Прогонителот гледа голема светлина
САВЛЕ вриел од лутина кон Исусовите следбеници. Незадоволен од прогонството што веќе им го одмерил во Ерусалим, вклучувајќи го и каменувањето на Стефан, сега настојувал да ги зголеми репресиите. „Дишејќи уште со застрашувања и убиства против учениците на Господа, [Савле] дојде при првосвештеникот, и измоли од него писма за Дамаск до синагогите, така што, ако таму најде некои што го следат овој пат, мажи и жени, врзани да ги доведе во Ерусалим“ (Дела 9:1, 2).
Додека одел кон Дамаск, Савле сигурно размислувал за тоа како би можел најделотворно да го изврши својот налог. Овластувањето што му го дал првосвештеникот несомнено му обезбедувало соработка од страна на водачите на големата еврејска заедница во тој град. Савле би ја побарал нивната помош.
Неговото возбудување сигурно се зголемило додека се приближувал кон своето одредиште. Патувањето од Ерусалим до Дамаск — седум или осум дена пешачење долго отприлика 220 километри — било заморно. Одеднаш, околу пладне, Савле бил осветлен од светлина појака и од сонцето, и паднал наземи. Чул еден глас кој на хебрејски му рекол: „Савле, Савле, зошто Ме гониш? Тешко е за тебе да се риташ против бодило“. „Кој си ти, Господи?“ — прашал Савле. „Јас сум Исус, Кого Го гониш ти“, гласел одговорот. „Но стани и исправи се на нозете свои; затоа и ти се јавив, да те направам служител и сведок на ова што го виде и што ќе ти откријам, издвојувајќи те од овој народ и од незнабошците, при кои ќе те испратам сега.“ „Што да правам, Господи?“ — прашал Савле. „Стани и оди во Дамаск, и таму ќе ти биде речено сѐ, што ти е наредено да правиш“ (Дела 9:3—6; 22:6—10; 26:13—17).
Оние кои патувале со Савле слушнале глас, но не го виделе оној што зборува ниту, пак, разбрале што рекол тој. Кога Савле станал, поради сјајот на светлината не можел да гледа и морале да го водат за рака. „И беше три дена слеп, и не јаде, и не пи“ (Дела 9:7—9; 22:11).
Три дена медитирање
На Савле му била укажана гостољубивост од Јуда кој живеел на улицата наречена Праваa (Дела 9:11). Оваа улица — на арапски наречена Дарб ал-мустаким — сѐ уште е главна сообраќајна артерија во Дамаск. Замисли си само што сѐ поминало низ мислите на Савле додека бил во домот на Јуда. Искуството го оставило слеп и шокиран. Сега имал време да медитира што можело да значи тоа.
Прогонителот се соочил со она што веќе го имал исфрлено од главата како апсурд. Прикованиот Господ Исус Христос — кој бил осуден од највисокиот еврејски авторитет и ‚презрениот и понизениот од луѓето‘ — е жив. Па, тој дури стоел одобрен на Божјата десна страна во „непристапна светлина“! Исус бил Месијата. Стефан и другите биле во право (Исаија 53:3; Дела 7:56; 1. Тимотеј 6:16). Савле бил во потполна заблуда, зашто Исус се поистоветил токму со оние кои Савле ги прогонувал! Соочен со доказот, како можел ‚да се рита против бодило‘? Па, дури и тврдоглавиот бик го бодат да оди во правецот во кој сака газдата. Значи, ако одбие да соработува со Исусовиот поттик, Савле би се повредил себеси.
Не било можно Исус, како Месија, да биде осуден од Бог. Сепак, Јехова дозволил тој да поднесе најсрамна смрт и да падне под осудата на Законот: „Проклет е од Бога секој што виси на дрво“ (5. Мојсеева 21:23). Исус умрел додека висел на маченичкиот столб. Тој не бил проклет заради сопствените гревови, бидејќи немал ниеден, туку заради грешноста на човештвото. Подоцна Савле објаснил: „А сите оние, што се од делата на Законот, под клетва се. Оти е напишано: ‚Проклет да е секој, кој не исполнува постојано сѐ што е напишано во книгата на Законот!‘ А дека преку Законот никој не се оправдува пред Бога, се знае . . . Христос нѐ искупи од клетвата на Законот, откако поради нас стана клетва, бидејќи е напишано: ‚Секој да е проклет што виси на дрво!‘“ (Галатјаните 3:10—13).
Исусовата жртва имала искупителна вредност. Прифаќајќи ја таа жртва, Јехова фигуративно го приковал Законот и неговата клетва на столб. Откако го сфатил тој факт, маченичкиот столб кој ‚за Јудејците бил соблазан‘ Савле можел да го цени како „Божја премудрост“ (1. Коринтјаните 1:18—25; Колосјаните 2:14). Значи, ако спасението не можело да се добие со делата на законот, туку преку Божјето покажување незаслужена љубезност кон грешниците, каков што бил и самиот Савле, постоела можност тоа да биде отворено и за оние надвор од Законот. А Исус го испратил Савле токму за не-Евреите (Ефесјаните 3:3—7).
Не може да се каже колку од сево ова разбрал Савле во времето на своето преобраќање. Исус, можеби не само еднаш, пак зборувал со него во врска со неговиот налог до нациите. Освен тоа, поминале неколку години пред Савле да го запише сето ова под божествена инспирација (Дела 22:17—21; Галатјаните 1:15—18; 2:1, 2). Меѓутоа, поминале само неколку дена пред Савле да добие понатамошни упатства од својот нов Господ.
Посета од Ананија
Откако му се појавил на Савле, Исус му се појавил и на Ананија, и му рекол: „,Стани и оди во улицата, што се вика Права, и во домот Јудин побарај го човекот тарсанин, по име Савле; ете, тој се моли‘. И во видение го виде човекот, по име Ананија, како влегол и положил раце над него, за да прогледа“ (Дела 9:11, 12).
Со оглед на тоа што Ананија знаел за Савле, разбирливо е што се изненадил од Исусовите зборови. Тој рекол: „Господи, од мнозина сум слушал за тој човек колку зло им правел на светиите Твои во Ерусалим; а тој и овде има власт од првосвештениците да ги врзува сите, што го призовуваат името Твое“. Меѓутоа, Исус му рекол на Ананија: „Оди, оти тој ми е избран сад, за да го изнесе името Мое пред народи и цареви и синовите Израилеви“ (Дела 9:13—15).
Утешен, Ананија отишол на адресата која му ја дал Исус. Откако го нашол Савле и го поздравил, Ананија положил раце на него. „И одеднаш“, вели извештајот, „како лушпи да паднаа од очите [на Савле], и тој прогледа.“ Сега Савле бил подготвен да слуша. Зборовите на Ананија го потврдиле она што Савле веројатно го разбрал од зборовите на Исус: „Бог на нашите татковци те определил да ја познаеш Неговата волја, да Го видиш Праведникот и да чуеш глас од устата Негова, зашто ќе Му бидеш сведок пред сите луѓе за она, што си видел и чул. И сега, што се чека? Стани, крсти се и очисти ги гревовите свои, призовувајќи го името на Господа Исуса“. Каков бил резултатот? Савле ‚станал и се крстил, и јадел и добил сила‘ (Дела 9:17—19; 22:12—16).
По исполнувањето на својот налог, верниот Ананија исчезнува од сцената исто толку брзо колку што и влегува, и веќе ништо не е кажано за него. Но, Савле ги вчудовидел сите кои го слушале! Поранешниот прогонител, кој дошол во Дамаск за да ги апси Исусовите ученици, почнал да проповеда по синагогите и да докажува дека Исус е Христос (Дела 9:20—22).
„Апостол на нациите“
Средбата на патот за Дамаск го стаписала прогонителот Савле. Станувајќи свесен за идентитетот на Месијата, Савле можел да примени на Исус многу концепти и пророштва од Хебрејските списи. Свесноста дека Исус му се појавил и ‚го достигнал‘ и му дал налог како „апостол на нациите“ длабоко го преобразила животот на Савле (Филипјаните 3:12; Римјаните 11:13, NW). Сега како апостол Павле, тој имал предност и авторитет кои требало да го обликуваат не само преостанатиот дел од неговиот живот на Земјата, туку и целокупниот пат на христијанската историја.
Со години подоцна, кога било оспорувано апостолството на Павле, тој го бранел својот авторитет укажувајќи на своето доживување на патот за Дамаск. „Не сум ли јас апостол? . . Не Го видов ли Исуса Христа, нашиот Господ?“ — прашал тој. И откако спомнал дека воскреснатиот Исус им се појавил и на другите, Савле (Павле) рекол: „А по сите, најпосле ми се јави и мене, како на некое недоносче“ (1. Коринтјаните 9:1; 15:8). Изгледало како на Савле — со визијата што ја добил за Исусовата небесна слава — да му била дадена чест предвреме да се роди, т. е. да воскресне за духовен живот.
Савле ја признал својата предност и се напрегал да живее според неа. „Јас сум најмалиот од апостолите и не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи ја гонев Божјата црква“, напишал тој. „[Божјата] благодат, која е во мене, не остана празна, но повеќе се потрудив од [сите други апостоли]“ (1. Коринтјаните 15:9, 10).
Можеби како Савле и ти се сеќаваш дека во времето кога си сфатил дека ја имаш Божјата наклоност, требало да ги преиначиш религиозните гледишта кои си ги застапувал долго време. Несомнено, си му бил многу благодарен на Јехова што ти помогнал да ја разбереш вистината. Кога Савле ја видел светлината и сфатил што се бара од него, не се колебал да постапи така. И продолжил да го прави тоа со голема ревност и решеност во преостанатиот дел од својот живот на Земјата. Каков само прекрасен пример за сите кои ја сакаат Јеховината наклоност денес!
[Фуснота]
a Еден изучувач мисли дека Јуда можеби бил водач на локалната еврејска заедница или сопственик на еден ан за Евреи.
[Слика на страница 27]
Улицата наречена Права во денешен Дамаск
[Извор на слика]
Фотографија од ROLOC Color Slides