Господовата вечера има големо значење за тебе
ДАЛИ Господовата вечера има големо и трајно значење за тебе? За да откриеме, најпрво да го одредиме значењето што самиот Исус Христос му го припишал на овој посебен настан.
Вечерта на 14 нисан 33 н.е., Исус и неговите 12 апостоли се собрале во една горна соба во Ерусалим за да ја прослават годишната Пасха. Откако го изеле пасхалниот оброк, предавникот Јуда ја напуштил собата за да го предаде Исус (Јован 13:21, 26—30). За останатите 11 апостоли, Исус ја вовел „Господовата вечера“ (1. Коринќаните 11:20). Тој исто така се осврнал на неа како на Меморијал, или негов спомен, зашто им заповедал на своите следбеници: „Правете го ова за мој спомен“. Ова е единствениот настан за кој им е заповедано на христијаните да го слават во негов спомен (1. Коринќаните 11:24).
Според еден речник, спомен е нешто што помага некоја работа „да се зачува во сеќавањето“ или „да се задржи жива во сеќавањето“ (Webster’s). На многу места, луѓето подигаат споменици или одредуваат посебен ден за да се комеморира или да се слави споменот на некој или на нешто важно. Во овој случај, Исус воспоставил комеморативна вечера — вечера што требало да им помогне на неговите ученици да се сетат, да ги зачуваат во сеќавање важните настани од тој многу значаен ден. Во идните генерации, оваа спомен вечера ќе ги потсетувала набљудувачите за длабокото значење на она што Исус го направил таа вечер, особено на симболите што ги употребил. Кои симболи ги употребил Исус, и какво значење имаат тие? Да го испитаме библискиот извештај за она што се случило таа вечер во 33 н.е.
Света симболика
„Зеде леб, се заблагодари, го раскрши и им го даде, велејќи: ‚Ова значи моето тело кое се дава за вас. Правете го ова за мој спомен‘ “ (Лука 22:19).
Кога Исус го зел лебот и рекол „ова значи моето тело“, укажал дека бесквасниот леб го претставувал, или бил симбол на неговото безгрешно физичко тело што го дал „во корист на животот на светот“ (Јован 6:51). Иако некои библиски преводи велат „ова е [грчки естин] моето тело“, Greek-English Lexicon of the New Testament (Грчко-англиски лексикон на Новиот завет) на Тајер вели дека овој глагол честопати значи „означува, значи, има значење“. Тој ја пренесува мислата дека нешто претставува или симболизира нешто друго (Матеј 26:26).
Истото важело и за чашата вино. Исус рекол: „Оваа чаша значи новиот сојуз на темел на мојата крв, која треба да се пролее во ваша корист“ (Лука 22:20).
Во извештајот на Матеј, за оваа чаша Исус рекол: „Ова значи мојата ‚крв на сојузот‘ која треба да се пролее во корист на мнозина за простување на гревовите“ (Матеј 26:28). Исус го користел виното во чашата како сликовита претстава или симбол на својата крв. Неговата пролеана крв била темелот на еден „Нов Завет“ за учениците помазани со дух, што ќе владеат како цареви и свештеници со него на небото (Еремија 31:31—33; Јован 14:2, 3; 2. Коринќаните 5:5; Откровение 1:5, 6; 5:9, 10; 20:4, 6).
Виното во чашата исто така служело и како потсетување дека пролеаната крв на Исус требало да биде темелот што ќе овозможи „простување на гревовите“, отворајќи го на тој начин патот за учесниците да бидат повикани за небесен живот како сонаследници со Христос. Се разбира, оние со небесен повик —ограничен број — се единствените што на Меморијалот земаат од лебот и виното (Лука 12:32; Ефешаните 1:13, 14; Евреите 9:22; 1. Петрово 1:3, 4).
Но, што е со сите оние следбеници на Исус што не се во новиот завет? Тие се Господовите „други овци“, кои не очекуваат да владеат со Христос на небото туку да уживаат вечен живот на рајска земја (Јован 10:16; Лука 23:43; Откровение 21:3, 4). Како „големо мноштво“ од верни христијани што „му вршат света служба ден и ноќ“, тие се радуваат што можат да бидат благодарни набљудувачи на Господовата вечера. Нивните зборови и дела всушност објавуваат: „Спасението му го должиме на нашиот Бог, кој седи на престолот и на Јагнето“ (Откровение 7:9, 10, 14, 15).
Колку често?
„Правете го ова за мој спомен“ (Лука 22:19).
Колку често треба да се одбележува Меморијалот за да ја зачуваме Христовата смрт во сеќавање? Исус не кажал конкретно. Но, бидејќи ја воспоставил Господовата вечера на 14 нисан, вечерта кога се славела Пасхата, која Израелците ја прославувале еднаш годишно, очигледно дека Исус имал намера Меморијалот да се комеморира на истиот начин. Штом Израелците го прославувале своето избавување од ропството во Египет еднаш годишно, и христијаните го комеморираат своето избавување од ропството на гревот и смртта еднаш годишно (Излез 12:11, 17; Римјаните 5:20, 21).
Идејата за годишно одбележување како комеморација на некој важен настан не е ни најмалку необична. Размисли, на пример, кога една брачна двојка ја прославува својата годишнина од бракот или кога една нација комеморира некој важен настан во својата историја. Комеморацијата обично се одржува еднаш годишно, на годишнината од тој настан. Интересно, неколку векови по Христос, многу што се исповедале како христијани биле наречени Квартодецимани, што значи „Четиринаесетници“, зашто ја комеморирале смртта на Исус еднаш годишно, на 14 нисан.
Едноставна, но сепак значајна
Апостол Павле објаснил дека одбележувањето на Господовата вечера ќе им даде можност на учениците на Исус да „ја објавуваат смртта на Господ“ (1. Коринќаните 11:26). Според тоа, оваа комеморација ќе се сосредоточи на пресудната улога што Исус, со својата смрт, ја одиграл во исполнувањето на Божјата намера.
Со тоа што останал верен до смрт, Исус Христос го оправдал Јехова Бог како мудар Творец полн со љубов и како праведен Суверен. Спротивно на тврдењето на Сатана, Исус, за разлика од Адам, докажал дека човек може да му остане верен на Бог, дури и под најтешки притисоци (Јов 2:4, 5).
Господовата вечера исто така ни помага да продолжиме со благодарност да се сеќаваме на Исусовата самопожртвувана љубов. И покрај суровите испити, Исус останал совршено послушен на својот Татко. Затоа можел да го понуди својот совршен човечки живот за да ја покрие огромната цена на Адамовиот грев. Како што самиот Исус објаснил, тој дошол „да ја даде својата душа како откупнина во замена за мнозина“ (Матеј 20:28). Како резултат на тоа, на сите што полагаат вера во Исус можат да им бидат простени гревовите и можат да добијат вечен живот во склад со Јеховината првобитна намера за човештвото (Римјаните 5:6, 8, 12, 18, 19; 6:23; 1. Тимотеј 2:5, 6).a
Сево ова, исто така, ја нагласува Јеховината изобилна доброта и незаслужена љубезност со тоа што направил подготовка за спасение на човештвото. Библијата вели: „По тоа беше покажана Божјата љубов во нашиот случај, бидејќи Бог го испрати својот единороден Син во светот за преку него да добиеме живот. Љубовта се состои во ова, не дека ние го љубевме Бог, туку дека тој нѐ љубеше и го испрати својот Син како жртва помирница за нашите гревови“ (1. Јованово 4:9, 10).
Да, колку прекрасно одбележување е Меморијалот! Едноставно и доволно практично за да се комеморира насекаде во светот под најразлични околности, но сепак доволно симболично за да остане значајно потсетување за долго време.
Нејзиното значење за тебе
Жртвената смрт на нашиот Господ Исус Христос била дадена по огромна цена како за него така и за неговиот Татко, Јехова. Како совршен човек, на Исус не му се заканувала наследна смрт како што ни се заканува нам (Римјаните 5:12; Евреите 7:26). Тој можел да продолжи вечно да живее. Животот не можел да му биде одземен, дури ни насила, ако тој не дозволел. Рекол: „Никој не го зел [мојот живот] од мене, туку јас го предавам на своја иницијатива“ (Јован 10:18).
Сепак, Исус доброволно го принел својот совршен човечки живот како жртва за „преку својата смрт да го уништи оној кој го има средството да предизвикува смрт, односно Ѓаволот; и да ги ослободи сите оние кои поради страв од смрт целиот свој живот биле подложени на робување“ (Евреите 2:14, 15). Христовата самопожртвувана љубов е очигледна и од тоа на каква смрт се подложил. Тој бил сосем свесен за начинот на кој ќе страда и ќе умре (Матеј 17:22; 20:17—19).
Меморијалот нѐ потсетува и на најголемиот израз на љубов што некогаш го покажал нашиот небесен Татко, Јехова. Колку било болно за него, кој „е многу нежен во наклоноста и милосрден“ да ги слуша и да ги гледа ‚силните извици и солзи‘ на Исус во градината Гетсиманија, да го гледа садистичкото камшикување, суровото приковување и бавната, агониска смрт (Јаков 5:11; Евреите 5:7; Јован 3:16; 1. Јованово 4:7, 8). И самата помисла на тоа, дури и сега, со векови подоцна, предизвикува емоционална болка кај многумина.
Замисли си само — Јехова Бог и Исус Христос платиле толку висока цена за нас грешниците! (Римјаните 3:23). Секој ден се соочуваме со болната реалност на нашата грешна природа и со нашите несовршености. Меѓутоа, на темел на верата во Исусовата откупна жртва, можеме да му се обратиме на Бог за простување (1. Јованово 2:1, 2). Ова ни овозможува да уживаме слобода на говорот со Бог и чиста совест (Евреите 4:14—16; 9:13, 14). Освен тоа, можеме да се надеваме на изгледот да живееме на рајска земја во целата вечност (Јован 17:3; Откровение 21:3, 4). Сите овие и многу други благослови се резултат на Исусовиот најголем чин на самопожртвуваност.
Да се покажува ценење за Господовата вечера
Господовата вечера без сомнение е прекрасен израз на „Божјата ненадминлива незаслужена љубезност“. А подготовката на Јехова Бог за откупна жртва — овозможена преку самопожртвуваната љубов на Исус — навистина е „неопислив бесплатен дар“ од него (2. Коринќаните 9:14, 15). Зарем овие изрази на Божјата доброта преку Исус Христос не поттикнуваат во нас длабоко и трајно чувство на благодарност и ценење?
Уверени сме дека поттикнуваат. Затоа, срдечно ве покануваме да се соберете со Јеховините сведоци во одбележувањето на Меморијалот на Исусовата смрт. Оваа година Меморијалот ќе се одржи во среда, 16 април, по зајдисонце. Јеховините сведоци во твојата околина со задоволство ќе те известат за точното време и место на овој најважен настан.
[Фуснота]
a За подетална дискусија за откупнината, те молиме види ја книгата Спознание кое води до вечен живот, издадена од Јеховините сведоци.
[Рамка/слики на страница 6]
„ОВА Е МОЕТО ТЕЛО“ ИЛИ „ОВА ЗНАЧИ МОЕТО ТЕЛО“?
Кога Исус рекол: „Јас сум вратата“ и „Јас сум вистинската лоза“, никој не помислил дека тој бил буквална врата или буквална лоза (Јован 10:7; 15:1). На сличен начин, кога Светото писмо — издание на Светиот архијерејски синод на македонската православна црква го цитира Исус како вели: „Оваа чаша е Новиот завет“, нема да заклучиме дека самата чаша буквално била новиот завет. Па така и кога рекол дека лебот ‚бил‘ неговото тело, очигледно дека лебот значел, или го симболизирал неговото тело. Затоа преводот Радосна вест вели: „Ова го претставува моето тело“ (Лука 22:19, 20).
[Слика на страница 5]
Бесквасниот леб и виното се соодветни симболи за Исусовото безгрешно тело и за неговата пролеана крв
[Слика на страница 7]
Меморијалот е потсетување за големата љубов што ја покажале Јехова Бог и Исус Христос