”Господовиот ден“
”ПОД ИНСПИРАЦИЈА се најдов во Господовиот ден“ (Откровение 1:10, NW). Така рекол остарениот апостол Јован, опишувајќи го горново во првото поглавје од библиската книга Откровение. Неговите зборови ни помагаат да го одредиме времето на исполнувањето на величествената визија којашто тој сака да ја опише.
Меѓутоа, сите не се согласуваат со ваквиот превод на Откровение 1:10. На пример, германскиот преведувач Јорг Цинк го преведува: ”Бев исполнет со свет дух — тоа беше в недела“. Сепак, повеќето библиски преводи го преведуваат грчкиот израз теи кириаке́и хемера́и како ”Господов ден“. Но, во фуснотата повеќето тврдат дека тоа се однесува на недела. Дали тоа е исправно?
Германскиот Herders Bibelkommentar, католичко дело со објаснувања, го објаснува заклучокот кој стои зад ова размислување кога пишува: ”Со објаснението коешто е дадено тука [во Откровение 1:10] не се мисли на Денот на последниот суд, кој е наречен и ”Ден на Господ“, туку на посебен ден од седмицата. Веќе кон средината на првиот век, првите христијани го славеле првиот ден од седмицата како ден на својата главна богослужба (Дела на апостолите 20:7; 1. Кор. 16:2). Меѓутоа, двата стиха цитирани во тоа дело со објаснувања на никаков начин не докажуваат дека христијаните од првиот век го сметале првиот ден од седмицата за ”ден на својата главна богослужба“.
Првиот стих, Дела на апостолите 20:7, само забележува дека Павле, неговите придружници на патувањата и христијаните од Троа биле собрани на првиот ден од седмицата на ручек. Бидејќи наредниот ден требало да ги напушти и не би го виделе повторно за извесно време, Павле искористил можност во таа прилика да им зборува поопширно.
Вториот стих, 1. Коринтјаните 16:2, ги охрабрува христијаните од Коринт да штедат пари ”секој прв ден од седмицата“ за да имаат нешто да им помогнат на оние во Јудеја на коишто им требала помош. Научникот Адолф Дајсман укажува дека тој ден бил веројатно ден на исплата. Како и да е, Павловиот совет бил практичен, зашто парите можеле да се потрошат во текот на седмицата.
Никаде во Библијата не се вели дека христијаните во времето на апостолите, првиот ден од седмицата, сега наречен недела, го сметале за некој вид христијански сабат, ден посветен исклучиво за редовните состаноци за обожавање. Дури по смртта на апостолите неделата започнала да се третира на ваков начин и била наречена ”Господов ден“. Тоа било резултат на отпадот којшто Исус и апостолите порано го прорекле (Матеј 13:36-43; Дела на апостолите 20:29, 30; 1. Јованово 2:18).
Што е тогаш ”Господовиот ден“? Контекстот од Откровение 1:10 укажува на Исус како на Господ чијшто ден е тоа. Изразите како ”ден на нашиот Господ Исус Христос“, Божјата Реч ги идентификува како време на суд над човештвото и обнова на рајот (1. Коринтјаните 1:8; 15:24-26; Филипјаните 1:6, 10; 2:16).
Затоа, Ханс Брунс во својот превод со коментар, Das Neue Testament (Новиот Завет) е во право кога вели: ”Некои мислат дека тој [Јован] овде говори за неделата, но многу поверојатно е дека мислел на големиот Ден на Господ, на кого се однесуваат сите понатамошни описи“. В. Е. Вајн вели: ”’Денот на Господ‘ (. . .) е Денот на Неговата објавена пресуда над светот“. Лексиконот на Библијата (Lexikon zur Bibel) од Фриц Ринекер вели дека ”Господовиот ден“ јасно се однесува на ”судниот ден“.
Исправното разбирање на изразот ”Господов ден“ ни помага да ја разбереме целата книга Откровение. Освен тоа, очигледно е дека тој ден веќе започнал. Колку важно е тогаш да ги ’слушаме зборовите на пророштвото од Откровение и да го држиме она што е запишано во него‘ (Откровение 1:3, 9, NW).
[Слика на страница 27]
Јасно и посовремено објаснување на секој стих од книгата Откровение е претставено во ”Откривење — Близу је величествени врхунац!“ Оваа одушевувачка помош за студирање на Библијата може да се добие од Јеховините сведоци