Аполос — речит објавител на христијанската вистина
СЕЕДНО дали се членови на христијанското собрание многу години или, пак, само неколку години, сите објавители на Царството треба да се интересираат да напредуваат како проповедници на добрата вест. Тоа подразбира да го зголемуваме своето спознание за Божјата Реч и нашата способност да ги поучуваме другите за неа. За некои, тоа може да значи да се соочуваат со предизвици, да надминуваат тешкотии или да се ставаат на располагање за зголемена активност.
Библијата содржи повеќе примери за оддадени мажи и жени од старо време кои, на различни начини, успеале да постигнат голем духовен напредок и да пожнеат награди за своите напори. Еден од нив бил Аполос. Кога Писмото ни го претставува, тој е поединец со непотполно разбирање на христијанските учења; меѓутоа, само неколку години подоцна, тој дејствува како патувачки претставник на собранието од првиот век. Што му овозможило да постигне таков напредок? Поседувал особини што сите ние би било добро да ги имитираме.
‚Добро упатен во Писмото‘
Околу 52 година н. е., според библискиот писател Лука, ‚во Ефес дошол некој си Јудеец, по име Аполос, родум од Александрија, човек красноречив и силен [добро упатен, НС] во Писмата. Тој бил упатен во патот Господов и, распален во духот, зборувал и поучувал правилно за Господа, иако знаел само за Јовановото крштавање. Тој почнал да зборува смело во синагогата‘ (Дела 18:24—26).
Александрија (Египет) била вториот најголем град на светот после Рим и еден од најважните културни центри во тоа време, како за Евреите така и за Грците. Своето здраво спознание за Хебрејските списи и извесна речитост Аполос веројатно ги стекнал како резултат на образованието во големата еврејска заедница во тој град. Потешко е да се нагаѓа каде Аполос дознал за Исус. „Тој очигледно бил патник, можеби патувачки трговец“ — укажува научникот Ф. Ф. Брус — „и можеби сретнал христијански проповедници во некои извесни места што ги посетил.“ Како и да е, иако зборувал и поучувал со точност во врска со Исус, се чини дека му било сведочено пред Пентакост 33 година н. е., бидејќи ‚знаел само за Јовановото крштавање‘.
Како претходник на Исус, Јован Крстител ѝ дал силно сведоштво на целата еврејска нација, а мнозина биле крстени од неговите раце како симбол на покајание (Марко 1:5; Лука 3:15, 16). Според извесен број историчари, кај многу луѓе од еврејското население во Римското Царство, спознанието за Исус било ограничено на она што било проповедано на бреговите на Јордан. „Нивното христијанство било на истата точка на која се наоѓало тоа на почетокот од службата на нашиот Господ“ — велат В. Џ. Конибер и Џ. С. Хаусон. „Тие не го знаеле полното значење на Христовата смрт; веројатно дури и не знаеле за фактот за Неговото воскресение.“ Се чини дека Аполос исто така не знаел за изливањето на светиот дух на Пентакост 33 година н. е. Меѓутоа, имал добиено некои точни информации за Исус и не ги чувал само за себеси. Всушност, тој смело барал прилики да зборува за она што го знаел. Меѓутоа, неговата ревност и одушевеност сѐ уште не биле според точното спознание.
Ревносен, но понизен
Лукиниот извештај продолжува: „Кога го чуја Акила и Прискила, го прибраа и му го објаснија патот Господов поточно“ (Дела 18:26). Акила и Прискила сигурно препознале дека верата на Аполос има многу заеднички нешта со нивната, но на мудар начин не се обиделе јавно да го исправат неговото непотполно разбирање. Веројатно можеме да си замислиме дека имале неколку лични разговори со Аполос, со цел да му помогнат. Како реагирал Аполос, човек „силен во Писмото“? (Дела 18:24). Најверојатно, Аполос некое време јавно ја проповедал својата непотполна порака пред да ги сретне Акила и Прискила. Едно горделиво лице сосема лесно би можело да одбие да прифати каква и да е исправка, но Аполос бил понизен и благодарен што бил во можност да го комплетира своето спознание.
Истиот непретенциозен став на Аполос е очигледен и во неговата спремност да прифати едно писмо со препорака од ефеските браќа до собранието во Коринт. Извештајот продолжува: „А кога тој сакаше да замине за Ахаја, браќата се обрнаа со писмо до тамошните ученици, за да го примат [љубезно, НС]“ (Дела 18:27; 19:1). Аполос не барал да биде примен по свои лични заслуги, туку скромно ја следел подготовката на христијанското собрание.
Во Коринт
Првичните резултати од Аполосовата служба во Коринт биле извонредни. Книгата Дела известува: „И тој, кога стигна таму, многу им помогна на верниците преку благодатта [преку Божјата незаслужена љубезност, НС], бидејќи силно ги изобличуваше Јудејците пред целиот народ, докажувајќи преку Писмата дека Исус е Христос“ (Дела 18:27, 28).
Аполос се ставил во служба на собранието, охрабрувајќи ги браќата преку својата подготовка и ревност. Кој бил клучот за неговиот успех? Аполос сигурно имал природна способност и бил храбар во водењето јавна дебата со Евреите. Но, што е уште поважно, тој расудувал користејќи го Писмото.
И покрај тоа што Аполос имал силно влијание меѓу коринтјаните, неговото проповедање, за жал, неочекувано имало негативни ефекти. Како тоа? И Павле и Аполос сториле многу во садењето и полевањето на семето на вистината за Царството во Коринт. Павле имал проповедано таму околу 50-тата година н. е., околу две години пред пристигнувањето на Аполос. До времето кога Павле го напишал своето прво писмо до коринтјаните, околу 55 година н. е., настанале фракции. Некои го сметале Аполос за свој водач, додека други ги фаворизирале Павле или Петар, или, пак, се држеле само за Христа (1. Коринтјаните 1:10—12). Некои велеле: „Јас сум Аполосов“. Зошто?
Пораката што ја проповедале Павле и Аполос била истата, но тие имале различни личности. Како што и самиот признал, Павле бил „прост во проповедта [невешт во говорот, НС]“; Аполос, од друга страна, бил „красноречив [речит, НС]“ (2. Коринтјаните 10:10; 11:6). Тој имал способности кои му овозможиле да наиде на слух меѓу некои од еврејската заедница во Коринт. Успеал ‚силно да ги изобличи Јудејците [дека не се во право, НС]‘ додека Павле, кратко пред тоа, ја напуштил синагогата (Дела 18:1, 4—6).
Дали ова можело да биде причината некои да се приклонат кон Аполос? Извесен број коментатори теоретизираат дека вродената страст за филозофски дискусии меѓу Грците можеби навела некои да го фаворизираат попоттикнувачкиот пристап на Аполос. Џузепе Ричоти укажува дека „[Аполосовиот] колоричен јазик и неговите возвишени алегории го придобиле восхитувањето на мнозина кои повеќе го сакале него отколку Павле, кој бил непретенциозен и нерафиниран говорник“. Всушност, ако извесни лица неисправно допуштиле таквите лични склоности да создадат поделби меѓу браќата, лесно е да се разбере зошто Павле остро го критикувал возвишувањето на „мудроста на мудрите“ (1. Коринтјаните 1:17—25).
Меѓутоа, таквото критикување не укажува на неслагање меѓу Павле и Аполос. Иако некои нестварно си замислувале дека овие двајца проповедници биле горки противници кои се бореле за да ја придобијат приврзаноста на коринтјаните, Писмото не кажува такво нешто. Далеку од тоа да се обидува да се воздигнува како водач на некаква фракција, Аполос го напуштил Коринт, се вратил во Ефес и бил со Павле кога тој го пишувал првото писмо до поделеното собрание.
Помеѓу нив немало неединство или ривалство; напротив, двајцата очигледно соработувале за да ги решат проблемите во Коринт со взаемна доверба. Можеби Павле имал сомневања во врска со некои во Коринт, но секако не и во врска со Аполос. Работата на двајцата мажи била во потполна хармонија; нивните учења се надополнувале. Да ги цитираме Павловите сопствени зборови: „Јас посадив, Аполос поли“, бидејќи обајцата биле „соработници на Бога“ (1. Коринтјаните 3:6, 9, 21—23).
Како Павле, коринтјаните високо го ценеле и Аполос, посакувајќи да добијат уште една посета од него. Но, кога Павле го повикал Аполос да се врати во Коринт, александриецот одбил. Павле вели: „А што се однесува до братот Аполос, многу го молев да дојде при вас . . . но, навистина, не сакаше сега да дојде, а ќе дојде, кога ќе му биде згодно“ (1. Коринтјаните 16:12). Можеби Аполос не бил спремен да се врати поради страв да не поттикне натамошна поделба, или едноставно поради тоа што бил зафатен на некое друго место.
Последниот пат кога Аполос е споменат во Писмото, тој патувал кон Крит и можеби уште понатаму. Павле повторно покажува особена почит спрема својот пријател и соработник, молејќи го Тит да ги обезбеди Аполос и неговиот сопатник, Зина, со сѐ што можеби им било потребно за нивното патување (Тит 3:13). До ова време, по околу десет години христијанска обука, Аполос доволно напредувал за да дејствува како патувачки претставник на собранието.
Божествени особини кои овозможуваат духовен раст
Александрискиот проповедник дал убав пример за сите современи објавители на добрата вест и, всушност, за сите оние кои посакуваат да напредуваат духовно. Можеби ние не сме толку речити како што бил тој, но секако можеме да се стремиме кон тоа да се угледаме на неговото спознание и способноста во користењето на Писмото, и на тој начин да им помогнеме на искрените трагачи по вистината. Со својот пример на ревносна активност, Аполос ‚многу им помогнал на верниците‘ (Дела 18:27). Аполос бил понизен, самопожртвуван и спремен да служи на другите. Тој добро разбирал дека нема место за ривалство или амбиција во христијанското собрание, бидејќи сите ние сме „соработници на Бога“ (1. Коринтјаните 3:4—9; Лука 17:10).
Како Аполос, и ние можеме духовно да напредуваме. Дали сме спремни да ја подобриме или да ја прошириме нашата света служба, ставајќи се во положба да бидеме употребени попотполно од Јехова и од неговата организација? Во тој случај, ќе бидеме ревносни проучувачи и објавители на христијанската вистина.