„Ќе одиме со вас“
„Ќе одиме со вас зашто чувме дека Бог е со вас“ (ЗАХ. 8:23)
1, 2. а) Што рекол Јехова дека ќе се случува во нашево време? б) Кои прашања ќе бидат одговорени во оваа статија? (Види ја сликата погоре.)
ВО ВРСКА со нашево време, Јехова прорекол: „Во тие денови, десет луѓе од сите јазици што ги зборуваат народите ќе фатат за скут еден Евреин, ќе го фатат, велејќи: ‚Ќе одиме со вас зашто чувме дека Бог е со вас‘“ (Зах. 8:23). Евреинот ги претставува оние што Бог ги помазал со свет дух. Тие се наречени и „Израелот Божји“ (Гал. 6:16). А десетте луѓе ги претставуваат оние што имаат надеж за вечен живот на Земјата. Тие знаат дека Јехова ги благословува помазаниците, и затоа им е чест што му служат заедно со нив.
2 Слично на пророкот Захарија, и Исус нагласил дека Божјите слуги ќе бидат обединети. Иако некои имаат небесна надеж и се наречени „мало стадо“, а други имаат земна надеж и се наречени „други овци“, тој рекол дека сите тие ќе сочинуваат „едно стадо со еден пастир“ (Лука 12:32; Јован 10:16). Бидејќи има две групи, некои можеби се прашуваат: 1) Дали ‚другите овци‘ треба да ги знаат по име сите помазани христијани денес? 2) Како треба да гледаат помазаниците на себе? 3) Ако некој во собранието почне да зема од симболите на Спомен-свеченоста, како треба да се однесуваме со него? 4) Дали треба да нѐ загрижува тоа што расте бројот на оние што земаат од симболите? Да го разгледаме одговорот на секое од овие прашања.
ДАЛИ ТРЕБА ДА ГИ ЗНАЕМЕ ПО ИМЕ СИТЕ ПОМАЗАНИЦИ ДЕНЕС?
3. Зошто не е можно со сигурност да знаеме кој ќе биде дел од 144-те илјади?
3 Дали ‚другите овци‘ треба да ги знаат по име сите помазани христијани денес? Не. Зошто? Затоа што никој не може со сигурност да знае дали тие ќе ја добијат небесната награда.[1] Иако Бог ги повикал за живот на небото, тие ќе ја добијат оваа награда само ако му останат верни. Сатана го знае ова, и затоа користи „лажни пророци... за да ги заведат, ако е можно, и избраните“ (Мат. 24:24). Помазаните христијани не можат да бидат сигурни дека ќе ја добијат својата награда сѐ додека Јехова не им потврди дека се достојни за неа. Тој им го дава конечното запечатување. Некои го добиваат ова запечатување пред да умрат како Божји верни слуги, а други ќе го добијат кратко пред да започне ‚големата неволја‘ (Отк. 2:10; 7:3, 14).
4. Како може ‚да одиме‘ со духовните Израелци денес ако не ги знаеме сите по име?
4 Ако не е можно да ги знаат имињата на сите помазаници на Земјата денес, како можат ‚другите овци‘ ‚да одат‘ со нив? Забележи што вели пророштвото на Захарија во врска со десетте симболични луѓе: „[Тие] ќе фатат за скут еден Евреин, ќе го фатат, велејќи: ‚Ќе одиме со вас зашто чувме дека Бог е со вас‘“. Иако во овој стих се спомнува само еден Евреин, заменката „вас“ во двата случаја укажува дека станува збор за повеќе од еден човек. Според тоа, овој духовен Евреин не е некој поединец туку група составена од повеќе помазаници. ‚Другите овци‘ го знаат ова, и тие му служат на Јехова заедно со таа група. Нема потреба да ги знаат имињата на сите нејзини членови и да ги следат како поединци. Исус е нашиот Водач, и Библијата ни кажува дека мора да го следиме само него (Мат. 23:10).
КАКО ТРЕБА ДА ГЛЕДААТ ПОМАЗАНИТЕ ХРИСТИЈАНИ НА СЕБЕ?
5. За кое предупредување треба внимателно да размислат помазаниците, и зошто?
5 Оние што земаат од симболите на Спомен-свеченоста треба внимателно да размислат за предупредувањето запишано во 1. Коринќаните 11:27-29. (Прочитај.) Што сакал да каже апостол Павле со тие зборови? Еден помазан христијанин би земал недостојно од симболите ако не е во добар однос со Јехова (Евр. 6:4-6; 10:26-29). Ова предупредување им помага на помазаниците да се потсетат дека сѐ уште ја немаат добиено наградата. Тие треба и понатаму да ‚итаат кон целта, кон наградата на небесниот позив Божји преку Христос Исус‘ (Фил. 3:13-16).
6. Како треба да гледаат на себеси помазаните христијани?
6 Под водство на светиот дух, Павле сесрдно ги молел помазаните христијани ‚да водат живот достоен на позивот со кој се повикани‘. Како треба да го прават тоа? Павле го дал одговорот, кога рекол: „Со сета понизност и благост, со долготрпеливост, поднесувајќи се еден со друг со љубов, вистински трудејќи се да го одржите единството на духот, во мирот кој ве поврзува“ (Еф. 4:1-3). Јеховиниот дух им помага на Божјите слуги да бидат понизни, а не горди (Кол. 3:12). Помазаните христијани признаваат дека тоа што имаат небесна надеж не значи автоматски дека имаат повеќе свет дух од оние што имаат надеж за вечен живот на Земјата. Тие не тврдат за себе дека подлабоко ја разбираат библиската вистина од другите ниту, пак, се обидуваат да докажат дека на некој начин се подобри од нив. Освен тоа, во никој случај нема да поттикнуваат некого да почне да зема од симболите затоа што мислат дека и тој е помазан. Напротив, понизно признаваат дека Јехова е тој што го упатува небесниот повик.
7, 8. Што не очекуваат помазаните христијани, и зошто?
7 Иако е огромна чест да се добие небесен повик, помазаните христијани не очекуваат посебен третман од другите (Еф. 1:18, 19; прочитај Филипјаните 2:2, 3). Тие знаат дека, кога Јехова ги помазал, не им го разгласил тоа на сите. Затоа не се изненадени ако некој не им поверува веднаш дека навистина биле помазани со свет дух. Всушност, и самите се свесни дека Библијата предупредува да не веруваме пребрзо ако некој тврди дека Бог го избрал за некаква посебна служба (Отк. 2:2). Тие не му кажуваат на секого што ќе го сретнат дека се помазани. Бидејќи не очекуваат другите да им придаваат голема важност, обично не го ни спомнуваат тоа ниту, пак, се фалат со благословите што ќе ги имаат на небото во иднина (1. Кор. 1:28, 29; прочитај 1. Коринќаните 4:6-8).
8 Освен тоа, помазаните христијани не сметаат дека се дел од некоја елита. Тие не се обидуваат да стапат во контакт со други помазаници за да склопат блиски пријателства или за да формираат приватни групи за проучување на Библијата (Гал. 1:15-17). Со тоа би предизвикале поделби во собранието и би се спротивставиле на светиот дух, кој поттикнува на мир и единство. (Прочитај Римјаните 16:17, 18.)
КАКО ТРЕБА ДА СЕ ОДНЕСУВАШ СО НИВ?
9. Зошто е добро да внимаваш како се однесуваш со некој што зема од симболите на Спомен-свеченоста? (Види ја рамката „Љубовта ‚не се однесува непристојно‘“.)
9 Како треба да се однесуваш со некој што зема од симболите на Спомен-свеченоста? Исус им рекол на своите ученици: „Сите вие сте браќа“. А потоа додал: „Кој се возвишува, ќе биде понижен, а кој се понизува, ќе биде возвишен“ (Мат. 23:8-12). Според тоа, би било погрешно да воздигнуваме некого, дури и да е помазан Христов брат. Библијата нѐ поттикнува да се угледаме на верата на старешините кои предводат, но никаде во неа не пишува дека треба да воздигнуваме кој и да било човек како наш водач (Евр. 13:7). Точно, таа вели дека некои се „достојни за двојна чест“. Меѓутоа, тие не се достојни за таква чест затоа што се помазани, туку затоа што „предводат на добар начин“ и „марливо говорат и поучуваат за Божјата реч“ (1. Тим. 5:17). На оние што имаат небесен повик би им било многу непријатно ако им се укажува претерана чест или внимание. Што е уште полошо, ако другите постапуваат со нив на посебен начин, на помазаниците може да им биде тешко да останат понизни (Рим. 12:3). Сигурно никој од нас не би сакал да спрепне некој од Христовите браќа! (Лука 17:2).
10. Како можеш да покажеш почит кон помазаните христијани?
10 Како може да покажеме почит кон оние што ги помазува Јехова? Не треба да им поставуваме лични прашања во врска со нивното помазание. Така ќе избегнеме да се мешаме во работи што не нѐ засегаат (1. Сол. 4:11; 2. Сол. 3:11). Не треба да заклучиме дека родителите, сопружникот или други членови на семејството на помазаниот христијанин исто така се помазани. Помазанието воопшто не зависи ниту од роднинската ниту од брачната врска (1. Сол. 2:12). Мора да внимаваме да не поставуваме прашања што би можеле да ги повредат другите. На пример, не треба да ја прашуваме жената на еден помазан брат како се чувствува кога ќе помисли дека ќе живее вечно на Земјата без својот сопруг. На крајот на краиштата, сите можеме да бидеме потполно уверени дека Јехова ќе ја отвори својата рака и ќе ‚ја задоволи желбата на сѐ што е живо‘ (Пс. 145:16).
11. Од која опасност ќе се заштитиме ако не ‚им ласкаме на истакнати поединци‘?
11 Ако имаме исправен став кон помазаните христијани, ќе се заштитиме од една подмолна опасност. Библијата вели дека во собранието можат да се вовлечат ‚лажни браќа‘ (Гал. 2:4, 5; 1. Јов. 2:19). Овие измамници можат дури и да тврдат дека се помазаници. Освен тоа, и некои од помазаните христијани можат да отпаднат од верата (Мат. 25:10-12; 2. Пет. 2:20, 21). Ако пазиме да не паднеме во замка да ‚им ласкаме на истакнати поединци‘, нема да станеме следбеници на луѓе, макар тие да се помазани, познати или долгогодишни Божји слуги. Доколку некој од нив стане неверен или го напушти собранието, нема да се поколебаме во верата или да престанеме да му служиме на Јехова (Јуда 16).
ТРЕБА ЛИ ДА НЀ ЗАГРИЖУВА БРОЈОТ НА ОНИЕ ШТО ЗЕМААТ ОД СИМБОЛИТЕ?
12, 13. Зошто не треба да нѐ загрижува тоа што расте бројот на оние што земаат од симболите на Спомен-свеченоста?
12 Со децении, бројот на оние што земаа од симболите на Спомен-свеченоста постепено се намалуваше. Но, во последно време, овој број почна од година во година да расте. Дали ова треба да нѐ загрижува? Не. Да видиме зошто.
13 „Јехова ги познава оние што се негови“ (2. Тим. 2:19). За разлика од Бог, браќата што ги бројат оние кои земаат од симболите на Спомен-свеченоста не можат да проценат кој навистина има небесна надеж. Во овој број се вклучени и оние што мислат дека се помазани, а не се. На пример, некои што едно време земале од симболите, подоцна престанале да го прават тоа. Други можеби имаат психички или емоционални проблеми, и затоа мислат дека ќе владеат со Христос на небото. Според тоа, бројот на оние што земаат од симболите не покажува точно колку помазаници се останати на Земјата.
14. Што вели Библијата за бројот на помазаници кои ќе бидат на Земјата кога ќе започне големата неволја?
14 Ќе има помазаници по целата Земја кога Исус ќе дојде да ги земе на небото. Во врска со тоа време, Библијата вели: „[Исус] ќе ги испрати своите ангели со силен трубен звук, и тие ќе ги соберат неговите избрани од четирите страни на светот, од едниот крај на небесата до другиот“ (Мат. 24:31). Библијата укажува дека во последните денови ќе останат мал број помазаници на Земјата (Отк. 12:17). Меѓутоа, не кажува колку од нив ќе бидат овде кога ќе започне големата неволја.
15, 16. Што треба да сфатиме во врска со 144-те илјади кои ги избира Јехова?
15 Јехова одлучува во кое време од човечката историја ќе избира помазаници (Рим. 8:28-30). Тој почнал да избира помазаници по смртта и воскресението на Исус. По сѐ изгледа, сите во христијанското собрание од првиот век биле помазани. Од првиот век до почетокот на последните денови, најголем дел од оние што тврделе дека го следат Христос биле лажни христијани, кои Исус ги споредил со „какол“. Сепак, за сето тоа време, Јехова продолжил да помазува верни лица. Тие биле како „пченицата“ за која Исус рекол дека ќе расте меѓу каколот (Мат. 13:24-30). Во последните денови, Јехова продолжил да ги избира оние што ќе бидат дел од 144-те илјади.[2] Ако тој реши да избере некои пред самиот крај, кои сме ние да ја доведуваме во прашање неговата мудрост? (Иса. 45:9; Дан. 4:35; прочитај Римјаните 9:11, 16).[3] Мора да внимаваме да не реагираме како незадоволните работници кои приговарале поради начинот на кој нивниот господар постапил со оние кои дошле да работат на лозјето во единаесеттиот час. (Прочитај Матеј 20:8-15.)
16 „Верниот и разборит роб“ не го сочинуваат сите што имаат небесна надеж (Мат. 24:45-47). Исто како во првиот век, денес Јехова и Исус користат неколкумина за да нахранат мнозина. Во првиот век, тие употребиле само неколку помазани христијани да ги напишат Христијанските грчки списи. Слично и денес, само неколку помазаници се поставени да даваат духовна „храна во право време“.
17. Што научи од оваа статија?
17 Што научивме од оваа статија? Јехова одлучил да им даде на луѓето две различни награди — небесен живот на духовните Евреи и вечен живот на Земјата на симболичните десет луѓе. Но, тој очекува и од двете групи да бидат послушни на исти закони и да му останат верни. И оние со небесна и оние со земна надеж мора да останат понизни. И двете групи мора да бидат обединети и да придонесуваат за мирот во собранието. Додека се ближи крајот на последните денови, сите ние да бидеме решени да му служиме на Бог како едно стадо под водството на Христос.
^ [1] (пасус 3) Псалм 87:5, 6 укажува дека веројатно во иднина ќе бидат објавени имињата на сите што биле воскреснати да владеат заедно со Исус на небото (Рим. 8:19).
^ [2] (пасус 15) Иако Дела 2:33 покажува дека Исус има удел во помазувањето, Јехова е тој што одредува кој ќе биде повикан.
^ [3] (пасус 15) Нешто повеќе можеш да прочиташ во „Прашања од читателите“, во Стражарска кула од 1 мај 2007, стр. 30-31.