Трето поглавје
Два клуча за траен брак
1, 2. а) Колку долго било предвидено да трае бракот? б) Како е можно тоа?
КОГА Бог ги соединил во брак првиот маж и првата жена, ништо не укажувало на тоа дека таа заедница ќе биде само привремена. Адам и Ева требало да бидат заедно цел живот (1. Мојсеева 2:24). Божјето мерило за чесен брак е соединување на еден маж и на една жена. Само тешкиот сексуален неморал од страна на едниот или на двајцата брачни другари дава библиска основа за развод со можност за повторно стапување во брак (Матеј 5:32).
2 Можно ли е две личности да живеат заедно во среќа неограничено долго време? Да, можно е, а Библијата открива два битни фактора, или клуча, кои го овозможуваат тоа. Ако ги применат и сопругот и сопругата, тие ќе ја отклучат вратата кон среќа и кон многу благослови. Кои се тие клучеви?
ПРВИОТ КЛУЧ
3. Кои три вида љубов треба да ги негуваат брачните другари?
3 Првиот клуч е љубовта. Интересно е тоа што во Библијата се откриени различни видови љубов. Едниот вид е срдечната, лична наклоност кон некого — таков вид љубов што се развива меѓу блиските пријатели (Јован 11:3). Другиот вид е љубовта што постои меѓу членовите на семејството (Римјаните 12:10). Третиот вид е романтичната љубов што некој може да ја чувствува кон лице од спротивниот пол (Изреки 5:15—20). Се разбира, сопругот и сопругата треба да ги негуваат сите овие видови љубов. Но, постои и четврт вид љубов кој е поважен од сите други.
4. Кој е четвртиот вид љубов?
4 Во оригиналниот јазик на Христијанските грчки списи, четвртиот вид љубов е наречен ага́пе. Овој збор е употребен во 1. Јованово 4:8, каде што ни е речено: „Бог е љубов“. Всушност, „ние Го сакаме, бидејќи Он [Бог] порано нѐ засака“ (1. Јованово 4:19). Еден христијанин негува таква љубов најнапред кон Јехова Бог, а потоа и кон другите луѓе (Марко 12:29—31). Зборот ага́пе е употребен и во Ефесјаните 5:2, каде што стои: „Живејте во љубов, како што и Христос нѐ засака и Себеси за нас се предаде“. Исус рекол дека овој вид љубов ќе ги идентификува неговите вистински следбеници: „По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов [ага́пе] помеѓу себе“ (Јован 13:35). Исто така, забележи како зборот ага́пе е употребен и во 1. Коринтјаните 13:13: „Остануваат овие три работи: верата, надежта и љубовта; најголема меѓу нив е љубовта [ага́пе]“.
5, 6. а) Зошто љубовта е поголема од верата и од надежта? б) Кои се некои од причините зошто љубовта ќе помогне бракот да се направи траен?
5 Што ја прави оваа ага́пе љубов поголема од верата и од надежта? Таа е управувана од начела — и тоа исправни начела — кои се наоѓаат во Божјата Реч (Псалм 118:105). Исто така, таа претставува несебична заинтересираност да им го правиме на другите она што е исправно и добро според Божјето гледиште, сеедно дали нам ни се чини дека оној што го добива тоа заслужува или не. Таквата љубов им овозможува на брачните партнери да го следат библискиот совет: „Трпете се еден со друг и проштавајте си. Ако некој има поплака на некого, како што Христос ви прости, така и вие направете“ (Колосјаните 3:13). Ако брачните двојки се сакаат, тие ќе имаат и ќе негуваат „постојана љубов [ага́пе] меѓу себе; оти љубовта покрива многу гревови“ (1. Петрово 4:8). Забележи дека љубовта ги покрива грешките. Таа не ги отстранува, бидејќи ниту еден несовршен човек не може да биде без грев (Псалм 129:3, 4; Јаков 3:2).
6 Кога брачната двојка негува таква љубов кон Бог и еден кон друг, тогаш нивниот брак ќе биде траен и среќен, бидејќи „љубовта никогаш не престанува“ (1. Коринтјаните 13:8). Љубовта е „совршена врска на единството“ (Колосјаните 3:14, НС). Ако си во брак, на кој начин можете ти и твојот брачен другар да го негувате овој вид љубов? Заедно читајте ја Божјата Реч и разговарајте за неа. Проучувајте го Исусовиот пример на љубов и обидете се да го имитирате, да размислувате и да постапувате како него. Освен тоа, присуствувајте на христијанските состаноци, каде што се даваат поуки од Божјата Реч. Исто така, молете му се на Бог за помош за да го развиете овој возвишен вид љубов, кој е плод на Божјиот свет дух (Изреки 3:5, 6; Јован 17:3; Галатјаните 5:22; Евреите 10:24, 25).
ВТОРИОТ КЛУЧ
7. Што е почитување и кој треба да покаже почитување во бракот?
7 Ако две лица што се во брак навистина имаат љубов меѓу себе, тогаш тие ќе имаат и почитување еден кон друг, а почитувањето е вториот клуч за среќен брак. Почитувањето се дефинира како „покажување обѕирност кон другите, оддавање чест“. Божјата Реч ги советува сите христијани, вклучувајќи ги и сопругите и сопрузите: „Натпреварувајте се во почитувањето еден кон друг“ (Римјаните 12:10). Апостол Петар напишал: „Вие сопрузи, живејте на сличен начин со нив [вашите жени] според спознанието, оддавајќи им чест како на послаб сад, женски“ (1. Петрово 3:7, НС). На жената ѝ се советува „да има длабоко почитување спрема својот маж“ (Ефесјаните 5:33, НС). Ако сакаш некому да му оддадеш чест, ти ќе бидеш љубезен кон него, ќе го почитуваш неговото достоинство и гледиштата што ги изнел и ќе покажуваш готовност да го исполниш секое разумно барање што ти го поставил.
8-10. Кои се некои начини на кои почитувањето ќе помогне да се зацврсти и усреќи брачната заедница?
8 Оние што сакаат да имаат среќен брак, покажуваат почитување кон своите брачни другари со тоа што ‚не се грижат секој само за себе туку и за [своите брачни другари]‘ (Филипјаните 2:4). Тие не размислуваат само за она што е добро за нив — нешто што би било себично. Напротив, тие размислуваат и за она што е најдобро за нивниот брачен другар. Всушност, на тоа му даваат предност.
9 Почитувањето ќе им помогне на брачните партнери да си ги признаат разликите во гледиштата. Не е разумно да се очекува две лица да имаат исти гледишта за сѐ. Она што може да биде важно за сопругот, можеби не е толку важно за сопругата, а она што го сака сопругата, можеби не е она што го сака и сопругот. Но, секој треба да ги почитува гледиштата и изборот на другиот, сѐ додека тие се во границите на Јеховините закони и начела (1. Петрово 2:16; спореди Филимон 14). Освен тоа, секој треба да го почитува достоинството на другиот така што ниту пред други ниту насамо нема да го прави предмет на понижувачки коментари или шеги.
10 Да, љубовта кон Бог и еден кон друг, како и взаемното почитување, се два битни клуча за успешен брак. Како можат да се применат на некои од најважните подрачја од брачниот живот?
ПОГЛАВАРСТВО КАКО ХРИСТОВОТО
11. Според Библијата, кој е поглавар во бракот?
11 Библијата ни кажува дека мажот бил создаден со особини кои би го направиле успешен семеен поглавар. Како таков, мажот би бил одговорен пред Јехова за духовното и за физичкото добро на својата сопруга и на своите деца. Тој би требало да донесува урамнотежени одлуки кои ја одразуваат Јеховината волја и да биде добар пример за божествено однесување. „Вие, жените, покорувајте им се на мажите свои, како на Господа, зашто мажот е глава на жената, како што е и Христос глава на Црквата“ (Ефесјаните 5:22, 23). Меѓутоа, Библијата вели дека и сопругот има свој поглавар, Оној кој има авторитет над него. Апостол Павле напишал: „Сакам уште да знаете дека глава на секој маж е Христос; а на жена глава е мажот; на Христа, пак, глава е Бог“ (1. Коринтјаните 11:3). Имитирајќи го својот поглавар Христос Исус, мудриот сопруг учи како да го спроведува поглаварството.
12. Каков добар пример дал Исус не само во врска со покажувањето подложност туку и во врска со спроведувањето на поглаварството?
12 Исус исто така има поглавар, Јехова, и тој со право му е подложен. Исус рекол: „Не ја барам волјата Моја, а волјата на Отецот, Кој што Ме пратил“ (Јован 5:30). Каков само извонреден пример! Исус е „првороден пред секоја твар“ (Колосјаните 1:15). Тој станал Месија. Требало да биде Поглавар на собранието од помазани христијани и избран Цар на Божјето Царство, дури и над сите ангели (Филипјаните 2:9—11; Евреите 1:4). И покрај таквата висока положба и возвишените изгледи, човекот Исус не бил груб, непопустлив или со преголеми барања. Тој не бил некаков деспот кој постојано ги потсетува своите ученици дека треба да го слушаат. Исус бил полн со љубов и сочувствителен, особено спрема подјармените. Тој рекол: „Дојдете при мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам; земете го Мојот јарем на себе и поучете се од мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши; зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно“ (Матеј 11:28—30). Причинувало задоволство да се биде во негово друштво.
13, 14. Имитирајќи го Исус, на кој начин сопругот кој е полн со љубов ќе го спроведува своето поглаварство?
13 Сопругот кој сака да има среќен семеен живот, ќе стори добро ако размислува за Исусовите добри особини. Добриот сопруг не е груб ниту диктаторски настроен, кој на погрешен начин го применува своето поглаварство како стап за да ја заплашува својата сопруга. Напротив, тој ја сака и ѝ оддава чест. Ако Исус бил „смирен по срце“, тогаш сопругот има уште поголема причина да биде таков бидејќи, за разлика од Исус, тој греши. Кога ќе згреши, тој сака неговата сопруга да има разбирање. Според тоа, понизниот сопруг ги признава своите грешки, иако можеби му е тешко да ги каже зборовите: „Извини, ти беше во право“. Сопругата ќе увиди дека е многу полесно да го почитува поглаварството на скромниот и понизен сопруг отколку поглаварството на сопругот кој е горд и тврдоглав. Од своја страна, пак, и сопругата која има почитување, се извинува кога не е во право.
14 Бог ја создал жената со добри особини кои можат да ѝ користат за да придонесе за еден среќен брак. Мудриот сопруг ќе го признае ова и нема да ја потиснува. Многу жени се склони да покажуваат поголемо сочувство и чувствителност, особини кои се потребни во грижата за семејството и во одржувањето на меѓучовечките односи. Обично жената поседува вистинска умешност за да направи домот да биде угодно место за живеење. ‚Добродетелната жена‘ што е опишана во Изреки 31. поглавје имала голем број прекрасни особини и извонредни способности, а нејзиното семејство имало потполна корист од неа. Зошто? Затоа што срцето на нејзиниот сопруг „е убедено во неа“ (Изреки 31:10, 11).
15. На кој начин сопругот може да покаже спрема својата сопруга љубов и почитување како што покажал Христос?
15 Во некои култури премногу се нагласува авторитетот на сопругот и се смета дека е знак на непочитување дури и ако му се постави некое прашање. Можеби тој се однесува кон својата сопруга речиси како кон роб. Таквото погрешно спроведување на поглаварството има за последица слаб однос не само со сопругата туку и со Бог. (Спореди 1. Јованово 4:20, 21.) Од друга страна, пак, некои мажи пропуштаат да преземат водство и им оставаат на своите жени да управуваат со домаќинството. Сопругот кој на исправен начин му е подложен на Христос, не ја искористува својата сопруга ниту, пак, ја лишува од достоинство. Наместо тоа, тој ја имитира самопожртвуваната љубов на Исус и прави онака како што советувал Павле: „Вие, мажите, сакајте ги жените свои, како што и Христос ја засака Црквата и се предаде Себеси за неа“ (Ефесјаните 5:25). Христос Исус толку многу ги сакал своите следбеници што дури и умрел за нив. Еден добар сопруг ќе се труди да го имитира тој несебичен став, грижејќи се за доброто на својата сопруга наместо да бара премногу од неа. Кога сопругот му е подложен на Христос и покажува љубов и почитување како што покажувал Христос, неговата сопруга ќе биде мотивирана да му се подложи (Ефесјаните 5:28, 29, 33).
ПОДЛОЖНОСТ ОД СТРАНА НА СОПРУГАТА
16. Кои особини треба да ги покажува сопругата во својот однос кон сопругот?
16 Извесно време откако бил создаден Адам, ‚Јехова Бог продолжил велејќи: „Не е добро за човекот и понатаму да биде сам. Ќе му направам помошничка, како негово дополнување“ ‘ (1. Мојсеева 2:18, НС). Бог ја создал Ева како „дополнување“, а не како соперник. Бракот не требало да биде како брод со два сопернички капетана. Сопругот требало да спроведува поглаварство кое е полно со љубов, а сопругата требало да покажува љубов, почитување и спремна подложност.
17, 18. Кои се некои начини на кои сопругата може да му биде вистински помошник на својот сопруг?
17 Меѓутоа, добрата сопруга е многу повеќе отколку само подложна. Таа се обидува да биде вистински помошник, давајќи му поддршка на својот сопруг во одлуките што ги донесува тој. Се разбира, тоа ќе ѝ биде полесно кога се согласува со неговите одлуки. Но, дури и тогаш кога не е согласна со нив, нејзината активна поддршка може да помогне неговата одлука да има поуспешен исход.
18 Има и други начини на кои сопругата може да му помогне на својот сопруг да биде добар поглавар. Таа може да изрази ценење за неговите напори додека презема водство, наместо да го критизира или да му создава чувство дека никогаш не може да ѝ угоди. Кога се однесува кон својот сопруг на еден позитивен начин, таа треба да запомни дека ‚постојаниот и тих дух . . . е драгоцен пред Бога‘, а не само пред нејзиниот сопруг (1. Петрово 3:3, 4; Колосјаните 3:12). Но, што ако сопругот не е соверник? Без оглед дали е или не е, Библијата ги охрабрува сопругите „да ги сакаат мажите свои и децата свои; да бидат целомудрени, чисти, добри домаќинки, благи, покорни на своите мажи, та да не се хули словото Божјо“ (Тит 2:4, 5). Кога ќе стане збор за работи кои се однесуваат на совеста, поголема е веројатноста дека сопругот кој не е соверник ќе ја почитува положбата на својата сопруга доколку таа му пристапи со „благост и со длабоко почитување“. Некои сопрузи кои не се соверници биле „придобиени без збор, преку однесувањето на своите жени, бидејќи биле сведоци на [нивното] чисто однесување заедно со длабоко почитување“ (1. Петрово 3:1, 2, 15, НС; 1. Коринтјаните 7:13—16).
19. Што ако сопругот бара од сопругата да го прекрши Божјиот закон?
19 Но, што ако еден сопруг бара од својата сопруга таа да стори нешто што Бог го забранува? Ако се случи тоа, сопругата мора да запомни дека првенствено Бог е нејзиниот Господар. За пример ѝ служи ставот на апостолите кога властите побарале од нив да го прекршат Божјиот закон. Во Дела 5:29 се известува: „Петар и апостолите одговорија и рекоа: ‚Повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето‘ “.
ДОБРА КОМУНИКАЦИЈА
20. Кое е едно важно подрачје во кое се неопходни љубовта и почитувањето?
20 Љубовта и почитувањето се неопходни и на едно друго подрачје од бракот — комуникацијата. Сопругот кој покажува љубов, ќе разговара со својата сопруга за нејзините активности, проблеми и гледишта за различни работи. Нејзе ѝ е потребно тоа. Сопругот кој одвојува време за да разговара со својата сопруга и навистина слуша што зборува таа, ја докажува својата љубов и почитување кон неа (Јаков 1:19). Некои жени се жалат дека нивните мажи поминуваат многу малку време во разговор со нив. Тоа е жалосно. Навистина, во овие премногу активни времиња, сопрузите можеби работат долги часови надвор од домот, а како резултат на економските околности се вработуваат и некои жени. Но, брачната двојка треба да си одвои време еден за друг. Во спротивно, тие би можеле да станат независни еден од друг. Ова би можело да доведе до сериозни проблеми доколку се почувствуваат наведени да побараат разбирање од некое пријателство надвор од брачното уредување.
21. На кој начин исправниот говор ќе помогне да се зачува среќата во бракот?
21 Начинот на кој комуницираат сопругите и сопрузите е многу важен. „Пријатните зборови се . . . за душата слатки, а за коските лековити“ (Изреки 16:24). Без оглед на тоа дали брачниот другар е соверник или не, подеднакво важи библискиот совет: „Зборот ваш секогаш да биде благодатен, зачинет со сол“, односно со добар вкус (Колосјаните 4:6). Ако некој имал напорен ден, неколку љубезни, сочувствителни зборови што ги кажал брачниот другар можат да му влијаат многу добро. „Умесно кажаниот збор е како златно јаболко во сребрена кошничка“ (Изреки 25:11). Тонот на гласот и изборот на зборови се многу важни. На пример, нервозно и на заповеднички начин, едниот би можел да му рече на другиот: „Затвори ја вратата!“ Но, колку само ‚позачинети со сол‘ се зборовите кажани со смирен глас кој е полн со разбирање: „Ќе сакаш ли да ја затвориш вратата, те молам?“
22. Каков став треба да имаат брачните двојки за да одржат добра комуникација?
22 Добрата комуникација цвета кога е проткаена со благо изговорени зборови, мили погледи и гестови, љубезност, разбирање и нежност. Ако и сопругот и сопругата настојуваат да одржат добра комуникација, тие ќе се чувствуваат слободни да си ги кажат своите потреби, а во времиња на разочарување и стрес ќе можат да бидат извор на меѓусебна утеха и помош. „Утешувајте ги малодушните“, поттикнува Божјата реч (1. Солунјаните 5:14). Ќе има времиња кога сопругот ќе биде потиштен и времиња кога сопругата ќе се чувствува така. Тие можат да ‚се утешуваат‘ изградувајќи се еден со друг (Римјаните 15:2).
23, 24. Како можат да помогнат љубовта и почитувањето тогаш кога ќе дојде до несогласувања? Дај пример.
23 Брачните партнери кои покажуваат љубов и почитување нема да гледаат на секое несогласување како на предизвик. Тие ќе се трудат да не ‚се огорчуваат‘ еден со друг (Колосјаните 3:19). Двајцата треба да запомнат дека „кроткиот одговор гневот го ублажува“ (Изреки 15:1). Внимавај да не го омаловажуваш ниту, пак, да го осудуваш брачниот другар кој излева длабоки чувства. Наместо тоа, на таквите изрази гледај како на можност да стекнеш увид во гледиштето на другиот. Заеднички обидете се да ги решите недоразбирањата и да дојдете до еднодушен заклучок.
24 Сети се на онаа прилика кога Сара му предложила на својот сопруг, Авраам, решение за некој проблем, а тоа не било во согласност со неговите чувства. Па сепак, Бог му рекол на Авраам: „Послушај го гласот нејзин“ (1. Мојсеева 21:9—12). Авраам послушал и бил благословен. Слично на тоа, ако сопругата предложи нешто што е спротивно на она што го има на ум нејзиниот сопруг, тој треба барем да сослуша. Во исто време, сопругата не треба да доминира во разговорот, туку треба да слуша што има да каже нејзиниот сопруг (Изреки 25:24). Ниту жената ниту мажот нема да покажат љубов и почитување ако секој од нив настојува секогаш да биде по негово или по нејзино.
25. На кој начин добрата комуникација ќе придонесе за среќа во интимните аспекти на брачниот живот?
25 Добрата комуникација е важна и во сексуалниот однос на брачната двојка. Себичноста и недостигот на самоконтрола можат сериозно да му наштетат на овој најинтимен однос во бракот. Неопходна е отворена комуникација и стрпливост. Ако секој несебично го бара доброто на другиот, тогаш сексот ретко ќе претставува сериозен проблем. Во оваа, како и во другите работи, „никој нека не ја бара својата полза, туку ползата на ближниот“ (1. Коринтјаните 7:3—5; 10:24).
26. Иако секој брак ќе има свои добри и лоши времиња, на кој начин послушноста кон Божјата Реч ќе им помогне на брачните двојки да најдат среќа?
26 Колку само добар совет нуди Божјата Реч! Вистина е дека секој брак ќе има свои добри и лоши времиња. Но, кога сопружниците се подложуваат на Јеховиното размислување, како што е изнесено во Библијата, и кога својот однос го темелат на љубов која е управувана од начела и на почитување, тие можат да бидат сигурни дека нивниот брак ќе биде траен и среќен. На тој начин не само што ќе си оддаваат чест еден на друг туку ќе му оддадат чест и на Основачот на бракот, Јехова Бог.
КАКО МОЖАТ ОВИЕ БИБЛИСКИ НАЧЕЛА ДА Ѝ ПОМОГНАТ . . . НА БРАЧНАТА ДВОЈКА ДА СЕ РАДУВА НА ЕДЕН ТРАЕН И СРЕЌЕН БРАК?
Вистинските христијани се љубат еден со друг (Јован 13:35).
Христијаните се спремни да си простуваат еден на друг (Колосјаните 3:13).
Постои исправен ред на поглаварство (1. Коринтјаните 11:3).
Важно е да се рече вистинското нешто на вистински начин (Изреки 25:11).
[Слика на страница 28]
Взаемната љубов и почитувањето ќе доведат до успех во бракот