Да им помагаме на луѓето да се приближат кон Јехова
„Никој не доаѓа при Отецот, освен преку Мене“ (ЈОВАН 14:6).
1. Која заповед им ја дал воскреснатиот Исус на своите ученици, и каков е резултатот од тоа што Јеховините сведоци се послушни на неа?
ИСУС ХРИСТОС им заповедал на своите следбеници да ‚ги научат [прават ученици од, NW] сите народи, крштавајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух‘ (Матеј 28:19). Последниве десет години Јеховините сведоци им помогнале на над три милиони луѓе да дојдат кај Бог, и со текот на времето ги крстиле во симбол на нивното предание на него за да ја вршат неговата волја. Колку само сме среќни што можеме да им помогнеме да се приближат кон Бог! (Јаков 4:8).
2. Што се случува и покрај тоа што се крштаваат многу нови лица?
2 Меѓутоа, во некои земји каде што беа крстени многу нови ученици, нема паралелен пораст на бројот на објавители на Царството. Секако, треба да се земат предвид оние кои умреле; годишната стапка на смртност изнесува околу 1 процент. Сепак, во последниве неколку години, од некоја причина приличен број лица отпаднале. Зошто? Оваа и следната статија ќе испитаат како луѓето се привлечени кон Јехова и кои се можните причини поради кои некои отпаѓаат.
Целта на нашето проповедање
3. а) Како налогот што им бил доверен на Исусовите ученици се совпаѓа со налогот на ангелот спомнат во Откровение 14:6? б) Што се покажало како делотворен начин за побудување интерес кај луѓето за пораката за Царството, но каков проблем постои?
3 Во ова ‚време на крајот‘, Исусовите ученици имаат налог да го шират „вистинското спознание“ во врска со „оваа добра вест за Царството“ (Даниил 12:4; Матеј 24:14, обата NW). Нивниот налог се совпаѓа со налогот на ангелот кој ‚имал вечно Евангелие [добра вест, NW], за да им благовести на жителите земни, на секое племе и колено, јазик и народ‘ (Откровение 14:6). Во овој свет кој е толку преокупиран со секојдневни работи, обично најделотворниот начин за да се заинтересираат луѓето за Божјето Царство и да им се помогне да се приближат кон Јехова е да им се каже за надежта за вечен живот на рајска Земја. Иако ова е разбирливо, сепак оние кои се поврзале со Божјиот народ само за да добијат влез во рајот, не ги зацврстиле своите нозе на тесниот пат кој води во живот (Матеј 7:13, 14).
4. Според Исус и ангелот кој лета по средината на небото, која е целта на нашето проповедничко дело?
4 Исус рекол: „А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа“ (Јован 17:3). Ангелот кој лета по средината на небото објавува „вечна добра вест“ (NW) и на оние кои живеат на Земјата им кажува: „Бојте се од Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној, Кој го создал небото и земјата, морето и водните извори!“ (Откровение 14:7). Значи, крајната цел на нашето проповедање на добрата вест е да им помогнеме на луѓето да се приближат кон Јехова преку Христос Исус.
Нашата улога во Јеховиното дело
5. Кои изјави на Павле и на Исус покажуваат дека ние вршиме Јеховино дело, а не наше?
5 Пишувајќи им на помазаните сохристијани, апостол Павле зборува за „служба на помирување“ (NW) и вели дека Бог ќе ги помири луѓето со себе на темел на откупната жртва на Исус Христос. Павле вели дека тоа е исто ‚како Бог да зборува преку нив‘ и дека ‚во името на Христа молат: помирете се со Бога!‘. Каква мисла која го радува срцето! Без разлика дали сме помазани „амбасадори место Христос“ (NW) или пратеници со земна надеж, никогаш не треба да заборавиме дека ова е Јеховино дело а не наше (2. Коринтјаните 5:18—20). Всушност, Бог е тој кој ги привлекува луѓето и ги поучува оние кои доаѓаат кај Христос. Исус рекол: „Никој не може да дојде при Мене, ако не го привлече Отецот, Кој Ме прати; и Јас ќе го воскреснам во последниот ден. Кај Пророците е напишано: ‚И ќе бидат сите од Бога [Јехова, NW] научени.‘ Секој што чул од Отецот и се научил, доаѓа при Мене“ (Јован 6:44, 45).
6. Како Јехова ги потресува нациите на еден подготвителен начин, и кој истовремено наоѓа сигурност во неговиот „дом“ на обожавање?
6 Како Јехова ги привлекува луѓето и им ја отвора „вратата на верата“ во овие последни денови? (Дела 14:27, фуснота NW; 2. Тимотеј 3:1). Клучен начин е со тоа што неговите Сведоци ја објавуваат неговата порака за спасение и пораката за суд против овој злобен систем на ствари (Исаија 43:12; 61:1, 2). Оваа објава ширум светот предизвикува потрес кај нациите — предзнак за претстојната пресуда, уништувањето. Истовремено, луѓето кои се „скапоцени“ во Божји очи се извлекувани од овој систем и наоѓаат сигурност во неговиот „дом“ на вистинско обожавање. На тој начин Јехова ги исполнува своите пророчки зборови кои ги запишал Агеј: „Ќе ги потресам сите нации, и мораат да влезат пожелните работи од сите нации; и овој дом ќе го наполнам со слава“ (Агеј 2:6, 7, фуснота NW; Откровение 7:9, 15).
7. Како Јехова ги отвора срцата на луѓето и ги привлекува поединците кон себе и кон својот Син?
7 Јехова ги отвора срцата на овие богобојазливи лица — „најквалитетните работи од сите нации“ — за да можат да ‚внимаваат на она што го зборуваат‘ неговите Сведоци (Агеј 2:7, Jewish Publication Society; Дела 16:14). Како и во првиот век, Јехова понекогаш ги користи ангелите за да ги насочи своите Сведоци кон искрените луѓе кои го повикуваат за помош (Дела 8:26—31). Додека поединци учат за прекрасните подготовки што Бог ги направил за нив преку својот Син, Исус Христос, тие се привлечени кон Јехова од неговата љубов (1. Јованово 4:9, 10). Да, Бог ги привлекува луѓето кон себе и кон својот Син преку Својата „срдечна љубезност“ или „лојална љубов“ (Јеремија 31:3, фуснота NW).
Кого го привлекува Јехова?
8. Какви луѓе привлекува Јехова?
8 Јехова ги привлекува кон себе и кон својот Син оние кои Го бараат (Дела 17:27). Ова ги вклучува луѓето кои „жалат, кои воздивнуваат за гадотиите, што се вршат“ во христијанскиот свет и, всушност, низ целиот свет (Језекиил 9:4). Тие се „свесни за своите духовни потреби“ (Матеј 5:3, NW). Навистина, тие се ‚кротките [„понизните“, фуснота] на земјата‘ кои ќе живеат на рајската Земја засекогаш (Софонија 2:3, NW).
9. Како може Јехова да види дали луѓето се ‚исправно настроени за вечен живот‘, и на кој начин ги привлекува?
9 Јехова може да го чита срцето. Цар Давид на својот син Соломон му рекол: „Господ ги испитува сите срца и ги знае сите движења на мислите. Ако Го бараш, ќе го најдеш“ (1. Летописи 28:9). На темел на состојбата на срцето и духот, или доминантниот став на поединецот, Јехова може да види дали постои веројатност тој или таа да се одѕвие на божествените подготовки за простување на гревовите и на надежта за вечен живот во Божјиот праведен нов систем (2. Петрово 3:13). Преку неговата Реч за која проповедаат и поучуваат неговите Сведоци, Јехова ги привлекува кон себе и кон својот Син ‚сите, кои се определени [исправно настроени, NW] за живот вечен‘ (Дела 13:48).
10. Што покажува дека тоа што Јехова привлекува некои, а други не, не значи предодреденост?
10 Дали тоа што Јехова привлекува некои, а други не, вклучува некаков облик на предодреденост? Апсолутно не! Дали Бог ќе ги привлече луѓето зависи од нивните сопствени тежнеења. Тој ја почитува нивната слободна волја. На денешните жители на Земјата Јехова им го поставува истиот избор што им го имал поставено на Израелците пред повеќе од 3.000 години, кога Мојсеј рекол: „Ете, јас денес ти предложив живот и добро, смрт и зло . . . Ви сведочам денес со небото и со земјата: живот и смрт ти предложив јас, благослов и проклетство. Избери го животот, за да живееш ти и потомството твое: да Го сакаш Господа [Јехова, NW], твојот Бог, да го слушаш гласот Негов и да се приврзеш кон Него, зашто тоа е твојот живот и долгоденствие“ (5. Мојсеева 30:15—20).
11. На кој начин требало Израелците да изберат живот?
11 Забележи дека Израелците требало да изберат живот ‚така што ќе го сакаат Јехова, ќе го слушаат неговиот глас и ќе се приврзат кон него‘. Во времето кога биле изговорени тие зборови, Израелците сѐ уште ја немале преземено Ветената земја. Тие стоеле спремни на моавските низини, подготвувајќи се да ја преминат реката Јордан и да влезат во Ханан. Иако било природно да ги свртат мислите кон ‚добрата и пространа‘ земја „каде што тече мед и млеко“ која наскоро требало да ја добијат, остварувањето на нивните соништа зависело од нивната љубов кон Јехова, од тоа дали ќе го слушаат неговиот глас и дали ќе се приврзат кон него (2. Мојсеева 3:8). Мојсеј го разјаснил ова со зборовите: „Ако ги слушаш заповедите на Господа [Јехова, NW], твојот Бог, што денес ти ги давам, — да Го сакаш Господа, твојот Бог, да одиш по сите патишта Негови и да ги извршуваш заповедите и законите Негови, — тогаш ќе живееш и ќе се намножиш, и Господ [Јехова, NW], твојот Бог, ќе те благослови во земјата, во која одиш, за да ја наследиш“ (5. Мојсеева 30:16).
12. Што треба да научиме за нашето дело на проповедање и поучување од примерот на Израелците?
12 Зарем од штотуку спомнатово не учиме нешто за нашето дело на проповедање и поучување во ова време на крајот? Ние размислуваме за претстојната рајска Земја и зборуваме за неа во службата. Но, ниту ние ниту учениците кои ги правиме, ќе го доживееме исполнувањето на тоа ветување доколку ние или тие му служиме на Бог од себични причини. Слично на Израелците, ние и оние кои ги поучуваме, мораме да научиме да ‚го сакаме Јехова, да го слушаме неговиот глас и да се приврземе кон него‘. Доколку го имаме ова на ум додека ја извршуваме нашата служба, ние, всушност, ќе соработуваме со Бог во привлекувањето на луѓето кон него.
Божји соработници
13, 14. а) Според 1. Коринтјаните 3:5—9, како можеме да станеме Божји соработници? б) Кому мора да му се оддаде чест за каков и да е пораст, и зошто?
13 Павле ја илустрирал соработката со Бог на тој начин што се осврнал на обработувањето на една нива. Тој напишал: „Кој е, пак, Павле, а кој Аполос? Не се ли тие слуги, преку кои вие поверувавте, и тоа според она, колку кому Господ му дал? Јас посадив, Аполос поли, но Бог направи да израсте. Затоа, ниту оној, кој сади, е нешто, ниту, пак, оној, што полива, а сѐ е Бог, Кој прави да израсте. Кој сади и кој полива се еднакви; но секој ќе ја добие својата награда според својот труд. Ние сме Му соработници на Бога, а вие сте Божја нива“ (1. Коринтјаните 3:5—9).
14 Како Божји соработници, мораме верно да го садиме „словото за царството“ во срцата на луѓето, а потоа да го залеваме секој покажан интерес преку добро подготвени повторни посети и библиски студии. Доколку почвата, срцето, е добра, Јехова ќе го стори својот дел така што ќе предизвика семето на библиската вистина да израсне во едно плодно растение (Матеј 13:19, 23). Тој ќе го привлече лицето кон себе и кон својот Син. Значи, на крајот на краиштата, секој пораст во бројот на објавители на Царството се должи на Јеховиното дејствување во срцата на луѓето, така што предизвикува семето на вистината да израсне и ги привлекува таквите лица кон себе и кон својот Син.
Градежно дело кое ќе остане
15. Која илустрација ја употребил Павле за да покаже како им помагаме на другите да развијат вера?
15 Иако се радуваме на порастот, сепак, искрено сакаме да видиме како луѓето и понатаму го сакаат Јехова, го слушаат неговиот глас и се приврзани кон него. Жал ни е кога гледаме како некои се ладат и отпаѓаат. Можеме ли да сториме нешто за да го спречиме тоа? Во една друга илустрација, Павле покажува како можеме да им помогнеме на другите да развијат вера. Тој пишува: „Никој не може да постави друга основа [темел, NW], освен положената, која е Исус Христос. Ако некој ѕида врз таа основа [темел, NW] со злато, сребро, драгоцени камења, дрва, сено или слама, делото на секого ќе стане јавно; судниот ден ќе го покаже; зашто преку оган ќе се открие, и огнот ќе испита, какво е делото на секого“ (1. Коринтјаните 3:11—13).
16. а) Како двете илустрации кои ги употребил Павле се разликуваат во однос на целта? б) Како би можело нашето градежно дело да испадне незадоволително и да не биде огноотпорно?
16 Во Павловата илустрација за нивата, растот зависи од совесното садење, редовното залевање и од Божјиот благослов. Другата илустрација на апостолот ја истакнува одговорноста на христијанскиот министер за тоа што ќе стане од неговото градежно дело. Дали градел на сигурен темел со квалитетен материјал? Павле предупредува: „Секој нека пази како ѕида“ (1. Коринтјаните 3:10). Откако сме побудиле интерес кај лицето со тоа што сме му кажале за надежта за вечен живот во рајот, дали нашето учење го сосредоточуваме само на основните работи од библиското спознание и потоа ставаме нагласок главно на она што мора да се стори за да се добие вечен живот? Дали можеби нашето учење се состои само од ова: ‚Ако сакаш да живееш засекогаш во рајот, тогаш мораш да проучуваш, да одиш на состаноци и да учествуваш во делото на проповедање‘? Ако да, тогаш не ја изградуваме верата на тоа лице на цврст темел, и она што го градиме можеби нема да одолее на огнените искушенија ниту, пак, да го издржи испитот на времето. Обидот да ги привлечеме луѓето кон Јехова само со надежта за живот во рајот во замена за неколку години поминати во неговата служба е како да градиме со „дрва, сено и слама“.
Да градиме љубов кон Бог и кон Христос
17, 18. а) Што е неопходно за да истрае верата на едно лице? б) Како можеме да му помогнеме на некое лице Христос да живее во неговото срце?
17 За да може верата да истрае, мора да се темели на личен однос со Јехова Бог преку Исус Христос. Како несовршени луѓе, таков мирољубив однос со Бог можеме да постигнеме само преку неговиот Син (Римјаните 5:10). Запомни дека Исус рекол: „Никој не доаѓа при Отецот, освен преку Мене“. За да им се помогне на другите да изградат вера, „никој не може да постави друга основа [темел, NW], освен положената, која е Исус Христос“. Што вклучува тоа? (Јован 14:6; 1. Коринтјаните 3:11).
18 Градењето врз Христос како темел значи да поучуваме на таков начин што библискиот студент ќе развие длабока љубов кон Исус преку целосно спознание за Неговата улога како Искупител, Глава на собранието, Првосвештеник полн со љубов и владејачки Цар (Даниил 7:13, 14; Матеј 20:28; Колосјаните 1:18—20; Евреите 4:14—16). Тоа значи да им го направиме Исус толку реален што тој практично да живее во нивните срца. Нашата молитва за нив треба да биде како Павловата молба во полза на христијаните во Ефес. Тој напишал: „Ги преклонувам колената свои пред Отецот . . . да ви даде . . . Христос да се всели во срцата ваши [со љубов; да можете да бидете вкоренети и утврдени на темелот, NW]“ (Ефесјаните 3:14—18).
19. Каков би требало да биде резултатот кога во срцата на нашите библиски студенти изградуваме љубов кон Христос, но што мора да научат?
19 Доколку градиме на таков начин што во срцата на нашите студенти се развива љубов кон Христос, тоа логично ќе води до изградување љубов и кон Јехова Бог. Исусовата љубов, чувство и сожалување се верен одраз на Јеховините особини (Матеј 11:28—30; Марко 6:30—34; Јован 15:13, 14; Колосјаните 1:15; Евреите 1:3, NW). Значи, како што луѓето ќе го запознаваат и ќе го засакаат Исус, тие ќе го запознаваат и ќе го засакаат Јеховаa (1. Јованово 4:14, 16, 19). Треба да ги поучуваме библиските студенти дека зад сѐ што сторил Христос за човештвото стои Јехова и дека затоа Нему Му должиме благодарност, фалба и обожавање како на „Бог на нашето спасение“ (Псалм 68:19, 20, NW; Исаија 12:2—5; Јован 3:16; 5:19).
20. а) Како можеме да им помогнеме на луѓето да се приближат кон Бог и кон неговиот Син? б) Што ќе биде разгледано во следната статија?
20 Како Божји соработници, да им помагаме на луѓето да му се приближат нему и на неговиот Син, помагајќи им да развијат љубов и вера во своите срца. На тој начин Јехова ќе им стане реален (Јован 7:28). Преку Христос ќе можат да воспостават еден присен однос со Бог, ќе го сакаат и ќе се приврзат кон него. Нема да поставуваат временски граници на нивната служба која е мотивирана од љубов и ќе практикуваат вера дека Јеховините прекрасни ветувања ќе се исполнат во негово одредено време (Плач Јеремиин 3:24—26; Евреите 11:6). Меѓутоа, додека им помагаме на другите да развијат вера, надеж и љубов, мораме да ја изградуваме и сопствената вера за да биде како еден јак брод кој е способен да ги издржи жестоките бури. Тоа ќе биде разгледано во следната статија.
[Фуснота]
a Одлично помошно средство за подобро запознавање на Исус, а преку него и на неговиот Татко Јехова, е книгата Најголемиот човек кој некогаш живеел издадена од Watchtower Bible and Tract Society of New York, Inc.
Како повторување
◻ Како честопати побудуваме интерес кај луѓето за пораката за Царството, но каква опасност постои?
◻ Какви луѓе привлекува Јехова кон себе и кон својот Син?
◻ Од што зависело влегувањето на Израел во Ветената земја, и што можеме да научиме од тоа?
◻ Каква улога играме ние во помагањето на луѓето да се приближат кон Јехова и кон неговиот Син?
[Слика на страница 10]
Иако на луѓето им ја нудиме надежта за вечен живот во рајот, наша главна цел е да ги привлечеме кон Јехова
[Слики на страница 13]
Нашите повторни посети можат да бидат многу делотворни ако добро се подготвуваме за нив