бог повеќе од кога и да е. Јован напишал: „Тогаш чув еден силен глас од престолот како вели: ‚Гледај, Божјиот шатор е со луѓето, и тој ќе престојува со нив, и тие ќе бидат негови народи. И самиот Бог ќе биде со нив‘“. Ова ќе донесе неизмерни благослови за човештвото зашто пророштвото продолжува: „Тој ќе ја избрише секоја солза од нивните очи, и смрт нема да има веќе, ниту ќе има веќе тага ни пискот ни болка. Поранешните работи поминаа“ (Откровение 21:3, 4).
Какво само време ќе биде тоа! Резултатите од совршеното владеење на Исус Христос и 144.000 свети понатаму се опишани со овие зборови запишани во Михеј 4:3, 4: „[Јехова] ќе управува со многу племиња и ќе им биде Судија на силните народи. Своите мечеви ќе ги исковаат во паличници, а своите копја во српови. Народ не ќе дига меч против народ, ниту веќе ќе се вежбаат за војна. Секој ќе седи мирно под виновата лоза, и под својата смоква, и никој не ќе го плаши. Тоа го рече устата на Господ над Војските“.
Светите ја упатуваат поканата да се има удел во тие благослови. Симболизирани со невеста, вистинските светци и понатаму велат: „Дојди!“ Стихот продолжува: „И секој кој слуша нека рече: ‚Дојди!‘ И секој кој жеднее, нека дојде; секој кој сака, нека земе бесплатно од водата на животот“ (Откровение 22:17). Што е вклучено во „водата на животот“? Меѓу другите работи и точното спознание за намерите на Бог. Во молитва до Бог, Исус рекол: „Ова значи вечен живот, да примаат спознание за тебе, единствениот вистински Бог, и за оној кого го испрати, Исус Христос“ (Јован 17:3). Ова спознание е достапно преку редовно проучување на Библијата. Колку само можеме да бидеме среќни што преку Божјата реч можеме да го увидиме вистинскиот идентитет на светите и да дознаеме како Бог ќе ги употреби за вечна корист на човештвото!
[Слика на страница 4]
Павле напишал инспирирани писма до вистинските светци
[Слика на страници 4 и 5]
Исусовите верни апостоли станале вистински светци, или свети
[Слика на страница 6]
Со доверба можеме да му се молиме на Бог преку Исус Христос
[Слика на страница 7]
Воскреснатите светци, или свети, ќе бидат сочувствителни владетели над Земјата