Да се изградуваат христијански личности во нашите деца
МАЈКАТА на Ванда, чиј сопруг ја напуштил, напорно работела да изгради христијански особини кај својата ќерка. Кога Ванда имала 12 години, тоа поучување било ставено на испит. Во тоа време, Ванда, заедно со помладиот брат и сестра, била принудена да ја остави мајка си и да живее некое време со татко си. Татко ѝ не бил верник, па како Ванда ќе постапува кога мајка ѝ не е тука да ја гледа?
Нешто што неминовно доаѓа за сите христијански родители е времето кога нивните деца мораат сами да донесат одлуки, ставајќи ја својата вера на испит. Децата можат да бидат одделени од своите христијански родители, како што било со Ванда. Можат да бидат соочени со притисокот од врсниците во училиште да постапуваат погрешно. Или можат да се соочат со силни искушенија. Христијанските родители се надеваат и се молат дека кога ќе дојде такво време, нивните деца ќе бидат доволно јаки христијански личности да го издржат испитот.
Како можат родителите да градат цврсти христијански особини кај своите деца? Пред да дознаеме што ѝ се случило на Ванда, да видиме како Библијата ни помага да одговориме на тоа прашање. Темелот на одговорот се наоѓа во следните зборови на апостол Павле до христијаните во Коринт: ”Зашто друг темел никој не може да постави освен оној кој е поставен, кој е Исус Христос. Ако кој ѕида на овој темел злато, сребро, скапоцени камења, дрва, сено, слама, сечие дело ќе излезе на видело; зашто денот ќе покаже, бидејќи со оган ќе се открие, и секое дело ќе го покаже огнот какво што е“ (1. Коринтјаните 3:11-13, ДК).
Темелот
Зошто Павле ги напишал овие зборови? Тој започнал со програм на градење на христијански личности во Коринт, но програмот наишол на проблеми. Се разбира дека програмата на градење не се однесувала на неговите телесни деца. Се однесувала на оние кои станале христијани преку неговото проповедање. Но, тој ги сметал нив како духовно потомство и она што го рекол е вредно и за родителите (1. Коринтјаните 4:15).
Павле дошол во Коринт некое време пред тоа и таму воспоставил христијанско собрание. Оние кои реагирале на неговото проповедање направиле големи промени во своите личности. Некои порано биле неморални луѓе, крадци, идолопоклоници и пијаници (1. Коринтјаните 6:9-11). Но биле во состојба да направат промени кон христијански начин на размислување, бидејќи како што може да се види, Павле поставил добар темел. Кој бил тој темел? ”Зашто друг темел никој не може да постави, освен оној кој е поставен, кој е Исус Христос“ (1. Коринтјаните 3:11, ДК).
Како го поставил Павле тој темел кога ги учел овие нови верници во Коринт? Тој ни кажува: ”И јас, браќа, доаѓајќи при вас, дојдов да ви го соопштам Божјото сведоштво не со возвишена проповед или мудрост, бидејќи не сметав дека е добро меѓу вас да знам нешто друго освен за Исуса Христа, и тоа — Распнатиот“ (1. Коринтјаните 2:1, 2; Дела 18:5). Тој не сакал да го сврти вниманието кон себеси или да ја дотерува вистината за да и даде вештачка интелектуална привлечност. Наместо тоа, тој го свртел вниманието кон Исус Христос и на начинот на којшто тој бил употребен од Бог.
Всушност, Исус е извонредно цврст темел за христијанско градење. Ја дал откупната жртва. Сега е небесен Цар и како таков наскоро ќе ги уништи Божјите непријатели во Армагедон. Потоа ќе ја врши Божјата праведност во текот на илјадагодишната влада и, како Божји Првосвештеник, постепено ќе ја подигне човечката раса до совршенство. Каков друг темел би можел некој да посака?
Според тоа, добро ќе чиниме ако го имитираме Павле при градењето на христијански личности кај нашите деца и ако сме сигурни дека тие ги ценат овие животоважни факти. Уште од раното детство треба да ги учиме нашите деца да го сакаат Исус поради она што го сторил и кое сѐ уште го прави за нас. (1. Петрово 1:8).
Градењето
Меѓутоа, иако Павле го поставил овој добар темел, работата околу градењето претрпела некои отстапувања откако тој заминал (1. Коринтјаните 3:10). Проблемот не бил поинаков од она што многу родители го доживуваат денес. Ги одгледуваат своите деца во христијанската вера и сигурни се дека децата разбираат што значи вистината. Но кога ќе пораснат, децата се оддалечуваат или ја одбиваат верата. А зошто? Често е така поради материјалите што биле употребени за градењето.
Павле рекол дека личностите можат да се градат со скапоцен материјал: злато, сребро и скапоцени камења. Или можат да се градат со евтини материјали: дрво, слама и стрника (1. Коринтјаните 3:12). Но, ако еден градител употребува злато, сребро и скапоцени камења, сигурно подигнува возвишена зграда, градба од извонредна вредност. Но градителот кој употребува дрво, слама и стрника едноставно гради нешто што е импровизирано, привремено и евтино.
Изгледа дека во Коринт бил употребуван слаб духовен материјал. Некои кои продолжиле да градат на темелот што го поставил апостол Павле, граделе евтино и не подигнувале цврсти, трајни градби. Коринтјаните почнале да ја ставаат својата доверба во луѓе и меѓу нив постоело неединство, љубомора и раздор (1. Коринтјаните 1:10-12; 3:1-4). Како можело тоа да се спречи? Со употребување на поквалитетни, трајни материјали.
Тие ги претставуваат оние вредни особини кои се битен дел од личноста на еден христијанин. Кои особини? Апостол Петар споменал една: ”Испитаниот квалитет на вашата вера, многу повредна од злато“ (1. Петрово 1:6, 7, NW). Крал Соломон споменал уште две: мудрост и остроумност, чие поседување ”е подобро отколку да се стекне сребро“ (Мудри изреки 3:13-15, Ст). И крал Давид нѐ потсетува дека стравот од Јехова и ценењето на неговите заповеди ”се попожелни отколку злато“ (Псалми 19:9, 10, NW).
Овие и други вредни материјали можат да се вградат во христијанските личности за да им помогнат на нашите деца да ги издржат испитите. Но како можеме да бидеме сигурни дека градиме со такви материјали? Така што ќе внимаваме на срцата, како на срцата на нашите деца така и на сопствените.
Успешно градење
Улогата што срцето на родителот ја игра при ова градење може да се види во една заповед која Јехова им ја дал на родителите од старата израелска нација: ”Овие зборови кои денес ти ги заповедам мора да бидат на твоето срце.“ Потоа продолжил да кажува: ”И мораш да ги всадиш во твојот син“ (5. Мојсеева 6:6, 7, NW). Според тоа, пред да можеме да изградуваме други, треба самите да се изградиме. Од она што го зборуваме и правиме нашите деца треба да видат дека нашата личност е изградена од правите материјали (Колосјаните 3:9, 10).
Потоа, нашето поучување треба да допре до нивното срце. Исус, најуспешниот градител на христијански личности, ги достигнувал срцата употребувајќи споредби и прашања (Матеј 17:24-27; Марко 13:34). Родителите утврдуваат дека овие исти техники на поучување се многу делотворни. Тие употребуваат споредби за да ги направат христијанските вистини привлечни за срцата на нивните млади деца, и употребуваат добро промислени прашања за да распознаат што нивните постари деца навистина мислат, како расудуваат во своите срца (Изреките 20:5).
Кога Мојсеј се трудел да вгради во Израелците желба да останат верни, им рекол: ”Да ги држиш Јахвините заповеди и неговите закони (...) за твое добро“ (Повторен Закон 10:13, Ст). На сличен начин, родителите прават добро не само ако јасно им објаснуваат на своите деца кои се Божјите мерила, туку и ако убедливо им покажуваат зошто таквите работи како што се чесноста, моралната чистота и доброто друштво се за нивно добро.
На крај, Исус рекол: ”Ова значи вечен живот, да растат во спознанието за тебе, единствениот вистински Бог, и оној кого си го испратил, Исус Христос“ (Јован 17:3, NW). Кога децата лично го запознаваат Јехова на рана возраст, кога учат да разговараат со него за своите проблеми и доживуваат нивните молитви да бидат одговорени, го развиваат највиталниот дел од христијанската личност: личен однос со својот Творец.
Огнот
Павле открил дека поради тоа што делото на градење во Коринт не било правилно направено, светските особини, како секташтво и несогласување, фатиле корен. Тоа било опасно бидејќи, како што објаснил, ”огнот ќе испита, какво е делото на секого“ (1. Коринтјаните 3:13).
Што е огнот? Тоа може да биде кој и да е испит што Сатана му го нанесува на еден христијанин. Може да биде притисокот од врсниците, телесното искушение, материјализмот, прогонството, дури и нагризувачкото влијание на сомневањата. Таквите испити сигурно ќе дојдат. ”Зашто денот ќе покаже, бидејќи со оган ќе се открие, и секое дело ќе го покаже огнот како што е“ (ДК). Мудрите родители ги градат личностите на своите деца во очекување дека децата ќе бидат искушани. Но, тие се уверени дека нивните деца ќе го издржат испитот. Ако родителите имаат таков став, ќе бидат обилно благословени.
Наградата
Павле рекол: ”И, ако делото, на оној што ѕидал, се задржи, тој ќе прими награда“ (1. Коринтјаните 3:14). Апостол Павле примил награда. На христијаните во градот Солун, каде исто така градел, им напишал: ”Зашто која е нашата надеж или радост или круна на ликување — зарем тоа не сте вие? — пред нашиот Господ Исус во неговата присутност? Сигурно сте вие нашата слава и радост“ (1. Солунјаните 2:19, 20, NW).
Мајката на Ванда ја добила таа награда. Кога 12-годишната Ванда била одделена од мајка си, во почетокот заспивала со плачење. Потоа се сетила на советот од мајка си во молитва да разговара за своите проблеми со Јехова. Се помолила и набргу се сетила да побара во телефонскиот именик да види дали во близина има Јеховини сведоци. Им се јавила и дознала дека едно семејство живее токму една улица подолу од куќата на татко ѝ. ”Колку бев радосна!“ вели Ванда.
Охрабрена од ова семејство, Ванда уредила нејзиниот помлад брат и сестра да им се вратат на христијанските активности. ”Бев одговорна за нашето спремање за состаноците“, објаснува таа. ”Морав да ги перам алиштата, да ги чешлам косите и да проверувам дали сме чисти и пристојни.“ Тоа било напорна работа за едно девојче, но успеала. Едно време татко ѝ се обидувал да ги спречи да одат на состаноци, но децата го молеле и тој ги пуштил.
Подоцна, децата повторно биле заедно со мајка си. Кога Ванда имала 15 години, станала крстена христијанка и конечно изјавила амбиција да биде мисионер. Да, работата на мајката на Ванда го положила испитот. Таа се радувала на наградата да ја види ќерка си сама да заземе цврст став за вистината. Нека сите христијански родители доживеат таков успех додека работат на градењето на христијански личности кај своите деца.
[Рамка на страница 27]
Како што покажува оваа статија, иако родителите напорно се трудат да изградат христијански личности кај своите деца, и самите деца исто така имаат одговорност. Тие, како и сите христијани, мораат да градат во себеси (Ефесјаните 4:22-24). Иако родителите имаат прекрасна можност да помагаат во тоа, секој поединец мора конечно да донесе своја одлука да му служи на Јехова.