Животот и службата на Исус
Последните појавувања и Пентакост 33 н. е.
ВО ЕДЕН момент, Исус прави подготовки со сите свои 11 апостоли да се состане на една гора во Галилеја. Очигледно дека на другите ученици им е кажано за тој состанок и собрани се повеќе од 500. Колку само се среќни сите собрани кога се покажува Исус и почнува да ги поучува!
Меѓу другото, Исус му објаснува на големото мноштво дека Бог му ја дал сета власт на небото и на Земјата. ”Одете“, ги поттикнува, ”и научете ги сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал“.
Замисли си! Сите, мажи, жени и деца, го добиваат тоа исто задолжение да учествуваат во делото на правење ученици. Противниците ќе се обидат да го сопрат нивното проповедање и поучување, но Исус ги теши: ”И ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“. Исус останува со неговите следбеници преку светиот дух, за да им помогне да ја извршат својата служба.
Исус им се покажува жив на своите ученици во период од 40 дена после своето воскресение. Во текот на тие јавувања ги поучува за Божјето Царство и нагласува какви се нивните одговорности како негови ученици. Во една прилика дури му се појавува на својот полубрат Јаков и го уверува овој некогашен неверник дека тој навистина е Христос.
Додека апостолите сѐ уште се во Галилеја, Исус ги упатува да се вратат во Ерусалим. Кога се состанува таму со нив, им вели: ”Не оддалечувајте се од Ерусалим, туку чекајте го она што го ветил Таткото, за кое слушнавте од мене; бидејќи Јован, навистина, крштеваше со вода, но не многу дни после ова ќе бидете крстени во свет дух“ (NW).
Исус подоцна повторно се состанува со своите апостоли и ги изведува од градот сѐ до Витанија, која е сместена на источната падина на Маслинската Гора. За чудење е што и покрај сѐ што им кажа за своето скоро заминување на небото, тие сѐ уште веруваат дека неговото Царство ќе биде воспоставено на Земјата. Затоа прашуваат: ”Во ова време ли го востановуваш, Господи, царството Израилево?“
Наместо да се обиде да го поправи нивното погрешно разбирање, Исус едноставно одговара: ”Не е ваше да ги знаете времињата или годините, што Отецот ги задржал во Своја власт“. Потоа, нагласувајќи го уште еднаш делото кое мораат да го извршат, вели: ”Но ќе примите сила, кога врз вас ќе слезе Светиот Дух; и ќе ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и дури до крајот на земјата“.
Додека тие сѐ уште гледаат, Исус почнува да се подига кон небото, а потоа еден облак го сокрива од нивните погледи. Откако го напушта своето материјално тело, се вознесува на небото како духовна личност. Додека 11-мината и натаму гледаат кон небото, покрај нив се појавуваат двајца мажи во бели облеки. Овие материјализирани ангели прашуваат: ”Луѓе Галилејци, што стоите и гледате кон небото? Овој Исус, Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак по истиот начин, како што Го видовте да оди на небото“.
Исус штотуку ја напушти Земјата без јавни свечености. Го набљудувале само неговите верни следбеници. Значи, ќе се врати на ист начин — без јавни свечености и само неговите верни следбеници ќе препознаат дека се вратил и дека започнала неговаа присутност во Царска сила.
Апостолите сега слегуваат од Маслинската гора, минуваат преку долината Кедрон и уште еднаш влегуваат во Ерусалим. Остануваат таму, послушни на Исусовата заповед. Десет дена подоцна, на еврејскиот празник Пентакост 33 н. е., додека околу 120 ученици се собрани во горната соба во Ерусалим, одеднаш врева како од силен ветер ја исполнува целата куќа. Се појавуваат јазици како од оган и по еден застанува на секој од присутните, а сите ученици почнуваат да говорат различни јазици. Тоа е излевањето на светиот дух, коешто го вети Исус! Матеј 28:16-20; Лука 24:49-52; 1. Коринтјаните 15:5-7; Дела на апостолите 1:3-15; 2:1-4.
◆ На кого Исус ги дава последните упатства на една гора во Галилеја, и какви упатства им дава?
◆ Каква утеха им пружа Исус на своите ученици, и како тој ќе остане со нив?
◆ Колку долго после своето воскресение Исус им се јавува на своите ученици, и што ги поучува?
◆ На кого, кој сѐ уште не станал ученик, Исус му се појавува?
◆ Кои се последните два состанока на Исус со своите апостоли, и што се случува во овие прилики?
◆ Како Исус ќе се врати на истиот начин како што заминува?
◆ Што се случува на Пентакост 33 н. е.?