Научи како да најдеш радост во стравот од Јехова
„Дојдете, чеда, послушајте ме: јас ќе ве научам да се боите од Господа“ (ПСАЛМ 33:11).
1. Како Божјето Царство ќе го отстрани стравот, но дали тоа значи дека ќе бидат отстранети сите видови страв?
ЛУЃЕТО насекаде копнеат по слобода од стравот — страв од криминал и насилство, страв од невработеност и страв од сериозна болест. Каков величествен ден ќе биде кога таа слобода ќе стане реалност под Божјето Царство! (Исаија 33:24; 65:21-23; Михеј 4:4). Сепак, тогаш нема да биде отстранет сиот страв ниту, пак, сега треба да сакаме да го оттргнеме сиот страв од нашите животи. Постои страв што е добар и страв што е лош.
2. а) Кој вид страв е лош, а кој е пожелен? б) Што е божествен страв, и како го покажуваат тоа наведените стихови?
2 Стравот може да биде ментален отров што ја парализира човековата способност да расудува. Може да ја поткопа храброста и да ја уништи надежта. Таков страв може да доживее оној кому физички му се заканува некој непријател (Јеремија 51:30). Може да го доживее и оној кој придава преголема важност на тоа да се има наклоноста од извесни влијателни луѓе (Изреки 29:25). Но, постои и еден друг вид страв што е здрав, кој нѐ задржува од пребрзи постапки и од повреда на самите себе. Божествениот страв вклучува дури и повеќе од тоа. Тоа е стравопочит кон Јехова, длабоко почитување кон него, заедно со здрав страв да не предизвикаме негово незадоволство (Псалм 88:7). Овој страв да не си навлечеме негово негодување, потекнува од ценењето на неговата срдечна доброта и на неговата добрина (Псалм 5:7; Осија 3:5). Тој ја вклучува свесноста дека Јехова е Врховниот Судија и Семоќниот, кој има моќ да изврши казна, па дури и смртна, над оние кои одбиваат да го слушаат (Римјаните 14:10-12).
3. Како се разликува стравот од Јехова од стравот кој се поврзува со некои пагански божества?
3 Божествениот страв е здрав, а не морбиден. Тој нѐ мотивира да бидеме цврсти во поглед на она што е исправно, а не да се компромитираме правејќи го она што е погрешно. Тој не е како стравот што му се припишува на древното грчко божество Фобос, кое е опишано како злокобен бог кој влева ужас. Ниту е како стравот што е поврзан со индиската божица Кали, која понекогаш е опишана како крвожедна, и дека користи трупови, змии и черепи како украси. Божествениот страв привлекува, а не одбива. Тој е испреплетен со љубов и ценење. Затоа, божествениот страв нѐ привлекува кон Јехова (5. Мојсеева 10:12, 13; Псалм 2:11).
Зошто некои го имаат, а некои не
4. Како што покажал апостол Павле, до каква состојба се спуштило човештвото, и на што се должи тоа?
4 Гледано во целина, човештвото не е мотивирано од особината божествен страв. Во Римјаните 3:9-18, апостол Павле опишува колку далеку отишле луѓето од првобитната совршеност. Откако наведува дека сите се под грев, Павле цитира од Псалмите, велејќи: „Нема ниеден праведен“. (Види Псалм 13:1.) Потоа набројува поединости, наведувајќи такви работи како што е немарноста на човештвото да го бара Бог, нивниот недостиг на љубезност, измамливиот говор, колнењето и крвопролевањето. Колку точно тоа го опишува денешниот свет! Повеќето луѓе немаат интерес за Бог и за неговите намери. Многу често, секој знак на љубезност е резервиран за приликите кога се очекува нешто да се постигне со неа. Лажењето и расипаниот говор се како „добро утро“. Крвопролевањето се прикажува не само на вестите туку и во забавата. Која е причината за ваквата ситуација? Точно е дека сите ние сме потомци на грешникот Адам, но кога луѓето ќе ги прифатат како свој начин на живот работите што ги опишал апостол Павле, тогаш се работи за нешто повеќе. Стих 18 објаснува што е тоа, велејќи: „Страв Божји нема пред очите нивни“. (Види Псалм 35:1.)
5. Зошто некои луѓе имаат божествен страв, а други не?
5 Но, зошто некои луѓе имаат божествен страв, а други не? Едноставно речено, затоа што некои луѓе го негуваат, а други не. Никој од нас не се раѓа со него, но сите ние ја имаме способноста да го развиваме. Божествениот страв е нешто што мора да се научи. Затоа, за да биде тој силна мотивирачка сила во нашите животи, треба да го негуваме.
Привлечен повик
6. Кој ни го упатува повикот што е запишан во Псалм 33:11, и како покажува овој цитат дека божествениот страв мора да се научи?
6 Во Псалм 33 упатена ни е една привлечна покана да го научиме стравот од Јехова. Тоа е Давидов Псалм. А кого го предочувал Давид? Никој друг туку Господ Исус Христос. Во 20. стих од овој псалм е запишано едно пророштво кое апостол Јован го применил особено на Исус (Јован 19:36). Во наше време, Исус е оној кој ја шири поканата како онаа во стих 11: „Дојдете, чеда, послушајте ме: јас ќе ве научам да се боите од Господа“. Ова јасно покажува дека божествениот страв е нешто што може да се научи, а Исус Христос е извонредно оспособен да нѐ поучи. Зошто е тоа така?
7. Зошто особено Исус е оној од кого треба да се научи божествениот страв?
7 Исус Христос ја знае важноста на божествениот страв. Во Евреите 5:7 за него се вели: „Во деновите на Својот земен живот, Он со силен повик и солзи упати молби и молитви кон Оној, Кој можеше да Го спаси од смртта и, поради Својата побожност [поради својот божествен страв, НС] беше чуен“. Таквиот божествен страв бил особина што Исус Христос ја покажувал уште пред да се соочи со смрт на маченички столб. Сети се, во Изреки поглавје 8, Божјиот Син е опишан како персонификација на мудроста. А во Изреки 9:10, речено ни е: „Почеток на мудроста е стравот Господов“. Според тоа, овој божествен страв бил главен дел од личноста на Божјиот Син, и тоа долго време пред тој да дојде на Земјата.
8. Што учиме за стравот од Јехова според Исаија 11:2, 3?
8 Освен тоа, во врска со Исус како Месијански Цар, Исаија 11:2, 3 (НС) наведува: „На него мора да слезе Јеховиниот дух, духот на мудрост и на разбирање, духот на совет и на моќ, духот на спознание и на стравот од Јехова; и тој ќе се радува во стравот од Јехова“. Колку прекрасно изразено! Стравот од Јехова не е нешто непријатно. Тој е позитивен и изградувачки. Тоа е особина што ќе се прошири низ целата област над која Христос владее како Цар. Тој владее сега, а сите оние кои се собираат како негови поданици, ги поучува за стравот од Јехова. Како?
9. Како Исус Христос нѐ учи за стравот од Јехова, и што сака тој да научиме во врска со стравот?
9 Преку нашите собраниски состаноци, собири и конгреси, Исус, како наименуван Поглавар на собранието и како Месијански Цар, ни помага да разбереме јасно што е тоа божествен страв и зошто е толку корисен. На тој начин настојува да го продлабочи нашето ценење за овој страв за да научиме да наоѓаме радост во стравот од Јехова, како што наоѓал и Исус.
Дали ќе вложиш напор?
10. Што мораме да правиме кога сме на христијанските состаноци, ако сакаме да го разбереме стравот од Јехова?
10 Се разбира, самото читање на Библијата или присуствувањето на состаноците во Салата на Царството, не е гаранција дека ќе имаме божествен страв. Забележи што треба да сториме ако навистина сакаме да го разбереме стравот од Јехова. Изреки 2:1-5 вели: „Синко, ако ги примиш зборовите на Моите заповеди и ги зачуваш во себеси, ако увото твое внимателно ја слуша мудроста, ако срцето твое се приклони кон размислување, ако со нив го поучиш синот твој; ако ги повикаш знаењето и разумот; ако ги бараш како сребро и ги истражуваш како ризница, — ќе го разбереш стравот Господов и ќе го најдеш знаењето за Бога“. Затоа, кога сме на состанок, треба да посветиме внимание на она што се зборува, да вложиме сериозен напор да се сконцентрираме и да ги запомниме главните мисли, да размислуваме длабоко за тоа како треба нашите чувства спрема Јехова да влијаат врз нашиот став спрема советот што се дава — да, да ги отвориме нашите срца. Тогаш ќе го разбереме стравот од Јехова.
11. За да негуваме божествен страв, што треба сериозно и често да правиме?
11 Псалм 86:11 (НС) свртува внимание на уште еден важен фактор — молитвата. „Поучувај ме, о Јехова, за твојот пат. Ќе одам во твојата вистина“, молел псалмистот. „Обедини ми го срцето да се плаши од твоето име.“ Јехова ја одобрил таквата молитва бидејќи дал да се запише во Библијата. За да негуваме божествен страв, и ние треба да го молиме Јехова за негова помош, а ќе имаме корист ако сериозно и често се молиме (Лука 18:1-8).
Вклучено е и твоето срце
12. Зошто мора да му се посвети посебно внимание на срцето, и што вклучува тоа?
12 Постои и нешто друго што мораме да го забележиме во Псалм 86:11 (НС). Псалмистот не се молел само за интелектуално сфаќање на стравот од Бог. Тој го споменува своето срце. Негувањето на божествен страв го вклучува симболичното срце, кое бара посебно внимание затоа што тоа ја претставува внатрешната личност која се манифестира во сите наши активности во животот и ги вклучува нашите мисли, ставови, желби, мотивации и цели.
13. а) Што може да покаже дека срцето на некој човек е поделено? б) Кон која цел треба да работиме додека негуваме божествен страв?
13 Библијата нѐ предупредува дека срцето на еден човек може да биде поделено. Тоа може да биде измамливо (Псалм 11:2; Јеремија 17:9). Може да нѐ мотивира да учествуваме во здрави активности — да одиме на собраниските состаноци и во службата на проповедање — но исто така, може да сака некои аспекти од светскиот начин на живот. Срцето може да нѐ спречува да ги поддржуваме вистински интересите на Царството со сета душа. Потоа, измамливото срце може да се обиде да нѐ увери дека, на крајот на краиштата, правиме исто толку колку и многу други. Или, можеби во училиште или на нашето световно работно место, срцето може да ни биде под влијание на стравот од човек. Како резултат на тоа, во таква средина можеби се колебаме да се идентификуваме како Јеховини сведоци и можеби дури правиме работи што не се прикладни за христијаните, а потоа совеста нѐ измачува. Не сакаме да бидеме такви личности. Затоа, како псалмистот, да го молиме Јехова: „Обедини ми го срцето да се плаши од твоето име“. Ние сакаме целата внатрешна личност, која се манифестира во сите наши активности во животот, да даде доказ дека се ‚боиме од Бога и ги пазиме неговите заповеди‘ (Проповедник 12:13).
14, 15. а) Што ветил Јехова дека ќе му даде на својот народ кога го претскажал враќањето на Израел од заробеништвото во Вавилон? б) Што сторил Јехова во поглед на всадувањето страв од Бог во срцата на својот народ? в) Зошто Израел се одвратил од Јеховините патишта?
14 Јехова ветил дека на својот народ ќе му даде такво богобојазливо срце. Го прорекол обновувањето на Израел и, како што читаме во Јеремија 32:37-39, рекол: „Ќе ги вратам на ова место и ќе им дозволам да живеат безопасно. Тие ќе бидат Мој народ, и Јас ќе им бидам Бог. И ќе им дадам едно срце и еден пат, за да се бојат од Мене во текот на сите дни од животот нивни, за нивно добро и за доброто на децата нивни по нив“. Во стих 40 е засилено Божјето ветување: „И ќе вложам во срцата нивни страв од Мене, за да не отстапуваат од Мене“. Во 537 пр. н. е., Јехова навистина ги вратил во Ерусалим, како што и ветил. Но, што е со останатиот дел од тоа ветување — дека ќе им даде ‚едно срце за да се бојат од Него во текот на сите дни‘? Зошто древната нација Израел се одвратила од Јехова откако тој ги вратил од Вавилон, поради што во 70 н. е. нивниот храм бил уништен и никогаш повеќе не бил изграден?
15 Тоа не се должело на некаква грешка од Јеховина страна. Всушност, Јехова презел чекори да го стави стравот од Бог во срцата на својот народ. Преку милоста што ја покажал кога ги ослободил од Вавилон и ги вратил во нивната татковина, тој им дал доволно причини да гледаат на него со длабоко почитување. Сето тоа Бог го поткрепил со потсетници, совети и карање преку пророците Агеј, Захарија и Малахија; преку Ездра, кој бил испратен кај нив како учител; преку управителот Неемија и преку самиот Божји Син. Повремено, луѓето слушале. Така било кога повторно го изградиле Јеховиниот храм на поттик од Агеј и Захарија и кога ги истерале жените туѓинки во деновите на Ездра (1. Ездра 5:1, 2; 10:1-4). Но, многу почесто, тие не слушале. Не биле доследни во покажувањето внимание; не останале приемчиви за совет; не ги држеле отворени своите срца. Израелците не негувале божествен страв и, како последица на тоа, тој не бил силна мотивирачка сила во нивните животи (Малахија 1:6; Матеј 15:7, 8).
16. Во чии срца Јехова всадил божествен страв?
16 Сепак, Јеховиното ветување дека ќе стави божествен страв во срцата на својот народ, не изостанало. Тој склучил нов сојуз со духовниот Израел, т.е. со оние христијани пред кои поставил небесна надеж (Јеремија 31:33; Галатјаните 6:16). Во 1919 година, Бог ги ослободил од заробеништвото на Големиот Вавилон, светското царство на лажната религија. Во нивните срца цврсто го всадил стравот од Него. Тоа им донело богати благослови ним и на ‚големото мноштво‘, кое има надеж за живот како земни поданици на Царството (Јеремија 32:29; Откровение 7:9). И во нивните срца се наоѓа стравот од Јехова.
Како се всадува божествениот страв во нашите срца
17. Како ставил Јехова божествен страв во нашите срца?
17 Како го всадил Јехова овој страв во нашите срца? Преку делувањето на неговиот дух. А што имаме ние како плод на светиот дух? Библијата, Божјата инспирирана Реч (2. Тимотеј 3:16, 17). Преку она што тој го сторил во минатото, преку неговите сегашни постапки со неговите слуги во исполнение на неговата пророчка Реч, како и преку пророштвата за работите што треба да дојдат, Јехова на сите нас ни дава здрава основа да развиваме божествен страв (Исус Навин 24:2-15; Евреите 10:30, 31).
18, 19. Како ни помагаат конгресите, собирите и собраниските состаноци да стекнеме божествен страв?
18 Вредно е да се спомене дека, како што се известува во 5. Мојсеева 4:10, Јехова му рекол на Мојсеј: „Собери го при Мене народот, за да им ги кажам Моите зборови, од кои ќе научат да се бојат од Мене во сите денови на својот земен живот и да ги научат синовите свои“. На сличен начин и денес, Јехова направил обилни подготовки за да му помогне на својот народ да научи да се плаши од него. На конгресите, на собирите и на собраниските состаноци раскажуваме за доказите за Јеховината срдечна доброта и за неговата добрина. Тоа го правевме и кога ја проучувавме книгата Најголемиот човек кој некогаш живеел. Како влијаеше тоа проучување врз тебе и врз твојот став кон Јехова? Кога ги виде различните фасети на величествената личност на нашиот небесен Татко, како што е одразена во неговиот Син, зарем не беше зајакната твојата желба никогаш да не го ожалостиш Бог? (Колосјаните 1:15).
19 На нашите состаноци исто така проучуваме извештаи за тоа како Јехова го ослободувал својот народ во минатото (2. Царства 7:23). Додека ја проучуваме библиската книга Откровение со помош на книгата Revelation—Its Grand Climax At Hand! (Откровение — Близу е неговата величествена кулминација!), учиме за пророчките визии што веќе се исполнуваат во овој XX век, како и за настани што влеваат страв, а кои допрва треба да дојдат. Во врска со сите такви Божји дела, Псалм 65:5 наведува: „Дојдете и видете ги делата Божји, колку е страшен во одлуките Свои за синовите човечки“. Да, ако исправно се гледа, овие Божји дела во нашите срца всадуваат страв од Јехова, односно длабоко почитување кон него. Така можеме да сфатиме како Јехова Бог го исполнува своето ветување: „Ќе вложам во срцата нивни страв од Мене, за да не отстапуваат од Мене“ (Јеремија 32:40).
20. Што се бара од нас за да може божествениот страв длабоко да се всади во нашите срца?
20 Сепак, очигледно е дека нема да го има овој страв во нашите срца ако не се напрегаме. Резултатите не доаѓаат автоматски. Јехова го прави својот дел. И ние мораме да го дадеме нашиот дел така што ќе негуваме божествен страв (5. Мојсеева 5:29). Природниот Израел пропуштил да го прави тоа. Но, со доверба во Јехова, духовните Израелци и нивните придружници веќе доживуваат многу од користите што ги имаат богобојазливите лица. Во следната статија ќе разгледаме некои од овие користи.
Како би одговорил?
◻ Што е божествен страв?
◻ Како сме поучени да најдеме радост во стравот од Јехова?
◻ Каков напор е потребен од наша страна за да имаме божествен страв?
◻ Зошто стекнувањето божествен страв ги вклучува сите аспекти на нашето симболично срце?
[Слики на страници 12 и 13]
За да се разбере стравот од Јехова, неопходно е марливо проучување