Театарот во Епидаурус — неоштетен низ вековите
ОД ДОПИСНИКОТ НА РАЗБУДЕТЕ СЕ! ВО ГРЦИЈА
САКАТЕ ли да одите на театар? Уживате ли во веселото смеење што може да го понуди една комедија? Дали Ве разведрува, па дури и просветлува некоја прониклива драма која ги погаѓа Вашите емоции или од која учите нешто за човечката природа? Во тој случај, можеби ќе Ве интересира да дознаете нешто за театарот во Епидаурус. Тој е тесно поврзан со потеклото на драмата во античка Грција.
Грчкиот географ Паусанија, од вториот век н.е., напишал дека во Епидаурус ‚се наоѓа најзначајниот театар на античкиот свет. Иако римските театри се повеличествени и поимпозантни, ниеден архитект не може да се натпреварува со убавината и складноста на театарот во Епидаурус‘.
Најзачуван
Околу 60 километри јужно од грчкиот град Коринт се наоѓа селцето Епидаурус. Пред 25 века тоа било важен трговски и религиозен центар.
Подоцна, благо издигнатите ридови, обработените полиња и насадите од маслинови дрвја воопшто не навестувале дека таму имало голем театар. Меѓутоа, Панагис Кавадиас, истакнат грчки археолог од 19 век, бил сигурен дека тие ридови кријат една добро чувана тајна. Неговата љубопитност била предизвикана од описот на Паусанија, цитиран претходно, па затоа бил уверен дека под овој обичен пејзаж ќе открие величествен театар. И навистина го открил, пролетта 1881.
По шест години напорна работа, ископувањата на Кавадиас изнесоа на виделина еден импозантен, речиси неоштетен театар. Според археолозите, овој театар го изградил некаде околу 330 пр.н.е. Поликлет Помладиот, прочуен вајар и архитект од блискиот град Аргос. Современиот архитект Манос Перакис го одразува општото гледиште на истражувачите кога го нарекува Епидаурус „најпрочуен и најзачуван грчки театар“.
Откривањето на театарот во Епидаурус е важно и за археологијата и за архитектурата. Додека повеќето од преостанатите антички театри претрпеле делумно уништување или биле реконструирани, театарот во Епидаурус останал неоштетен низ вековите затоа што бил на сигурно, покриен со повеќе од 6 метри земја.
Денешниот посетител може многу јасно да ги одреди основните делови на театарот. Оркестарот, рамна кружна површина која се користела за танцување и за хорот, е опкружен со тенка мермерна лента. Подот е од набиена земја и во средината има олтар. Зад оркестарот е сцената, од која останале само темелите. На почетокот, актерите давале претстави во оркестарот, а реквизитите се состоеле од насликани табли монтирани на триаголни плочи кои се вртеле, а биле прицврстени за работ на бината. Подоцна актерите почнале да даваат претстави на самата сцена, препуштајќи му го оркестарот на хорот, а реквизитите биле преместени на ѕидовите на сцената.
Во почетокот, театарот во Епидаурус имал капацитет од 6.000 седишта. Во вториот век пр.н.е., горниот дел бил проширен и сместил уште 21 ред седишта, така што вкупниот број седишта изнесувал повеќе од 13.000. Седиштата на предниот ред, кои биле резервирани за достоинствениците, се разликувале од останатите по тоа што биле направени од црвеникав камен и имале потпирач за грбот.
Чудо на акустиката
Театарот во Епидаурус е прочуен по својата извонредна акустика. „И најмалиот звук — длабок здив или кинење хартија — може јасно да се чуе дури до последниот ред седишта“, вели професорот по археологија С. Е. Е. Јаковидис.
Кога го посетуваат овој театар, многу туристи сакаат да застанат на средината на оркестарот и да рецитираат поеми, да пеат песни или да им шепотат на своите пријатели кои седат во највисоките редови. Тие се импресионирани од извонредниот начин на кој звукот се пренесува до секој ќош од овој голем аудиториум.
За ваквата добра акустика е заслужен амфитеатарскиот, полукружен облик на театарот во Епидаурус. Ова нѐ потсетува на приликите кога Исус одржувал проповеди пред големи мноштва луѓе во природните амфитеатри — честопати падини — за да може секој јасно да го чуе (Матеј 5:1, 2; 13:1, 2).
Освен тоа, стрмнината на редовите седишта во Епидаурус го намалува растојанието меѓу бината и највисоките редови. Кога звучните бранови ќе дојдат до горните редови, тие не се многу ослабени.
Нешто друго што придонесува за толку добра акустика е соодветното растојание меѓу редовите. Тоа овозможува звукот да се шири насекаде со иста јачина и јасност. Други фактори се одбивањето на звукот кога удира во тврдата, компактна површина на оркестарот и редовите седишта, добриот квалитет на мермерот што бил користен, тивката околина и ветрето кое постојано дува од оркестарот кон гледачите.
Театарот — дом на драмата
Бидејќи древните Грци биле многу внимателни и вешти кога граделе театри како што е овој во Епидаурус, гледачите можеле лесно да гледаат и да слушаат драми. Драмата води потекло од празниците на плодноста кога се славело заради жетвата и бербата на грозјето, како и од верувањата во врска со смртта и обновувањето на животот. Ваквите оргиски прослави се одржувале во чест на Дионис, митскиот бог на виното и плодноста. Овие приредби не биле само за слава на митските богови туку честопати содржеле и некоја приказна. Се развиле три главни облици на раскажување приказни: трагедија, комедија и сатира. Согледувајќи ја популарноста на овие прилики, градските управители ги поддржувале како средство за да стекнат поголема политичка моќ.
Со текот на времето, прославите на Дионис повеќе немале толкаво влијание во драмите и оргиските претстави биле поретки. Во потрага по нови теми за своите драми, прочуените драмски писатели од петтиот век пр.н.е., како што се Есхил, Софокле и Еврипид, се свртеле кон грчката историја и митологија. Сѐ поголемата и пораширена популарност на драмата создала потреба од големи театри, како што е овој во Епидаурус. А бидејќи било потребно публиката да го чуе секој збор од драмата — која честопати содржела прониклива игра на зборови и духовити одговори — се барало да се покажува голема грижа и вештина во градењето на театрите.
За секоја театарска претстава бил потребен хор (обично 10 до 15 луѓе) и актери (никогаш повеќе од 3 ликови кои зборуваат во една сцена). Актерите биле наречени хипокритаи, оние кои одговараат на хорот. Со текот на времето, овој термин почнал да се користи во метафорична смисла за да се опише лицето кое мами или се преправа. Во евангелието по Матеј е употребен овој збор за да се опишат измамливите книжници и фарисеи од времето на Исус (Матеј 23:13).
Епидаурус и античката драма денес
Изведбата на античката драма во Грција повторно оживеала во Епидаурус и на други места. Сѐ до почетокот на 20 век, античките грчки драми, особено трагедиите, биле предмет само на академско изучување. Но, почнувајќи од 1932, со основањето на Грчкиот народен театар, делата на античките драмски писатели се преведени на современ грчки јазик.
Од 1954, драмскиот фестивал во Епидаурус стана годишен настан. Секое лето, театарот во Епидаурус им нуди гостопримство на многу грчки и странски театарски групи, кои изведуваат антички драми. Илјадници туристи и љубители на театарот го посетуваат ова место за да присуствуваат на современите изведби на драмите кои биле напишани пред речиси 2.500 години.
Затоа, следниот пат кога ќе одите во Грција, поканети сте да појдете во Епидаурус. Откако ќе го видите овој импресивен театар, можеби ќе дојдете до истиот заклучок како Паусинија: ‚Ниеден архитект не може да се натпреварува со убавината и складноста на театарот во Епидаурус‘.
[Рамка на страница 13]
Театарот и раните христијани
„Станавме театарски спектакл за светот, и за ангелите, и за луѓето“, напишал апостол Павле до христијаните во Коринт, кои живееле во близината на Епидаурус (1. Коринќаните 4:9; Евреите 10:33). Тој мислел дека, заради тоа што биле исмејувани и прогонувани, тие како да биле изложени во театар пред една сеопшта публика. Во деновите на Павле, театарските претстави биле популарен облик на рекреација. Меѓутоа, раните христијани биле предупредени на неморалот и жестокото насилство, кои честопати се прикажувале во театарските претстави во тоа време (Ефешаните 5:3—5). Понекогаш и самите христијани биле сосила носени во театрите или арените на Римското царство како предмет на забава, па дури и биле фрлани пред диви ѕверови.
[Слики на страница 12]
Софокле
Есхил
Еврипид
[Извор на слика]
Грчки драмски писатели: Musei Capitolini, Roma
[Извор на слика на страница 11]
Со љубезност на GNTO