СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 50
Верата и делата можат да водат до праведност
Оди по стапките на верата, која ја имаше нашиот татко Авраам (РИМ. 4:12)
ПЕСНА 119 Да имаме силна вера!
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1. Кога размислуваме за верата на Авраам, кое прашање можеби си го поставуваме?
ИАКО многу луѓе слушнале за Авраам, повеќето не знаат многу работи за него. Но, ти знаеш многу за овој Божји слуга. На пример, знаеш дека Авраам е наречен „татко на сите што веруваат“ (Рим. 4:11). Сепак, можеби се прашуваш: „Можам ли да одам по стапките на Авраам и да имам вера како неговата?“ Секако дека можеш!
2. Зошто е важно да го проучуваме примерот на Авраам? (Јаков 2:22, 23).
2 Еден начин на кој можеме да развиеме вера каква што имал Авраам е така што ќе го проучуваме неговиот пример. Авраам секогаш го правел она што Бог го барал од него — се преселил во далечна земја, со години живеел во шатори и бил спремен да го жртвува својот сакан син Исак. Авраам ги направил сите овие работи бидејќи имал силна вера во Јехова. Со својата вера и со своите дела, Авраам го стекнал одобрувањето од Јехова и затоа станал негов пријател. (Прочитај Јаков 2:22, 23.) Јехова сака сите ние — вклучувајќи те и тебе — да ги доживееме истите благослови. Од таа причина, со својот свет дух, Јехова ги поттикнал библиските писатели Павле и Јаков да се осврнат на примерот на Авраам. Во оваа статија ќе разгледаме што е запишано за него во Римјаните поглавје 4 и во Јаков поглавје 2. И во двете поглавја е запишана една важна вистина во врска со Авраам.
3. Од кој библиски стих цитирале Павле и Јаков?
3 И Павле и Јаков цитирале од 1. Мојсеева 15:6, каде што пишува: „Аврам му поверува на Јехова, а тој го сметаше за праведен поради тоа“. Кога еден човек е праведен во очите на Јехова, тоа значи дека Јехова го прифаќа како негов слуга, па дури и го смета за беспрекорен. Зарем не е охрабрувачки што еден грешен, несовршен човек, може да биде беспрекорен во очите на Јехова? Сигурно и ти сакаш Бог да те смета за праведен, и тоа е можно. Сега ќе дознаеме зошто Јехова го сметал Авраам за праведен и што треба да правиме ние за и нас да нѐ смета за праведни.
ЗА БОГ ДА НЀ СМЕТА ЗА ПРАВЕДНИ, МОРА ДА ИМАМЕ ВЕРА
4. Што ги спречува луѓето да бидат праведни?
4 Во своето писмо до Римјаните, Павле рекол дека сите луѓе се грешници (Рим. 3:23). Тогаш, како може некој да биде праведен или беспрекорен во очите на Јехова и со тоа да го стекне неговото одобрување? За да им помогне на сите искрени христијани да го разберат одговорот на ова прашање, Павле го посочил Авраам како пример.
5. Зошто Јехова го прогласил Авраам за праведен? (Римјаните 4:2-4).
5 Јехова го прогласил Авраам за праведен додека живеел во ханаанската земја. Зошто Јехова можел да го смета Авраам за праведен? Дали затоа што Авраам совршено му бил послушен на Мојсеевиот закон? Секако дека не (Рим. 4:13). Јехова му го дал Законот на израелскиот народ повеќе од 400 години откако го прогласил Авраам за праведен. Тогаш, зошто Бог го прогласил Авраам за праведен? Јехова му покажал незаслужена доброта на Авраам и го прогласил за праведен поради неговата вера. (Прочитај Римјаните 4:2-4.)
6. Врз која основа може Јехова да прогласи еден несовршен, грешен човек за праведен?
6 Павле понатаму напишал дека, кога некој има вера во Бог, Јехова „го смета за праведен поради неговата вера“ (Рим. 4:5). Потоа, Павле додал: „Така и Давид зборува за среќата на човекот кого Бог го смета за праведен независно од неговите дела: ’Среќни се оние чии незаконски дела се простени и чии гревови се покриени. Среќен е човекот кому Јехова не му го вбројува гревот‘“ (Рим. 4:6-8; Пс. 32:1, 2). Бог ги простува или ги покрива гревовите на оние што имаат вера во него. Тој повеќе не им ги вбројува гревовите, односно потполно им ги простува. Бог ги смета таквите поединци за праведни поради нивната вера.
7. Во која смисла верните Божји слуги од минатото биле праведни?
7 Иако биле прогласени за праведни, Авраам, Давид и други верни Божји слуги сѐ уште биле несовршени и грешни. Но, поради нивната вера, Бог гледал на нив како да се беспрекорни, особено во споредба со оние кои немале вера во него (Еф. 2:12). Како што истакнал Павле во своето писмо, за да бидеме пријатели со Бог мора да имаме вера. И Авраам и Давид требало да имаат вера за да бидат пријатели со Бог, а истото важи и за нас.
КАКО СЕ ПОВРЗАНИ ВЕРАТА И ДЕЛАТА?
8-9. До каков погрешен заклучок дошле некои поединци од она што го напишале Павле и Јаков, и зошто?
8 Со векови, верските водачи на христијанскиот свет жестоко дебатираат околу поврзаноста помеѓу верата и делата. Некои свештени лица поучуваат дека сѐ што треба да прави некој за да биде спасен е да верува во Господарот Исус Христос. Можеби си ги слушнал како велат: „Верувај во Исус и ќе бидеш спасен“. Свештениците можеби дури ги цитираат следниве зборови на Павле: „Бог го смета [човекот] за праведен независно од неговите дела“ (Рим. 4:6). Но, други велат дека можеш да бидеш спасен ако одиш на поклонение на свети места и ако правиш други дела што црквата ги пропишува. Тие можеби го цитираат Јаков 2:24: „Човек ќе биде прогласен за праведен поради делата, а не само поради верата“.
9 Поради ваквите различни верувања, некои библиски изучувачи сметаат дека Павле и Јаков имале различно мислење во врска со тоа што треба да прави некој за да го стекне Божјето одобрување. Според некои свештеници, Павле сметал дека, за некој да го има Божјето одобрување, доволно е да има само вера, а Јаков сметал дека е неопходно да има дела. Во врска со ова, еден професор по теологија го кажал следново: „Јаков не сфатил зошто Павле сметал дека некој може [да биде прогласен за праведен] само поради верата, а не поради делата“. Но, кога Павле и Јаков ги пишувале своите писма, Јехова ги водел и двајцата со својот свет дух (2. Тим. 3:16). Значи, мора да има некое логично објаснување зошто има разлика во она што го запишале. За подобро да разбереме што сакале да кажат, треба да го земеме предвид и контекстот.
10. За кои „дела“ главно зборувал Павле? (Римјаните 3:21, 28; види ја и сликата).
10 За кои „дела“ зборувал Павле во Римјаните поглавја 3 и 4? Тој главно мислел на „делата пропишани со законот“ — Мојсеевиот закон кој Јехова им го дал на Израелците на планината Синај. (Прочитај Римјаните 3:21, 28.) Се чини дека во времето на Павле, на некои христијани со еврејско потекло им било тешко да прифатат дека повеќе не треба да се држат за Мојсеевиот закон. Значи, Павле го употребил примерот на Авраам за да докаже дека, за некој да биде прогласен за праведен, не е потребно да ги врши „делата пропишани со Законот“, туку треба да има вера. Она што го кажал Павле е охрабрувачки бидејќи нѐ уверува дека е возможно Бог да нѐ смета за праведни. Ако стекнеме вера во Бог и во Христос, тоа ќе ни помогне да го имаме Божјето одобрување.
11. За какви „дела“ зборувал Јаков?
11 Од друга страна, „делата“ за кои зборувал Јаков во поглавје 2 не се „делата пропишани со законот“ за кои зборувал Павле. Јаков зборувал за делата, односно активностите што христијаните ги прават во нивниот секојдневен живот. Таквите дела покажуваат дали еден христијанин има вистинска вера во Бог или не. Да разгледаме два примера што ги употребил Јаков.
12. Како Јаков ја објаснил врската помеѓу верата и делата? (Види ја и сликата.)
12 Во првиот пример, Јаков објаснил дека христијаните треба да постапуваат непристрасно со другите. За да ја нагласи оваа мисла, тој навел пример за еден човек кој му укажал чест на некој што бил богат, а постапил нељубезно со некој што бил сиромашен. Јаков објаснил дека еден таков човек може да тврди дека има вера, но неговите дела не го потврдуваат тоа (Јак. 2:1-5, 9). Во вториот пример, Јаков зборувал за човек кој видел дека некој брат или некоја сестра немаат што да облечат или немаат храна, но тој не им ја пружил потребната помош. Дури и ако тој човек тврдел дека има вера, тоа не било поткрепено со неговите постапки. Затоа, неговата вера била бескорисна. Како што напишал Јаков: „Верата — ако нема дела, сама по себе е мртва“ (Јак. 2:14-17).
13. Со кој пример Јаков покажал дека нашата вера треба да биде поткрепена со дела? (Јаков 2:25, 26).
13 Јаков ја спомнал Раав како добар пример за личност која ја докажала својата вера со дела. (Прочитај Јаков 2:25, 26.) Таа имала слушнато за Јехова и сфатила дека тој им помага на Израелците (Ис. Нав. 2:9-11). Раав ја покажала својата вера со своите постапки — заштитила двајца израелски извидувачи чии животи биле во опасност. Поради тоа, оваа жена, која била несовршена и не била Израелка, била прогласена за праведна исто како Авраам. Од примерот на Раав учиме колку е важно со нашите постапки да покажеме дека имаме вера.
14. Зошто може да кажеме дека она што го запишале Павле и Јаков не е противречно?
14 Значи, Павле и Јаков зборувале за верата и делата од два различни агли. Павле сакал да им каже на христијаните со еврејско потекло дека тие никогаш нема да можат да го стекнат Јеховиното одобрување само со тоа што ќе се држат за Мојсеевиот закон. А Јаков сакал да истакне колку е важно сите христијани да ја покажуваат својата вера така што ќе прават добри дела за другите.
15. Кои се некои начини на кои можеме да ја покажеме нашата вера со дела? (Види ја и сликата.)
15 Јехова не вели дека, ако сакаме да бидеме прогласени за праведни, мора да ги правиме истите работи што ги правел Авраам. Всушност, има многу начини на кои можеме нашата вера да ја покажеме преку нашите дела. Можеме да им изразиме добредојде на новите во собранието, да им помагаме на браќата и сестрите кои имаат потреба и да им правиме добро на членовите на нашето семејство. Ако го правиме сето тоа, ќе го радуваме Бог и тој ќе нѐ благослови (Рим. 15:7; 1. Тим. 5:4, 8; 1. Јов. 3:18). Еден од најважните начини на кои можеме да покажеме дека имаме вера е така што ревносно ќе им ја проповедаме добрата вест на другите (1. Тим. 4:16). Секој од нас со своите дела може да покаже дека има вера дека ветувањата на Јехова ќе се исполнат и дека неговите мерила се најдобри. Ако со нашите дела покажеме дека имаме вера, можеме да бидеме сигурни дека Бог ќе нѐ смета за праведни и дека ќе бидеме негови пријатели.
НАДЕЖТА НИ ПОМАГА ДА СИ ЈА ЗАЈАКНЕМЕ ВЕРАТА
16. Како надежта што ја имал Авраам била поврзана со неговата вера?
16 Во Римјаните поглавје 4 е истакната уште една важна поука која можеме да ја научиме од Авраам — секогаш треба да ја имаме на ум нашата надеж. Јехова ветил дека преку Авраам ќе бидат благословени „многу народи“. Замисли колку прекрасна надеж имал Авраам! (1. Мој. 12:3; 15:5; 17:4; Рим. 4:17). Сепак, дури и кога тој имал 100 години, а Сара 90, тие сѐ уште го немале добиено ветениот син. Од човечка гледна точка, се чинело невозможно Авраам и Сара да имаат син. Тоа било голем испит за Авраам. Сепак, за него читаме: „Тој имаше надеж, па поверува дека ќе стане татко на многу народи“ (Рим. 4:18, 19). На крајот, она на што Авраам се надевал се остварило — му се родил Исак, синот кој толку долго го очекувал! (Рим. 4:20-22).
17. Од каде знаеме дека Бог може да нѐ смета за праведни и дека можеме да бидеме негови пријатели?
17 Исто како Авраам, и ние можеме да имаме одобрување од Бог, да бидеме праведни во негови очи и да бидеме негови пријатели. Токму тоа го нагласил Павле кога напишал: „Но, дека го ’сметаше за праведен‘ не е напишано само поради [Авраам] туку и поради нас на кои ни е одредено да бидеме сметани за праведни, бидејќи веруваме во оној што го воскресна од мртвите Исус, нашиот Господар“ (Рим. 4:23, 24). Исто како Авраам, и ние треба да имаме вера, да правиме добри дела и да имаме надеж. Во Римјаните поглавје 5, Павле продолжил да зборува за нашата надеж, а тоа ќе го разгледаме во следната статија.
ПЕСНА 28 Да бидеме пријатели со Јехова
a Ние сакаме да го имаме Јеховиното одобрување, и Бог да нѐ смета за праведни. Со помош на она што го напишале Павле и Јаков, во оваа статија ќе видиме како е можно тоа, и зошто ни се потребни и вера и дела за да го стекнеме Јеховиното одобрување.
b ОПИС НА СЛИКАТА: Павле ги поттикнал христијаните со еврејско потекло да го насочат вниманието кон верата, а не кон „делата пропишани со законот“, како што се ставањето сина врвца на облеката, славењето Пасха и обредното миење на рацете.
c ОПИС НА СЛИКАТА: Јаков ги поттикнал христијаните да ја покажуваат верата со тоа што ќе им прават добро на другите, на пример така што ќе им помагаат на сиромашните.