Најди сигурност меѓу Божјиот народ
„Ќе те фалам среде големото насобрано мноштво“ (ПС. 35:18)
1-3. а) Како може некои христијани да го доведат во опасност својот однос со Јехова? б) Каде може Божјиот народ да најде заштита?
ДОДЕКА биле на одмор, Џо и жена му отишле да нуркаат на еден тропски корален гребен во кој вриело од риби во сите бои и големини. Отпливале малку подалеку за да уживаат во прекрасната глетка на гребенот под нив. Но, кога одеднаш морското дно исчезнало во мрачен амбис, жена му на Џо му рекла: „Мислам дека премногу се оддалечивме“. „Не се секирај“, ѝ одговорил Џо. „Знам што правам.“ Џо раскажува дека кратко потоа почнал да се чуди: ‚Кај ги снема рибите?‘ Со ужас сфатил која била причината за тоа. Од морската длабочина се појавила една ајкула која пливала право кон него. Џо се нашол пред неа потполно беспомошен. Кога стигнала на само метар од него, ајкулата се свртела и си заминала.
2 Еден христијанин може толку да биде одушевен од привлечните работи во светот на Сатана — забавата, работата, материјалните работи — што нема да сфати дека оди во ‚опасни води‘. Џо, кој е христијански старешина, вели: „Таа случка ме натера да размислам колку е важно со кого се дружиме. Пливај таму каде што е безбедно и пријатно — во собранието!“ Немој да пливаш во длабокото, каде што може да се најдеш далеку од собранието и во опасност. Ако случајно отпливаш таму, веднаш враќај се на сигурно. Инаку, може да го доведеш во опасност својот однос со Јехова.
3 Денес, светот е опасно место за христијаните (2. Тим. 3:1-5). Сатана знае дека деновите му се одбројани и затоа сака да ги проголта невнимателните (1. Пет. 5:8; Отк. 12:12, 17). Меѓутоа, не сме оставени без заштита. Јехова му обезбедил на својот народ сигурно духовно засолниште — христијанското собрание.
4, 5. Како гледаат мнозина на својата иднина, и зошто?
4 Денешното општество нуди само извесна мера сигурност — било во физички било во емоционален поглед. Многу луѓе сметаат дека физичката сигурност им е загрозена од криминалот, насилството, високите животни трошоци, па дури и од загадувањето. Сите се соочуваме со проблемите што ги носат староста и лошото здравје. А оние што имаат работа, дом, доволно финансии и релативно добро здравје можеби се прашуваат уште колку долго ќе го имаат сето тоа.
5 Голем број луѓе не се чувствуваат сигурни ни во емоционален поглед. За жал, не им се исполниле очекувањата ни на мнозина кои се надевале дека ќе најдат мир и среќа во бракот и семејниот круг. Во поглед на желбата да ги задоволат своите духовни потреби, многу верници се збунети и се сомневаат во вредноста на водството што го добиваат. Тоа е особено случај кога го гледаат срамното однесување на своите верски водачи и небиблиските учења што тие ги шират. Од таа причина, многумина сметаат дека немаат друг избор освен да ја положат својата надеж во науката или во добрата волја и здравиот разум на луѓето. Затоа не нѐ чуди што другите околу нас се чувствуваат крајно несигурни или едноставно не сакаат да размислуваат за иднината.
6, 7. а) Зошто има разлика во гледиштето на оние што му служат на Бог и оние што не му служат? б) Што ќе разгледаме?
6 Каква само разлика има меѓу гледиштето на оние што се дел од христијанското собрание и оние што не се! Иако и нас, како слуги на Јехова, не нѐ одминуваат многу од проблемите што ги имаат луѓето, ние реагираме многу поинаку. (Прочитај Исаија 65:13, 14; Малахија 3:18.) Зошто? Затоа што во Библијата наоѓаме јасно објаснување за состојбата на човештвото и затоа што сме спремни да се справиме со тешкотиите и проблемите во животот. Како резултат на тоа, не сме претерано загрижени за иднината. Тоа што сме слуги на Јехова нѐ штити од расипани и небиблиски размислувања, од неморал и од последиците од тие работи. Поради тоа, членовите на христијанското собрание чувствуваат спокој каков што немаат другите (Иса. 48:17, 18; Фил. 4:6, 7).
7 Некои примери може да ни помогнат да сфатиме колкава сигурност чувствуваат оние што му служат на Јехова за разлика од оние што не му служат. Тие примери можеби ќе нѐ поттикнат да се преиспитаме како размислуваме и како постапуваме и да видиме дали би можеле уште поцелосно да ги применуваме Божјите совети кои нѐ штитат (Иса. 30:21).
„Нозете ќе ми застранеа од патот“
8. Што требало отсекогаш да прават Јеховините слуги?
8 Уште од најраната човечка историја, оние што избирале да му служат на Јехова и да му бидат послушни, не сакале да се дружат со оние што не го правеле тоа. Всушност, Јехова кажал дека ќе има непријателство помеѓу неговите слуги и следбениците на Сатана (1. Мој. 3:15). Бидејќи цврсто се држат за Божјите начела, слугите на Бог постапуваат многу поинаку од луѓето околу нив (Јован 17:15, 16; 1. Јов. 2:15-17). Тоа не е секогаш лесно. Дури и некои Јеховини слуги понекогаш се прашуваат дали вреди човек да прави жртви во животот.
9. Опиши со какви мисли се борел писателот на 73. Псалм.
9 Еден Јеховин слуга кој се прашувал дали донел мудри одлуки бил писателот на 73. Псалм, веројатно еден од потомците на Асаф. Псалмистот прашал зошто честопати се чини дека злобните се успешни, среќни и богати, додека некои кои му служат на Бог се мачат во животот. (Прочитај Псалм 73:1-13.)
10. Зошто се важни и за тебе работите што ги спомнал псалмистот?
10 Дали некогаш и тебе ти дошле на ум слични мисли како оние што ги запишал псалмистот? Па, нема потреба да чувствуваш голема вина или да мислиш дека ја губиш верата. Всушност, и голем број слуги на Јехова, меѓу кои и некои што тој ги користел за да ја напишат Библијата, ги мачеле слични мисли (Јов 21:7-13; Пс. 37:1; Ерем. 12:1; Авак. 1:1-4, 13). Сите што сакаат да му служат на Јехова мораат сериозно да размислат и да веруваат во одговорот на ова прашање: Дали е навистина најдобро за нас да му служиме и да му бидеме послушни на Бог? Ова е поврзано со прашањето што Сатана го покренал во Еден. Тоа е сржта на спорното прашање дали Јехова има право да владее со сѐ (1. Мој. 3:4, 5). Затоа, сите треба да размислиме за прашањата што произлегуваат од зборовите на псалмистот. Треба ли да им завидуваме на злобните фалбаџии на кои навидум многу добро им оди во животот? Треба ли ‚да застраниме‘ од Јехова и да тргнеме по нивниот пат? Се разбира, Сатана го сака токму тоа.
11, 12. а) Како псалмистот ги растерал сомнежите, и што учиме од тоа? б) Што ти помогнало тебе да дојдеш до истиот заклучок како псалмистот?
11 Што му помогнало на псалмистот да ги растера сомнежите? Иако признал дека за малку ќе застранел од праведноста, неговото гледиште се сменило кога влегол во „величественото светилиште на Бог“ — т.е. кога бил меѓу други духовни луѓе во Божјиот храм и кога размислувал за Божјата намера. Тогаш му станало јасно дека не сака да го снајде истата судбина како злобните. Увидел дека нивните постапки и одлуки ги водат на „лизгаво место“. Сфатил дека на сите што му се неверни на Јехова и го напуштаат, неизбежно ќе им дојде крајот во „ненадејни стравотии“, и дека Јехова ќе ги поддржува оние што му служат. (Прочитај Псалм 73:16-19, 27, 28.) Сигурно и ти самиот си се уверил во вистинитоста на оваа изјава. На мнозина можеби им се допаѓа помислата да си живеат само за себе и да не обрнуваат никакво внимание на Божјите закони, но тоа неизбежно ќе донесе лоши последици (Гал. 6:7-9).
12 Што друго можеме да научиме од псалмистот? Тој нашол сигурност и мудрост меѓу Божјиот народ. Почнал разумно и јасно да ги гледа работите кога отишол во местото каде му се вршела света служба на Јехова. Слично и денес, ние можеме да најдеме мудри советници и да се насладуваме со здрава духовна храна на собраниските состаноци. Затоа, со добра причина Јехова им кажува на своите слуги да одат на христијанските состаноци. Таму ќе се чувствуваат охрабрени и ќе бидат поттикнати да постапуваат мудро (Иса. 32:1, 2; Евр. 10:24, 25).
Мудро избирај со кого ќе се дружиш
13-15. а) Што ѝ се случило на Дина, и што покажува тоа? б) Како нѐ штити тоа што се дружиме со соверниците?
13 Дина, ќерката на Јаков, се нашла во голема неволја затоа што се дружела со луѓе што не му служеле на Јехова. Во 1. Мојсеева читаме дека имала навика да се дружи со младите Ханаанки во местото каде што живеело нејзиното семејство. Ханаанците немале исти високи морални мерила какви што имале слугите на Јехова. Напротив, археолошките докази покажуваат дека поради начинот на кој живееле Ханаанците, земјата била полна со идолопоклонство, неморал, насилство и верски обреди проследени со изопачени оргии (2. Мој. 23:23; 3. Мој. 18:2-25; 5. Мој. 18:9-12). Да се потсетиме какви биле последиците од тоа што Дина се дружела со тие луѓе.
14 Еден Ханаанец, Сихем, опишан како „најугледниот во целиот татков дом“, ја видел Дина, ‚па ја зел, легнал со неа и ја обесчестил‘ (1. Мој. 34:1, 2, 19). Колку страшно! Што мислиш, дали на Дина некогаш ѝ паднало на ум дека би можело да ѝ се случи такво нешто? Можеби таа само сакала да се дружи со тамошните млади — нешто што го сметала за сосема безопасно. Меѓутоа, страшно се излажала.
15 Што учиме од овој пример? Дека едноставно не можеме да се дружиме со оние што не ги делат нашите верувања и да мислиме дека ќе си поминеме без никакви последици. Библијата кажува дека „лошото друштво ги расипува добрите навики“ (1. Кор. 15:33). Од друга страна, ќе бидеме заштитени ако се дружиме со оние што имаат исти верувања, исти високи морални мерила и го сакаат Јехова како нас. Таквите пријатели ќе нѐ поттикнуваат да постапуваме мудро (Изр. 13:20).
„Испрани сте“
16. Што рекол апостол Павле за некои од христијаните во собранието во Коринт?
16 Христијанското собрание им помогнало на мнозина да се исчистат од валкани работи. Кога апостол Павле го напишал своето прво писмо до собранието во Коринт, ги спомнал промените што тамошните христијани ги направиле за да живеат во склад со Божјите мерила. Некои биле блудници, идолопоклоници, прељубници, хомосексуалци, крадци, пијаници и така натаму. „Но испрани сте“, им рекол Павле. (Прочитај 1. Коринќаните 6:9-11.)
17. Како тоа што почнале да живеат во склад со библиските мерила им го сменило животот на мнозина?
17 Луѓето што немаат вера немаат ни мудри начела што ќе ги водат во животот. Тие сами си одредуваат како ќе живеат или можеби едноставно полека го прифаќаат неморалниот начин на живот на другите околу нив, како што било случај и со некои од древните Коринќани пред да станат верници (Еф. 4:14). Меѓутоа, точното спознание за Божјата реч и неговите намери има моќ да им го смени животот на подобро на сите оние што се потпираат и живеат во склад со водството што го дава Библијата (Кол. 3:5-10; Евр. 4:12). Мнозина што сега се членови на христијанското собрание можат да ти кажат дека, пред да ги дознаат и да ги прифатат Јеховините праведни мерила, живееле многу слободно во поглед на моралот. Сепак, биле незадоволни и несреќни. Нашле мир дури кога почнале да се дружат со Божјиот народ и да живеат во склад со библиските начела.
18. Што доживеала една млада личност, и што покажува тоа?
18 За разлика од нив, некои кои во минатото одлучиле да ја напуштат сигурноста на христијанското собрание сега горко жалат поради тоа. Една сестра, која ќе ја наречеме Тања, објаснува дека „уште од дете ја знаела вистината“, но на 16 години го напуштила собранието „за да ги испроба работите што ги нуди светот“. Како резултат на тоа, останала бремена и абортирала. Таа сега вели: „Трите години што ги поминав надвор од собранието ми оставија длабоки емоционални лузни што никогаш нема да исчезнат. Нешто што постојано ме прогонува е мислата дека го убив моето неродено дете... Сакам да им кажам нешто на младите кои би сакале да го ‚вкусат‘ светот макар на кратко: ‚Немојте! Во почетокот можеби има сладок вкус, но на крајот останува само горчина. Сѐ што може да ви даде светот е само бол и јад. Верувајте ми. Јас го вкусив тоа. Останете во Јеховината организација! Само така ќе бидете среќни“.
19, 20. Каква заштита ни дава христијанското собрание, и како?
19 Помисли само што би било со тебе ако ја напуштиш сигурноста на христијанското собрание. Кога ќе се сетат колку бесцелно живееле пред да ја прифатат вистината, мнозина се стресуваат и од самата помисла на тоа (Јован 6:68, 69). Можеш и понатаму да се чувствуваш сигурен и заштитен од неволјите и болките во Сатановиот свет така што ќе бидеш заедно со своите христијански браќа и сестри. Со тоа што ќе се дружиш со нив и редовно ќе присуствуваш на собраниските состаноци ќе бидеш свесен колку се мудри Јеховините праведни мерила и ќе бидеш поттикнат да живееш според нив. Имаш цврста причина ‚да го фалиш Јехова среде големото насобрано мноштво‘, како што правел и псалмистот (Пс. 35:18).
20 Се разбира, од различни причини, сите христијани минуваат низ периоди кога се чини дека е тешко да останат верни. Можеби едноставно некој треба да им го покаже исправниот пат. Што можеш ти — а и сите во собранието — да направиш за да им помогнеш на соверниците во такви периоди? Во следната статија ќе разгледаме како можеме ‚да ги тешиме и да ги изградуваме‘ нашите браќа (1. Сол. 5:11).
Како ќе одговориш?
• Што учиме од писателот на 73. Псалм?
• Што учиме од она што ѝ се случило на Дина?
• Зошто можеш да најдеш сигурност во христијанското собрание?
[Слики на страница 7]
Пливај таму каде што е безбедно; остани во собранието!