Приближи му се на Бог
„Богот на секоја утеха“
МНОГУ работи во животот — страдањата, разочарувањето, осаменоста — можат да бидат причина за тага, па дури и да нѐ фрлат во очај. Можеби во тие моменти се прашуваш: ‚Каде да побарам помош?‘ Во 2. Коринќаните 1:3, 4 апостол Павле ни посочува еден неисцрпен извор на утеха — Јехова Бог.
Во 3. стих, Бог е наречен „Таткото на милосрдноста“. Што значи тоа? Со грчкиот збор преведен со ‚милосрдност‘ понекогаш се опишува лице што сочувствува со некој што страда.a Според еден библиски прирачник, овој збор може да се преведе и како „се сожалува“ или „многу се грижи“. Ваквата ‚милосрдност‘ го поттикнува Бог да преземе нешто. Зарем оваа особина на Јехова не нѐ привлекува уште повеќе кон него?
Исто така, Павле вели дека Јехова е „Богот на секоја утеха“. Овде употребува еден збор што ја содржи „мислата да тешиш некого кога е во неволја или мака, како и мислата да му помогнеш или да го охрабриш“. Во The Interpreter’s Bible е дадено следново објаснување: „Оној што страда ќе го утешиме ако му дадеме сила да ја поднесе својата болка“.
Можеби ќе прашаш: ‚Како нѐ теши Бог и како ни дава сила да ја поднесеме нашата болка?‘ Тоа го прави, пред сѐ, преку својата Реч, Библијата, како и преку молитвата. Павле вели дека Бог со љубов ни ја дава својата Реч за „преку утехата од Писмата да имаме надеж“. Освен тоа, кога искрено се молиме, може да го почувствуваме „мирот Божји, кој ја надминува секоја мисла“ (Римјаните 15:4; Филипјаните 4:7).
Каква утеха му дава Јехова на својот народ? Павле вели дека Бог „нѐ теши во секоја наша неволја“ (2. Коринќаните 1:4). Какви и да се притисоците, неволјите или страдањата што ги трпиме, Бог може да нѐ охрабри и да ни ја даде силата што ни е потребна да издржиме. Зар тоа не е утешно?
Но, со утехата што ни ја дава Бог се постигнува многу повеќе. Павле вели дека Бог нѐ теши нас „за да можеме да ги тешиме оние што се во каква и да било неволја, со истата утеха со која Бог нѐ теши нас самите“. Откако сме биле утешени во некоја неволја, полесно можеме да покажеме сочувство кон другите и да им помогнеме на оние на кои им треба помош.
Јехова е „Богот на секоја утеха“, но тоа не значи дека ќе ги отстрани сите наши проблеми или страдања. Сепак, можеме да бидеме сигурни дека, ако побараме утеха од него, тој може да нѐ зајакне да ја поднесеме секоја неволја или тешкотија во животот. Секако дека ваквиот сочувствителен Бог заслужува да му служиме и да го фалиме.
[Фуснота]
a Бог е наречен „Таткото [или изворот] на милосрдноста“ бидејќи сочувството извира од него и тоа е дел од неговиот карактер.