Дали ја поддржуваш Јеховината власт?
„Кажувајте меѓу народите: ‚Јехова стана цар!‘“ (ПСАЛМ 96:10).
1, 2. а) Кој значаен настан се случил некаде во октомври 29 год. од н.е.? б) Од какво значење бил тој настан за Исус?
ВО ОКТОМВРИ 29 год. од н.е., на Земјата се случил еден многу значаен настан, нешто што не се случило никогаш порано. Матеј, писател на едно од евангелијата, кажува што било тоа: „Кога се крсти, Исус веднаш се крена од водата. И гледај, небесата се отворија, и Јован [Крстител] виде како Божјиот дух слегува како гулаб и доаѓа на Исус. И гледај, се чу глас од небото кој рече: ‚Ова е мојот сакан Син, кој ми е по волја!‘“ Ова е еден од неколкуте настани кој го спомнуваат сите четворица писатели на евангелијата (Матеј 3:16, 17; Марко 1:9-11; Лука 3:21, 22; Јован 1:32-34).
2 Кога светиот дух бил излеан врз Исус на ваков видлив начин, станало јасно дека тој е Помазаникот, што е превод на зборовите Месија, или Христос (Јован 1:33). Конечно се појавило ветеното ‚потомство‘! Пред Јован Крстител стоел оној кого Сатана требало да го рани во петицата и кој требало да му ја смачка главата на тој главен непријател, кој се противел на Јехова и на неговото владеење (1. Мојсеева 3:15). Оттогаш натаму, Исус многу добро знаел дека мора да даде сѐ од себе за да ја исполни Јеховината намера во врска со Неговото владеење и Царство.
3. Како Исус се подготвил за улогата што требало да ја одигра за да докаже дека Бог навистина има право да биде Владетел над сѐ?
3 За да се подготви за задачата што го чекала, ‚Исус, полн со свет дух, се вратил од Јордан, и духот го водел низ пустината‘ (Лука 4:1; Марко 1:12). Таму цели 40 дена имал време длабоко да размислува за спорното прашање кое го покренал Сатана кога го оспорил Божјето право да владее, како и за улогата што самиот требало да ја одигра за да докаже дека Бог навистина има право да биде Владетел на сѐ. Тоа спорно прашање е од интерес за сите суштества обдарени со разум — и на небото и на Земјата. Затоа е добро да размислиме за верноста на Исус и да видиме што мора да правиме за да покажеме дека и ние сакаме да застанеме на Јеховина страна во овој спор (Јов 1:6-12; 2:2-6).
Сатана отворено го оспорува Божјето право да владее
4. Од која постапка на Сатана станало јасно дека сѐ се врти околу прашањето кој има право да владее?
4 Се разбира, сите овие настани не останале незабележани од Сатана. Без да губи време, тој веднаш го нападнал главниот дел од ‚потомството‘ на Божјата ‚жена‘ (1. Мојсеева 3:15). Сатана го искушал Исус трипати, наведувајќи го да направи работи од кои Исус би имал лична корист и кои не би биле по волјата на неговиот Татко. Особено со третото искушение станало јасно дека, всушност, сѐ се вртело околу прашањето кој има право да владее. Сатана му ги покажал на Исус „сите царства на светот и нивната слава“ и отворено му рекол: „Сето ова ќе ти го дадам ако паднеш и ми се поклониш“. Бидејќи знаел дека Ѓаволот навистина владее со „сите царства на светот“, Исус во својот одговор покажал кој е за него вистинскиот Владетел. Тој рекол: „Бегај, Сатано! Зашто, напишано е: ‚Јехова, својот Бог, обожавај го и само нему служи му!‘“ (Матеј 4:8-10).
5. Која тешка задача требало да ја изврши Исус?
5 Со својот живот, Исус јасно покажал дека најважно нешто за него е да докаже дека Јехова има право да владее. Тој добро знаел дека мора да остане верен сѐ до смртта која ќе му ја нанесе Сатана — пророчки претставена со ранувањето на петицата на ‚потомството‘ на жената — за да докаже дека Бог е Врховниот Владетел (Матеј 16:21; 17:12). Освен тоа, тој морал да сведочи дека Јехова ќе го употреби Божјето Царство за да го совлада бунтовникот Сатана и да го врати редот и мирот во целото творештво (Матеј 6:9, 10). Што сторил Исус за да ја изврши оваа тешка задача?
„Се приближи Божјето Царство“
6. Како Исус покажал дека Бог ќе го употреби Царството за „да ги уништи делата на Ѓаволот“?
6 Во почетокот, ‚Исус отишол во Галилеја за да ја проповеда Божјата добра вест. Тој велел: „Се наврши времето и се приближи Божјето царство“‘ (Марко 1:14, 15). Всушност, тој рекол: „Морам да... ја објавам добрата вест за Божјето царство, бидејќи за тоа сум испратен“ (Лука 4:18-21, 43). Исус ја пропатувал Земјата надолж и нашироко, „проповедајќи и објавувајќи ја добрата вест за Божјето царство“ (Лука 8:1). Правел и многу моќни дела — ги нахранил мноштвата, го смирил опасното невреме, ги лекувал болните и ги воскреснувал мртвите. Со овие чуда Исус докажал дека Бог може да ја поправи секоја штета и да им надомести на луѓето за сите страдања што ги доживеале по бунтот во Еден, и на тој начин „да ги уништи делата на Ѓаволот“ (1. Јованово 3:8).
7. Што ги поучил Исус своите следбеници да прават, и со каков резултат?
7 За да може да им се објави добрата вест за Царството на колку што е можно повеќе луѓе, Исус собрал една група верни следбеници и ги обучил да го прават тоа. Најпрво ги свикал своите 12 апостоли и ‚ги испратил да го проповедаат Божјето царство‘ (Лука 9:1, 2). Потоа испратил 70 други да ја објавуваат пораката: „Божјето царство се приближи до вас!“ (Лука 10:1, 8, 9). Кога овие ученици се вратиле и му кажале на Исус каков успех имале додека проповедале за Царството, тој одговорил: „Го гледав Сатана како падна од небото како молња“ (Лука 10:17, 18).
8. Што покажал јасно Исус со својот живот?
8 Исус воопшто не се штедел и не пропуштил ниту една прилика да посведочи за Царството. Се трудел да проповеда без престан, дење и ноќе, до тој степен што се откажал и од најнормалните физички удобности. Тој рекол: „Лисиците имаат дувла и птиците небесни имаат гнезда, а Синот човечки нема каде глава да потпре“ (Лука 9:58; Марко 6:31; Јован 4:31-34). Кратко пред да умре, Исус смело ја дал пред Понтиј Пилат следнава изјава: „За тоа дојдов на светот, за да сведочам за вистината“ (Јован 18:37). Со целиот свој живот, Исус покажал дека не дошол само да биде голем учител или чудотворец ниту, пак, само да биде Спасител кој ќе се даде себеси како жртва. Напротив, тој покажал дека дошол да ја исполни волјата на Севишниот Господар Јехова и да посведочи дека Бог може да ја изврши таа волја преку Царството (Јован 14:6).
„Довршено е!“
9. Како Сатана конечно успеал да го рани во петицата ‚потомството‘ на Божјата жена?
9 Сето она што го правел Исус во врска со Царството не му се допаѓало на Непријателот, Сатана Ѓаволот. Секогаш одново, преку видливиот дел од своето „потомство“ на Земјата — и политичкиот и религиозниот — Сатана се обидувал да го замолкне ‚потомството‘ на Божјата жена. Откако се родил па сѐ до крајот на својот живот на Земјата, Исус постојано бил главна мета на Сатана и на неговите приврзаници. На крајот, во пролетта 33 год. од н.е., дошло времето Синот човечки да биде предаден во рацете на Непријателот за тој да го рани во петицата (Матеј 20:18, 19; Лука 18:31-33). Евангелијата јасно покажуваат дека Сатана ги искористил луѓето, како Јуда Искариот, главните свештеници, книжниците, фарисеите и Римјаните — за да го осудат Исус и да го убијат на маченички столб (Дела 2:22, 23).
10. Кое било најважното нешто што го постигнал Исус со својата смрт на маченички столб?
10 На што помислуваш кога ќе се сетиш како Исус умирал бавно и во страшни болки на маченичкиот столб? Можеби помислуваш на откупната жртва што Исус несебично ја дал за грешното човештво (Матеј 20:28; Јован 15:13). Можеби се восхитуваш на огромната љубов што ја покажал Јехова со тоа што ја обезбедил таа жртва (Јован 3:16). Можеби се чувствуваш исто како римскиот стотник кој извикал: „Ова навистина беше Божји Син!“ (Матеј 27:54). И во ред е ако помислуваш на овие работи. Но, има уште нешто. Сети се дека последните зборови што Исус ги кажал на маченичкиот столб биле: „Довршено е!“ (Јован 19:30). Што било довршено? Иако Исус постигнал многу работи со својот живот и смрт, зарем главната причина зошто дошол на Земјата не била да го расчисти спорното прашање во врска со правото на владеење? И зарем не било проречено дека ‚потомството‘, односно тој ќе биде ставен на крајно тежок испит од Сатана за да го исчисти Јеховиното име од секаков срам? (Исаија 53:3-7). Иако ова било многу тешка и одговорна задача, Исус ја извршил во потполност. Навистина довршил една огромна работа!
11. Што ќе стори Исус за да го исполни во потполност пророштвото дадено во градината Еден?
11 Поради тоа што останал верен и лојален, Исус бил воскреснат, но не како човек, туку како „дух кој дава живот“ (1. Коринќаните 15:45; 1. Петрово 3:18). На својот прославен Син, Јехова му рекол: „Седи од мојата десна страна додека не ги положам твоите непријатели за подножје на твоите нозе!“ (Псалм 110:1). Во овие „непријатели“ спаѓаат главниот виновник, Сатана, и сите оние што го сочинуваат неговото „потомство“. Како Цар на Јеховиното месијанско Царство, Исус Христос ќе предводи во уништувањето на сите бунтовници, и на небото и на Земјата (Откровение 12:7-9; 19:11-16; 20:1-3, 10). Тогаш во потполност ќе се исполни пророштвото од 1. Мојсеева 3:15, како и молитвата што Исус им ја кажал на своите следбеници: „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“ (Матеј 6:10; Филипјаните 2:8-11).
Пример што треба да го следиме
12, 13. а) Како реагираат луѓето на добрата вест за Царството денес? б) Што треба да се прашаме ако сакаме да одиме по Христовите стапки?
12 Денес добрата вест за Царството се проповеда во многу земји, исто како што прорекол Исус (Матеј 24:14). Како резултат на тоа, милиони луѓе му ветуваат на Бог дека ќе му служат. Тие со нетрпение ги очекуваат благословите што ќе ги донесе Царството. Со радост чекаат да живеат засекогаш во мир и сигурност во Рајот на Земјата, и радосно им кажуваат на другите за својата надеж (Псалм 37:11; 2. Петрово 3:13). Дали си и ти еден од овие објавители на Царството? Ако си, заслужуваш пофалба. Но, има уште една работа за која треба да размисли секој од нас.
13 Апостол Петар напишал: „Христос страдаше за вас и ви даде пример во сѐ да одите по неговите стапки“ (1. Петрово 2:21). Забележи дека во овој стих Петар не ја спомнува ревноста со која проповедал Исус ниту, пак, тоа дека бил добар учител. Напротив, тој спомнува дека Исус страдал. Како очевидец, Петар знаел до кој степен Исус бил спремен да страда за да ја поддржи Божјата власт и да докаже дека Сатана навистина е лажливец. Тогаш, како можеме ние да одиме по стапките на Исус? Мора да се прашаме: ‚До кој степен сум спремен јас да страдам за да останам на Јеховината страна и да ја поддржам неговата власт? Дали со својот живот и со начинот на кој ја извршувам службата покажувам дека за мене е најважно да докажам дека Јехова има неприкосновено право да владее?‘ (Колошаните 3:17).
14, 15. а) Како реагирал Исус на погрешните предлози и понуди, и зошто? б) Кое спорно прашање не треба никогаш да го заборавиме? (Вклучи коментари и за рамката „Остани на Јеховината страна“.)
14 Секој ден се соочуваме со искушенија и одлуки, големи и мали. Што треба да биде пресудно врз тоа како ќе реагираме? На пример, како ќе реагираме кога сме директно искушани да направиме нешто со што ќе ја доведеме во опасност нашата положба како христијани? Како реагирал Исус кога Петар му рекол да биде милостив кон себе? „Бегај од мене, Сатано!“, извикал. „Твоите мисли не се Божји, туку човечки“ (Матеј 16:21-23). Дали реагираме како Исус кога можеби ни се дава можност да се збогатиме или да напредуваме во кариерата, но на сметка на духовните активности? Кога сфатил дека оние што ги виделе неговите чуда сакаат „да го фатат и да го направат цар“, Исус брзо се повлекол откај нив (Јован 6:15).
15 Зошто Исус реагирал толку решително во овие и во други ситуации? Затоа што му било многу јасно дека не се во прашање само неговата лична безбедност или корист. Тој сакал по секоја цена да ја изврши волјата на својот Татко и да докаже дека Јехова има право да владее (Матеј 26:50-54). Според тоа, ако не сме во секој момент на чисто кое е клучното спорно прашање, како што бил Исус, тогаш сме во опасност да попуштиме или да не го направиме она што е исправно. Зошто? Затоа што лесно можеме да станеме жртви на сплетките на Сатана, кој е мајстор да направи лошото да изгледа привлечно, како што направил кога ја искушал Ева (2. Коринќаните 11:14; 1. Тимотеј 2:14).
16. Која треба да биде нашата крајна цел кога им помагаме на другите?
16 Во службата, и понатаму ќе разговараме со луѓето за нивните грижи и ќе им го покажуваме решението што го нуди Библијата. На тој начин успешно можеме да ги заинтересираме да ја проучуваат Библијата. Сепак, нашата крајна цел не е само да им помогнеме да дознаат што вели Библијата или кои благослови ќе ги донесе Божјето Царство. Мораме да им помогнеме да сфатат кое е најважното спорно прашање. Дали се спремни да станат вистински христијани и да го земат својот „маченички столб“ и да страдаат за Царството? (Марко 8:34). Дали ќе бидат спремни да им се придружат на оние што сметаат дека Јехова има неприкосновено право да владее, и со тоа да докажат дека Сатана е лажливец и клеветник? (Изреки 27:11). За нас е навистина чест да си помогнеме себеси и на другите да го сторат тоа (1. Тимотеј 4:16).
Кога Бог ќе им стане „сѐ на сите“
17, 18. Каква величествена иднина нѐ очекува ако покажуваме дека сме на Јеховината страна во спорното прашање?
17 Додека уште сега даваме сѐ од себе за да покажеме со нашето однесување и со нашата служба дека сме на Јеховината страна во спорното прашање, со радост го очекуваме времето кога Исус Христос „ќе му го предаде царството на својот Бог и Татко“. Кога ќе го стори тоа? Апостол Павле објаснува: „Откако ќе ги уништи секоја влада и секоја власт и сила... Зашто, тој треба да владее сѐ додека Бог не ги положи сите непријатели под неговите нозе... Тогаш и самиот Син ќе му се подложи на оној што му подложил сѐ, за Бог да им биде сѐ на сите“ (1. Коринќаните 15:24, 25, 28).
18 Бог ќе им стане „сѐ на сите“! Овие зборови покажуваат дека навистина нѐ очекува величествена иднина! Царството ќе ја постигне својата цел. Сите што му се противат на Јехова како Владетел ќе бидат уништени. Во целата вселена повторно ќе завладеат ред и мир. Целото создание ќе ги пее зборовите на псалмистот: „Оддајте му ја на Јехова славата што е достојна на неговото име... Кажувајте меѓу народите: ‚Јехова стана цар!‘“ (Псалм 96:8, 10).
Можеш ли да одговориш?
• Како покажал Исус дека за него е најважно да биде на Јеховината страна во спорното прашање?
• Која била најважната работа што ја постигнал Исус со својата служба и со својата смрт?
• Како можеме да го следиме примерот на Исус, и со тоа да покажеме дека сме на Јеховината страна во спорното прашање?
[Рамка/слики на страница 29]
ОСТАНИ НА ЈЕХОВИНАТА СТРАНА!
Како што им е познато на многу браќа во Кореја и на други места, кога христијаните директно се соочуваат со тешки искушенија, многу им помага тоа што јасно разбираат зошто се во такви искушенија.
„Многу ни помогна да издржиме тоа што јасно го разбиравме спорното прашање кое било покренато во градината Еден, односно прашањето дали Бог има право да владее“, рекол еден Јеховин сведок, кој бил затворен за време на режимот во поранешниот Советски Сојуз. „Знаевме дека имаме можност да застанеме на Јеховината страна... Ова ни даде сила и ни помогна да останеме верни.“
Еден друг Сведок објаснил што им помогнало нему и на другите Сведоци во еден работнички логор. Тој рекол: „Јехова ни помагаше. И покрај тешките услови, духовно бевме будни. Секогаш се храбревме еден со друг, потсетувајќи се меѓусебно дека сме на Јеховината страна во спорното прашање за тоа кој има неприкосновено право да владее во вселената“.
[Слика на страница 26]
Како останал Исус на Јеховината страна во спорното прашање кога бил искушан од Сатана?
[Слика на страница 28]
Што постигнал Исус со својата смрт?