Следи го извонредниот пат на љубовта
ЈЕХОВА БОГ е љубов (1. Јованово 4:8). Неговиот Син, Исус Христос, рекол дека треба да го љубиме Бог и нашите ближни (Матеј 22:37-40). Па, Бог го управува целиот универзум на темел на оваа особина! Затоа за вечен живот, на кое и да е место, мораме да го следиме патот на љубовта.
Бог покажал љубов спрема нацијата Израел, но подоцна ја отфрлил таа организација заради неверство. Потоа го идентификувал собранието на Исусовите ученици како Своја нова организација. Како? Со посебни манифестирања на светиот дух ги ополномоштил да зборуваат на јазици и да пророкуваат. Така, на Пентакост 33. н. е., 3.000 Евреи и проселити станале верници и ја напуштиле старата во полза на новата Божја организација (Дела на св. апостоли 2:1-41). Бидејќи даровите на духот потоа биле делени преку Исусовите апостоли, таквите манифестирања исчезнале со нивната смрт (Дела на св. апостоли 8:5-18; 19:1-6). Но оттогаш даровите докажале дека Божјата милост била на духовниот Израел (Галатјаните 6:16).
Чудата кои произлегувале од даровите на духот биле корисни. Меѓутоа, поважно е да се покажува љубов односно несебична грижа за другите, отколку да се имаат даровите на духот. Апостолот Павле го покажал тоа во своето прво писмо до Коринтјаните (околу 55 н. е.). Во него тој зборувал за љубовта како за „извонреден пат“ (1. Коринтјаните 12:31, NW). За тоа било расправано во 1. Коринтјаните, поглавје 13.
Без љубов, ние сме ништо
Павле расудувал: „Ако зборувам човечки и ангелски јазици, но немам љубов, сум станал парче бакар што ѕвони или цимбал што ѕвечи“ (1. Коринтјаните 13:1, NW). Без љубов, не би значело ништо ако некој зборува со духовно доделен човечки јазик или на небесен ангелски јазик. Павле повеќе сакал да каже пет просветлувачки зборови, наместо десет илјади на јазик којшто луѓето не го разбираат (1. Коринтјаните 14:19). Лице без љубов би било како „парче бакар што ѕвони“ — бучен и досаден гонг — или како немелодичен „цимбал што ѕвечи“. Зборувањето на јазици без љубов не било смирувачки, духовно изградувачки начин за да се слави Бог и да им се помогне на неговите луѓе. Денес ние покажуваме љубов ако употребуваме разбирлив говор во христијанската служба.
Апостолот потоа рекол: „Ако го имам дарот на пророкување и сум запознаен со сите свети тајни и со сето спознание, и ако ја имам сета вера за планини да преместувам, но немам љубов, ништо не сум“ (1. Коринтјаните 13:2, NW). Чудесното пророкување, посебното разбирање на свети тајни и со дух доделеното спознание би можеле да им користат на другите, но не и на оние коишто поседуваат такви дарови ако надарените би биле без љубов. Павле употребувал посебно разбирање на свети тајни за да им помогне на другите, а дарот на спознание го оспособил да прорече дека жртвите ќе го преживеат бродоломот (Дела на св. апостоли 27:20-44; 1. Коринтјаните 4:1, 2). Сепак, ако го имал ‚сето спознание и сета вера‘, но би немал љубов, би бил ништо во Јеховини очи.
Денес Јеховиниот дух ги оспособува неговите Сведоци да ги разберат библиските пророштва и светите тајни и ги води кога им го соопштуваат таквото спознание на другите (Јоил 2:28, 29). Духот исто така донесува вера која е потребна за да се совладаат препреки слични на планини (Матеј 17:20). Бидејќи овие работи ги прави духот, погрешно е тие да бараат лична слава. Не вредиме ништо ако не постапуваме на Божја слава и од љубов спрема него и нашите блиски (Галатјаните 5:6).
Нема корист од жртви без љубов
Павле рекол: „Ако го раздадам сиот свој имот за другите да ги нахранам, и ако го предадам своето тело за да се фалам, а немам љубов, ништо не ми користи“ (1. Коринтјаните 13:3, NW). Без љубов, Павле не би имал корист ако би дал сѐ што има за да ги нахрани другите. Бог нѐ наградува заради љубовта која стои зад нашите дарови, а не заради нивната материјална вредност или затоа што бараме слава како дарители, како што биле лажливите Ананија и Сапфира (Дела на св. апостоли 5:1-11). Павле дал убав пример така што љубезно се давал себеси во служењето на другите верници во Јудеја (1. Коринтјаните 16:1-4; 2. Коринтјаните 8:1-24; 9:7).
Дури и мачеништвото заради вистината, а без љубов, за Бог не значи ништо (Соломонови изреки 25:27). Исус зборувал за својата жртва, но не се фалел со тоа. Наместо да се фали, тој доброволно се дал себеси од љубов (Марко 10:45; Ефесјаните 5:2; Евреите 10:5-10). Неговите духовни браќа ‚ги предале своите тела како жива жртва‘ во Божјата служба, не со мачеништво заради лична слава, туку на неспектакуларни начини кои го слават Јехова и кои ја покажуваат нивната љубов кон него (Римјаните 12:1, 2).
Некои начини на постапување од љубов
Павле напишал: „Љубовта е долготрпелива и доброљубива“ (1. Коринтјаните 13:4а, NW). За многумина, Божјата долготрпеливост од времето на Адамовиот грев значела покајание кое води кон спасение (2. Петрово 3:9, 15). Ако имаме љубов, трпеливо ќе ги поучуваме другите за вистината. Ќе избегнуваме емоционални изливи, ќе бидеме внимателни и ќе простуваме (Матеј 18:21, 22). Љубовта исто така е доброљубива, и привлечени сме кон Бог заради неговата доброљубивост. Неговиот плод на духот, доброљубивоста, нѐ чува од тоа да не бараме од другите повеќе отколку што тој бара од нас (Ефесјаните 4:32). Љубовта дури нѐ прави доброљубиви спрема неблагодарните луѓе (Лука 6:35).
Павле додал: „Љубовта не е љубоморна, не се фали, не се дуе“ (1. Коринтјаните 13:4б, NW). Љубомората е дело на телото заради кое некој може да биде исклучен од Божјето Царство (Галатјаните 5:19-21, NW). Љубовта нѐ чува да не бидеме љубоморни на нечиј имот или неговите поповолни околности. Ако некој добие службена предност којашто самите сме ја посакувале, љубовта ќе нѐ мотивира да се радуваме со него, да му пружиме поддршка и да му благодариме на Бог што тој може да биде употребен во корист на собранието.
Бидејќи љубовта „не се фали“, таа не нѐ тера да се прчиме заради она што Бог ни дозволува да го правиме во неговата служба. Некои Коринтјани се прчеле како тие да ги предизвикале даровите на духот, но тие биле од Бог, како што се и предностите во неговата денешна организација. Затоа, наместо да се прчиме со нашата положба во Божјата организација, да се чуваме да не паднеме (1. Коринтјаните 1:31, NW; 4:7; 10:12). Љубовта „не се дуе“, но умот на некое лице кое е без љубов би можел да биде надуен од суета. Луѓето полни со љубов не се чувствуваат понадмоќни од другите (1. Коринтјаните 4:18, 19; Галатјаните 6:3).
Не непристојни, себични и навредливи
Љубовта „не се однесува непристојно, не гледа за своите сопствени интереси, не се раздразнува“ (1. Коринтјаните 13:5а, NW). Таа унапредува добри манири, божествено однесување, почит кон властите и пристојно однесување на христијанските состаноци (Ефесјаните 5:3-5; 1. Коринтјаните 11:17-34; 14:40; спореди Јуда 4, 8-10, NW). Бидејќи љубовта прави секој да се чувствува дека е потребен, како сите делови на човечкото тело, љубезното собрание е место на мир и засолниште (1. Коринтјаните 12:22-25). Наместо себично ‚да гледаме секој само за себе‘, љубовта нѐ тера понекогаш да ги жртвуваме своите права и да покажуваме интерес за другите и за нивното добро (Филипјаните 2:1-4). Љубовта прави ‚да им станеме сѐ на сите видови луѓе, за некако да спасиме некои‘ преку нашата служба (1. Коринтјаните 9:22, 23, NW).
Љубовта „не се раздразнува“. Нападите на гнев се дела на грешното тело, но љубовта нѐ прави „бавни на гнев“ (Јаков 1:19; Галатјаните 5:19, 20, NW). Дури и ако сме оправдано гневни, љубовта не дозволува да останеме раздразнети и така да му дадеме место на Ѓаволот (Ефесјаните 4:26, 27). Особено старешините мораат да го избегнуваат гневот ако соверниците пропуштат да спроведат некој предлог.
Павле исто така рекол за љубовта: „Не ја става во сметка навредата“ (1. Коринтјаните 13:5б, NW). Љубовта не води список на грешки, како впишување во пресметковна книга. Таа го гледа доброто во соверниците и не се одмаздува за вистинските или замислените грешки (Соломонови изреки 20:22; 24:29; 25:21, 22). Љубовта ни помага да „се стремиме кон она што служи за мир“ (Римјаните 14:19, NW). Павле и Варнава имале спор и отишле по различни патишта во Божјата служба, но љубовта ја излечила неслогата и ги спречила да задржат омраза (3. Мојсеева 19:17, 18, NW; Дела на св. апостоли 15:36-41).
Изложени на праведност и вистина
Во врска со љубовта, Павле понатаму рекол: „Не се радува на неправда, туку се радува со вистината“ (1. Коринтјаните 13:6, NW). Некои толку уживаат во неправдата што ‚не заспиваат, ако не направат зло‘ (Соломонови изреки 4:16). Но во Божјата организација ние не се натпреваруваме еден со друг или да се радуваме ако некој е фатен во замката на гревот (Приче Соломунове 17:5, ДК; 24:17, 18). Ако во коринтското собрание имало доволно љубов кон Бог и праведноста, не би го толерирале неморалот (1. Коринтјаните 5:1-13). Меѓу другите работи, љубовта кон праведноста нѐ штити да не уживаме во ТВ, кино или театарски прикази на неправедноста.
Љубовта „се радува со вистината“. Овде вистината е ставена наспроти неправедноста. Ова очигледно значи дека љубовта нѐ тера да се радуваме заради влијанието кон праведност коешто вистината го има врз луѓето. Наоѓаме радост во работите коишто ги изградуваат луѓето и кои го унапредуваат делото на вистината и праведноста. Љубовта нѐ штити да не кажуваме лаги, нѐ радува кога ќе се докаже дека праведниот е невин, и нѐ тера да се радуваме на победата на Божјата вистина (Псалми 45:4, NW).
Како постапува љубовта во сите работи
Во продолжение на својата дефиниција на љубовта, Павле напишал: „Сѐ поднесува, во сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ претрпува“ (1. Коринтјаните 13:7, NW). ‚Поднесувајќи сѐ‘, љубовта нѐ штити од огорченост како што добриот покрив штити од дожд. Ако некој нѐ навреди, а потоа моли за прошка, љубовта ни помага да ја поднесеме неправдата и да му простиме на виновникот, наместо да шириме озборувања. Во љубов се трудиме да ‚го придобиеме нашиот брат‘ (Матеј 18:15-17; Колосјаните 3:13).
Љубовта ‚верува во сѐ‘ од Божјата Реч и нѐ прави благодарни за духовната храна што ја пружа ‚верниот и разумен роб‘ (Матеј 24:45-47, NW). Иако не сме лековерни, љубовта нѐ штити од тоа да имаме неверно срце и нѐ чува да не им припишуваме лоши мотиви на соверниците (Проповедник 7:21, 22). Љубовта исто така ‚се надева во сѐ‘ што е запишано во Писмото, како што се вистините за Божјето Царство. Поттикнати од љубов, се надеваме и се молиме за најдобар исход во искушувачки ситуации. Љубовта исто така нѐ тера да им ја кажеме на другите причината за нашата надеж (1. Петрово 3:15). Освен тоа, љубовта „сѐ претрпува“, вклучувајќи го и гревот против нас (Соломонови изреки 10:12). Љубовта кон Бог ни помага исто така да поднесеме прогонство и други искушенија.
Павле додал: „Љубовта никогаш не изневерува“ (1. Коринтјаните 13:8а, NW). Исто како што Јехова не изневерува, така и љубовта не изневерува. Бидејќи нашиот вечен Бог е самата суштина на љубовта, оваа особина нема никогаш да исчезне (1. Тимотију 1:17, ДК; 1. Јованово 4:16). Универзумот секогаш ќе биде управуван со љубов. Затоа, да се молиме Бог да ни помогне да ги надминеме себичните особини и да го покажуваме овој неисцрпен плод на неговиот дух (Лука 11:13, ДК).
Работи кои требало да се отстранат
Гледајќи нанапред, Павле напишал: „Но ако се и дарови на пророкување, ќе бидат отстранети; ако се и јазици, ќе престанат; ако е и спознание, ќе биде отстрането“ (1. Коринтјаните 13:8б, NW). ‚Даровите на пророкување‘ го оспсособиле оние коишто ги поседувале да кажуваат нови пророштва. Иако таквите дарови биле отстранети откако било основано христијанското собрание како Божја организација, неговата пророчка моќ нема никогаш да помине, а неговата Реч ги содржи сите пророштва кои сега ни се потребни. Со дух доделената способност за говорење јазици исто така исчезнала, а посебното спознание било ‚отстрането‘, како што било и проречено. Но Јеховината потполна Реч го дава она што ни е потребно за спасение (Римјаните 10:8-10). Освен тоа, Божјиот народ е исполнет со неговиот дух и ги донесува неговите плодови.
Павле продолжил: „Зашто, имаме делумно спознание и делумно пророкуваме; но кога ќе дојде потполното, она што е делумно ќе биде отстрането“ (1. Коринтјаните 13:9, 10, NW). Даровите на спознание и пророштво биле непотполни. Очигледно таквото пророштво не одело во детаљи, а секој пророк бил делумен во откривањето на иднината и му недостасувало совршено спознание за она што го пророкувал. Меѓутоа, сега разбирањето на пророштвото постепено станува потполно. На пример, фактите кои го исполнуваат библиското пророштво потврдуваат дека Исус во 1914 година примил царска власт над човештвото. Оттогаш наваму ние сме во „времето на крајот“ и се радуваме на постојан пораст во духовното спознание и разбирање на библиското пророштво (Даниел 12:4, NW). Затоа, одиме кон совршено спознание и „потполното“ сигурно е близу.
Најголемата особина останува
Алудирајќи на напредокот на собранието, Павле напишал: „Кога бев дете, зборував како дете, размислував како дете, расудував како дете; но сега кога сум станал маж, ги отстранив обележјата на дете“ (1. Коринтјаните 13:11, NW). Бидејќи детето постапува на темел на ограничено спознание и физички развој, тоа може да се колеба таму-ваму, како што се ниша една лулка. Но мажот физички е поразвиен, има поголемо спознание и обично не дозволува лесно да се поколеба. Тој ги отфрлил детинските мисли, ставови и методи. На сличен начин, откако Божјата земска организација го израснала своето детство, Тој досудил дека не му требаат дарови на духот, јазици и спознание. Иако денешните членови на собранието, кое сега е во својата длабока старост, исто така не чувствуваат потреба од такви дарови, тие радо му служат на Бог под водството на неговиот дух.
Павле додал: „Зашто, сега гледаме со помош на метално огледало во нејасни контури, но тогаш ќе биде лице в лице. Сега спознавам делумно, но тогаш ќе спознаам точно, како што сум јас точно спознаен“ (1. Коринтјаните 13:12, NW). За време на детството на собранието не било Божје време да открие извесни работи. Затоа, тие се гледале во нејасни контури, како христијаните да гледале во метално огледало на кое му недостасува фина рефлектирачка површина (Дела апостолски 1:6, 7, NW). Но ние сме над таквите нејасни контури. Исполнувањата на пророштвата и праликовите сега се очигледни, зашто ова е Божје време на откровение (Псалми 97:11, ДК; Даниел 2:28). Иако Павле самиот го познавал Бог, кулминацијата на Јеховиното спознание и најприсниот однос со Него требало да дојде кога апостолот требало да биде воскреснат во небесен живот и така да ја добие полната награда за својот христијански пат.
Завршувајќи го своето сиже за љубовта, Павле напишал: „А сега остануваат вера, надеж, љубов, овие три; но најголема од овие е љубовта“ (1. Коринтјаните 13:13, NW). И покрај отсутноста на чудесните дарови на духот, собранието сега има попотполно спознание и причина за побогата вера, надеж и љубов. Тоа има вера дека сѐ што Бог ветил е како да е веќе исполнето (Евреите 11:1, NW). Одликите на верата ќе завршат кога ќе се остварат работите кои се проречени во Божјата Реч. Аспектите на надежта ќе исчезнат кога ќе ги видиме работите на коишто сме се надевале. Но љубовта ќе остане засекогаш. Затоа, нека сите Јеховини сведоци го следат извонредниот пат на љубовта.