Најнапред мора да се проповеда оваа добра вест
„Кај сите народи најнапред треба да се проповеда Евангелието“ (МАРКО 13:10).
1, 2. Што е заштитен знак на Сведоците, и зошто?
ЗОШТО Јеховините сведоци толку упорно проповедаат? Секако дека во целиот свет сме познати по нашата јавна служба, било да е тоа од куќа до куќа, на улица или при неформални контакти. Во секоја згодна ситуација се идентификуваме како Сведоци и се трудиме тактично да ја пренесеме добрата вест којашто ја цениме. Всушност, би можеле да речеме дека оваа служба е нашиот заштитен знак! (Колосјаните 4:6).
2 Само помисли си — кога во своето соседство луѓето ќе видат убаво облечени мажи, жени и деца со ташни, што најпрво помислуваат? Дали: ‚О, еве ги пак католиците (или православните)!‘ или: ‚Еве ги пак пентакосталците (или баптистите)!‘ Не. Луѓето знаат дека во тие религии нема цели семејства кои извршуваат служба од куќа до куќа. Можеби некои религиозни групи испраќаат некакви „мисионери“ на двегодишен рок во некои подрачја, но нивното членство не учествува во ваквата служба. По целиот свет, само Јеховините сведоци се признати по својата ревност во пренесувањето на нивната порака до другите во секоја згодна прилика. А познати се и по нивните списанија Стражарска кула и Разбудете се! (Исаија 43:10-12; Дела 1:8).
Спротивно од свештенството на т. н. христијанство
3, 4. Како честопати е опишано свештенството на т. н. христијанство во медиумите?
3 Во остра спротивност, новинските извештаи секогаш одново откривале дека многу од свештениците во некои земји се педофили, неморални измамници и лажливци. Нивните дела на телото и нивниот екстравагантен начин на живот можат да ги видат сите. Еден популарен композитор добро го изразил тоа во една своја песна со наслов „Дали Исус би носел Ролекс [многу скап златен часовник] во своето ТВ шоу?“ Тој го поставува прашањето: „Дали Исус би се мешал во политиката кога би се вратил на Земјата? Дали би имал втора куќа во Палм Спрингс [богата населба во Калифорнија] и би се обидувал да го крие своето богатство?“ Колку се соодветни зборовите на Јаков: „Се веселевте на земјата и се насладувавте, ги потхранивте срцата ваши како за ден на клање“ (Јаков 5:5; Галатјаните 5:19-21).
4 Дружењето на свештениците со политичарите, па дури и учествувањето во избори како политички кандидати, ги прикажува свештениците како современи книжници и фарисеи. Во исто време, во земјите како што се Соединетите Држави и Канада, црковните каси се празнат поради високите трошоци на судските процеси и пресуди против свештениците, до кои доаѓа поради нивното развратно однесување со деца и возрасни (Матеј 23:1-3).
5. Зошто свештенството на христијанството не се покажало дека е „верниот и разумен роб“ (НС)?
5 Исус со право можел да им рече на свештениците во негово време: „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти многу личите на варосани гробови, што однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистотија; така и вие, однадвор им се покажувате на луѓето како праведни, а внатре сте полни со лицемерност и беззаконие“. Затоа, налогот да се проповеда добрата вест Бог не му го дал на свештенството на т. н. христијанство — ниту на католичкото, ниту на протестантското, ниту на православното — ниту пак на оние кои не припаѓаат на некоја формална религиозна организација. Тие не се покажале како проречен „верен и разумен роб“ (НС) (Матеј 23:27, 28; 24:45-47).
Зошто најнапред да се проповеда добрата вест?
6. Кои настани треба наскоро да се случат?
6 Во својата кратка верзија на Исусовата заповед да им се проповеда добрата вест на сите народи, само Марко го користи зборот „најнапред“ (Марко 13:10; спореди Матеј 24:14). Преводот од Џ. Б. Филипс гласи: „Зашто, пред да дојде крајот мора да им се проповеда евангелието на сите народи“. Прилошката употреба на „најнапред“ подразбира дека по светското евангелизаторско дело ќе уследат и други настани. Тие настани ќе ја вклучат ветената голема неволја и Христовото праведно владеење над новиот свет (Матеј 24:21-31; Откровение 16:14-16; 21:1-4).
7. Зошто Бог бара најнапред да се проповеда добрата вест?
7 Тогаш, зошто Бог сака најнапред да се проповеда добрата вест? Една причина е што тој е Бог на љубов, правда, мудрост и моќ. Во исполнувањето на Исусовите изјави запишани во Матеј 24:14 и Марко 13:10, можеме да најдеме импресивен израз на овие Јеховини одлики. Да ги испитаме накратко една по една и да видиме како тие се поврзани со проповедањето на добрата вест.
Добрата вест и Јеховината љубов
8. Како проповедањето на добрата вест претставува израз на Божјата љубов? (1. Јованово 4:7-16).
8 Како проповедањето на добрата вест ја одразува Божјата љубов? Пред сѐ, тоа не е порака наменета само за една раса или група. Тоа е добра вест за „сите народи“. Бог толку многу го сака човечкото семејство, што го испратил својот единороден Син на Земјата да биде откупна жртва за гревовите на сето човештво, а не само за една раса. Апостол Јован напишал: „Бог толку многу го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен. Оти Бог не Го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него“ (Јован 3:16, 17). Сигурно дека добрата вест, порака која ветува нов свет на мир, хармонија и правда, претставува доказ за Божјата љубов (2. Петрово 3:13).
Добрата вест и Јеховината сила
9. Зошто Јехова не ги употребил моќните религии на т. н. христијанство да ја проповедаат добрата вест?
9 Како се манифестира Јеховината сила преку проповедањето на добрата вест? Размисли, кого го употребил тој за извршување на овој налог? Дали се тоа највлијателните религиозни организации на т. н. христијанство, како што е Римокатоличката црква или водечките протестантски деноминации? Не, нивната вклученост во политиката ги прави недостојни за оваа задача (Јован 15:19; 17:14; Јаков 4:4). Ниту нивното релативно богатство, нивните врски и влијание врз елитната владејачка класа, ниту нивната традиционална теологија, не го импресионирале Јехова Бог. Не била неопходна човечка сила за да се изврши Божјата волја (Захарија 4:6).
10. Кого Бог го избрал да проповеда?
10 Добро рекол апостол Павле во своето писмо до коринтското собрание: „Гледајте, браќа, какви сте вие, повиканите: не мнозина сте по тело мудри, не мнозина силни, не мнозина благородни; но Бог го избра она, што е безумно во овој свет, за да ги посрами мудрите; Бог го избра она, што е слабо во овој свет, за да ги посрами силните; Бог го избра она, што е од долно потекло и унизено во овој свет, и она, што не претставува ништо, за да го сосипе она, што е нешто, та ниедно тело да не се пофали пред Бога“ (1. Коринтјаните 1:26-29).
11. Кои факти ги прават Јеховините сведоци единствени?
11 Јеховините сведоци имаат мошне малку богати членови во своите редови и сигурно ниту еден кој е политички моќен. Нивната строга неутралност во политичките работи значи дека тие не можат да вршат никакво политичко влијание. Напротив, во текот на овој 20. век, тие честопати биле жртви на подмолно прогонство поттикнувано од верски и политички лидери. Па сепак, и покрај жестокото противење што против нив го покренувале следбениците на нацизмот, фашизмот, комунизмот, национализмот и лажната религија, Јеховините сведоци не само што ја проповедале добрата вест по целиот свет, туку имале и зачудувачки пораст во нивната бројност (Исаија 60:22).
12. Зошто Јеховините сведоци се успешни?
12 На што го припишуваат Сведоците својот успех? Исус им ветил на своите ученици: „Ќе примите сила, кога врз вас ќе слезе Светиот Дух; и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и дури до крајот на земјата“. Значи, што всушност требало да биде изворот на нивниот успех? Исус рекол: „ќе примите сила, кога врз вас ќе слезе Светиот Дух“. На сличен начин и денес, силата од Бог, а не човечката способност, е клучот за успехот на Сведоците во нивната служба ширум светот. Користејќи се со навидум најслабите луѓе, Бог го извршува најголемото образовно дело во историјата (Дела 1:8; Исаија 54:13).
Добрата вест и Јеховината мудрост
13. а) Зошто Сведоците служат доброволно и бесплатно? б) Како одговорил Јехова на Сатановото исмејување?
13 Добрата вест ја проповедаат доброволци. Исус рекол: „Бесплатно добивте, бесплатно давајте!“ (Матеј 10:8). Затоа, никој од Јеховините сведоци не добива некаква плата за служењето на Бог, ниту пак ја бараат. Поправо, тие не собираат дури ни прилози на нивните состаноци. Се радуваат што можат преку нивната предадена несебична служба да му дадат одговор на Бог за неговиот тужител, Сатана Ѓаволот. Овој духовен Божји противник всушност рекол дека луѓето нема да му служат на Бог од несебичен мотив. Во својата мудрост Јехова дал неоспорен одговор на Сатановото исмејување — милиони лојални христијански Сведоци ја проповедаат добрата вест од куќа до куќа, на улица и неформално (Јов 1:8-11; 2:3-5; Изреки 27:11).
14. Што е ‚сокриената мудрост‘ на која се осврнува Павле?
14 Друг доказ за Божјата мудрост во проповедањето на добрата вест е што самото ветување за Царството претставува израз на Божјата мудрост. Апостол Павле напишал: „Мудрост, пак проповедаме меѓу совршените, но не мудрост од овој век, ниту, пак, онаа на преодните господари од овој свет, туку ја проповедаме Божјата премудрост, тајна [мудрост, НС] сокриена, која Бог ја предодредил уште пред вековите за наша слава“. Таа ‚сокриена мудрост‘ се однесува на Божјето мудро средство за окончување на побуната којашто започнала во Едем. Мудроста на таа света тајна била откриена во Исус Христос, кој е централна личност на добрата вест за Божјето Царствоa (1. Коринтјаните 2:6, 7; Колосјаните 1:26-28).
Добрата вест и Божјата правда
15. Како знаеме дека Јехова е Бог на правда? (5. Мојсеева 32:4; Псалм 32:5).
15 Важноста на зборот „најнапред“ во Марко 13:10 особено ја гледаме во врска со правдата. Јехова е Бог на правда која е ублажена со љубезна доброљубивост. Преку својот пророк Јеремија тој вели: „А кој се фали, нека се фали со тоа, дека Ме разбира Мене и дека знае оти Јас сум Господ, Кој покажува милост, суд и правда на земјата; оти само тоа е благоугодно пред Мене, вели Господ“ (Јеремија 9:24).
16. Како може да се илустрира тоа дека правдата бара првин да се даде предупредување?
16 Како се покажува Јеховината правда во поглед на проповедањето на добрата вест? Да го илустрираме тоа со една мајка која направила вкусна чоколадна торта којашто смее да се јаде подоцна кога ќе дојдат гостите. Ако ја остави на кујнската маса без да им каже на своите деца ниту збор за тоа кога може да се јаде, тогаш, која ќе биде природната склоност на децата? Па сите ние некогаш сме биле деца! Некое прстенце ќе сака да ја проба таа торта! А ако мајката пропуштила да даде должно предупредување, ќе даде лош пример за дисциплина. Од друга страна, ако таа јасно каже дека тортата може да се јаде подоцна, кога ќе дојдат гостите, и затоа не смее да се чепка, тогаш дала јасно предупредување. Ако некој не послуша, таа има право да преземе цврста и оправдана акција (Изреки 29:15).
17. Како Јехова изразил правда на еден посебен начин од 1919 наваму?
17 Во својата правда, Јехова нема да изврши судска постапка против овој зол систем на ствари без да даде најнапред должно предупредување. Затоа, особено од 1919, откако првата светска војна донела ‚болки‘, Јехова наредил неговите Сведоци да одат по целата Земја ревносно објавувајќи ја добрата вест (Матеј 24:7, 8, 14). Народите не можат со право да тврдат дека не знаат за ова единствено предупредување.
Колку обемно се проповеда добрата вест по светот?
18. а) Каков доказ постои за активноста на Сведоците во оддалечените подрачја? б) Кои други примери ги знаеш?
18 Еден показател за ефикасноста на ова образовно дело ширум светот може да се види од книгата Last Places—A Journey in the North (Последните места — Едно патување на Север). Нејзиниот автор раскажува дека кога на поморските карти го барал изолираниот остров Фаула, еден од Шетландските Острови северно од Шкотска, ‚насекаде околу островот картите покажувале ООБ (остатоци од бродови), КРП (карпи), ГРБН (гребени) и ПРЕ (препреки)‘. Овие показатели „го предупредуваа потенцијалниот морнар да се држи подалеку. Водите околу Фаула беа како некое застрашувачко минско поле кое го правеше островот негостољубив за едриличарите, излетниците, па дури и за бригадата за државни градби на Нејзиното Величество, но — како што дознав по неколку дена — не и за Јеховините сведоци“. Тој продолжува: „Како што ги пребаруваа уличките на велеградовите и Третиот свет барајќи преобратеници, така правеа преобратеници за нивната вера и на оддалечената Фаула“. Признал дека еден местен жител, Ендрју, неколку месеци пред тоа нашол на својот праг еден примерок на Стражарска кула. Потоа додал: „По една седмица видов примерок [на Разбудете се! на дански] на Фарските Острови [острови во Северното Море], а по два месеца примерок [на Стражарска кула на дански] во Готхоб, Гренланд“. Какво убедливо сведоштво за ревносната активност на Јеховините сведоци на овие северни географски ширини!
Што ги тера Сведоците да истраат во проповедањето?
19, 20. а) Што ги поттикнува Јеховините сведоци да проповедаат? б) Кои прашања ќе бидат одговорени понатаму?
19 Се разбира, за еден странец проповедањето од куќа до куќа не е лесна работа, без оглед на тоа колку години некој е Сведок. Тогаш, што ги тера овие христијани да истраат во проповедањето? Тоа е нивната христијанска предаденост и чувството за одговорност. Павле напишал: „Зашто, ако проповедам Евангелие, нема за што да се фалам: бидејќи тоа ми е должност, а тешко мене, ако не проповедам“. Вистинските христијани имаат порака која значи живот, па како би можеле да ја чуваат за себе? Самото начело за вина за крв ако не дадат предупредување во време на опасност, претставува поттикнувачка причина да ја проповедаат добрата вест (1. Коринтјаните 9:16; Језекиил 3:17-21).
20 Тогаш, како се проповеда добрата вест? Во што е клучот за успехот на Сведоците? Кои одлики на нивната служба и организација помагаат да бидат идентификувани како вистинска религија? Нашата следна статија ќе одговори на овие прашања.
[Фуснота]
a За натамошно објаснување на Божјата мудрост и „светата тајна“, види Insight on the Scriptures, том II, страница 1190, издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
Дали се сеќаваш?
◻ По што се разликуваат Јеховините сведоци од свештенството?
◻ Како проповедањето ја одразува Божјата љубов, сила и мудрост?
◻ Како проповедањето на добрата вест ја одразува Божјата правда?
◻ Што ги тера Јеховините сведоци да ја извршуваат нивната служба?
[Слики на страница 15]
Без оглед на тоа колку се изолирани луѓето, Јеховините сведоци сакаат да дојдат до нив