”Купени сте“
”Бидејќи сте купени. Затоа, прославете го Бог со своето тело“ (1. КОРИНТЈАНИТЕ 6:20, Ст).
1, 2. (а) Што ги отворило ’патиштата од смртта‘? (б) Што било потребно за да Христовата жртва стане правосилна, и со што било тоа наговестено?
”ВИСТИНСКИОТ Бог за нас е Бог на спасувачки дела“, рекол псалмистот, ”и на Јехова, Суверениот Господ, му припаѓаат патиштата од смртта“ (Псалми 68:20, НС). Жртвата на Исус Христос го отворила тој пат. Но за да таа жртва важи законски, Христос морал лично да се појави пред Бог.
2 Ова било наговестено на Денот на помирување кога првосвештеникот влегол во Светињата над светињите (3. Мојсеева 16:12-15, НС). ”Меѓутоа“, напишал Павле, ”Христос, кога стана Првосвештеник (. . .) ниту со крв козја и телешка, туку со Својата крв влезе во светилиштето еднаш засекогаш и изврши вечен откуп. Зашто Христос влезе не во ракотворно светилиште, кое е само образ на вистинското, туку во самото небо, за да се јави сега пред лицето на Бог за нас“ (Евреите 9:11, 12, 24).
Моќта на крвта
3. (а) Како Јеховините обожаватели гледаат на крвта и зошто? (б) Што покажува дека крвта има правна сила да ги покрие гревовите?
3 Каква улога игра Христовата крв во нашето спасение? Од деновите на Ное, вистинските обожаватели гледале на крвта како на нешто свето (1. Мојсеева 9:4-6). Крвта игра важна улога во животниот процес, бидејќи во Библијата стои дека ’душата [или животот] на телото е во крвта‘ (3. Мојсеева 17:11, НС). Затоа Мозаитскиот закон барал при жртвувањето на животно неговата крв да се пролие пред Јехова. Понекогаш крвта исто така се ставала на роговите од жртвеникот. Очигледно дека помирувачката моќ на жртвата се состоела во нејзината крв (3. Мојсеева 8:15; 9:9, НС). ”И скоро сѐ според Законот со крв се очисти, и без проливање крв проштевање не станува“ (Евреите 9:22).
4. (а) За која цел служело Божјето ограничување на употребата на крвта? (б) Што е значајно во врска со начинот на кој Исус бил убиен?
4 Тогаш не е чудно што под Законот секаква погрешна употреба на крв се казнувала со смрт! (3. Мојсеева 17:10). На сите нам ни е познато кога до некоја работа тешко се доаѓа или е строго ограничена за употреба, нејзината вредност расте. Јеховиното ограничување на употребата на крв гарантирало дека на неа нема да се гледа како на нешто што има обична вредност, туку како на нешто скапоцено, вредно (Дела на апостолите 15:29; Евреите 10:29, НС). Тоа било во склад со возвишената цел, за чие постигнување ќе послужи Христовата крв. Според тоа, прикладно е што умрел на начин кој предизвикал пролевање на неговата крв. Значи, било очигледно дека Христос го жртвувал не само своето тело, туку ја излеал својата душа, го жртвувал сопствениот живот како совршен човек! (Исаија 53:12). Христос не го проиграл законското право на тој живот поради несовршеноста. Затоа неговата пролиена крв имала голема вредност и можела да му биде претставена на Бог за проштавање на гревовите на човештвото.
5. (а) Што понел Исус на небото, и зошто? (б) Како се покажало дека Бог ја прифатил Христовата жртва?
5 Христос не можел да ја однесе на небото својата буквална крв (1. Коринтјаните 15:50, НС). Наместо тоа го понел она што таа крв симболизирала: законската вредност на својот жртвуван совршен човечки живот. Пред Божјата личност можел свечено да го принесе тој живот како откупнина во замена за грешното човештво. Дека Јехова ја прифатил таа жртва, станало очевидно на Пентакост 33. н. е., кога светиот дух дошол на 120 ученици во Ерусалим (Дела на апостолите 2:1-4). Христос, така да се рече, сега го поседувал човечкиот род така што ја купил (Галатјаните 3:13; 4:5; 2. Петрово 2:1, НС). Значи, благодетите од откупнината можеле да почнат да му притекуваат на човештвото.
Првите корисници на откупнината
6. Какви подготовки направил Бог за да се применат благодетите од Христовата откупнина?
6 Меѓутоа, тоа не значи дека на човештвото веднаш ќе му биде дадено телесно совршенство, бидејќи ако не се победи човековата грешна природа, телесното совршенство не ќе биде можно (Римјаните 7:18-24, НС). Кога и како ќе биде победена грешноста? Бог најпрво се погрижил за 144 000 небесни ’свештеници на нашиот Бог да владеат како цареви над земјата‘ со Исус Христос (Откровение 5:9, 10; 7:4; 14:1-3, НС). Преку нив, благодетите од откупнината постепено ќе се применуваат на човештвото во период од илјада години (1. Коринтјаните 15:24-26; Откровение 21:3, 4, НС).
7. (а) Што е новиот сојуз, кој го сочинува и за која цел служи? (б) Зошто смртта била потребна за да новиот сојуз биде можен, и каква улога во тоа игра Христовата крв?
7 Во тој правец, 144 000 цареви-свештеници се ”купени од човештвото“ (Откровение 14:4). Тоа е постигнато преку ’нов сојуз‘. Тој сојуз е договор помеѓу Јехова Бог и духовниот Израел Божји, чии членови треба да служат како цареви и свештеници (Еремија 31:31-34; Галатјаните 6:16; Евреите 8:6-13; 1. Петрово 2:9). Сепак, како е можен сојуз помеѓу Бог и несовршениот човек? Павле објаснува: ”Зашто, кадешто е заветот [сојузот помеѓу Бог и несовршениот човек], треба да биде и смртта на оној кој го прави заветот. Зашто заветот е потврден по смртта: бидејќи нема никаква сила додека е жив оној кој го направил“ (Евреите 9:16, 17, ДК).
8, 9. Како откупнината е поврзана со новиот сојуз?
8 Според тоа, откупната жртва е темел на новиот сојуз, чиј Посредник е Исус. Павле напишал: ”Зашто, еден е Бог и еден посредник помеѓу Бог и луѓето, човекот Христос Исус, кој се даде себеси како соодветна откупнина за сите, кое треба да биде посведочено во свое време“ (1. Тимотеј 2:5, 6, НС). Овие зборови особено се однесуваат на 144 000, со кои е склучен новиот сојуз.
9 Кога Бог склучил сојуз со телесниот Израел, тој не важел законски сѐ додека не била пролеана животинска крв од жртвувано животно (Евреите 9:18-21). Исто така, за да новиот сојуз стане делотворен, Христос морал да ја пролие ’крвта на Сојузот‘ (Матеј 26:28, Ст; Лука 22:20, НС). Со Христос, кој делува и како Првосвештеник и како ’посредник на новиот сојуз‘, Бог ја применува вредноста на Исусовата крв на оние кои се доведени во новиот сојуз, правно припишувајќи им човечка праведност (Евреите 9:15; Римјаните 3:24; 8:1, 2, НС). Тогаш Бог може да ги земе во новиот сојуз да бидат небесни цареви-свештеници! Како нивни Посредник и Првосвештеник, Исус им помага да ја зачуваат својата чистота пред Бог (Евреите 2:16; 1. Јованово 2:1, 2, НС).
Собирање на она што е на Земјата
10, 11. (а) Освен на помазаните христијани, на кого уште се проширува откупнината? (б) Кој го сочинува големото множество и каква положба заземаат тие пред Бог?
10 Дали само помазаните христијани можат да доживеат избавување преку откупнина, проштевање на своите гревови? Не. Како што покажува во Колосјаните 1:14, 20, Бог помирува со себе сѐ друго, склучувајќи мир преку крвта пролеана на маченичкиот столб. Тука спаѓа како она што е на небото (144 000) така и она што е на Земјата. Ова другото се оние кои очекуваат земски живот, луѓе кои ќе се радуваат на совршен живот во Рајот на Земјата. Особено од 1935 година се вложуваат заеднички напори да се соберат таквите. Откровение 7:9-17 ги опишува како ”големо множество“ кои спасението му го должат на Бог и Јагнето. Сѐ уште треба да ја преживеат ’големата неволја‘ и да бидат ’водени на изворите на водите на животот‘, бидејќи Откровение 20:5 покажува дека таквите ќе постигнат полнота на животот, поседувајќи совршен човечки живот до крајот на Христовото Илјадагодишно Царство. Оние кои тогаш како совршени луѓе ќе го поминат конечниот испит ќе бидат прогласени за праведни за вечен живот на Земјата (Откровение 20:7, 8, НС).
11 Меѓутоа, големото множество веќе претходно ”ги испраа облеките свои и ги избелија со крвта на [Ј]агнецот“ (Откровение 7:14). Христос не дејствува како Посредник на новиот сојуз за нив, но тие сепак извлекуваат корист од овој сојуз преку дејстувањето на Божјето Царство. Меѓутоа, Христос сепак дејствува во нивна корист како Првосвештеник, преку кого Јехова може и ја применува откупнината до таа мера, што сега ги прогласува за праведни како Божји пријатели. (Спореди Јаков 2:23, НС.) Во текот на Милениумот, тие постепено ќе ’се ослободат од ропството на распадливоста [додека конечно не ја добијат] славната слобода на Божјите деца‘ (Римјаните 8:21, НС).
12. На која основа Бог постапувал со верните мажи во претхристијанските времиња?
12 Што се однесува до нивната положба пред Бог, можеби изгледа дека оние од големото множество нешто се разликуваат од претхристијанските обожаватели. Меѓутоа, Бог со овие последниве постапувал имајќи ја предвид идната подготовка за откупнина (Римјаните 3:25, 26, НС). Тие само привремено му се радувале на проштавањето на своите гревови (Псалми 32:1, 2, НС). Наместо целосно да ги ослободат ’повеќе да не бидат свесни за никаков грев‘, животинските жртви го обновувале ’сеќавањето на гревовите‘ (Евреите 10:1-3, Ст).
13. Кои предности ги имаме во однос на претхристијанските Божји слуги?
13 Наспроти тоа, вистинските христијани денес го обожаваат на темел на откупот кој е веќе платен! Преку својот Првосвештеник, тие ’пристапуваат со слобода на говорот кон престолот на незаслужената доброта‘ (Евреите 4:14-16, НС). Помирувањето со Бог не е нешот на кое се надеваат, туку е сегашна реалност! (2. Коринтјаните 5:20, НС). Кога ќе згрешат, навистина може да им биде простено (Ефесјаните 1:7). Навистина се радуваат на исчистената совест (Евреите 9:9; 10:22; 1. Петрово 3:21, НС). Тие благослови се претслика на славната слобода на Божјите деца на која Јеховините слуги ќе се радуваат во иднина!
Длабочината на Божјата мудрост и љубов
14, 15. Како откупнината ја истакнува Јеховината недостижна мудрост, праведност и љубов?
14 Каков прекрасен дар од Јехова е откупнината! Лесно може да се сфати, а сепак е доволно длабока да го исполни со стравопочитување најголемиот ум. Нашето разгледување на дејствувањето на откупнината само оскудно ја допре површината. Сепак, со апостолот Павле извикуваме: ”О, каква длабочина на богатството, премудроста и знаењето на Бога! Колку се неиспитливи Неговите судови и неиспитливи Неговите патишта!“ (Римјаните 11:33). Јеховината мудрост се покажала во тоа што бил во состојба како да го спаси човештвото, така и да го оправда својот суверенитет. Со помош на откупнината, ’се покажа Божјата праведност (. . .) Бог го испрати [Христос] како принос за помирување преку верата во неговата крв“ (Римјаните 3:21-26, НС).
15 Ниедна критика не може да му се упати на Бог затоа што ги простил гревовите кои претхристијанските обожаватели ги сториле во минатото. Освен тоа, ниедна критика не може да му се упати на Бог затоа што ги прогласил помазаниците за праведни како свои синови или големото мноштво како свои пријатели (Римјаните 8:33, НС). По голема цена за себе, Бог бил совршено законит или исправен во своите постапки, потполно побивајќи го Сатаниното лажно тврдење дека Јехова е неправеден владетел! Исто така, без секакво сомневање, Бог покажал несебична љубов спрема своите суштества (Римјаните 5:8-11).
16. (а) На кој начин откупнината послужила за разјаснувањето на спорното прашање за беспрекорноста на Божјите слуги? (б) Како откупнината ни дава темел за вера во идниот нов свет на праведноста?
16 Начинот на кој била постигната откупнината исто така ги разјаснил спорните прашања во врска со беспрекорноста на Божјите слуги. Тоа е постигнато исклучиво со Исусовата послушност. (Пословици 27:11; Римјаните 5:18, 19, НС). Но, да го додадеме кон тоа животниот пат на 144 000 христијани кои, и покрај противењето од Сатана, остануваат верни до смртта! (Откровение 2:10). Откупнината им овозможува како награда да добијат бесмртност — неуништив живот! (1. Коринтјаните 15:53; Евреите 7:16, НС) Тоа го прави бесмислено тврдењето на Сатана дека Божјите слуги не се достојни за доверба! Откупнината исто така ни пружа цврст темел за верување во Божјите ветувања. Можеме да ја запазиме основата за спасението кое е ’законски втемелено‘ на откупната жртва (Евреите 8:6, НС). Според тоа, новиот свет на праведноста е гарантиран! (Евреите 6:16-19, НС)
Немојте да ја ’промашите нејзината цел‘
17. (а) Како некои покажуваат дека ја промашиле целта на откупот? (б) Што може да нѐ поттикне да останеме морално чисти?
17 За да извлечеме корист од откупнината потребно е да се стекнува спознание, да се покажува вера и да се живее по библиските мерила (Јован 3:16; 17:3, НС). Додуша, релативно малку има такви кои сакаат да го прават тоа (Матеј 7:13, 14). Дури и помеѓу вистинските христијани некои можат да ’ја прифатат Божјата незаслужена доброта и да ја промашат нејзината цел‘ (2. Коринтјаните 6:1, НС). На пример, во текот на годините, илјадници биле исклучени поради неисправното морално однесување. Каков срам со оглед на она што Јехова и Христос го сториле за нас! Зарем не би требало ценењето за откупнината да го поттикне лицето да не ’заборави дека е исчистено од поранешните гревови‘? (2. Петрово 1:9). Според тоа, прикладно е што Павле ги потсетува христијаните: ”Купени сте. Затоа, прославете го Бог со своето тело“ (1. Коринтјаните 6:20, Ст). Потсетувањето на тоа ни пружа силна мотивација да останеме морално чисти! (1. Петрово 1:14-19, НС)
18. Како може христијанинот кој паднал во сериозен грев сепак да извлече корист од откупнината?
18 А што ако некој веќе западнал во сериозен грев? Би требало да ја искористи предноста на проштавање која ја овозможува откупнината, и да ја прифати помошта од љубезните надгледници (Јаков 5:14, 15, НС). Дури и ако е потребен строг укор, христијанинот кој се кае не би смеел да попушти поради таквата казна (Евреите 12:5). Ние го имаме следното прекрасно библиско ветување: ”Ако ги исповедаме гревовите свои, Он е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нѐ очисти од секаква неправда“ (1. Јованово 1:9).
19. Какво гледиште може да заземе христијанинот спрема своето неисправно однесување пред да ја спознае вистината?
19 Понекогаш христијаните се прекумерено обесхрабрени поради лошото однесување во минатото. ”Пред да дојдеме во вистината“, напишал еден обесхрабрен брат, ”мојата сопруга и јас се заразивме од херпес гениталис. Понекогаш се чувствуваме нечисти, како да не се ’вклопуваме‘ во Јеховината чиста организација.“ Вистина е некои и откако станале христијани можат да ’жнеат‘ некои страдања заради грешките од минатото (Галатјаните 6:7). Сепак, нема причина да се чувствуваме нечисти во Јеховините очи ако сме се покајале. ’Крвта на Христа‘ може да ’ја очисти совеста наша од мртви дела‘ (Евреите 9:14).
20. Како може верата во откупнината да го ослободи христијанинот од непотребното чувство на вина?
20 Да, верата во откупнината може да ни помогне да се ослободиме од непотребното чувство на вина. Една млада сестра признала: ”Преку 11 години се борам со нечистата навика на мастурбација. Во еден момент за малку ќе го напуштев собранието, мислејќи дека Јехова нема да трпи некој толку гнасен да го валка неговото собрание.“ Сепак, мораме да имаме на ум дека Јехова е ’добар и спремно простува‘ сѐ додека ние совесно се бориме против неправедноста и не ѝ подлегнуваме! (Псалми 86:5, НС)
21. Како би требало откупнината да влијае на нашето гледиште спрема оние кои нѐ повредиле?
21 Откупнината исто така би требало да влијае и на нашето постапување со другите. На пример, како реагираш кога некој сохристијанин те повреди? Дали искрено простуваш како Христос? (Лука 17:3, 4). Дали си ’грижливо сомилосен, доброволно простувајќи им на другите како што и Бог преку Христос доброволно ти простил тебе‘? (Ефесјаните 4:32, НС). Или, дали си склон да негуваш омраза или огорченост? Тоа би значело промашување на целта на откупнината (Матеј 6:15).
22, 23. (а) Какво влијание би требало да има откупнината врз нашите цели и начинот на живеење? (б) Што би требало христијаните да одлучат во поглед на откупнината?
22 Конечно, ценењето за откупнината би требало да има длабоко влијание на нашите цели и начинот на живеење. Павле рекол: ”Купени сте; не бидете им робови на луѓето“ (1. Коринтјаните 7:23, Ст). Дали материјално неопходните работи — домот, работата, храната, облеката — сѐ уште се средиште на твојот живот? Или го бараш најпрво Царството, верувајќи во Божјето ветување дека тој ќе се грижи за тебе? (Матеј 6:25-33). Дали можеби му робуваш на својот работодавач, пропуштајќи при тоа да создаваш можности за теократските активности? Запомни, Христос ’се даде самиот Себе за нас, за да (. . .) Му бидеме народ избран, ревностен кон добри дела‘ (Тит 2:14; 2. Коринтјаните 5:15).
23 ’Му благодарам на својот Бог преку Исуса Христа‘ за овој извонреден дар — откупнината! (Римјаните 7:25). Нека никогаш не ја промашиме целта на откупнината, туку да допуштиме таа да биде вистинската сила во нашите животи. Нека секогаш во мислите, зборовите и делата го славиме Бог, сеќавајќи се со благодарност дека сме купени.
Прашања за повторување
◻ Зошто крвта се смета за света, и како Христовата крв му била принесена на Јехова на небото?
◻ Каква улога имала Христовата крв во потврдувањето на новиот сојуз?
◻ Како откупнината им користи на помазаниците и големото множество?
◻ Како можеме да покажеме дека не ја промашуваме целта на откупнината?
[Слика на страница 16]
Помирбената сила на една жртва е во нејзината животна крв
[Слика на страница 17]
Оној кој го цени Божјето проштавање ќе сака и самиот да им простува на другите