Не живееме повеќе за себе
„[Христос] умре за сите, за оние кои живеат да не живеат повеќе за себе“ (2. КОРИНЌАНИТЕ 5:15).
1, 2. Која библиска заповед ги поттикнала следбениците на Исус од првиот век да ја совладаат себичноста?
ОВА се случува на последната ноќ на Исус на Земјата. За само неколку часа ќе го даде својот живот за сите оние што покажуваат вера во него. Таа ноќ Исус им кажува на своите верни апостоли многу важни работи. Една од нив е и заповедта во врска со една особина што ќе биде обележје по кое ќе се препознаваат неговите следбеници. „Ви давам нова заповед, да се љубите еден со друг; како што јас ве љубев, и вие да се љубите еден со друг. По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако имате љубов меѓу себе“ (Јован 13:34, 35).
2 Вистинските христијани треба да си покажуваат самопожртвувана љубов еден на друг и да ги ставаат потребите на нивните соверници пред своите. Не треба да се двоумат дури ни ‚да ја положат својата душа за своите пријатели‘ (Јован 15:13). Како реагирале раните христијани на оваа нова заповед? Во своето познато дело Апологија, Тертулијан, писател од вториот век, цитирал што рекле некои за христијаните: ‚Видете колку се сакаат еден со друг; како дури се спремни да умрат еден за друг‘.
3, 4. а) Зошто треба да се спротивставиме на себичноста? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?
3 И ние мораме ‚да ги носиме бремињата еден на друг, и така да го исполниме законот на Христос‘ (Галатите 6:2). Меѓутоа, себичноста е една од најголемите пречки за да му бидеме послушни на законот на Христос и ‚да го љубиме Јехова, својот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа и со сиот свој ум, и да ги сакаме нашите ближни како себеси‘ (Матеј 22:37-39). Бидејќи сме несовршени, склони сме да бидеме сконцентрирани само на себе. Ако кон ова го додадеме стресот што го носи животот, натпреварувачкиот дух на училиште или на работа и борбата да се врзе крај со крај, оваа вродена склоност станува уште посилна. Оваа склоност да се биде себичен не се намалува. Апостол Павле предупредил: „Во последните денови . . . луѓето ќе станат себични“ (2. Тимотеј 3:1, 2, Радосна Вест).
4 При крајот на својата служба на Земјата, Исус им кажал на своите ученици еден процес од три чекори што ќе им помогне да ја совладаат себичноста. Кој бил тој процес, и каква корист можеме да имаме од тие упатства?
Сигурен противотров!
5. Каква вест им кажал Исус на своите ученици додека проповедал во северна Галилеја, и зошто тоа ги шокирало?
5 Исус проповедал во близината на Цезареја Филипова во северна Галилеја. Овој мирен, живописен предел можеби повеќе одговарал за одмор отколку за самоодрекување. Но, додека бил таму, Исус им открил на своите ученици дека „мора да оди во Ерусалим и многу да пострада од старешините и од главните свештеници и од книжниците и да биде убиен, и на третиот ден да стане“ (Матеј 16:21). Оваа вест мора вистински да ги шокирала учениците на Исус, зашто сѐ дотогаш тие мислеле дека нивниот Водач ќе го воспостави своето Царство на Земјата! (Лука 19:11; Дела 1:6).
6. Зошто Исус остро го прекорил Петар?
6 Петар веднаш ‚го зел [Исус] настрана и почнал да го прекорува, велејќи: „Биди љубезен спрема себеси, Господи; такво нешто воопшто нема да те снајде“ ‘. Како реагирал Исус? „Свртувајќи му грб, на Петар му рече: ‚Бегај зад мене, Сатано! Ти си ми камен спрепинач, зашто не мислиш Божји мисли, туку човечки‘ “. Колку се различни овие две гледишта! Исус спремно го прифатил патот на самопожртвуваност што Бог му го доделил — пат што за само неколку месеци ќе го одведе во смрт на маченички столб. Петар му предложил удобен живот. „Биди љубезен спрема себеси“, рекол тој. Несомнено, Петар имал добри намери. Сепак, Исус го прекорил зашто во таа прилика Петар дозволил врз него да влијае Сатана. Не мислел „Божји мисли, туку човечки“ (Матеј 16:22, 23).
7. Како што е запишано во Матеј 16:24, како рекол Исус дека треба да живеат неговите следбеници?
7 И денес може да се чуе нешто слично на она што Петар му го рекол на Исус. Светот честопати поттикнува човек да биде ‚добар спрема себеси‘ или ‚да оди по линија на помал отпор‘. Од друга страна, пак, Исус поттикнал на еден сосем поинаков умствен став. На своите ученици им рекол: „Ако некој сака да појде по мене, нека се одрече од себеси и нека го земе својот маченички столб и постојано нека ме следи“ (Матеј 16:24). „Овие зборови не се упатени до оние што не биле ученици“, се вели во The New Interpreter’s Bible, „туку до оние што веќе се оѕвале на повикот на Христос да размислат што значи да се биде негов ученик.“ Верниците се тие што треба да ги следат трите чекори што Исус ги навел, а се запишани во овој стих. Да го разгледаме секој чекор посебно.
8. Објасни што значи да се одречеш од себеси.
8 Прво, мораме да се одречеме од себеси. Грчкиот збор „да се одречеш од себеси“ укажува на спремност да им кажеш ‚не‘ на себичните желби или на личните удобности. Да се одречеме од себеси не значи само одвреме-навреме да се откажеме од некои задоволства; ниту, пак, значи дека ќе станеме аскети или дека ќе си штетиме на самите себе. Ние повеќе ‚не си припаѓаме себеси‘ во таа смисла што доброволно му го предаваме на Јехова целиот свој живот и сѐ што имаме (1. Коринќаните 6:19, 20). Наместо да бидеме сконцентрирани само на себе, нашиот живот е сконцентриран на Бог. Да се одречеме од себеси значи да бидеме решени да ја вршиме волјата на Бог, иако тоа можеби е спротивно на нашите несовршени склоности. Покажуваме дека сме му оддадени само на Бог кога ќе му се предадеме и ќе се крстиме. Потоа, до крајот на животот се трудиме да живееме во склад со нашето предание.
9. а) Кога Исус бил на Земјата, што значел маченичкиот столб? б) Како го земаме нашиот маченички столб?
9 Вториот чекор значи дека мораме да го земеме својот маченички столб. Во првиот век, маченичкиот столб значел страдање, срам и смрт. Обично само криминалците биле погубувани на маченички столб или нивните мртви тела биле обесувани на столб. Со овој израз Исус покажал дека еден христијанин мора да биде подготвен да поднесе прогонство, презир, па дури и смрт, зашто не е дел од светот (Јован 15:18-20). Нашите христијански мерила нѐ прават поинакви од другите, па затоа светот може да ‚зборува срамно за нас‘ (1. Петрово 4:4). Ова може да се случи на училиште, на работа, па дури и во семејството (Лука 9:23). Сепак, ние сме спремни да го поднесеме презирот на светот затоа што не живееме повеќе за себе. Исус рекол: „Среќни сте кога поради мене ве укоруваат, и прогонуваат и лажно зборуваат секакво зло против вас. Радувајте се и потскокнувајте од радост, бидејќи голема е вашата награда на небесата“ (Матеј 5:11, 12). Навистина, она што е најважно е да имаме наклоност од Бог.
10. Што е вклучено во тоа постојано да го следиме Исус?
10 Трето, Исус Христос рекол дека мораме постојано да го следиме. Според Толковниот речник на новозаветни зборови (An Expository Dictionary of New Testament Words) од В. Е. Вајн, да следиш некого значи да бидеш придружник — „некој што оди исто“. Во 1. Јованово 2:6 се вели: „Оној кој вели дека останува во обединетост со него [Бог], должен е самиот да оди онака како што одеше тој [Христос] “. Како одел Исус? Љубовта на Исус кон неговиот небесен Татко и кон неговите ученици не оставала простор за себичност. „Христос не си угодуваше себеси“, напишал Павле (Римјаните 15:3). Дури и кога бил уморен или гладен, Исус ги ставал потребите на другите пред своите (Марко 6:31-34). Исто така, силно се напрегал во делото на проповедање и поучување за Царството. Зарем не треба и ние да го правиме истото додека ревносно го исполнуваме нашиот налог ‚да правиме ученици од луѓето од сите нации, учејќи ги да држат сѐ што Исус заповедал‘? (Матеј 28:19, 20). Во сите овие работи Христос ни оставил пример, и ние мораме ‚тесно да ги следиме неговите стапки‘ (1. Петрово 2:21).
11. Зошто е важно да се одречеме од себеси, да го земеме нашиот маченички столб и постојано да го следиме Исус Христос?
11 Многу е важно да се одречеме од себеси, да го земеме нашиот маченички столб и постојано да го следиме нашиот Пример. Со тоа ќе ја неутрализираме себичноста — вистинска пречка за да се покажува самопожртвувана љубов. Освен тоа, Исус рекол: „Кој сака да ја спаси својата душа, ќе ја загуби; а кој ќе ја загуби својата душа заради мене, ќе ја најде. Зашто од каква корист ќе му биде на човекот ако го придобие целиот свет, а ја загуби својата душа? Или што ќе даде човекот во замена за својата душа?“ (Матеј 16:25, 26).
Не можеме да им служиме на двајца господари
12, 13. а) За што бил заинтересиран младиот владетел што побарал совет од Исус? б) Каков совет му дал Исус на младиот човек, и зошто?
12 Неколку месеци откако Исус нагласил дека неговите ученици треба да се одречат од себеси, еден богат млад владетел дошол кај него и му рекол: „Учителе, какво добро морам да правам за да добијам вечен живот?“ Исус му рекол ‚постојано да ги држи заповедите‘ и потоа му навел некои од нив. Младиот човек рекол: „Сето тоа го држев“. Очигледно човекот бил искрен и давал сѐ од себе за да ги држи заповедите од Законот. Затоа прашал: „Што уште ми недостига?“ Одговарајќи му, Исус му дал на овој млад човек една несекојдневна покана: „Ако сакаш да бидеш совршен [„комплетен“, New American Standard Bible], оди продај го својот имот и дај им го на сиромасите, и ќе имаш благо на небото, па дојди и биди мој следбеник“ (Матеј 19:16-21).
13 Исус видел дека, за овој млад човек да му служи на Јехова со сета душа, ќе мора да се ослободи од една голема пречка во својот живот — неговото материјално богатство. Еден вистински ученик на Христос не може да им служи на двајца господари. ‚Не може да им робува на Бог и на Богатството‘ (Матеј 6:24). Треба да има ‚едноставно око‘ што е сконцентрирано на духовни работи (Матеј 6:22). Човек да се откаже од сѐ што поседува и да го даде тоа на сиромасите е чин на самопожртвуваност. Во замена за оваа материјална жртва, Исус му понудил на младиот владетел непроценлива прилика да си собере богатство на небото — богатство што за него ќе значи вечен живот и ќе му даде изглед на крајот да владее со Христос на небото. Младиот човек не бил спремен да се одрече од себеси. ‚Отишол нажален, зашто имал многу имот‘ (Матеј 19:22). Меѓутоа, други следбеници на Исус реагирале поинаку.
14. Како реагирале четворица рибари кога Исус ги повикал да го следат?
14 Околу две години пред тоа, Исус им упатил сличен повик на четворица рибари што се викале Петар, Андреј, Јаков и Јован. Во таа прилика двајца од нив ловеле риби, а другите двајца ги поправале мрежите. Исус им рекол: „Елате по мене, и ќе ве направам рибари на луѓе“. На крајот, сите четворица го оставиле рибарењето и го следеле Исус до крајот на нивниот живот (Матеј 4:18-22).
15. Какви жртви направил еден денешен Сведок на Јехова за да го следи Исус?
15 Многу христијани денес го следеле примерот на овие четворица рибари, а не на богатиот млад владетел. Жртвувале богатство и шанса за успех во овој свет за да му служат на Јехова. „Кога имав 22 години, морав да донесам голема одлука“, вели Дебора. Таа објаснува: „Ја проучував Библијата околу шест месеци и сакав да му го предадам мојот живот на Јехова, но моето семејство многу се противеше. Тие беа мултимилионери и мислеа дека со тоа што ќе станам Сведок ќе им нанесам срам во општеството. Ми дадоа 24 часа да одлучам што сакам повеќе — луксузен живот или вистината. Ако не ги прекинам сите контакти со Сведоците, семејството ќе ме лиши од наследството. Јехова ми помогна да ја донесам исправната одлука и ми даде сила да ја спроведам на дело. Последниве 42 години ги поминав во полновремена служба и ни најмалку не се каам. Со тоа што му свртев грб на себичниот живот сконцентриран само на задоволства, се спасив од празен и несреќен живот каков што водат членовите на моето семејство. Заедно со мојот сопруг, им помогнав на преку сто луѓе да ја дознаат вистината. Овие духовни деца за мене се далеку поскапоцени отколку кое и да било материјално богатство“. Милиони други Сведоци на Јехова ги делат нејзините чувства. Како е со тебе?
16. Како можеме да покажеме дека повеќе не живееме за себе?
16 Желбата да не живеат повеќе за себе поттикнала илјадници Јеховини сведоци да служат како пионери, или полновремени објавители на Царството. Други, на коишто околностите не им дозволуваат да учествуваат во полновремената служба, имаат пионерски дух и го поддржуваат делото на проповедање за Царството најдобро што можат. Родителите покажуваат сличен дух кога посветуваат голем дел од своето време и ги жртвуваат личните интереси за да им дадат духовна обука на своите деца. На еден или на друг начин, сите ние можеме да покажеме дека интересите на Царството ни се на прво место во животот (Матеј 6:33).
Чија љубов нѐ тера?
17. Што нѐ мотивира да правиме жртви?
17 Не е лесно да се покажува самопожртвувана љубов. Но, да размислиме што е она што нѐ тера на тоа. Павле напишал: „Љубовта што ја има Христос нѐ тера, бидејќи просудивме дека еден човек умре за сите . . . и тој умре за сите, за оние кои живеат да не живеат повеќе за себе, туку за оној кој умре за нив и беше подигнат“ (2. Коринќаните 5:14, 15). Љубовта на Христос е она што нѐ тера да не живееме повеќе за себе. Тоа е навистина силна мотивација! Бидејќи Христос умрел за нас, зарем не чувствуваме морална обврска да живееме за него? На крајот на краиштата, тоа што сме биле благодарни за длабочината на љубовта што Бог и Христос ни ја покажале нѐ натерало да му го предадеме својот живот на Бог и да станеме ученици на Христос (Јован 3:16; 1. Јованово 4:10, 11).
18. Зошто вреди да се живее самопожртвувано?
18 Дали вреди да не живееме повеќе за себе? Откако богатиот млад владетел не го прифатил повикот на Христос и си заминал, Петар му рекол на Исус: „Еве! Ние оставивме сѐ и те следевме; што, всушност, ќе има за нас?“ (Матеј 19:27). Петар и другите апостоли вистински се одрекле од себеси. Каква е наградата за нив? Исус прво им кажал дека ќе имаат предност да владеат со него на небото (Матеј 19:28). Во истата таа прилика, Исус се осврнал на благословите што секој негов следбеник ќе ги добие. Тој рекол: „Нема таков кој оставил куќа или браќа или сестри или мајка или татко или деца или ниви поради мене и поради добрата вест, а да не добие стократно сега, во овој временски период . . . а во системот на работи што доаѓа — вечен живот“ (Марко 10:29, 30). Добиваме многу повеќе отколку што жртвуваме. Зарем нашите духовни татковци, мајки, браќа, сестри и деца не се многу повредни од сѐ она од што сме се откажале заради Царството? Кој имал поисполнет живот — Петар или богатиот млад владетел?
19. а) Од што зависи вистинската среќа? б) Што ќе разгледаме во следната статија?
19 Со збор и на дело, Исус покажал дека среќата доаѓа кога даваме и кога служиме, а не кога сме себични (Матеј 20:28; Дела 20:35). Кога повеќе не живееме за себе туку постојано го следиме Христос, наоѓаме големо задоволство во животот сега и имаме изглед за вечен живот во иднина. Се разбира, кога се одрекуваме од себеси, Јехова станува наш Сопственик. На тој начин стануваме робови на Бог. Зошто ова робување носи задоволство? Како влијае тоа врз одлуките што ги донесуваме во животот? Овие прашања ќе бидат разгледани во следната статија.
Се сеќаваш ли?
• Зошто треба да се спротивставиме на нашите себични склоности?
• Што значи да се одречеме од себеси, да го земеме нашиот маченички столб, и постојано да го следиме Исус?
• Што нѐ мотивира да не живееме повеќе за себе?
• Зошто вреди да се живее самопожртвувано?
[Слика на страница 11]
„Биди љубезен спрема себеси, Господи“
[Слика на страница 13]
Што го спречило младиот владетел да го следи Исус?
[Слики на страница 15]
Љубовта ги тера Јеховините сведоци да служат како ревносни објавители на Царството