„Сега е особено поволното време!“
„Еве, сега е особено поволното време! Еве, сега е денот на спасението!“ (2. КОР. 6:2, фус.)
1. Зошто треба да знаеме кога е најдоброто време за да се прави некоја работа?
„СЀ СИ ИМА свое време, сѐ што се прави под небото си има свое време“ (Проп. 3:1). Овде Соломон зборувал за тоа колку е важно да се утврди најдоброто време за да се прави нешто, сеедно дали станува збор за садење, за патување, за работа или за некој разговор. Сепак, мора да ни биде јасно и кое е најважното дело што мора да го вршиме во секое време. Со други зборови, мора да знаеме што треба да ни биде на прво место.
2. Додека Исус бил на Земјата, како покажал дека е свесен во кое време живее?
2 Кога бил на Земјата, Исус добро знаел во кое време живее и што треба да прави. Знаел дека е дојдено долгоочекуваното време да се исполнат многу месијански пророштва и бил свесен што треба да му биде на прво место (1. Пет. 1:11; Отк. 19:10). Требало јасно да покаже дека тој е ветениот Месија. Морал темелно да сведочи за Царството и да ги собере оние што во иднина ќе владеат заедно со него во тоа Царство. А морал и да го постави темелот на христијанското собрание, чии членови требало да продолжат да проповедаат и да ги поучуваат луѓето низ целиот свет (Мар. 1:15).
3. Со оглед на тоа што знаел во кое време живее, што правел Исус?
3 Тоа што Исус никогаш не изгубил од вид во кое време живее го поттикнало ревносно да ја врши волјата на својот Татко. Тој им го рекол следново на своите ученици: „Вистина, жетвата е голема, а работници има малку. Затоа молете го Господарот на жетвата да испрати работници на својата жетва“ (Лука 10:2; Мал. 4:5, 6). Исус прво избрал 12, а потоа 70 од своите ученици, им дал конкретни упатства и ги испратил да ја проповедаат следнава важна порака: „Се приближи царството небесно“. А што направил самиот тој? Извештајот вели: „Откако им даде упатства на своите дванаесет ученици, Исус замина оттаму за да поучува и да проповеда во околните градови“ (Мат. 10:5-7; 11:1; Лука 10:1).
4. Како Павле го следел примерот на Исус Христос?
4 Исус оставил совршен пример на ревност и оддаденост кој треба да го следат сите христијани. На тоа укажал и апостол Павле кога им го дал овој совет на своите соверници: „Угледајте се на мене, како што и јас се угледав на Христос“ (1. Кор. 11:1). Како Павле го следел примерот на Исус? Пред сѐ, така што не се штедел во проповедањето на добрата вест. Во посланијата што ги испратил до собранијата, Павле ги советувал и другите ‚да не бидат мрзливи во работата‘, ‚да му робуваат на Јехова‘, да бидат „секогаш зафатени во делото на Господарот“ и ‚што и да работат, да го прават тоа со сета душа како за Јехова‘ (Рим. 12:11; 1. Кор. 15:58; Кол. 3:23). Тој никогаш не го заборавил денот кога Господарот Исус Христос му се појавил на патот за Дамаск, а не ги заборавил ни следниве зборови на Исус што ученикот Ананија сигурно му ги кажал: „Овој човек ми е избран сад за да им го носи моето име на незнабошците, и на царевите и на Израеловите синови“ (Дела 9:15; Рим. 1:1, 5; Гал. 1:16).
„Сега е особено поволното време“
5. Зошто Павле ревносно ја извршувал службата?
5 Од книгата Дела јасно може да видиме со колкава храброст и ревност Павле ја извршувал службата (Дела 13:9, 10; 17:16, 17; 18:5). Тој бил свесен во колку значајно време живее. Затоа рекол: „Еве, сега е особено поволното време. Еве, сега е денот на спасението!“ (2. Кор. 6:2, фус.). Во 537 год. пр.н.е. било поволно, односно вистинско време изгнаниците во Вавилон да се вратат во својата земја (Иса. 49:8, 9, фус.). Но, за кое ‚поволно време‘ зборувал Павле? Контекстот ни помага да разбереме на што мислел.
6, 7. Каква голема чест им е дадена на помазаните христијани денес, и кој соработува со нив?
6 Пред да ги каже овие зборови, во своето послание Павле истакнал дека нему и на другите помазани христијани им била дадена голема чест. (Прочитај 2. Коринќаните 5:18-20.) Тој објаснил дека Бог ги повикал за посебна цел — да ја извршуваат „службата на помирувањето“, односно да ги молат другите ‚да се помират со Бог‘. Всушност, тие требало да ги поттикнат луѓето да му станат пријатели на Бог и да бидат во добар однос со него.
7 Поради побуната во еденската градина, сите луѓе се оддалечени или отуѓени од Јехова (Рим. 3:10, 23). Како последица на таа отуѓеност, човештвото се нашло во духовна темнина, која довела до страдање и смрт. Павле напишал: „Знаеме дека целото создание заедно воздивнува и дека е во болка сѐ досега“ (Рим. 8:22). Но, Бог ги повикува, па дури и „ги моли“ луѓето да му се вратат, односно да се помират со него. Со службата што им ја доверил на Павле и на другите помазани христијани во негово време, Јехова, всушност, им дал задача да го шират овој повик. „Поволното време“ кое го спомнал тој можело да стане ‚ден на спасението‘ за оние што ќе поверувале во Исус. Сите помазани христијани и нивните придружници — ‚другите овци‘ кои соработуваат со нив во ова дело — продолжуваат да ги повикуваат луѓето да го искористат „поволното време“ (Јован 10:16).
8. Што е особено значајно во врска со повикот за помирување кој го упатува Бог?
8 Особено значајно во врска со повикот за помирување е тоа што лично Бог презел чекори да ги исправи работите, иако луѓето сами биле виновни што го изгубиле добриот однос со него поради побуната во еденската градина (1. Јов. 4:10, 19). Што сторил тој? Павле го дал одговорот кога рекол: „Бог преку Христос го помири светот со себе, не сметајќи ги престапите на луѓето, а нам ни ја довери пораката за тоа помирување“ (2. Кор. 5:19; Иса. 55:6).
9. Како покажал Павле дека е благодарен за Божјата милост?
9 Со откупната жртва на Исус, Јехова им дал можност на сите кои имаат вера во неа да добијат простување на гревовите и да станат Негови пријатели. Освен тоа, насекаде испратил свои застапници за да ги повикуваат луѓето да се помират со Него додека сѐ уште има време. (Прочитај 1. Тимотеј 2:3-6.) Бидејќи сфаќал во кое време живее и добро ја познавал Божјата волја, Павле неуморно се трошел во „службата на помирувањето“. Јеховината волја не се променила. Тој сѐ уште им подава рака на луѓето за да се помират со него. Зборовите што ги кажал Павле — „сега е особено поволното време“ и „сега е денот на спасението“ — важат до ден-денес. Колку милостив и сочувствителен Бог е Јехова! (2. Мој. 34:6, 7).
‚Не пропуштајте да ја исполните целта‘
10. За што требало помазаниците, и во минатото и денес, да го искористат „денот на спасението“?
10 Првите што извлекле корист од Јеховината незаслужена доброта се оние што биле „во единство со Христос“ (2. Кор. 5:17, 18). За нив, „денот на спасението“ започнал на Педесетница 33 год. од н.е. Оттогаш наваму, сите помазаници имаат задача да ја разгласуваат ‚пораката за помирувањето‘. Денес, преостанатите помазани христијани сѐ уште ја извршуваат „службата на помирувањето“. Тие се свесни дека четирите ангели што ги видел апостол Јован во едно пророчко видение ‚цврсто ги држат четирите земни ветрови, за да не дува никаков ветар на земјата‘. Според тоа, „денот на спасението“ сѐ уште трае и „особено поволното време“ сѐ уште не истекло (Отк. 7:1-3). Од таа причина, од самиот почеток на 20 век, помазаниот остаток ревносно ја врши „службата на помирувањето“ низ целиот свет.
11, 12. Како помазаните христијани во почетокот на 20 век покажале дека се свесни во кое време живеат? (Види ја сликата на 15. страница.)
11 На пример, како што стои во книгата Јеховините сведоци — објавители на Божјето Царство (Jehovah’s Witnesses—Proclaimers of God’s Kingdom), во почетокот на 20 век, „Расел и неговите соработници биле цврсто уверени дека живеат во време на жетва и дека луѓето треба да ја чујат вистината што ќе ги ослободи“. Што сториле во врска со ова? Бидејќи биле свесни дека е време на жетва — односно „особено поволното време“ — овие браќа сметале дека не е доволно само да ги викаат луѓето да дојдат на богослужба. Свештениците на христијанскиот свет со векови го правеле токму тоа. Но, помазаните христијани размислувале на кои други начини би можеле да ја шират добрата вест. Меѓу другото, ја искористиле и најновата технологија во тоа време за да го извршат ова дело.
12 За да ја рашират добрата вест за Царството, оваа мала група ревносни објавители раздавале трактати, брошурки, списанија и книги. Исто така, пишувале статии и составувале проповеди кои ги испраќале до издавачките куќи за да бидат отпечатени во илјадници весници. Освен тоа, преку националните и меѓународните радиостаници, емитувале разни програми со библиска содржина. Произведувале и користеле филмови со синхронизирани аудиоснимки кога филмската индустрија сѐ уште правела само неми филмови. Каков бил резултатот од нивната неугаслива ревност? Денес има околу седум милиони луѓе што ја прифатиле и ја разгласуваат пораката: „Помирете се со Бог!“ Навистина, иако биле малкумина, овие слуги на Јехова во почетокот на минатиот век дале одличен пример за тоа што значи да се служи со ревност.
13. Што е целта на Божјата незаслужена доброта?
13 Изјавата на Павле, „сега е особено поволното време“, сѐ уште важи. Ние кои сме ја почувствувале Јеховината незаслужена доброта сме благодарни што ни била дадена можност да ја слушнеме и да ја прифатиме пораката за помирувањето. Но, не остануваме само на тоа, бидејќи Павле нѐ поттикнал: „Ве молиме да не пропуштите да ја исполните целта на Божјата незаслужена доброта која ја примивте“ (2. Кор. 6:1). А целта на незаслужената доброта на Бог е „преку Христос [да] го помири светот со себе“ (2. Кор. 5:19).
14. Што се случува во многу земји?
14 Бидејќи се заслепени од Сатана, повеќето луѓе до денешен ден се отуѓени од Бог и не знаат која е целта на неговата незаслужена доброта (2. Кор. 4:3, 4; 1. Јов. 5:19). Сепак, поради сѐ полошите услови во светот мнозина ја прифаќаат пораката кога ќе им се објасни дека главната причина за злобата и страдањето е тоа што човекот е отуѓен од Бог. Дури и во земјите каде што луѓето, општо земено, биле рамнодушни на добрата вест, сега многумина ја прифаќаат и прават чекори за да се помират со Бог. Дали тоа ни помага да сфатиме дека треба со уште поголема ревност да го разгласуваме повикот: „Помирете се со Бог“?
15. Која е главната цел на пораката што им ја пренесуваме на луѓето?
15 Нашата задача не е само да им кажеме на луѓето дека треба да се свртат кон Бог затоа што тој ќе им помогне да се справат со сите проблеми и затоа што ќе се чувствуваат подобро. Мнозина одат в црква да го чујат токму тоа, а црквите, пак, едвај чекаат да им го кажат на верниците она што им годи на ушите (2. Тим. 4:3, 4). Меѓутоа, ние не одиме во служба со таа цел. Добрата вест што ја проповедаме е дека Јехова е спремен од љубов да им ги прости гревовите на луѓето преку Христос. На тој начин, поединци можат да се помират со Бог и повеќе да не бидат отуѓени од него (Рим. 5:10; 8:32). Но, „поволното време“ уште малку ќе истече.
„Духот нека ве поттикнува на ревност“
16. Што му помогнало на Павле да проповеда ревносно и храбро?
16 Тогаш, како можеме да му служиме на Бог со ревност и да не дозволиме таа да згасне? Некои се по природа срамежливи или повлечени и затоа можеби им е тешко отворено да си ги покажат чувствата и слободно да зборуваат со другите. Но, не значи дека некој е ревносен само затоа што е многу жив и отворен. Не смееме да заборавиме дека ревноста не зависи од нечиј карактер. Павле јасно кажал што е клучот за некој да биде ревносен, кога рекол: „Духот нека ве поттикнува на ревност“ (Рим. 12:11). Главното нешто кое му помогнало на овој апостол храбро и истрајно да проповеда бил Јеховиниот дух. Од моментот кога Исус го повикал па сѐ до последниот пат кога бил во затвор и умрел со маченичка смрт во Рим — период од над 30 години — ревноста на Павле не згаснала. Тој секогаш се потпирал на Бог, кој преку својот дух му ја давал потребната сила. Затоа рекол: „Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила“ (Фил. 4:13). Навистина можеме многу да научиме од неговиот пример!
17. Што треба да правиме за ‚духот да нѐ поттикнува на ревност‘?
17 Во Римјаните 12:11, апостол Павле користи еден грчки израз што дословно значи „врел“. Исто како што еден чајник мора постојано да се загрева за да не се излади врелата вода во него, така и ние треба да дозволиме Божјиот дух постојано да влијае врз нас за да не ја изгубиме нашата ревност. Тој дух дејствува кога го користиме сето она што ни го дава Јехова за духовно да нѐ зајакне. Ова значи дека треба редовно да проучуваме како поединци и семејства, да се молиме и да присуствуваме на состаноците заедно со нашите соверници. Кога сериозно ги сфаќаме овие активности, му дозволуваме на духот да влијае врз нас и да ја разгорува нашата ревност. (Прочитај Дела 4:20; 18:25.)
18. На која цел треба да се посветиме како христијани?
18 Во склад со примерот на Исус, кој не дозволил ништо да го обесхрабри или да му го одвлече вниманието, и ние како христијани сме потполно посветени на една цел — да ја вршиме секоја задача што Јехова ни ја дава (Евр. 10:7). Јеховината волја денес е колку што е можно повеќе луѓе да се помират со него. Затоа, да бидеме ревносни како Исус и Павле, и со сета душа да се посветиме на најважната и најитната задача што треба да се заврши во нашево време.
Се сеќаваш ли?
• Што е вклучено во „службата на помирувањето“ која му била доверена на Павле и на сите други помазани христијани?
• Како помазаниот остаток го искористил „особено поволното време“?
• Што треба да прават христијаните за ‚духот да ги поттикнува на ревност‘?
[Слика на страница 12]
Павле никогаш не го заборавил денот кога му се појавил Господарот Исус Христос