Зошто да се одбележува Господовата вечера?
„Јас од Господ го примив она што и ви го предадов“ (1. КОРИНЌАНИТЕ 11:23).
1, 2. Што сторил Исус ноќта на Пасхата во 33 н.е.?
ТАМУ бил присутен Јеховиниот единороден Син. Биле присутни и 11 мажи што ‚останале со него во неговите искушенија‘ (Лука 22:28). Било четврток навечер, 31 март 33 н.е., и полната месечина веројатно го красела небото над Ерусалим. Исус Христос и неговите апостоли штотуку завршиле со прославата на Пасхата. Предавникот Јуда Искариот бил пуштен да си замине, но не било време да заминат и другите. Зошто? Затоа што Исус штотуку требало да направи нешто што било многу важно. Што било тоа?
2 Бидејќи таму бил присутен и Матеј, писателот на едно евангелие, нека ни каже тој. Тој напишал: „Исус зеде леб и, откако кажа благослов, го раскрши и, давајќи им го на учениците, рече: ‚Земете, јадете. Ова значи моето тело‘. Исто така, зеде чаша и, откако заблагодари, им даде велејќи: ‚Пијте од неа сите; зашто ова значи мојата „крв на сојузот“, која треба да се пролее во корист на мнозина за простување на гревовите‘“ (Матеј 26:26—28). Дали овој настан требало да се случи само еднаш? Какво значење имал тој? Значи ли нешто и за нас денес?
„Правете го ова“
3. Зошто било значајно она што го направил Исус ноќта на 14 нисан 33 н.е.?
3 Она што го направил Исус ноќта на 14 нисан 33 н.е. било многу повеќе од минлив настан во неговиот живот. Апостол Павле зборувал за ова кога им пишувал на помазаните христијани во Коринт, каде што сѐ уште се следел истиот образец повеќе од 20 години подоцна. Иако Павле не бил со Исус и со 11-те апостоли во 33 н.е., сигурно дознал од некои апостоли што се случило во таа прилика. Освен тоа, Павле очигледно добил потврда за извесни аспекти на тој настан преку инспирирано откровение. Павле рекол: „Јас од Господ го примив она што и ви го предадов, дека Господ Исус онаа ноќ во која требаше да биде предаден, зеде леб и, откако заблагодари, го раскрши и рече: ‚Ова значи моето тело кое е за ваша корист. Правете го ова за мој спомен‘. Откако вечера, истото го стори и во врска со чашата, велејќи: ‚Оваа чаша значи новиот сојуз на темел на мојата крв. Правете го ова, секојпат кога ја пиете, за мој спомен‘“ (1. Коринќаните 11:23—25).
4. Зошто треба христијаните да ја одбележуваат Господовата вечера?
4 Лука, писателот на друго евангелие, потврдува дека Исус заповедал: „Правете го ова за мој спомен“ (Лука 22:19). Овие зборови се преведени и со: „Правете го ова за сеќавање на мене“ (The Jerusalem Bible). Всушност, оваа прослава честопати се нарекува Меморијал на Христовата смрт. Павле исто така ја нарекува Господова вечера — соодветен назив бидејќи е воведена навечер (1. Коринќаните 11:20). На христијаните им е заповедано да ја одбележуваат Господовата вечера. Но, зошто била воведена оваа прослава?
Зошто бил воведен
5, 6. а) Која била една причина зошто Исус го вовел Меморијалот? б) Наведи уште една причина зошто била воведена Господовата вечера.
5 Една причина зошто бил воведен Меморијалот е поврзана со една цел што е постигната со Исусовата смрт. Тој умрел како бранител на суверенитетот на својот небесен Татко. Со тоа Христос докажал дека Сатана Ѓаволот, кој изнел лажно обвинение дека луѓето му служат на Бог само од себични мотиви, е лажливец (Јов 2:1—5). Со тоа што Исус умрел верен, докажал дека ова тврдење е неточно и го израдувал Јеховиното срце (Пословици 27:11).
6 Друга причина зошто била воведена Господовата вечера е за да нѐ потсетува дека со тоа што умрел како совршен, безгрешен човек, Исус ‚ја дал својата душа како откупнина во замена за мнозина‘ (Матеј 20:28). Кога првиот човек направил грев против Бог, тој го изгубил правото на совршен човечки живот и сите негови изгледи. Меѓутоа, Исус рекол: „Бог толку многу го љубеше светот што го даде својот единороден Син за секој кој практикува вера во него, да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Навистина, „платата што ја дава гревот е смрт, а дарот што го дава Бог е вечен живот преку Христос Исус, нашиот Господ“ (Римјаните 6:23). Прославувањето на Господовата вечера нѐ потсетува на големата љубов што ја покажале и Јехова и неговиот Син преку Исусовата жртвена смрт. Колку само треба да ја цениме таа љубов!
Кога да се одржува?
7. Во кој поглед помазаните христијани ја објавуваат смртта на Господ секојпат кога учествуваат во Меморијалот?
7 Во врска со Господовата вечера, Павле рекол: „Секојпат кога го јадете овој леб и ја пиете оваа чаша, ја објавувате смртта на Господ, додека тој не дојде“ (1. Коринќаните 11:26). Поединечни помазани христијани требало да земаат од симболите на Меморијалот сѐ до својата смрт. Значи, пред Јехова Бог и пред светот, тие постојано требало да ја објавуваат својата вера во Божјата подготовка за Исусовата откупна жртва.
8. До кога требало телото од помазаници да ја одбележува Господовата вечера?
8 До кога требало телото од помазани христијани да го одбележува Меморијалот на Христовата смрт? „Додека тој не дојде“, рекол Павле, очигледно мислејќи дека тие прослави ќе продолжат сѐ до Исусовото доаѓање кога ќе ги прими своите помазани следбеници на небото со тоа што ќе бидат воскреснати за време на неговата „присутност“ (1. Солуњаните 4:14—17). Ова е во склад со Исусовите зборови до 11-те лојални апостоли: „Ако одам и ви приготвам место, повторно ќе дојдам и ќе ве примам дома кај себе, и вие да бидете таму каде што сум јас“ (Јован 14:3).
9. Што е мислено со Исусовите зборови запишани во Марко 14:25?
9 Кога Исус го вовел Меморијалот, тој се осврнал на чашата вино и им рекол на своите верни апостоли: „Сигурно повеќе нема да пијам од лозовиот плод до оној ден кога ќе го пијам нов во Божјето царство“ (Марко 14:25). Бидејќи Исус нема да пие дословно вино на небото, очигледно ја имал на ум радоста што понекогаш ја симболизира виното (Псалм 104:15; Проповедник 10:19). Тоа што ќе бидат заедно во Царството требало да биде радосно искуство по кое тој и неговите следбеници копнееле со големо исчекување (Римјаните 8:23; 2. Коринќаните 5:2).
10. Колку често треба да се одбележува Меморијалот?
10 Дали Исусовата смрт треба да се одбележува секој месец, секоја седмица или секој ден? Не. Исус ја вовел Господовата вечера и бил убиен на денот на Пасхата, која се одбележувала како „спомен-ден“ на избавувањето на Израел од египетското ропство во 1513 пр.н.е. (Излез 12:14). Пасхата се одржувала само еднаш годишно, на 14-тиот ден од еврејскиот месец нисан (Излез 12:1—6; Левит 23:5). Ова покажува дека Исусовата смрт треба да се одбележува толку често колку и Пасхата — секоја година — а не секој месец, секоја седмица или секој ден.
11, 12. Што открива историјата за раните одбележувања на Меморијалот?
11 Според тоа, соодветно е Меморијалот да се одбележува секоја година на 14 нисан. Една енциклопедија вели: „Христијаните од Мала Азија биле наречени Квартодецимани [Четиринаесетници], поради нивниот обичај секогаш да ја прославуваат пасхата [Господовата вечера] на 14-ти нисан . . . Датумот може да се падне в петок или во кој и да е друг ден од седмицата“ (The New Schaff-Herzog Encyclopedia of Religious Knowledge, том IV, страница 44).
12 Коментирајќи за оваа практика од вториот век н.е., историчарот Џ. Л. фон Мосхајм вели дека Квартодециманите го одбележувале Меморијалот на 14 нисан затоа што „сметале дека примерот на Христос има иста сила како и еден закон“. Друг историчар наведува: „Обичајот на квартодециманските цркви во Азија бил ист со обичајот на црквата во Ерусалим. Во вториот век, овие цркви на нивната Пасха на 14 нисан го одбележувале избавувањето што било постигнато со смртта на Христос“ (Studia Patristica, том V, 1962, страница 8).
Значењето на лебот
13. Каков леб користел Исус кога ја вовел Господовата вечера?
13 Кога Исус го вовел Меморијалот, ‚зел леб, кажал благослов, го раскршил и им го дал‘ на апостолите (Марко 14:22). Лебот во таа прилика бил ист како оној кој штотуку го користеле на Пасхата (Излез 13:6—10). Бидејќи се месел без квасец, тој бил тенок и кршлив и требало да се раскрши за да се подели. И лебот што Исус со чудо го умножил за илјадници луѓе бил како бисквити бидејќи го раскршил за да може да го подели (Матеј 14:19; 15:36). Според тоа, изгледа дека раскршувањето на лебот на Меморијалот нема некое духовно значење.
14. а) Зошто е соодветно лебот на Меморијалот да биде бесквасен? б) Каков леб може да се набави или да се испече за да се користи за Господовата вечера?
14 Во врска со лебот што го користел кога го вовел Меморијалот, Исус рекол: „Ова значи моето тело кое е за ваша корист“ (1. Коринќаните 11:24; Марко 14:22). Било соодветно тоа што лебот бил без квасец. Зошто? Затоа што квасецот може да означува расипаност, злоба или грев (1. Коринќаните 5:6—8). Лебот го претставувал Исусовото совршено, безгрешно човечко тело, кое било соодветно понудено како откупна жртва (Евреите 7:26; 10:5—10). Јеховините сведоци го имаат тоа на ум и го следат преседанот што го поставил Исус на тој начин што користат бесквасен леб кога го одбележуваат Меморијалот. Во некои случаи користат незачинети еврејски мацеси на кои не им се додаваат други состојки, како што се кромид или јајца. Инаку, бесквасен леб може да се направи со малку интегрално брашно (ако е можно пченично) помешано со малку вода. Тестото треба да се исука тенко и може да се пече во малку подмачкано тавче сѐ додека лебот не стане сув и крцкав.
Значењето на виното
15. Што имало во чашата што се користела кога Христос го вовел Меморијалот на својата смрт?
15 Откако го подал бесквасниот леб, Исус зел чаша, ‚заблагодарил и им ја дал [на апостолите] и сите пиеле од неа‘. Исус објаснил: „Ова значи мојата ‚крв на сојузот‘, која треба да се пролее во корист на мнозина“ (Марко 14:23, 24). Што имало во оваа чаша? Ферментирано вино, а не неферментиран сок од грозје. Кога Писмото се осврнува на вино, не се мисли на неферментиран сок од грозје. На пример, ферментираното вино, а не сокот од грозје, ќе ги раскине ‚старите вински мевови‘, како што рекол Исус. Исто така, Христовите непријатели го обвинувале дека е „оддаден на вино“. Тоа обвинување би било бесмислено кога виното би било само сок од грозје (Матеј 9:17; 11:19). Кога се прославувала Пасхата се пиело вино, а Христос го користел и кога го вовел Меморијалот на својата смрт.
16, 17. Какво вино е соодветно за прославата на Меморијалот, и зошто?
16 Само црвеното вино е соодветен симбол за она што го претставува содржината на чашата, то ест Христовата пролеана крв. Самиот тој рекол: „Ова значи мојата ‚крв на сојузот‘, која треба да се пролее во корист на мнозина“. А апостол Петар напишал: „Знаете [помазаните христијани] дека не со распадливи работи, со сребро или злато, сте избавени од својот бесплоден начин на однесување, што по традиција сте го примиле од своите прататковци. Туку со скапоцената крв, каква што е крвта на јагне без петно и без дамка, имено Христовата“ (1. Петрово 1:18, 19).
17 Без сомнение Исус користел црвено вино од грозје кога го вовел Меморијалот. Меѓутоа, некои денешни црвени вина се неприфатливи затоа што имаат додатоци на шпиритус или ракија или, пак, во нив се додадени тревки и зачини. Исусовата крв била доволна, не било потребно да ѝ се додаде ништо. Затоа, вината како што се порто, шери и вермут не би биле соодветни. Чашата на Меморијалот треба да содржи незасладено црвено вино без додатоци. Може да се користи домашно, незасладено црвено вино од грозје и вина како што се црвен бургундец и кларе.
18. Зошто Исус не направил чудо со лебот и со виното на Меморијалот?
18 Кога го вовел овој оброк, Исус не направил чудо претворајќи ги симболите во своето дословно тело и крв. Да се јаде човечко тело и да се пие крв би претставувало канибализам, што е прекршување на Божјиот закон (Битие 9:3, 4; Левит 17:10). Исус сѐ уште го имал целото свое физичко тело и целата своја крв. Неговото тело било принесено како совршена жртва, а неговата крв била пролеана следното попладне истиот еврејски ден, 14 нисан. Според тоа, лебот и виното на Меморијалот се симболични и го претставуваат Христовото тело и крв.a
Меморијалот — заеднички оброк
19. Зошто може да се користи повеќе од една чинија и повеќе од една чаша на прославата на Господовата вечера?
19 Кога Исус го вовел Меморијалот, ги повикал своите верни апостоли да пијат од една заедничка чаша. Евангелието по Матеј вели: „[Исус] зеде чаша и, откако заблагодари, им даде велејќи: ‚Пијте од неа сите‘“ (Матеј 26:27). Тоа што била користена само една „чаша“, а не неколку чаши, не претставувало проблем, бидејќи во таа прилика само 11 учесници изгледа биле на иста маса и можеле веднаш да си ја подадат чашата од еден на друг. Оваа година, милиони ќе се соберат на Господовата вечера во повеќе од 94.000 собранија на Јеховините сведоци во целиот свет. Бидејќи толку многу луѓе ќе се состанат на прославата истата ноќ, не е возможно да се користи само една чаша за сите. Но, во големите собранија се задржува истото начело на тој начин што се користат неколку чаши за да можат да се подадат меѓу присутните за разумно време. Слично, и за лебот може да се користи повеќе од една чинија. Со ништо во Писмото не е покажано дека чашата треба да има некој одреден облик. Меѓутоа, и таа и чинијата треба да го одразуваат достоинството на настанот. Мудро е чашата да не се полни толку што ќе постои опасност да се истури виното додека се подава.
20, 21. Зошто можеме да речеме дека Меморијалот е заеднички оброк?
20 Иако може да се користи повеќе од една чинија леб и повеќе од една чаша вино, Меморијалот е заеднички оброк. Во древниот Израел, човек можел да се погрижи за заеднички оброк со тоа што ќе донел животно во Божјето светилиште, каде што тоа било заклано. Дел од животното се палел на жртвеникот, дел одел кај свештеникот што бил на должност и дел кај свештеничките синови на Арон, при што оној што принесувал и неговото домаќинство учествувале во оброкот (Левит 3:1—16; 7:28—36). И Меморијалот е заеднички оброк затоа што вклучува заедничко учество.
21 Јехова е вклучен во овој заеднички оброк како Основач на оваа подготовка. Исус е жртвата, а помазаните христијани земаат од симболите како соучесници. Тоа што јадат на Јеховината трпеза значи дека учесниците се во мир со него. Според тоа, Павле напишал: „Чашата на благословот што ја благословуваме, не е ли заедништво во Христовата крв? Лебот што го кршиме, не е ли заедништво во Христовото тело? Поради тоа што е еден леб, ние, иако сме многу, едно тело сме, бидејќи сите сме учесници во тој еден леб“ (1. Коринќаните 10:16, 17).
22. Кои прашања во врска со Меморијалот останува да ги разгледаме?
22 Господовата вечера е единствената годишна религиозна прослава кај Јеховините сведоци. Ова е соодветно затоа што Исус им заповедал на своите следбеници: „Правете го ова за мој спомен“. На Меморијалот ние ја одбележуваме Исусовата смрт, смрт со која бил одбранет Јеховиниот суверенитет. Како што забележавме, лебот во овој заеднички оброк го означува Христовото жртвувано човечко тело, а виното ја означува неговата пролеана крв. Сепак, само малкумина земаат од симболичните леб и вино. Зошто е тоа така? Дали Меморијалот има вистинско значење за милионите што не се учесници? Всушност, што треба да значи за тебе Господовата вечера?
[Фуснота]
a Види 2. том, 271. страница од Insight on the Scriptures (Увид во Писмото), издадена од Јеховините сведоци.
Како гласат твоите одговори?
• Зошто Исус ја вовел Господовата вечера?
• Колку често треба да се одбележува Меморијалот?
• Какво значење има бесквасниот леб на Меморијалот?
• Што претставува виното на Меморијалот?
[Слика на страница 15]
Исус ја вовел Господовата вечера